Зошто Библијата е практична и денес
„Целото Писмо е вдахновено од Бог и корисно за поучување“ (2. ТИМОТЕЈ 3:16)
НИЗ ВЕКОВИТЕ, Библијата мотивирала луѓе од многу култури да го променат својот живот на подобро. Библискиот стих цитиран погоре објаснува зошто Библијата успева во тоа — нејзината мудрост доаѓа од Бог. Иако ја напишале луѓе, таа содржи мисли што Бог сака да ни ги пренесе нам. Во неа е објаснето: „Луѓето ги кажуваа зборовите што доаѓаа од Бог така како што ги водеше светиот дух“ (2. Петрово 1:21).
Библијата е практичен водич најмалку од две причини. Прво, таа дава едно реалистично гледиште за тоа што значи подобар живот. Второ, има моќ да ги мотивира луѓето да ги направат потребните промени за да си го подобрат животот. Да ги разгледаме овие два аспекта.
Какви цели се навистина практични
Во Библијата, Бог го ветил следново: „Ќе ти дадам разборитост и ќе те поучам за патот по кој треба да одиш. Ќе те советувам, моето око ќе биде над тебе“ (Псалм 32:8). Забележи дека Бог не дава само совети туку и разборитост, односно способност да се гледа подлабоко или под површината на некоја ситуација. Разборитоста ќе ни помогне да процениме кои цели се навистина корисни, и така може да нѐ заштити за да не си го потрошиме животот на безвредни цели.
На пример, многу луѓе си поставуваат цел да стекнат углед или богатство. Книгите за самопомош нудат изобилство совети за тоа како да се надмудрат другите за да се стане успешен или богат. Но, Библијата ни вели нешто сосема друго: ‚Соперништвото меѓу луѓето е суета и трчање по ветар‘. „Кој го љуби среброто, никогаш не му е доста сребро“ (Проповедник 4:4; 5:10). Дали овие совети се практични и за нас денес?
Да наведеме еден пример за да покажеме колку се практични советите од Библијата. Се работи за Акинори од Јапонија. И покрај жестоката конкуренција, Акинори ја постигнал својата цел да дипломира на еден врвен универзитет и да добие работа во некоја угледна фирма. Изгледало дека сѐ му оди како подмачкано. Сепак, успехот не го направил толку среќен колку што очекувал. Наместо тоа, стресот и уморот му го уништиле здравјето. Ни од пријателите на работа не добил голема поддршка. Депримиран, станал алкохоличар, па дури и помислувал на самоубиство. Тогаш почнал да ја проучува Библијата со Јеховините сведоци. Тоа што го научил му го променило гледиштето за она што е важно во животот. Наскоро, здравствените проблеми што ги добил поради стресот почнале да се повлекуваат. Наместо сѐ да прави од гордост и амбиција, Акинори лично го почувствувал она што го вели библиската поговорка: „Мирното срце е живот за телото“ (Изреки 14:30).
Што мислиш, која цел е најдобро да си ја поставиш во животот? Што би те направило вистински среќен? Дали добриот брак? Или да им дадеш на своите деца добар почеток во животот? Многуте пријатели? Уживањето во животот? Сите овие работи се вредни да се постигнат. Всушност, и Библијата покажува дека се вредни, иако не како главна животна цел. Библијата ни помага исправно да просудиме, укажувајќи ни на еден основен услов за да се води исполнет живот: „Бој се од вистинскиот Бог и држи ги неговите заповеди. Зашто, тоа е целата должност на човекот“ (Проповедник 12:13). Кога не ја исполнуваме оваа обврска, животот станува бесмислен и, на крајот, носи разочарување. Од друга страна, пак, Библијата нѐ уверува: „Среќен е оној што се надева на Јехова“ (Изреки 16:20).
Како Библијата ги мотивира луѓето да се променат
„Речта Божја е жива и делотворна“, напишал апостол Павле. Како остар меч со две сечила, таа може да продре до најдлабоките мисли и намери на човекот (Евреите 4:12). Библијата има моќ да им го промени животот на луѓето затоа што им помага да се видат онакви какви што навистина сѐ, а не онакви какви што си мислат дека се. Оние што имаат исправен став во срцето ќе сфатат дека можеби треба да направат промени. На пример, во врска со некои христијани во собранието во древниот Коринт кои некогаш биле крадци, пијаници, прељубници и слично, Павле рекол: „Такви беа некои од вас, но испрани сте... со духот на нашиот Бог“ (1. Коринќаните 6:9-11). Јеховиниот свет дух е исто толку активен и моќен и денес, и може да ги мотивира луѓето да ги направат потребните промени.
