Благословите од пионерската служба
1, 2. Кои благослови се тесно поврзани со пионерската служба, и зошто?
1 „Знам дека ниедна друга работа немаше да ми го донесе задоволството што доаѓа од споделувањето на вистината со другите“, рекол еден брат пионер. Една сестра пионерка изјавила: „На крајот на секој ден, сонот ми е сладок а срцето ми е полно со радост“. Овие пионери зборуваат во името на браќа и сестри од секаде што ги вкусиле благословите од пионерската служба (Посл. 10:22).
2 Помагањето на другите да го стекнат животоспасувачкото спознание од Божјата реч донесува вистинско задоволство (Дела 20:35; 1. Сол. 2:19, 20). „Да се види како моќната Божја реч ги мотивира луѓето да прават промени во својот живот е возбудливо и ја зајакнува верата“, напишал еден долговремен пионер. Да, со тоа што се ставаат на располагање да им помагаат на луѓето и со тоа што водат библиски студии, пионерите имаат изгледи за благослови како овие.
3, 4. Како пионерската служба учи некого да се потпира на Јехова, и како тоа му помага да расте духовно?
3 Се потпираат на Јехова: Тоа што додека секојдневно ја извршуваат својата служба се потпираат на Божјиот дух им помага на пионерите да ги развиваат „плодовите на духот“ и им служи како заштита (Гал. 5:16, 22, 23). Освен тоа, затоа што постојано ја користат Божјата реч, пионерите честопати се вешти во користењето на Писмото за да ја одбранат вистината и да ги зајакнат другите (2. Тим. 2:15). Еден брат, кој со децении е пионер, коментирал: „Пионерската служба ми помогна да стекнам подлабоко спознание за вистината, спознание што го користам за да им помогнам на многумина да го запознаат Јехова и неговите намери“. Колку само наградувачки!
4 Општите пионери, исто така, мораат да се потпираат на Јехова и на многу други начини. Нивната вера е зајакната кога гледаат како тој ги благословува нивните напори да се грижат за своите материјални потреби. Еден 72-годишен брат што 55 години служи како пионер, рекол: „Јехова никогаш не ме изневерил“. Освен тоа, бидејќи го задржуваат својот живот едноставен, пионерите се заштитуваат од многуте животни грижи. Дали ова ти звучи привлечно? (Мат. 6:22; Евр. 13:5, 6).
5. Како пионерската служба му помага на некого да стане поблизок со Јехова?
5 Стануваат поблиски со Јехова: Нашиот однос со Јехова е најскапоценото нешто што го имаме (Псал. 63:3). Кога потполно учествуваме во службата од љубов кон Јехова, тој однос станува сѐ поблизок (Јак. 4:8). Еден брат што веќе повеќе од 18 години служи како пионер рекол: „Поионерската служба ни дозволува да ‚вкусиме и да видиме колку е добар Господ‘, изградувајќи од ден на ден еден сѐ поцврст однос со нашиот Творец (Псал. 34:8).
6. Што мораат да имаат пионерите, и кој друг, освен пионерите, извлекува корист?
6 Освен што мораат да ги имаат неопходните услови, пионерите мораат да имаат цврста вера, искрена љубов кон Бог и ближниот и спремност да прават жртви (Мат. 16:24; 17:20; 22:37—39). Меѓутоа, како што сведочат и насмеаните лица на пионерите од секаде, благословите од пионерската служба се ненадминливи (Мал. 3:10). Овие благослови не се ограничени само на пионерите туку и на нивните семејства, а и собранието извлекува голема корист од прекрасниот дух што го покажуваат пионерите (Фил. 4:23).