Сцени од Ветената земја
Радувај се! — бочвите се прелеваат од масло
ПРОРОКОТ Јоил ги поттикнувал ‚чедата Сионови да се радуваат и да се веселат во Господа [Јехова, NW]‘. Кога ја опишувал нивната радост и благосостојба, го употребил маслиновото масло: „И ќе се наполнат гумната со жито и ќе се преполнат бочвите со гроздов сок и со елеј“ (Јоил 2:23, 24).
Да си живеел во Израел во библиски времиња, ќе ти причинувало големо задоволство да имаш близу куќата или на полињата маслинка слична на оваа што е прикажана погоре.a Со неа животот би ти бил полесен и поугоден. Зошто една маслинка би била толку важна? (Спореди Судии Израилеви 9:8, 9).
Прво, добро погледни го своето дрво. Маслинките можат да живеат со векови, некои преку илјада години, а ако одблизу го испиташ веројатно ќе видиш глуждовито, пепелаво обоено стебло. Твоето дрво би можело да биде високо до 6 метри, но секако не толку високо како кедар ниту грациозно како палма. Неговите зимзелени лисја со сребреникав отсјај држат сенка во секое време од годината. Сепак, своето дрво не би го ценел само заради неговиот изглед или сенка. Далеку од тоа.
Неговата особена вредност е во плодовите, тие илјадници зелени или црни маслинки! Тие се она што маслиновото дрво го направиле битен фактор во секојдневниот живот и активностите на Израел. Во мај, додека се подготвува да даде зрна, дрвото е покриено со светли цветови (Јов 15:33). Кога ќе созреат, тие можат да ја променат бојата од жолтеникаво зелена во темнокафеава или црна.
Бербата на маслинките во октомври/ноември била тешка работа. Дрвото се удирало со мотка за зрелите плодови да паднат на платната што би биле раширени под него (5. Мојсеева 24:20). Пред да се преработат, можеби со ставање во солило за да се отстрани нивниот обично горчлив вкус, маслинките се миеле. Што следело понатаму?
Понатаму зависело од тоа дали би сакал да ја трошиш или да профитираш од својата богата берба. Би можел маслинките да ги јадеш сурови или пак да ги ставиш во киселина, па така твоето семејство да има вкусна залиха за повеќе месеци. Маслинките можеле да бидат главен дел од твојата исхрана; еден оброк можеби би се состоел од неколку ароматични маслинки и јачменови погачки.
Меѓутоа, најголемиот дел од маслинките веројатно биле изложувани на постапка која е потребна за да се добие тој крајно корисен и вреден продукт — маслиново масло. Би можел да добиеш различни класи на масло и да се користат на многу начини. Прво, зрелите маслинки би можел лесно да ги удираш или да ги толчиш во голем сад или дури да ги гмечиш под нозе (Михеј 6:15). Така се произведувало најдоброто масло, сега наречено екстра природно, кое било прикладно за ламбите што го осветлувале шаторот за обожавање (2. Мојсеева 25:37; 27:20, 21). Замисли колку би внимавал на залихите од ова првокласно масло кое би го употребувал кога би готвел за посебни прилики!
Маслинките, дури и оние со полош квалитет, можеле да се стават во преса за да се истисне од пулпата далеку повеќе масло иако би било од пониска класа. Пулпата содржи околу 50 проценти масло. Можело да се употреби и поинаков начин на цедење, но овде е илустриран само еден. Цели или делумно згмечени маслинки се ставале на дното од цилиндричен сад. Воденички камен, што го вртело магаре или човек, се тркалал преку нив, истиснувајќи го маслото кое истечувало и било собирано во ќупови (Матеј 18:6).
Маслиновото масло можело да се спореди со течно злато — било толку високо ценето, а неговата примена била толку многустрана. Едно дрво може да даде годишна залиха на масло за петочлено или шесточлено семејство. Тоа било главен дел од нивната исхрана, со оглед дека е лесно сварливо и со висока енергетска вредност. (Спореди Јеремија 41:8; Језекиил 16:13.) Дел од маслото можело да се парфумира и да се користи како козметичко средство или се излевало малку на главата на гостинот како гест на гостопримство (2. Царства 12:20; Псалми 44:7; Лука 7:46). Тоа можело да се употреби и како лек за смирување на рани (Исаија 1:6; Марко 6:13; Лука 10:34).
Ова не би било сѐ што се однесува до примената на твојата богата залиха на маслиново масло. Ќе си можел да ја осветлуваш куќата, да биде дел од приносите на Бог или стока за доходна трговија. Да, во библиски времиња маслинката била мошне вредно растение. Затоа Јоил можел прикладно да го употреби за да ја претстави благосостојбата и радоста (5. Мојсеева 6:11; Псалми 51:8; Јеремија 11:16; Матеј 25:3-8).
[Фуснота]
a За поголема прегледност на оваа глетка види во Календарот на Јеховини сведоци 1993.
[Извор на слика на страница 24]
Pictoral Archive (Near Eastern History) Est.