ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА Watchtower
ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА
Watchtower
македонски
ѐ
  • Ѐ
  • ѐ
  • Ѝ
  • ѝ
  • БИБЛИЈА
  • ПУБЛИКАЦИИ
  • СОСТАНОЦИ
  • w92 15/9 стр. 28-31
  • Можеш да излезеш на крај со разочарувањето!

За овој материјал нема видео.

Се појави проблем. Видеото не може да се отвори.

  • Можеш да излезеш на крај со разочарувањето!
  • Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 1992
  • Поднаслови
  • Сличен материјал
  • Некои начини како да се излезе на крај со разочарувањата
  • Јаки и покрај разочарувањата
  • Наскоро — ослободување од разочарувањата!
  • Зошто да бидеме разумни во своите очекувања
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 2000
  • Можеш да излезеш на крај со неизвесноста
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 2004
  • Како да се најде надеж среде очај
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 1997
  • Зошто мојот родител не ме сака?
    Разбудете се! 2003
Повеќе
Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 1992
w92 15/9 стр. 28-31

Можеш да излезеш на крај со разочарувањето!

ДА РАЗГЛЕДАМЕ во каква неприлика се наоѓа еден 23-годишник. Има ограничено образование и работи за минимална плата. Помислата за брак и задоволувачки живот за него не доаѓа предвид. Не е чудо што мајка му вели: „Сосема е тажен и разочаран“. Случајот на овој младич е типичен за милиони други. Од една или друга причина, луѓето од сите животни позиви се разочарани.

Разочарувањето е „длабоко хронично чувство или состојба на несигурност, обесхрабреност и незадоволство кои произлегуваат од осуетени желби, внатрешни конфликти или други нерешени проблеми“ (Webster’s Third New International Dictionary). Разочарувањето го доживуваме кога се напрегаме да постигнеме нешто, а не успеваме. Постојано се чувствуваме спречени, како да удираме со главата в ѕид, без никакви шанси за успех. Секој од нас го познава тоа чувство.

Оние кои работат на наизглед незадоволувачки работни места, може да се чувствуваат безвредни. Ако никој не ги забележува или не им благодари за нивната работа, сопругите или мајките, кои се борат со секојдневните грижи и исцрпувачки должности, може да се чувствуваат неисполнети, неценети. Младите кои доживуваат искушенија на училиште, може да се чувствуваат разочарани во напорот да се здобијат со образование. Членовите на малцинските групи може да се чувствуваат вознемирени и несреќни, уверени дека се жртви на неправедна дискриминација. Деловниот човек кој чесно се труди да пружи квалитетни производи или услуги, може да биде финансиски упропастен од бескрупулозните и нечесни конкуренти. Ваквите и слични искуства предизвикуваат разочарување и кај многумина создаваат чувство на безнадежност.

Еден мудар човек, кој живеел пред многу векови, успеал да ја изрази својата разочараност со зборови што можеме да ги разбереме. Израеловиот крал Соломон рекол: „Се обѕрнав, та погледнав на сите мои дела, што ги беа извршиле моите раце, и на трудот, со кој се бев трудел, извршувајќи ги: и ете—сѐ беше суета и мака за духот, и немаше од нив полза под сонцето! Оти, што му останува на човекот од сиот негов труд и од грижата на срцето негово, што се труди под сонцето? Бидејќи сите денови му се мачни, а трудовите негови — неспокојство; дури и ноќе срцето негово не знае за мир. Ете, и тоа е суета!“ (Проповедник 2:11, 22, 23). Соломоновите зборови го изразуваат очајот што го чувствуваат мнозина додека се трудат да излезат на крај со разочарувањата што им го одземаат наградувачкиот живот.

Разочараните луѓе може да станат дури и очајни. Во тешки случаи, некои се откажале од борбата и се повлекле од јавниот живот за да живеат на неговиот раб. За да го добијат она на кое мислат дека имаат право, некои прибегнале кон криминал и насилство. Непопустливите притисоци ги разбиле брачните и семејните врски.

