Даниеловите пророчки денови и нашата вера
„Блажен е оној што чека и ќе дочека илјада и триста и триесет и пет дена“ (ДАНИИЛ 12:12).
1. Зошто не успеваат мнозина да најдат вистинска среќа, и со што е сврзана правата среќа?
СЕКОЈ сака да биде среќен. Но, денес само малкумина се среќни. Зошто? Делумно затоа што повеќето луѓе среќата ја бараат на погрешни места. Среќата ја бараат, на пример, во образованието, богатството, кариерата или во потрагата по моќ. Но, во уводните зборови од неговата Проповед на гората, Исус среќата ја поврзал со свесноста за сипствените духовни потреби, милосрдноста, чистотата во срцето и слични особини (Матеј 5:3-10). Видот на среќа за којшто Исус зборувал е вистински и траен.
2. Според пророштвото, што ќе води до среќа во времето на крајот и кои прашања се појавуваат во врска со тоа?
2 За помазаниот остаток во времето на крајот, среќата е поврзана со уште нешто. Во книгата Даниил читаме: „Оди си Данииле, оти тие зборови се сокриени и запечатени до последното време. Блажен [среќен, НС] е оној што чека и ќе дочека илјада и триста и триесет и пет дена“ (Даниил 12:9, 12). Кој временски период го опфаќаат овие 1.335 дена? Зошто биле среќни оние што живееле во тоа време? Дали има некаква врска ова со нашата вера денес? Ќе ни помогне да одговориме на овие прашања ако погледнеме наназад на времето кога Даниел ги запишал овие зборови, набргу по ослободувањето на Израел од заробеништво во Вавилон и во третата година на Кир, царот на Персија (Даниил 10:1).
Обновување кое донесува среќа
3. Која постапка на Кир Велики им донела голема среќа на верните Евреи во 537. пр. н. е., но која предност Кир не им ја дал?
3 За Евреите, ослободувањето од Вавилон било прилика за голема прослава. Откако издржале скоро 70 години изгнанство, Кир Велики ги повикал да се вратат во Ерусалим за повторно да го изградат храмот (1. Ездра 1:1, 2). Оние кои се оѕвале, имале големи очекувања при пристигнувањето во нивната татковина во 537. пр. н. е. Меѓутоа, Кир не ги повикал да обноват царство под некој потомок на цар Давид.
4, 5. а) Кога било соборено Давидското царување? Зошто? б) Каква гаранција дал Јехова дека Давидското царување требало да биде обновено?
4 Тоа било значајно. Околу пет века пред тоа, Јехова му имал ветено на Давид: „Ќе биде непоколеблив твојот дом и твоето царство засекогаш пред лицето Мое, и престолот твој ќе остане засекогаш [уцврстен до недогледно време, НС]“ (2. Царства 7:16). За жал, повеќето Давидови кралски наследници се покажале бунтовни, а вината за крв на нацијата станала толку голема што во 607. пр. н. е. Јехова дозволил Давидското царување да биде соборено. Освен еден краток период под Макабејците, оттогаш па сѐ до неговото второ уништување во 70. н. е. Ерусалим бил под странска доминација. Така, во 537. пр. н. е. додека биле во тек ‚времињата на незнабошците‘ [одредените времиња, НС] не тебало да владее ниеден Давидов син како цар (Лука 21:24).
5 Меѓутоа, Јехова не го заборавил ветувањето што му го дал на Давид. Низ серија визии и соништа, тој преку својот пророк Даниел открил детали за идните светски настани кои ќе ги опфаќаат вековите од времето на светската доминација на Вавилон па до времето кога еден цар од линијата на Давид повторно ќе владее во царството на Јеховиниот народ. Овие пророштва, запишани во Даниил поглавја 2, 7, 8 и 10-12, им гарантирале на верните Евреи дека, конечно, Давидовиот престол навистина „ќе стане уцврстен до недогледно време“. Се разбира, таквата откриена вистина им донела среќа на оние Евреи кои се вратиле во нивната татковина во 537. пр. н. е.!
