Истрај во пионерската служба
ОКОЛУ 4.500.000 Сведоци на Јехова ја објавуваат добрата вест по целиот свет. Од нив, преку 600.000 се пионери или полновремени објавители на Царството. Оние кои се во оваа војска од пионери се на возраст од деца, па до старци од деведесет години. Со различно потекло се и со различни професии.
Без сомнение, сите овие полновремени проповедници сакаат да успеат во пионерската служба. Многумина имаат желба тоа да им биде доживотна кариера. Некои тоа не можат да го сторат од одредени причини. Други, пак, можеле да продолжат со пионирењето и покрај финансиски потешкотии, слабо здравје, обесхрабрување и други проблеми. Затоа, како можат полновремените проповедници да излезат на крај со таквите проблеми и сепак да истрајат во пионерската служба?
Подмирување на финансиските потреби
Пионерите работат световна работа главно за да ги покријат своите трошоци, како што правел и апостол Павле (1. Солунјаните 2:9). Во повеќето делови од светот се соочуваат со астрономски цени за храна, облека, стан и превоз. Најчесто тешко можат да добијат световна работа со скратено работно време која им е потребна. Ако е тоа возможно, таквите работни места најчесто нудат минимум заработувачка, без здравствено осигурување.
Ако ‚го бараме најнапред царството на Бога и Неговата правда‘, можеме да имаме вера дека Јехова ќе се погрижи за нашите материјални работи. Затоа, кога се под притисок за финансии, пионерите ‚не би требало да се грижат за утре‘ (Матеј 6:25-34). Додека тие сесрдно се трудат да ги решат таквите проблеми, силната вера во Јехова ќе ги поштеди од непотребна загриженост.
Кога некој е соочен со финансиски потешкотии, можеби може да ги намали издатоците. Со некои промени во буџетот, можеби е можно да се подмират потребите, но не и желбите за материјални работи. За да ги намалат издатоците, некои пионери делат соба со други сохристијани. Со цел да им помогнат на своите деца да пионерат, родителите понекогаш овозможуваат бесплатен или стан по минимална цена. Други им помагаат на пионерите со храна и плаќање на превоз. Но, пионерите не би сакале да бидат товар на другите, бидејќи имаат библиска одговорност самите да се издржуваат (2. Солунјаните 3:10-12).
Трошоците за превоз можат да се намалат со тоа што ќе се споделат издатоците со други пионери. Ако двајца пионери имаат автомобил, можат заедно да учествуваат во делото на проповедање на исто подрачје, користејќи еден автомобил и елиминирајќи го трошокот од користење на две возила. Пионерите кои немаат автомобили можат да се здружат со оние кои имаат и да учествуваат во покривањето на трошоците за превоз. Издатоците за патување понатаму можат да се намалат така што ќе се обработуваат подрачја во близина до кои може пеш да се дојде. Во многу земји пионерите користат економичен јавен превоз.
Меѓу оние кои ги надвладеале финансиските проблеми и истрајале во полновремената служба биле Њутон Кантвел и неговата сопруга. Тие ја продале својата фарма и почнале да пионерат со шест од нивните седум деца во 1932, за време на големата светска економска криза. „Не помина многу време, а ние го потрошивме сето она што го добивме од фармата кога ја продадовме — главно на лекарски прегледи“, напишал брат Кантвел. „Се сеќаваме дека кога се преселивме на нашата втора доделба, имавме толку пари колку да платиме станарина за две седмици и ни останаа само пет долари в џебот. Меѓутоа, знаевме дека Јехова ќе се грижи за нас сѐ додека ние марливо ја извршуваме нашата служба. . . . Научивме да бидеме економични за различни работи. Јас, на пример, кога се селевме на ново подрачје, разговарав со сопствениците на бензинските пумпи и им објаснував дека секојдневно се возиме со три автомобила поради нашето христијанско дело. Така обично добивавме бензин по намалена цена. Нашите синови набргу научија да ги поправаат автомобилите, заштедувајќи ни на трошоците за поправки.“ На тој начин Кантвелови успешно излегле на крај со финансиските предизвици и истрајале во полновремената служба. Брат Кантвел сѐ уште бил на списокот на пионери кога починал на 103-годишна возраст.
Да се добие работа со скратено работно време
Повеќето пионери си помагаат финансиски така што работат со скратено работно време. За да се издржува во службата на Коринт, Павле работел како изработувач на шатори заедно со своите соверници Акила и Прискила (Дела на св. апостоли 18:1-11). И денес, духовните браќа често пати радо им нудат на пионерите световна работа со скратено работно време. Други пионери добиваат таква работа преку бироата за вработување кои нудат привремена работа. Неопходна е вера во Бог, како и искрена молитва за негово водство кога треба да се донесуваат одлуки при вработувањето (Соломонови изреки 15:29).
„Откако извлеков многу сила после размислување во молитва“, вели еден пионер, „го известив мојот раководител дека моето дело на служење е сериозна лична одговорност и дека не би можел да прифатам работно место со полно работно време. Следната среда повторно ме праша дали ќе го прифатам тоа работно место но со скратено работно време. Со задоволство го сторив тоа.“ Не ја потценувај моќта на молитвата, а твоите молитви проследи ги со дела.
Пионерите можат да најдат за корисно да им кажат на своите работодавачи од кои тоа може да се очекува, дека бараат работа со скратено работно време со цел да се издржуваат во службата. Можат да ги напоменат деновите кога стојат на располагање и бројот на часови во седмицата кои можат да ги одработат. Две телесни сестри биле во можност да поделат едно работно место со полно работно време во една фирма за правно советување, дозволувајќи ѝ на секоја во седмицата да работи по два и пол дена. Тоа им помогнало да останат пионерки сѐ додека не примиле позив за Библиската школа Гилеад и не добиле мисионерска задача.