Многумина од нас мораат да вложат огромни напори за да најдат начини како да излезат на крај со разочарувањето. И покрај она што го правиме, може да се чини дека работите се влошуваат. Во Соломоновите изреки 13:12 стои: „Надежта, долго неостварена, го изнемоштува срцето“. Нашето физичко и духовно добро може да биде загрозено. Дали ситуацијата е безнадежна? Мораме ли да живееме во постојано разочарување како казна за нашите неспособности или грешки? Дали можеме да преземеме некои практични чекори за да излеземе на крај со разочарувањата и да се радуваме на позадоволувачки живот? Да видиме.

Некои начини како да се излезе на крај со разочарувањата

Кога имаме проблем и ни треба совет, обично одиме кај некое добро известено, искусно лице на кое можеме да му се довериме. Соломоновите изреки 3:5, 6 препорачуваат: „Надевај се на Господа [Јехова, NW] од сѐ срце и не се потпирај врз својот разум. По сите свои патишта размислувај за Него, и Он ќе ти ги покаже твоите патеки“. Практичен совет може да се најде во Божјата Реч, Библијата. Да разгледаме некои примери за тоа каков увид пружа таа.

Разочарувањата може да бидат поврзани со заработувачката за живот. На пример, нашата световна работа можеби е задоволувачка, но ниската плата може да биде извор на депресија. Ние ги сакаме своите семејства и им го сакаме најдоброто. Па сепак, се чини дека ѝ нема крај на грижата околу исполнувањето на нашите финансиски обврски. Можеби работиме прекувремено, и дури прифаќаме хонорарна работа. По некое време животот изгледа како досаден круг од јадење, спиење и работење. А сметките се трупаат, долговите се зголемуваат и разочарувањето расте.

Првенствената цел на световната работа е да се погрижиме за нашите потреби. Но, колку ни е потребно? Апостол Павле напишал: „Ништо не сме донеле на светов, јасно е дека не можеме и ништо да однесеме. Но кога имаме храна и облекло, со тоа да бидеме задоволни“. Дали се обидуваме да постигнеме повеќе од тоа и да имаме или направиме исто колку и другите? Ако е така, можеби жнееме последици во вид на разочарување. Павле предупредил: „Оние, што сакаат да се збогатуваат, паѓаат во искушение, во примки и во многу неразумни и штетни желби, што го потопуват човекот во пропасти и погибел. Зашто коренот на сите зла е среброљубието, на кое што некои, откако му се предадоа, се отклонија од верата и си навлекоа многу маки“ (1. Тимотеј 6:7-10). Чесното проценување на нашите материјални тежнеења може да открие некои работи што не ни се апсолутно потребни. Неколку разумни промени во правец на штедливост и поскромен начин на живот можат многу да користат во намалувањето на нашето разочарување.

Потиснуваните природни желби предизвикале голема разочарување. На пример, за една млада девојка е природно да има силен нагон да се омажи и да ја има сигурноста и срдечната наклоност која оди со семејниот живот. Можеби троши многу време и напори да се направи себеси попривлечна со последна мода или средства за разубавување и може да стане страстен читател на списанија што нудат совети за оние кои венеат од невозвратена љубов. Девојката можеби често оди на заеднички собири со надеж дека ќе запознае некој прикладен — но попусто. Годините си врват, а разочарувањето станува несносливо. Во очајот може да биде искушана да се омажи за некој неприкладен. Што е уште полошо, за да го задоволи својот копнеж по нежност, може да биде вклучена во неморално однесување.

Во случај кога девојка сака да стапи во брак, важно е да биде трпелива и добро да расудува. Бракот со неприкладно лице — особено ако му недостасува вера во Јехова — би бил сериозна грешка (1. Коринтјаните 7:39, ДК; 2. Коринтјаните 6:14, 15). Неморалот неизбежно води кон ништо друго освен кон болка во срцето и очај (Соломонови изреки 6:32, 33). Чесното самоиспитување и чувствителниот пристап кон работата можат да помогнат. „Тихиот и благ дух‘ може многу повеќе да го привлече правиот брачен другар отколку стилското облекување или егзотичната козметика (1. Петрово 3:3, 4, NW). Наместо да се потпираме на често кусогледите или своеволни совети на световни експерти, од животна важност е да се оди кај Основачот на бракот со цел да се научи што е потребно за да се биде жена која е сакана и ценета (Соломонови изреки, поглавје 31). Момчињата и девојките кои не се во брак, треба да се трудат да ги покажуваат особините што би ги посакале кај брачниот другар. Колку е мудро да се бара здраво друштво со луѓе кои ги почитуваат библиските начела. Ако во животот ги применуваме нив, нашите изгледи за среќен брак ќе бидат бескрајно подобри. Но и ако бракот не се оствари веднаш, постапувањето во склад со Писмото ќе ни донесе радост и самечкиот живот ќе стане мошне наградувачки.