Марио, кој живее во една европска земја, бил насилен човек, пушел и продавал марихуана. Еднаш, кога некој полицаец му ја одзел дрогата, толку се разбеснил што го нападнал и му го оштетил автомобилот. Освен тоа, Марио бил невработен и имал многу долгови. Кога сфатил дека сам не може да си ги реши проблемите, се согласил да ја проучува Библијата. Како што напредувал, Марио станал чист и уреден, престанал да користи и да продава дрога и повеќе не бил насилен. Многумина што го познавале од порано се чуделе. Го запирале на улица и му велеле: „Марио, ти ли си?“
Што ги мотивирало луѓето како Акинори и Марио да се променат од корен и да почнат да му се радуваат на животот и да уживаат во него? Без сомнение тоа што го запознале Бог преку проучувањето на Библијата. Само Бог може да ни ги даде практичните совети што ни се потребни за да бидеме успешни во животот сега и за да можеме еден ден да живееме вечно. Како Татко, Јехова Бог ни зборува преку Библијата: „Слушај, сине мој, и прими ги моите зборови. Тогаш ќе ти се намножат годините на животот... Кога ќе одиш, чекорот твој нема да биде сопрен. Ако потрчаш, нема да се сопнеш. Прифати ги опомените, не пуштај ги. Чувај ги, зашто тие ти се живот“ (Изреки 4:10-13). Да го бараме водството од нашиот Творец — тоа е навистина најпрактичниот совет што би можеле да го послушаме!
[Рамка/слика на страница 7]
Практични совети за денешно време
Библијата дава основни, но практични начела што можат да нѐ водат на секое поле од животот. Еве неколку примери:
• Биди во добри односи со другите
„Сѐ што сакате луѓето да ви прават вам, правете им го и вие ним“ (Матеј 7:12).
„Оној што меѓу сите вас се однесува како помал, тој е голем“ (Лука 9:48).
„Бидете гостољубиви“ (Римјаните 12:13).
• Прекини со лошите навики
„Кој оди со мудрите, ќе стане мудар, а кој си има работа со безумни, лошо ќе си помине“ (Изреки 13:20).
„Не биди меѓу оние што се опиваат со вино“ (Изреки 23:20).
„Не дружи се со оној што е склон кон лутина“ (Изреки 22:24).
• Изгради цврст брак
„Секој од вас да ја сака својата жена како самиот себе, а жената длабоко да го почитува својот маж“ (Ефешаните 5:33).
„Облечете се во најдлабока сомилост, љубезност, понизност, благост и долготрпеливост. Поднесувајте се еден со друг и спремно простувајте си еден на друг“ (Колошаните 3:12, 13).
• Помогни им на децата
„Воспитувај го детето според патот по кој треба да оди, па нема да скршне од него ни кога ќе остари“ (Изреки 22:6).
„Вие, татковци, не раздразнувајте ги своите деца, туку воспитувајте ги со стега од Јехова и помагајте им да го усвојат неговиот начин на размислување“ (Ефешаните 6:4).
• Избегнувај караници
„Благиот одговор го смирува гневот, а остриот збор предизвикува лутина“ (Изреки 15:1).
„Предводете во искажувањето почит еден кон друг“ (Римјаните 12:10).
Дури и меѓу пријателите, честопати се избегнуваат спорови околу деловни работи ако се направи писмен договор. Затоа, Божјиот слуга Еремија напишал: „Напишав договор, ставив печат и зедов сведоци кога ги мерев парите на вага“ (Еремија 32:10).
• Биди позитивен
„Сѐ што е вистинито... сѐ што е допадливо, сѐ што е пофално, сѐ што е доблесно и сѐ што е достојно за фалба, за тоа размислувајте“ (Филипјаните 4:8).
Библијата нѐ советува да не размислуваме за негативни работи и ги прекорува оние што „се жалат за своите околности во животот“. Таа вели: „Радувајте се во надежта“ (Јуда 4, 16; Римјаните 12:12).
Применувањето на овие корисни начела не само што ќе ни помогне да имаме мир и задоволство сега туку и да ги исполниме Божјите барања и да го добиеме Божјиот благослов. Библијата вели: „Праведниците ќе ја поседуваат земјата и ќе живеат на неа засекогаш“ (Псалм 37:29).
[Слики на страница 5]
Акинори кога бил бизнисмен (лево), и денес, кога радосно ја проповеда библиската вистина со својата жена