Ако се разговара со соверниците или, пак, со други луѓе, или ако се следат огласи во весниците, можат да се пронајдат бројни работни места кои од библиска гледна точка се прифатливи. При тоа на пионерите може да им помогне понизноста за да не бидат премногу избирливи за работата што ќе ја работат. (Спореди Јаков 4:10.) За да продолжат со пионирењето можеби ќе мораат да работат световна работа која некои луѓе ја сметаат за ниска или проста. Ако прифатат таква работа, а би сакале друга, на крајот можеби ќе можат да го променат работното место.
Слабо здравје и обесхрабрување
Некои мораат да прекинат со пионерската служба поради сериозни здравствени проблеми. Сепак, ако не се пребрзи што се однесува до ова, пионерите можат да откријат дека нивната болест може да биде излечена, односно здравјето да им се подобри во доволна мерка за да можат да продолжат да пионерат. Многу можат да пионерат и покрај здравствените проблеми затоа што добиле здравствено лекување, се придржуваат кон диета која им одговара, доволно се одмораат и прават вежби. Еден патувачки надгледник видел една сестра пионерка која била толку болна од артрит што ѝ била потребна помош кога одела во служба од куќа до куќа (Дела на св. апостоли 20:20). Сепак, таа и нејзиниот сопруг воделе 33 домашни библиски студии и им помогнале на 83 лица да ја прифатат Божјата вистина. Во меѓувреме здравјето ѝ се подобрило и присуствувала на школата за пионери 11 години подоцна.
Обесхрабрувањето може да предизвика некои да ја напуштат пионерската служба (Соломонови изреки 24:10). Еден пионер му рекол на патувачкиот надгледник: „Ќе престанам со пионирењето. . . . Морам да платам некои сметки“. Му требале наочари кои чинеле 20 долари. „Дали имаш намера да прекинеш со пионерската служба само поради тоа што ти требаат 20 долари?“ — прашал надгледникот. Му предложил да работи на месната плантажа на кафе еден ден, да заработи 20 долари, да си купи наочари и да продолжи со пионирењето. Понатамошниот разговор открил дека основниот проблем бил обесхрабрувањето поради прескапите поправки на автомобилот. Му било препорачано да ги намали трошоците така што секој ден ќе минува со автомобилот во радиус од неколку километри наместо да оди преку големо подрачје. Му било советувано и да ја задржи духовноста. Пионерот го применил советот и шест месеци подоцна добил позив да оди на Гилеад школата. После дипломирањето бил доделен во една странска земја и служел таму верно многу години сѐ до својата смрт. Да, често пати ќе произлезат големи благослови ако не паднеме под обесхрабрувањето туку имаме в мисли дека Јехова е со нас.
Цени ја твојата предносна служба
И покрај искушенијата, како кога бил во нужда или во време без храна, Павле на својата служба гледал со ценење (2. Коринтјаните 4:7; 6:3-6). Наспроти денешните тешкотии и прогонства, повеќето Јеховини сведоци во Африка, Азија, Источна Европа и во други места, истрајуваат во нивната предност да пионерат. Затоа, кога се соочуваш со неволји, напрегни се со сите сили за да истраеш во оваа предносна служба, на слава на Јехова.
Најголемиот број пионери можеле да стапат во полновременото проповедничко дело само поради тоа што го поедноставиле својот начин на живот. Како и Павле, ги отфрлиле материјалните погодности и се научиле да бидат задоволни со „храна и облекло“. За да истрајат во пионерската служба, потребно е да бидат задоволни со неопходните работи (1. Тимотеј 6:8). Радоста произлегува од ценењето на предностите кои ни ги дал Бог, ако нив ги поставиме над материјалните работи.
За споредба: Антон Кербер имал предност да ги застапува интересите за Царството пред владини службеници во Вашингтон (Д.К.). Служел како пионер извесно време и бил покраински надгледник во 1950-ите. Некои од неговите поранешни деловни колеги му дале предлог со кој би можел да направи чист профит од милион долари. Меѓутоа, за да го постигне тоа, било потребно да го посвети сето свое време за работа околу година дена. Откако се помолил за водство и за дух на здрави мисли, рекол: „Не е можно да се откажам од моите прекрасни предности во службата за Јехова дури и за само една година, не, за никакви пари на светот. За мене е подрагоцено да им служам на моите браќа овде во Вашингтон, и знам дека овде имам Јеховин благослов. Не се сомневам дека можам да заработам милион долари, но кон крајот на таа година со таков начин на живот, како ќе изгледам духовно, па дури и физички?“ Така, тој ја одбил понудата. Ако на сличен начин ги ценат своите предности, тоа ќе им помогне на повеќето да истрајат во пионерската служба.
Какви големи благослови имаат пионерите! Благослов е да се поминат многу часови зборувајќи за Јеховиното величествено владеење (Псалми 144:11-13). Поради тоа што посветуваат толку многу време во службата, пионерите имаат благослов да им носат духовна утеха на сиромашните и потиштените, болните или жалосните, и други кои се тешко погодени и имаат потреба за сигурна надеж. Затоа, ако околностите ни дозволуваат да учествуваме во полновременото проповедничко дело, навистина ќе се радуваме на многу благослови. ‚Благословот Господов е она што збогатува‘ (Соломонови изреки 10:22). И со негова помош и благослов многу објавители на Царството радосно истрајуваат во пионерската служба.