Старешини — исправајте ги другите во дух на благост
СРЦЕТО на еден искрен христијанин може да се спореди со духовна градина која донесува извонредни плодови. Таму обично цветаат љубов, радост, мир, долготрпеливост, доброљубивост, доброта, вера, благост и самосовладување. А зошто да не? Впрочем, тоа се плодовите на светиот дух што им го дал Јехова на своите предадени слуги (Галатјаните 5:22, 23). Сепак, секој христијанин кој сака да ја одржува градината на своето срце како место што му е угодно на неговиот небесен Татко, мора да води енергична, непрестајна битка против плевелот на наследениот грев (Римјаните 5:5, 12).
Повремено, нешто непожелно почнува да расте во несовршеното срце на некое богобојазливо лице. Тој или таа можеби имале извонреден духовен углед. Но, се појавува некој проблем кој, веројатно, потекнува од нездравото друштво или од некоја немудра одлука. Како можат собраниските старешини духовно да му помогнат на таквото лице?
Апостолски совет
Кога му помагаат на христијанинот кој згрешил, старешините треба да внимаваат да го следат советот од апостол Павле: „Браќа, дури ако некој човек и направи погрешен чекор пред да биде свесен за тоа, вие кои сте духовно оспособени, обидете се да го исправите таквиот човек во дух на благост, додека самиот внимаваш на себе, да не бидеш искушан и ти“ (Галатјаните 6:1, NW). Кога некој соверник направил „погрешен чекор пред да биде свесен за тоа“, старешините имаат одговорност да понудат помош што е можно поскоро.
Павле се осврнува на „човек“ кој прави погрешен чекор. Меѓутоа, грчкиот збор (а́нтропос) што е употребен овде, може да се примени било на маж или на жена. А што значи да „исправиш“ некого? Овој грчки израз (катарти́зо) значи „правилно да се израмни“. Истиот збор е употребен за поправање на мрежи (Матеј 4:21). Исто така се применува за местење на нечија скршена рака или нога. Лекарот го прави тоа внимателно за да не му создаде непотребна болка на пациентот. На сличен начин, помагањето на некој брат или сестра правилно да се израмни во духовна смисла бара грижа, тактичност и сочувство.
Кога се обидуваат да исправат некое лице, старешините ќе ја докажат својата сопствена духовност доколку покажуваат дух на благост. Сигурно дека Исус, којшто бил со блага нарав, во такви ситуации би постапувал со благост (Матеј 11:29). Старешините мораат да ја покажуваат оваа особина спрема Јеховиниот слуга кој направил погрешен чекор затоа што и самите не се ослободени од можноста да бидат совладани од грев, наспроти намерите на нивното срце. Тоа може да се случи во иднина ако веќе не се случило во минатото.
Овие духовно оспособени мажи треба љубезно да ги ‚поднесуваат тешкотиите‘ на своите сообожаватели. Навистина, старешините имаат искрена желба да му помогнат на братот или сестрата да се бори против Сатана, искушенијата, слабостите на телото и неволјите на гревот. Тоа сигурно е еден начин за христијанските надгледници да ‚го исполнат законот Христов‘ (Галатјаните 6:2).
Мажите со вистински духовни способности се понизни и увидуваат дека „оној, кој што само себе се смета за нешто, а е ништо, тој се мами самиот себе“ (Галатјаните 6:3). Сеедно колку многу старешините се трудат да го прават она што е исправно и корисно, тие сѐ уште нема да можат да го достигнат совршениот и љубезно сочувстителниот Божји Син, Исус Христос. Но тоа не е причина да не го сторат најдоброто што го умеат.
Старешините знаат дека би било погрешно да обвинат некој верник на надуен, лицемерен начин! Исус сигурно не би направил така, бидејќи тој го положил својот живот не само за своите пријатели, туку дури и за своите непријатели! Старешините настојуваат да покажуваат слична љубов кога се трудат да им помагаат на браќата или сестрите да излезат од тешкотиите и да ги доведат поблиску до нивниот небесен Татко и неговите праведни мерила. Кои се некои од чекорите што ќе им помогнат на старешините да ги исправат своите сообожаватели?