Тешкиот товар на обврски може да нѐ доведе до раздразнетост. Можеби постои притисок од сите страни. Загрижени сме за итните потреби на нашето семејство, а нашиот работодавач можеби никогаш не е задоволен. Роднините може да очекуваат да им помогнеме секојпат кога има некоја криза. Поради многуте притисоци, долгата листа на запоставени лични работи бара да им посветиме внимание. Можеби се чини дека нашето време и енергија истовремено се упатени во повеќе различни насоки. Разочарувањето може да премине во раздразнетост и може да се чувствуваме како да се предаваме. Тогаш, што би требало да правиме?

Би било мудро да ги процениме нашите предности. Бидејќи можеме да сториме само толку, невозможно е да се прилагодиме на секое барање од другите. Треба да ги сведеме стварите на „поважните работи“ (Филипјаните 1:10, NW). Најпосле, ‚подобро е живо куче, отколку мртов лав‘ (Проповедник 9:4). Некои обврски се итни и не може да се одложуваат, додека помалку итните можеби треба да почекаат. Можеби сме презеле целосна одговорност за некои должности што треба да ги поделиме со другите. Ако не се битни, некои одговорности можеби треба целосно да се елиминираат. Иако во почетокот тоа може да предизвика неугодност или да ги разочара другите, сепак треба да ги почитуваме и своите физички и емоционални ограничувања.

Истоштувачка болест може да донесе мачно разочарување, бидејќи понекогаш може да нѐ врзе за болесничкиот кревет со денови и со недели. Тешките болки можат да нѐ натераат да се чувствуваме јадно. Барајќи лек, одиме од еден лекар до друг, или можеби земаме многу лекарства или витамини, со надеж дека некако ќе ни помогнат. Сепак, и понатаму страдаме и почнуваме да се прашуваме дали воопшто вреди да се бориш за животот.

Тоа може да биде проблем што може да се излечи дури во Божјиот нов свет (2. Петрово 3:13; спореди Исаија 33:24). Бидејќи луѓето се несовршени, лекарите и лекарствата можат да направат само толку. Во некој момент можеби ќе мораме нашите страдања да ги прифатиме како дел од животот. Апостол Павле имал ‚трн во телото‘, веројатно некоја болка во очите или во некој друг дел од телото, толку проблематична што постојано се молел за олеснување (2. Коринтјаните 12:7-10). Но Бог не го излечил Павле, и апостолот можеби морал да се бори со таа болка сѐ до својата смрт. Тој живеел со тоа страдање, но молел за милост и никогаш не ја изгубил својата радост (2. Коринтјаните 7:4). Иако праведниот човек Јов претрпел голема несреќа, тој ја одржал својата вера во Јехова и тоа довело до богата награда (Јов 42:12, 13). Ако сме Божји слуги, можеме да најдеме сила да издржиме ако размислуваме за овие примери и се молиме за Јеховина помош (Псалми 40:1-3).

Јаки и покрај разочарувањата

Јеховиниот народ може да биде духовно јак и покрај било какви разочарувања. На пример, иако можеби мораме да издржиме болест, можеме да останеме „здрави во верата“ ако целосно ги искористиме Божјите духовни подготовки (Тит 2:1, 2). Ако сме разочарувачки сиромашни во материјален поглед, можеме да бидеме прекрасно богати во духовен поглед.

Ако се потпреме на Бог за мудрост и сила, можеме да излеземе на крај со разочарувања што можат да настанат во семејни околности. Земи ја за пример Авигеја (Авигаила), сопругата на Навал. Тој бил „жесток и лош човек“, а самото негово име значи „неразумен; глупав“. Колку разочарувачки било да се живее со еден таков човек! Сепак, Авигеја останала „многу умна“ и не очајувала. Всушност, за време на една криза, нејзините зборови и дела биле толку разумни што го убедила Давид да не му врати на Навал за навредите и неблагодарноста, и да не пролее крв без да положи доверба во Јехова (1. Царства 25:2-38).