6. Како знаеме дека некои од Даниеловите пророштва требало да се исполнат во наше време?
6 Повеќето библиски коментатори тврдат дека Даниеловите пророштва скоро во целост се исполниле пред раѓањето на Исус Христос. Но очигледно не е така. Во Даниил 12:4, еден ангел му вели на Даниел: „Сокриј ги овие зборови и запечати ја оваа книга до последното време; мнозина ќе ја прочитаат [ќе талкаат, НС] и знаењето [вистинското спознание, НС] ќе се умножи“. Ако книгата на Даниел требало да биде отпечатена — потполно да се открие нејзиното значење — дури во времето на крајот, секако барем некои од нејзините пророштва мора да се применат на тој период. (Види Даниил 2:28; 8:17; 10:14.)
7. а) Кога завршиле одредените времиња на нациите, и кое итно прашање морало да биде одговорено тогаш? б) Кој не бил „верниот и разумен роб“?
7 Во 1914 завршиле одредените времиња на народите, а започнало времето на крајот за овој свет. Давидското Царство било обновено, не во земскиот Ерусалим, туку во „небесните облаци“ (Даниил 7:13, 14). Во тоа време, бидејќи „каколот“ на лажното христијанството бил буен, ситуацијата на вистинското христијанство не била јасна — барем не за човечки очи. Па сепак, морало да се одговори на едно важно прашање: „Кој е навистина верниот и разумен роб?“ (Матеј 13:24-30; 24:45, НС). Кој ќе го претставува на Земјата обновеното Давидско Царство? Не Даниеловите телесни браќа, Евреите. Тие биле отфрлени затоа што им недостасувала вера и што се спрепнале на Месијата (Римјаните 9:31-33). Верниот роб во никој случај не се наоѓал меѓу организациите на т. н. христијанство! Нивните зли дела покажале дека Исус не ги познавал (Матеј 7:21-23). Тогаш, кој бил тој?
8. Кој се покажал како „верниот и разумен роб“ во текот на времето на крајот? Откаде го знаеме тоа?
8 Без трошка сомневање, тоа била малата група на помазани Исусови браќа кои во 1914 биле познати како Истражувачи на Библијата, но од 1931 биле идентификувани како Јеховини сведоци (Исаија 43:10). Само тие го разгласувале обновеното Царство во линијата на Давид (Матеј 24:14). Само тие останале одделени од светот и го величале Јеховиното име (Јован 17:6, 14). И само на нив се исполнуваат библиски пророштва кои се однесуваат на Божјиот народ во последните денови. Меѓу овие пророштва е серијата од пророчки периоди, наведена во Даниил поглавје 12, која ги вклучува 1.335-те дена кои требало да донесат среќа.
1.260-те дена
9, 10. Кои настани ги карактеризирале ‚времето, времињата и половината време‘ од Даниил 7:25, и во кои други стихови се споменува паралелен временски период?
9 Во Даниел 12:7 (НС) читаме за првиот пророчки период: „Тоа ќе биде за одредено време, одредени времиња и половина време. И штом ќе биде завршено разбивањето на силата на светиот народ, сите овие работи ќе дојдат до свој крај“.a Истиот овој период се споменува во Откровение 11:3-6, кое вели дека Божјите сведоци ќе проповедаат облечени во вреќи три и пол години и дека потоа ќе бидат убиени. Повторно, во Даниил 7:25 читаме: „И против Севишниот ќе зборува и ќе ги угнетува светиите [светите, НС] на Севишниот; дури ќе си помисли да ги измени времињата нивни и закони, па и тие да бидат предадени во раката негова за време и за времиња и за половина време“.