Некои корисни чекори
Во молитва потпри се на Јехова додека зборуваш или постапуваш на благ начин. Исус бил со блага нарав, го молел предадено својот небесен Татко за водство и секогаш ги вршел работите за да му угоди Нему (Матеј 21:5; Јован 8:29). Старешините треба да го прават истото кога се обидуваат да исправат некое лице кое направило погрешен чекор. Како потпастир со блага нарав, старешината во говорот ќе биде настроен охрабрувачки и изградувачки, а не застрашувачки. Во текот на разговорот ќе создаде атмосфера во која христијанинот, на којшто треба да му се помгне, ќе се чувствува колку што е можно послободно во изразувањето на своите мисли. За таа цел, искрената почетна молитва ќе биде од огромна помош. Оној на кого му се дава совет со благост, поспремно ќе го отвори своето срце доколку знае дека советникот, исто како Исус, сака работите да ги направи како што му е угодно на Бог. Завршната молитва веројатно ќе ја вреже во поединецот потребата да го примени советот што му е даден на еден љубезен и благ начин.
После молитвата, дај искрена пофалба. Таа може да биде поврзана со добрите особини на поединецот, како што е љубезност, доверливост или марливост. Може да се дадат забелешки за неговиот или нејзиниот извештај на верна служба за Јехова, можеби низ долгогодишен период. На тој начин, покажуваме дека се грижиме и дека имаме Христово интересирање за лицето. Својата порака до собранието во Тијатира Исус ја почнал со пофалба, велејќи: „Ги знам твоите дела, и љубовта, и службата, и верата, и трпението твое, и дека твоите последни дела се побројни од првите“ (Откровение 2:19). Овие зборови ги увериле членовите на собранието дека Исус бил свесен за извонредната работа што тие ја вршеле. Иако собранието имало свои недостатоци — се толерирало влијанието на „Језавела“ — тоа постапувало добро во други погледи, а Исус сакал тие браќа и сестри да знаат дека нивната ревносна активност не поминала незабележана (Откровение 2:20). На сличен начин, старешините би требало да дадат пофалба каде што е заслужена.
Немој да го разгледуваш погрешниот чекор посериозно отколку што бараат условите. Старешините мораат да го штитат Божјето стадо и да ја држат чиста неговата организација. Но, некои духовно погрешни чекори кои бараат остар совет можат да се разгледаат дискретно, со еден или двајца старешини, без правно сослушување. Во многу случаи христијанинот прави некој погрешен чекор поради човечки слабости, а не поради намерна злоба. Старешините треба нежно да постапуваат со стадото и да го запаметат ова: „Судот ќе биде безмилосен спрема оној, кој не покажал милост; милоста во судот се пофалува [милоста воскликнува триумфално над судот, NW]“ (Јаков 2:13; Дела на св. апостоли 20:28-30). Затоа, наместо да ги преувеличуваат работите, старешините треба со покајничките соверници да постапуваат на благ начин, слично на нашиот сочувствителен и милостив Бог, Јехова (Ефесјаните 4:32).
Покажи разбирање за факторите кои можеби довеле до погрешниот чекор. Старешините треба да слушаат внимателно додека нивниот соверник слободно го изразува она што му лежи на срце. Бидејќи ‚Бог не ги отфрла понизните и потиштени срца‘, не би требало ниту тие (Псалам 51:17, ДК). Можеби коренот на проблемот е недостигот на емоционална поддршка од брачниот другар. Тешките и долготрајни душевни депресии можеби ја поткопале обично јаката емоционална сила или можеби многу му отежнале на лицето да донесува мудри одлуки. Љубезните старешини ќе ги разгледаат таквите фактори зашто Павле, иако ги опоменал своите браќа да ‚ги поучуваат неуредните‘, исто така поттикнал: „Утешувајте ги малодушните [потиштените, NW], поткрепувајте ги слабите и бидете долготрпеливи кон сите“ (1. Солунјаните 5:14). Иако старешините не треба да ја намалуваат силата на Божјите праведни мерила, тие би требало да ги земат во обѕир олеснителните фактори, како што прави и Бог (Псалми 102:10-14; 129:3).
Избегнувај да го поткопуваш самопочитувањето на твојот сохристијанин. Ние никогаш не сакаме да му го одземеме достоинството на нашиот брат или сестра или да оставиме впечаток дека тој или таа е безвредна. Наместо тоа, уверувањето дека имаме доверба во неговите христијански особини и љубов кон Бог ќе го охрабрат лицето да ја исправи грешката. Веројатно Коринтјаните биле охрабрени да бидат дарежливи кога Павле им кажал дека се фалел пред другите заради нивната „спремност на мислите“ (NW) и „ревност“ во тој поглед (2. Коринтјаните 9:1-3).
