Библијата — практичен водич за денешниот човек
„Сето писмо е вдахновено од Бог и корисно . . . за управување на животите на луѓето“ (2. Тимотеј 3:16, Ерусалимска Библија).
ОВОЈ стих ја објаснува самата суштина зошто Библијата е практична денес. Таа има Божје вдахновение. Бидејќи Бог нѐ создал, никој подобро од него не ги познава нашите тела, мисли, чувства и потреби. Израелскиот крал Давид во една прилика за Јехова Бог рекол: „Твоите очи го видоа зародишот мој и во Книгата Твоја сѐ е запишано за мене“ (Псалми 138:16). Ако нашиот Творец толку добро нѐ познава, тогаш неговиот совет и упатство за тоа како можеме да бидеме среќни и успешни во животот секако дека е вредно да се истражат.
Искуството покажало дека библиските начела се практични и реалистични и во денешно време. Тие исто така се и конкретни. Следат четири примери кои ја прикажуваат секојдневната практичност на Библијата:
Меѓучовечките односи и личното однесување. Библијата поддржува систем на лична етика кој е добар и кој може да води до здрави и успешни меѓучовечки односи. На пример, на израелската нација ѝ било заповедено: „Да не се одмаздува раката твоја и не биди . . . непријател . . . сакај го ближниот свој како самиот себе“ (3. Мојсеева 19:18). Иако ние не сме под израелскиот закон, следењето на библиските начела може да ни помогне да имаме мир со нашите ближни. Замисли, на пример, колку многу проблеми би биле решени ако секој се труди да ги негува духовните особини кои се запишани во Галатјаните 5:22, 23: „А плодот на Духот е: љубовта, радоста, мирот, долготрпеливоста, добротата, милосрдноста, верата, кротоста, воздржливоста. Против такви нема закон“. (Спореди Римјаните 8:5, 6.)
За жал, кога се зголемуваат животните притисоци, честопати се јавуваат напнатост и судири. Во такви ситуации примената на предупредувачките зборови од Соломоновите изреки 29:11 би можеле да нѐ сочуваат од многу неволји. „Безумниот го излива сиот свој гнев, а мудриот се воздржува“. (Спореди Соломонови изреки 15:1; Матеј 7:12; Колосјаните 3:12-14.)
Добар совет — но дали би ни користел во реалниот живот? Земи го примерот на еден човек од Франција кој имал сериозен проблем со својата нарав. Безброј пати упаѓал во неволји, дури завршил и в затвор бидејќи учествувал во тепачки. Со тоа што бил врвен боксер ситуацијата само се влошувала. Во една прилика, помеѓу него и татко му избувнала некаква кавга. Во еден момент, пред воопшто и да сфати, го нокаутирал татко си со еден удар. После таков испад, во нивните односи дошло до голем раздор.
Во меѓувреме, човекот дошол во контакт со Јеховините сведоци и почнал да ги запознава библиските начела. Тоа го натерало сериозно да размисли за тоа како се однесува кон другите. После многу напори неговото однесување почнало да се менува, така што станал помирољубив. Така, еден ден отишол кај татко му за да се помират. Татко му бил толку воодушевен со промените што ги направил син му, така што повторно почнале да зборуваат.
Ова е еден од многуте примери кои сведочат за вистинитоста на зборовите на апостол Павле: „Зашто, словото Божјо е живо и дејствува и е поостро од секаков меч со две острици . . . и ги проценува мислите и намерите на срцето“ (Евреите 4:12).
Семејниот живот: Дали имаш среќно семејство? Многу семејства не се среќни. „Денес е сигурно дека семејниот живот како институција е загрозен“, коментира The Natal Witness, јужноафрикански весник, додавајќи дека „денешните деца се раѓаат во социјална револуција“.
Меѓутоа, Библијата е преполна со практични совети обликувани да им помогнат на семејствата успешно да се соочат дури и кога ќе се појават проблеми. На пример, во врска со улогата на сопрузите, Библијата вели: „Мажите се должни да ги сакаат жените свои како што ги сакаат своите тела“. Кога сопругот го исполнува ова барање, за неговата сопруга претставува задоволство да возврати со тоа што ќе се „бои од [ќе има длабоко почитување кон, NW] мажот свој“ (Ефесјаните 5:25-29, 33). За односот помеѓу родителите и децата се коментира во Ефесјаните 6:4: „И вие, татковците, не дразнете ги децата свои, туку воспитувајте ги во науката и стравот Господов“. Тоа, од своја страна, создава семејна атмосфера која придонесува децата полесно да ги следат библиските заповеди и да им бидат послушни на своите родители (Ефесјаните 6:1).
Наведеното е само пример на библискиот коментар за семејниот живот. Со тоа што одговориле на Божјето водство, многумина нашле успех и доживеале среќа во својот дом. Едвард, татко на две деца, ја објаснува користа која ја доживеал со примена на библиските начела. „Мојот брак се распаѓаше“ — се присеќава. — Немав време за изградувачки односи со моите деца. Единственото нешто што нѐ собра заедно беше тоа што го применувавме она што Библијата го вели за семејниот живот“ (Соломонови изреки 13:25; 24:3; Колосјаните 3:18-21; 1. Петрово 3:1-7).
Ментално, телесно и емоционално здравје: Истражувањата покажаа дека телесното здравје на човекот до одреден степен е поврзано со неговото ментално и емоционално здравје. „Општи симптоми на стресот“, вели The World Book Encyclopedia, „се забрзано чукање на срцето, зголемен крвен притисок, мускулна напнатост, душевна депресија и неможност за концентрација“. Меѓутоа, некои веруваат дека начин за ослободување од стресот е практикување на насилнички активности. „Боксирањето може во голема мерка да го намали стресот“, тврди јужноафриканскиот весник The Star. Тој ги цитирал зборовите на спортската советничка Џени Класенс: „Ако една жена имала особено лош ден, ќе ја намали напнатоста ако земе една вреќа и удира по неа“.