10 Во последново пророштво, „тој“ е петтата светска сила, сметајќи од Вавилон. Тоа е „еден мал рог“, во чие време на моќ Синот човечки добива „власт, слава и царство“ (Даниил 7:8, 14). Во текот на Првата светска војна, овој симболичен рог, првобитно империјална Британија, се развил во Англо-американската двојна светска сила со која сега доминираат Соединетите Американски Држави. За три и пол времиња, односно години, оваа сила требало да ги угнетува светите и да се обиде да ги промени времињата и законите. На крајот, светите требало да ѝ бидат дадени в рака. (Види и Откровение 13:5, 7.)
11, 12. Кои настани довеле до почетокот на 1.260-те пророчки денови?
11 Како се исполниле сиве овие паралелни пророштва? Со години пред I Светска војна, Исусовите помазани браќа јавно предупредувале дека во 1914 ќе завршат одредените времиња на народите. Кога избила војната, било очигледно дека предупредувањето било игнорирано. Сатана го употребил својот „ѕвер“, светската политичка организација со која тогаш доминирала Британската Империја, во напор да ги ‚измени времињата и законот‘, да го одложи времето кога Божјето Царство требало да владее (Откровение 13:1, 2). Но не успеал. Божјето Царство било воспоставено на небото, далеку од дофат на човек (Откровение 12:1-3).
12 За Истражувачите на Библијата, војната значела време на испитување. Од јануари 1914, тие ја прикажувале Photo-Drama of Creation (Фото-драмата на создавањето), библиски приказ кој го свртел вниманието кон Даниеловите пророштва. Во летото таа година во Северната хемисфера избувнала војна. Во октомври завршиле одредените времиња. До крајот на годината помазаниот остаток очекувал прогонување, како што се гледа од фактот дека годишниот стих избран за 1915 било Исусовото прашање до неговите ученици: „Дали сте во состојба да пиете од мојата чаша?“, темелен на Матеј 20:22 (King James Version).
13. Како Истражувачите на Библијата пророкувале облечени во вреќи за време на 1.260-те дена, и што се случило на крајот од тој период?
13 Затоа, од декември 1914, оваа мала група на сведоци ‚проповедале облечени во вреќи‘ и понизно истрајале додека ги објавувале Јеховините судови. Во 1916, многумина биле шокирани заради смртта на Ч. Т. Расел, првиот претседател на Watch Tower Bible and Tract Society. Додека воената треска се ширела, Сведоците наидувале на сѐ поголемо противење. Некои биле затворени. Поединци, како Френк Плат од Англија и Роберт Клег од Канада, биле мачени од страна на садистичките власти. Најпосле, на 21. јуни 1918, Џ. Ф. Ратерфорд, новиот претседател, заедно со управниците на Watch Tower Bible and Tract Society, на темел на лажни обвиненија биле осудени на долга казна со затвор. Така, на крајот од пророчкиот период, ‚малиот рог‘ го убил организираното јавно проповедничко дело (Даниил 7:8).
14. Како се промениле работите за помазаниот остаток во 1919 и после тоа?
14 Книгата Откровение пророкува што се случило потоа. После еден краток период на неактивност — претскажан со сведоците кои лежат мртви на улица три и пол дена — помазаниот остаток повторно оживеал и станал активен (Откровение 11:11-13). На 26. март 1919, претседателот и управниците на Watch Tower Bible and Tract Society биле ослободени, а подоцна потполно рехабилитирани од лажните обвиненија против нив. Непосредно по нивното ослободување, помазаниот остаток започнал да се реорганизира за натамошна активност. Така, во исполнување на првото леле од Откровение, тие излегле од бездната на неактивност како духовни скакулци, придружувани од густ дим, навестувајќи мрачна иднина за лажната религија (Откровение 9:1-11). Во текот на следните неколку години биле духовно хранети и подготвувани за она што претстоело. Во 1921, издале нова книга, The Harp of God (Харфа Божја), наменета да им помогне на новите и на децата да ги научат основните библиски вистини (Откровение 12:6, 14). Сите овие работи се случиле во текот на еден друг значаен временски период.