Покажи дека проблемот може да се надмине ако се има доверба во Јехова. Да, искрено потруди се да му помогнеш на поединецот да види дека таа доверба во Бог и применувањето на советот од неговата Реч ќе помогнат да дојде до потребното исправање. За да се постигне тоа, нашите изјави треба да бидат темелени на Светото писмо и на публикациите што се темелат на Библијата. Нашата цел е двократна: 1) да му помогнеме на оној на којшто му треба помош да го види и сфати Јеховиното гледиште и 2) да му покажеме на лицето како во извесна мера ги превидел, односно не ги следел овие божествени упатства.
Комбинирај го библискиот совет со љубезни, но целисходни прашања. Тоа може да биде мошне делотворно за да се достигне срцето. Преку својот пророк Малахија, Јехова употребил прашање за да му помогне на својот народ да сфати како заталкал. „Може ли човек да краде од Бога?“ — прашал тој и додал: „Но вие крадете од Мене“ (Малахија 3:8). Неприложувањето на десеттиот дел од нивните жетви, како што се барало со Мојсеевиот Закон, било исто како да крадат од Јехова. За да ја поправат оваа ситуација, Израелците требало да ги исполнат своите обврски спрема чистото обожавање со вера дека Бог ќе ги благослови изобилно. Со помош на обѕирни прашања и прашања кои наведуваат на размислување, старешините можат исто така да нагласат дека вршењето на исправните работи денес вклучува да се има доверба во нашиот небесен Татко и да се слуша (Малахија 3:10). Ако им се пренесе таа мисла до срцето, тоа многу ќе придонесе да им се помогне на нашите браќа да ‚одат право со своите нозе‘ (Евреите 12:13, Ст).
Нагласи ги користите од прифаќањето на советот. Делотворниот совет вклучува и советување околу последиците што произлегуваат од следењето на погрешен пат и потсетување за користите кои потекнуваат од исправањето на работите. По навременото предупредување, Исус им дал уверување на оние од духовно рамнодушното собрание во Лаодикија дека, ако се покајат за нивниот поранешен пат и станат ревносни ученици, ќе уживаат истакнати предности, вклучувајќи го и изгледот да владеат со него на небесата (Откровение 3:14-21).
Интересирај се за тоа дали се внимава на советот. Како што добриот лекар одвреме навреме проверува за да види дали коската што ја наместил сѐ уште е правилно поставена, така старешините би требало да се обидат да одредат дали се применува библискиот совет. Би можеле да се запрашаат: Дали е неопходна натамошна помош? Дали би требало советот да се повтори, можеби на поинаков начин? Исус морал одново да ги советува своите ученици за потребата од понизност. Низ еден подолг временски период стрпливо гледал да го исправи нивното мислење преку совети, илустрации и поуки (Матеј 20:20-28; Марко 9:33-37; Лука 22:24-27; Јован 13:5-17). Слично на тоа, старешините можат да помогнат да се осигура потполно исправање на братот или сестрата така што ќе подготват натамошни библиски разговори предвидени да го развиваат напредокот на лицето до потполно духовно здравје.
Пофали го секое подобрување што е постигнато. Ако оној којшто направил погрешен чекор искрено се труди да го применува библискиот совет, срдечно пофали го. Тоа ќе го засили првобитниот совет и веројатно ќе го охрабри на натамошно подобрување. Во првото писмо до Коринтјаните, Павле бил должен да даде строг совет за повеќе работи. Набргу откако Тит го известил апостолот за прекрасната реакција на неговото писмо, Павле им пишал за да ги пофали. „Сега се радувам — рекол тој — не затоа што се нажаливте, но дека се нажаливте за покајување, оти се наскрбивте по Бога [на божествен начин, NW] (2. Коринтјаните 7:9).
Причина за радост
Да, Павле се радувал кога чул дека неговиот совет им помогнал на Коринтјаните. Слично на тоа, денешните старешини имаат огромна радост кога некој соверник ќе се поврати од погрешниот чекор затоа што поволно одговорил на нивната љубезна поддршка. Тие навистина можат да најдат задоволство во тоа да му помагаат на некој покајнички христијанин да го искорени трновитиот плевел на гревот од своето срце за да може таму во изобилство да цвета божествен плод.
Ако старешините успеат да исправат некое лице кое направило некаков погрешен чекор, тој или таа може да биде одвратен од патот кој во духовен поглед би бил потполно катастрофален. (Спореди Јаков 5:19, 20.) За таквата помош, оној којшто прима помош би требало да му изрази благодарност на Јехова Бог. Исто така би биле прикладни и зборови на вистинско ценење за љубезната помош, сочувство и разбирање што го покажале старешините. Кога духовното оздравување ќе заврши, сите оние кои биле вклучени во него можат да се радуваат што исправањето било постигнато во дух на благост.