‚Чудотворни лекувања‘ денес — дали се од Бог?
ВО НЕКОИ земји е вообичаено да се видат поклоници кои патуваат кон разни светилишта каде што, како што тврдат мнозина, се излекувале од „неизлечливи“ болести. Во други земји, разни исцелители тврдат дека ги излекувале луѓето со помош на натприродни сили. А во некои места се одржуваат верски сеанси со емоционални изливи, при што болните скокаат од своите инвалидски колички или ги фрлаат патериците и тврдат дека се излекувани.
Оние што извршуваат вакви лекувања главно припаѓаат на различни религии и честопати се обвинуваат еден со друг дека се отпадници, измамници или безбожници. Затоа, може да се постави прашањето: ‚Дали Бог прави чуда преку мноштво посредници — поединци или организации — кои честопати немаат ништо заедничко меѓу себе?‘ Библијата вели: „Бог не е Бог на нередот, туку на мирот“ (1. Коринќаните 14:33). Според тоа, дали таквите ‚чудотворни лекувања‘ се навистина од Бог? Некои исцелители тврдат дека Исус им дава моќ да лекуваат. Да видиме како Исус ги лекувал луѓето.
Како лекувал Исус
Исус ги лекувал болните на многу поинаков начин од денешните исцелители. На пример, тој го лекувал секој што доаѓал да побара помош од него. Не лекувал само избрани луѓе, а другите да ги врати без да ги излекува. Исто така, Исус лекувал целосно и речиси секогаш за миг. Библијата вели: „Сите од мноштвото настојуваа да го допрат, бидејќи од него излегуваше сила и ги лекуваше сите“ (Лука 6:19).
За разлика од денешните верски исцелители, кои честопати ги обвинуваат болните дека немале доволно вера ако не успеале да ги излечат, Исус лекувал дури и лица што сѐ уште не верувале во него. На пример, еднаш самиот му пристапил на некој слеп човек и го излекувал. Подоцна, Исус го прашал: „Веруваш ли ти во Синот човечки?“ Човекот одговорил: „А кој е тој, господине, за да верувам во него?“ Исус му рекол: „Тоа е оној што зборува со тебе“ (Јован 9:1-7, 35-38).
Можеби се прашуваш: ‚Ако верата не била услов за Исус да излекува некого, тогаш зошто честопати им велел на оние што ги лекувал: „Твојата вера те оздраве“?‘ (Лука 8:48; 17:19; 18:42). Со тие зборови Исус сакал да каже дека биле излекувани оние што верата ги поттикнала да го побараат, додека луѓето што не сакале да му пристапат ја пропуштиле шансата да ги излекува. Оние што биле излекувани не ги излекувала нивната вера, туку Божјата сила. Библијата го вели следново за Исус: „Бог го помаза со свет дух и сила, а тој минуваше низ земјата правејќи добро и лекувајќи ги сите кои Ѓаволот ги угнетуваше, зашто Бог беше со него“ (Дела 10:38).
Изгледа дека парите играат главна улога во денешните наводни лекувања. Верските исцелители се познати по тоа што многу успешно знаат да ги убедат луѓето да приложат пари. Се вели дека еден таков исцелител за една година собрал 58 милиони евра преку своите ТВ-емисии што се прикажувале низ целиот свет. И црковните организации профитираат од поклониците што одат на т.н. „свети места“ со надеж дека ќе бидат излекувани. Спротивно на тоа, Исус никогаш не собирал пари од луѓето што ги излекувал. Во една прилика тој дури и ги нахранил (Матеј 15:30-38). Кога ги испратил своите ученици да проповедаат, Исус им рекол: „Лекувајте болни, подигајте мртви, очистувајте лепрозни, истерувајте демони. Бесплатно добивте, бесплатно давајте“ (Матеј 10:8). Зошто она што го прават денешните исцелители е толку различно од лекувањата на Исус?
Кој е изворот на таквите „лекувања“
Низ годините, некои медицински лица ги испитале тврдењата на верските исцелители. Што откриле? Според Daily Telegraph од Лондон, еден лекар од Англија, кој 20 години истражувал на таа тема, рекол: „Привлечните извештаи за чудотворни лекувања не се поткрепени со ниту еден медицински доказ“. Сепак, многу луѓе искрено веруваат дека се излекувани со моќта на реликвии, свети мошти или верски исцелители. Можно ли е да се жртви на измама?
Во својата прочуена Проповед на гората, Исус рекол дека верските измамници ќе му речат: „Господару, Господару... не правевме ли многубројни моќни дела во твое име?“ Сепак, тој ќе им одговори: „Никогаш не сум ве познавал! Бегајте од мене, вие што правите беззаконија!“ (Матеј 7:22, 23). Во врска со изворот на моќта што тврдат дека ја имаат таквите исцелители, апостол Павле предупредил: „Присутноста на беззаконикот, која Сатана ја овозможува со своето дејствување, проследена е со секое моќно дело и со лажни чудесни знаци и предзнаци и со секаква неправда и измама“ (2. Солуњаните 2:9, 10).
Освен тоа, не е можно „лекувањата“ поврзани со свети реликвии, идоли и икони да потекнуваат од Бог. Зошто? Затоа што во Божјата реч јасно стои: „Бегајте од идолопоклонство“ и „Чувајте се од идоли“ (1. Коринќаните 10:14; 1. Јованово 5:21). Таквите „лекувања“ се дел од лукавствата на Ѓаволот чија цел е да ги одвлече луѓето од вистинскиот Бог. Библијата вели: „Самиот Сатана се преправа дека е ангел на светлината“ (2. Коринќаните 11:14).
Зошто Исус и апостолите ги лекувале луѓето
Вистинските чудотворни лекувања кои се запишани во Христијанските грчки списи јасно покажуваат дека зад Исус и апостолите бил Бог (Јован 3:2; Евреите 2:3, 4). Чудотворните лекувања што ги вршел Исус послужиле како поткрепа на пораката што ја проповедал: „Минуваше низ цела Галилеја, поучувајќи во нивните синагоги, проповедајќи ја добрата вест за царството и лекувајќи секаква болест“ (Матеј 4:23). Исусовите моќни дела — во кои не спаѓало само лекување на болните туку и хранење на мноштвата, смирување на временските непогоди, па дури и воскреснување на мртвите — покажале што ќе направи тој за послушните луѓе кога ќе владее Царството. Ова е навистина добра вест!
Таквите моќни дела, или дарови на духот, исчезнале по смртта на Исус и на апостолите, како и на оние на кои тие им ги пренеле тие дарови. Апостол Павле напишал: „Даровите на пророкување ќе исчезнат, јазиците [што се зборуваат со чудо] ќе престанат, знаењето [дадено со божествено откровение] ќе го снема“ (1. Коринќаните 13:8). Зошто? Откако ја исполниле својата цел, т.е. покажале дека Исус е ветениот Месија и дека христијанското собрание е одобрено од Бог, таквите моќни дела, вклучувајќи го и лекувањето, повеќе не се потребни, ‚исчезнале‘, ‚ги снемало‘, ‚престанале‘.
Сепак, од чудотворните лекувања што ги извршувал Исус учиме нешто многу важно. Ако обрнеме внимание и покажуваме вера во она што го поучувал Исус за Божјето Царство, можеме да го дочекаме времето кога вдахновените пророштва ќе се исполнат и во духовна и во буквална смисла, и кога „никој од жителите нема да рече: ‚Болен сум‘“ (Исаија 33:24; 35:5, 6; Откровение 21:4).