1.290-те дена
15. На кој начин можеме да пресметаме кога почнале 1.290-те дена? Кога завршил овој период?
15 Ангелот му рекол на Даниил: „Од времето, кога ќе се прекрати секојдневната жртва [„постојаната жртва“, НС со објаснувања, фуснота] и ќе се постави мерзоста на запустувањето [одвратната работа, НС], ќе минат илјада и двесте и деведесет денови“ (Даниил 12:11). Под Мозаитскиот Закон, „постојаната жртва“ била палена на олтарот во храмот во Ерусалим. Христијаните не принесуваат жртви паленици, туку принесуваат духовна постојана жртва. Павле се осврнал на тоа кога рекол: „Секогаш да Му принесуваме на Бога пофална жртва, односно плод од усните, што го прославуваат името Негово“ (Евреите 13:15; спореди Осија 14:3). Оваа постојана жртва била отстранета во јуни 1918. Тогаш, што била „мерзоста [одвратната работа, НС]“ — втората карактеристика што требало да се очекува? Тоа била Лигата на народите чие формирање го покренале победничките сили на крајот од I Светска војна.b Таа била одвратна затоа што водачите на т. н. христијанство ја ставиле на местото на Божјето Царство и Лигата ја претставувале како единствена надеж на човекот за мир. Лигата била предложена во јануари 1919. Ако броиме 1.290 дена (три години и седум месеци) од тоа време, доаѓаме до септември 1922.
16. Како било очигледно на крајот од 1.290-те дена дека помазаниот остаток бил спремен за акција?
16 Што се случило тогаш? Па, Истражувачите на Библијата сега биле освежени, слободни од Големиот Вавилон и спремни да стапат во акција (Откровение 18:4). На еден конгрес одржан во септември 1922 во Седар Поинт (Охајо, САД), тие почнале бестрашно да ги објавуваат Божјите пресуди над т. н. христијанство (Откровение 8:7-12). Убодите на скакулците навистина почнале да болат! А освен тоа, започнало второто леле од Откровението. Маса од христијанска коњица — составена првобитно од помазаниот остаток, а подоцна зголемена со големото мноштво — се разбранувала по Земјата (Откровение 7:9; 9:13-19). Да, крајот на 1.290-те денови му донел радост на Божјиот народ.c Но, требало да се случат уште многу други работи.
1.335-те дена
17. Кога започнале и кога завршиле 1.335-те дена?
17 Даниил 12:12 вели: „Блажен е оној што чека и ќе дочека илјада и триста и триесет и пет дена“. Овие 1.335 дена, односно три години и осум и пол месеци, очигледно почнале на крајот од претходниот период. Сметајќи од септември 1922, тоа нѐ доведува до доцната пролет (во Северната хемисфера) во 1926. Што се случило во текот на тие 1.335 дена?
18. Кои факти покажуваат дека во 1922 сѐ уште требало да се напредува?
18 И покрај значајната природа на настаните од 1922, некои очигледно сѐ уште гледале копнежливо кон минатото. Книгата Studies in the Scriptures (Студии на Писмото), напишана од Ч. Т. Расел, сѐ уште била основен студиски материјал. Понатаму, нашироко распространетата брошура Millions Now Living Will Never Die (Милиони кои живеат сега нема никогаш да умрат) го изнела гледиштето дека во 1925 ќе почнат да се исполнуваат Божјите намери во поглед на обновување на Земјата во Рај и воскреснувањето на верните од старо време. Се чинело дека истрајноста на помазаниците скоро завршила. Меѓутоа, некои кои биле поврзани со Истражувачите на Библијата не се чувствувале поттикнати да ја споделуваат добрата вест со други.
19, 20. а) Како се промениле многу работи во врска со Божјиот народ во текот на 1.335-те дена? б) Кои настани го обележале крајот на 1.335-дневниот период, и што покажуваат тие во однос на Јеховиниот народ?