Дури и ако во некоја ситуација разочарувањето ни го создава некој којшто е поврзан со христијанското собрание, можеме да издржиме во силата што ни ја дава Јехова. Тоа е покажано со фактот што можното разочарувачко однесување на Диотреф не го сопрело побожниот Гај да прави добро и така да пожнее среќа и богати духовни награди (Дела на св. апостоли 20:35; 3. Јованово 1-10).

Разочараност може да дојде ако сакаме да им служиме на нашите соверници во собранието, но сме одминати кога другите се наименувани за старешини или слуги помошници. Меѓутоа, наместо да дозволиме разочарувањето да нѐ надвладее, да се трудиме духовно да зајакнеме и да дозволиме Божјиот дух да произведе во нас добар плод во поголема мера (Галатјаните 5:22, 23). За време на 40-те години што Мојсеј ги поминал во Мадијам (Мидијан), Бог во изобилна мера развил кај него кроткост, трпение и други особини потребни за да се соочи со тешкотиите и разочарувањата на коишто требало да смета како водач на Израелците. На сличен начин, Јехова можеби нѐ подготвува за идна службена предност која можеби ќе ја добиеме ако останеме духовно цврсти и не подлегнеме на разочарување.

Наскоро — ослободување од разочарувањата!

Сеедно од каква природа се, дали нашите разочарувања некогаш ќе престанат? Можеби за нас нашата ситуација изгледа безнадежна, но не и за нашиот Творец, Јехова Бог. Тој не е подложен на разочарување. Преку својот пророк Исаија, Бог рекол: „Така и моето слово, што излегува од устата Моја, не се враќа кон Мене празно, туку го исполнува она, што Ми е угодно, и го прави она за што сум го испратил Јас“ (Исаија 55:11). Бидејќи Јехова има огромна моќ и власт, за него ништо не е невозможно (Марко 10:27). Неговите ветувања дека ќе донесе бескрајни благослови за својот народ, сигурно ќе се исполнат (Исус Навин 21:45).

Сомневањето и несигурноста се главни елементи во разочарувањето. Спротивно на тоа, верата е „загарантирано очекување на работи на кои се надеваме“ (Евреите 11:1, NW). Верата во Бог пружа гаранција дека сите наши библиски темелени надежи потполно ќе се остварат. Општата тема на Библијата го истакнува Јеховиното ветување за владата на Царството, под којашто Земјата ќе стане совршен рај во кој праведните луѓе радосно ќе живеат засекогаш (Псалми 36:11, 29). Сѐ што е лошо — вклучувајќи го и разочарувањето — ќе биде минато, зашто Бог ќе ја ‚задоволи желбата на сѐ живо‘ (Псалми 145:16, NW).

Додека се остварат тие благослови, сите ние ќе мораме да имаме свој удел во разочарувањето. Но библиската надеж може да ни ја даде храброста и внатрешната сила да истраеме. Здравиот совет што го наоѓаме во Библијата, може да ни покаже како да применуваме добро расудување и разумност на начин кој ќе ни донесе стабилност во животот и мир во срцата. И покрај нашите разочарувања, можеме да го доживееме „мирот Божји, што надвишува секој ум“ (Филипјаните 4:6, 7). Затоа, битката против разочарувањето не е безнадежна. Со Јеховина помош можеме да излеземе на крај со неа денес и да ја победиме во иднина.

[Истакната мисла на страница 31]

Бог може да ти помогне да излезеш на крај со разочарувањето, исто како што им помогнал на Јов, Мојсеј, Авигеја и Павле

    Публикации на македонски јазик (1991 — 2025)
    Одјави се
    Најави се
    • македонски
    • Сподели
    • Подесување
    • Copyright © 2025 Watch Tower Bible and Tract Society of Pennsylvania
    • Услови за користење
    • Полиса за приватност
    • Поставки за приватност
    • JW.ORG
    • Најави се
    Сподели