Го одобрува ли Бог оздравувањето со вера?
„Чудни работи видовме денес!“ Да, посматрачите биле импресионирани. Еден тешко парализиран човек оздравел пред нивните сопствени очи. Исцелителот му рекол на човекот: „Стани, земи си ја постелата и оди си дома“. И човекот го сторил токму тоа! Повеќе не бил парализиран. Не е ни чудо што присутните ‚почнале да го слават Бога‘! (Лука 5:18-26). Сосема е јасно дека ова лекување, кое го извршил Исус Христос пред скоро 2.000 години, имало Божје одобрување.
А како е денес? Дали чудесните оздравувања сѐ уште претставуваат добра прилика за оние кои не можат да најдат медицински лек? Исус извршувал чудесни оздравувања. Денешните исцелители со вера тврдат дека го имитираат него. Како треба да гледаме на нивните тврдења?
Оздравувањето со вера се дефинира како „метода на лекување на болести со молитва и покажување вера во Бог“. Encyclopædia Britannica потврдува: „Историјата на оздравување со вера во христијанството почнало со зачудувачката служба на самиот Исус и апостолите“. Да, Исус остварил извонредни лекувања. Дали исцелителите со вера денес извршуваат чуда какви што извршувал тој?
Дали е услов верата?
Според Black’s Bible Dictionary, Исус „ја навел [верата] како предуслов за неговите чудесни оздравувања“. Но, дали било така? Дали Исус барал болното лице да има вера пред да го оздрави? Одговорот е не. Верата била потребна за исцелителот, но не и за болното лице. Во една прилика Исусовите ученици не успеале да излечат едно епилептично момче. Исус го оздравел момчето, а потоа им кажал на учениците зошто тие не биле способни да го оздрават. „Тој им рече: ‚Заради вашето маловерие‘“ (Матеј 17:14-20, New World Translation of the Holy Scriptures).
Според Матеј 8:16, 17, Исус „ги излекува сите болни“. Вистина, тие луѓе имале извесна мера на вера во Исус која ги навела да му пристапат (Матеј 8:13; 9:22, 29). Во повеќето случаи тие требало да дојдат и да го замолат пред тој да ги оздрави. Меѓутоа, не била потребна формална изјава на вера за чудата да бидат извршени. Во една прилика Исус оздравел еден куц човек кој дури и не знаел кој е Исус (Јован 5:5-9, 13). Ноќта кога го уапсиле, Исус му го обновил отсеченото уво на слугата на првосвештеникот, иако тој човек бил од групата на Исусовите непријатели кои дошле да го уапсат (Лука 22:50, 51). Вистина, Исус повремено воскреснувал дури и мртви! (Лука 8:54, 55; Јован 11:43, 44).
Како можел Исус да ги извршува овие чуда? Така што се потпирал на Божјиот свет дух, или активна сила. Тоа го постигнало лекувањето, а не верата на болниот поединец. Ако ги прочиташ извештаите од Евангелијата, и самиот ќе забележиш дека Исусовите оздравувања биле извршувани со многу малку церемонии. Немало егзибиционизам или нечесно искористување на чувствата. Понатаму, без разлика каква била болеста, Исус никогаш не му се случило да не успее. Секогаш бил успешен и не наплаќал хонорар (Матеј 15:30, 31).
Исти ли се денешните оздравувања со Исусовите?
Болеста е ужасен проблем, и кога ќе нѐ погоди, природно е да бараме помош. Но, што ако живееме во некое место кадешто „професионалните здравствени работници ги третираат луѓето, особено оние со малку средства, како предмети, а не како луѓе“? Така ја видел ситуацијата еден доктор во една јужноамериканска земја. И што ако живееме во место како во истата таа земја, каде ‚само 40 отсто од докторите се оспособени да ја вршат својата професија‘?
Не е чудо што многумина, не гледајќи друг излез, оздравувањето со вера го сметаат за последна надеж. Сепак, наводните лекувања на исцелителите со вера се спорни. На пример, околу 70.000 лица присуствувале на еден собир во Сао Пауло, Бразил, кадешто двајца исцелители ‚газеле по стотици очила што ги фрлила публиката, ветувајќи им на лековерните сопственици дека ќе им биде обновен видот‘. Еден од исцелителите отворено признал во едно интервју: „Не можам да речам дека сите тие болни за кои ние молиме, ќе бидат излечени. Тоа зависи од нивната вера. Ако лицето верува, ќе биде излечено“. За секое неуспешно лекување вината ја префрлал на недостигот на вера кај болниот. Сепак, сети се дека, како што видовме порано, вината за безуспешното лекување Исус ја префрлал на оние кои го вршат лекувањето! (Марко 9:37-42).
Еден друг исцелител ветил дека ќе излечи рак и парализа. Што се случило? Според списанието Veja, „ветувањето, очигледно, не било исполнето“. А слушни како се однесувал самиот човек: „Скоро цели два часа [исцелителот со вера] ја забавуваше публиката со проповеди, молитви, врисоци, пеење — дури и со удирање, со цел да ги истера демоните од телата на верниците. А на крајот, ги фрли вратоврската и марамчето кон занесената публика и постави една тава за да собере ‚доброволни прилози‘“. Исус и неговите апостоли никогаш не барале пари за чудотворните оздравувања и никогаш не се впуштале во таква театралност.
Според тоа, јасно е дека современите исцелители не го прават она што го рекол Исус. И тешко дека Бог би го одобрил она што го прават. Но, дали тој одобрува какво и да е чудотворно оздравување денес? Или постои некој начин на кој нашата вера може да ни помогне кога ние или нашите сакани ќе се разболат?