Меѓутоа, зарем не би било далеку подобро да се научи да се совлада коренот за фрустрација? Д-р Мајкл Слацкин во списанието Stress—The Modern Scourge вели дека „е важно да се препознае стресот бидејќи најголемиот број од неговите причинители може да се отстранат“. Додава дека „контролирањето на стресот . . . може дури и да ги забрза процесите на оздравување во различни ситуации“.
Најделотворниот начин на кој стресот може да се контролира го објаснува самата Библија: „За ништо не грижете се, туку во сѐ . . . изјавувајте ги пред Бога своите барања; и мирот Божји, што надвишува секој ум, ќе ги запази вашите срца и вашите мисли во Исуса Христа“ (Филипјаните 4:6, 7). Ако го контролираме стресот на овој начин ќе имаме многу користи — дури и телесни. Една библиска изрека вака гласи: „Кроткото срце е живот за телото“ (Соломонови изреки 14:30). Една друга библиска изрека, пак, наведува: „Веселото срце е како лек благотворно, а паднатиот дух коски суши“ (Соломонови изреки 17:22).
Обидувајќи се да го избегнат стресот и напнатоста, некои пушат, употребуваат алкохол или се дрогираат. Штетата која си ја нанесуваат со такви склоности е добро позната. Наспроти тоа, Библијата препорачува секогаш да бидеме чисти од „секаква скверност на телото“ (2. Коринтјаните 7:1; спореди Соломонови изреки 23:29-35). Секако дека избегнување на такви штетни навики е практична заштита во денешниот свет.
Работа, пари и чесност: Мрзеливоста не се исплаќа никогаш. „Мрзеливиот од укори не се срамува, не се срамува ни оној, кој позајмува жито за време на жетва“, се вели во Соломонови изреки 20:4. Од друга страна, она што се исплаќа е напорната работа. „Кој крадел, да не краде веќе“, се наведува во Ефесјаните 4:28. Овој стих додава дека за некого е далеку подобро да се „труди, правејќи добро со рацете свои за да има да му подаде на оној, кој што има потреба“. (Спореди Соломонови изреки 13:4.)
Дали си знаел дека библиските начела можат да се применат дури и на односите на работното место? Работниците, како и „робовите“ во библиско време добро ќе постапат ако ‚во сѐ им се послушни на своите земни господари по тело‘. Од друга страна, шефовите, односно „господарите“ треба да се ‚справедливи и да им го даваат она што е правично‘ на своите службеници (Колосјаните 3:22-24; 4:1; спореди 1. Петрово 2:18-20).
Во Библијата многу се зборува за чесноста во деловните односи. Иако за жал денес ја нема, чесноста честопати е признаена и ценета како пожелна особина. Тоа е токму она што го нагласува и Библијата. Исус еднаш рекол: „Верниот во малку и во многу е верен, а несправедливиот и во многу и во малку е несправедлив“ (Лука 16:10; спореди Соломонови изреки 20:10; 22:22, 23; Лука 6:31).
Во една африканска земја, во индустријата за дијаманти имало многу кражби и корупција. Било одлучено да се постави друг човек на одговорното место. Владините министри биле замолени да ги предложат имињата на оние за кои сметаат дека би биле прикладни за таа положба. Кога владиниот кабинет се состанал да одлучи, ги елиминирале имињата едно по едно, воглавно поради корупција. На крајот дошле до последното име на листата што го избрал претседателот.
— Но тој не е член на партијата! — приговорил еден министер.
Претседателот одговорил дека положбата не е политичка.
— Тој е Јеховин сведок — изјавил друг.
— Тоа и е причината зошто тој го добива работното место — рекол претседателот и додал — Познато ни е дека Јеховините сведоци се чесни и тој е токму таква личност каква што ни треба. Сметам дека нему можеме да му веруваме.
Да, оние кои ги применуваат библиските начела честопати откриваат дека тоа е за нивна корист дури и во денешниов свет.
Збирај практична мудрост
Разгледавме само неколку примери за тоа што значи да се ‚најде знаењето за Бога‘ (Соломонови изреки 2:1-9). Во Библијата може да се најде богатство од вредни и практични совети. Начелата во врска со чистотата, марливоста, комуникацијата, половиот живот, разводот, плаќањето даноци, постапувањето со различни видови на луѓе и излегување на крај со сиромаштијата се само неколку аспекти од животот кои се опфатени во Библијата. Милиони можат да посведочат дека степенот до кој успеале или не успеале нешто во животот зависел од тоа до кој степен ги примениле библиските начела.
Значи, непосредната практичност на Библијата е потврдена, но таа исто така дава надеж и за многу долгорочни благодати. На пример, Библијата ветува дека изворните причини на болката и страдањето во овој свет набргу ќе бидат исправени со божествена интервенција (Даниил 2:44; 2. Петрово 3:11-13; Откровение 21:1-5).
Затоа, те поттикнуваме што е можно повеќе да научиш за Библијата. Доколку немаш свој личен примерок, настојувај да го добиеш. Издавачите на ова списание со задоволство ќе ти помогнат во тоа. Како што многумина имале корист кога ги примениле практичните предлози од Библијата, и ти исто така можеш да добиеш помош да ја цениш вредноста на Божјата Реч како денес така и во иднина.
[Слика на страница 7]
Библијата е практичен водич за постигнување на среќен семеен живот