19 Додека напредувале 1.335-те дена, сето тоа се променило. За да се зајакнат браќата, биле организирани редовни студиски групи на Стражарска кула. Била нагласена службата на проповедање. Почнувајќи од мај 1923, секој бил повикан да учествува во службата на проповедање во првиот вторник од месецот, а било одвојувано време во текот на собранискиот состанок во средината од седмицата за охрабрување за ова дело. Во август 1923, на еден собир во Лос Ангелес (Калифорнија, САД), било покажано дека Исусовата споредба за овците и јарците ќе биде исполнета пред Илјадагодишната Влада (Матеј 25:31-40). Во 1924 свечено била отворена радиостаницата WBBR, која била користена за нашироко да се емитува добрата вест преку воздушните бранови. Статијата „Раѓање на нацијата“ во изданието на Стражарска кула од 1. март 1925, пружила исправено разбирање на Откровение, поглавје 12. Конечно, верните христијани можеле исправно да ги разберат бурните настани од 1914-19.
20 Годината 1925 завршила, но крајот сѐ уште не дошол! Уште од 1870-тите, Истражувачите на Библијата служеле имајќи на ум одреден датум — првин 1914, а потоа 1925. Сега тие увиделе дека мораат да служат толку долго колку што Јехова тоа го сака. Стражарска кула од 1. јануари 1926 ја содржела пресвртната статија „Кој ќе му оддаде чест на Јехова?“, истакнувајќи ја како никогаш порано важноста на Божјето име. И конечно, во мај 1926, на конгресот во Лондон (Англија) била усвоена резолуција под наслов „Сведоштво за владетелите на светот“. Ова отворено ја објавило вистината за Божјето Царство и идното уништување на Сатановиот свет. На истиот конгрес била објавена книгата Deliverance (Ослободување) која била вистински погодок и која станала прва од серијата што требало да ја замени Studies in the Scriptures. Божјиот народ сега гледал напред, а не наназад. Тие 1335 дена биле завршени.
21. Што значела истрајноста во текот на периодот од 1.335 дена за Божјиот народ тогаш, а што значи за нас исполнувањето на пророштвото во врска со овој временски период?
21 Некои биле неподготвени да се прилагодат на овие настани, но оние кои истрајале, биле навистина среќни. Освен тоа, додека гледаме наназад на исполнувањето на овие пророчки временски периоди, среќни сме и ние затоа што е зајакната нашата увереност дека малата група од помазани христијани коишто живееле во тие времиња навистина е верниот и разумен роб. Во годините оттогаш па наваму Јеховината организација енормно се проширила, но верниот и разумен роб сѐ уште е во нејзиното средиште и ја води. Затоа, колку е возбудливо да се знае дека помазаниците и другите овци ги очекува уште поголема среќа! Тоа ќе го видиме додека разгледуваме едно друго пророштво на Даниел.
[Фусноти]
a За дискусија околу тоа како се пресметуваат овие пророчки периоди, види Our Incoming World Government—God’s Kingdom (Нашата идна светска влада — Божјето Царство), поглавје 8, издадена од Watchtower Bible and Tract Society of New York, Inc.
b Види Стражарска кула од 1. февруари 1986, стр. 12-20.
c Види Стражарска кула од 1. јануари 1991, стр. 12, и 1975 Yearbook of Jehovah’s Witnesses, стр. 132.
Можеш ли да објасниш?
◻ Како знаеме дека некои пророштва во Даниел требало да се исполнат во наше време?
◻ Зошто можеме да бидеме уверени дека помазаниот остаток е „верниот и разумен роб“?
◻ Кога започнале и кога завршиле 1260-те дена?
◻ Какво освежување и обновување донеле 1.290-те дена за помазаниот остаток?
◻ Зошто биле среќни оние кои истрајале до крајот на 1.335-те дена?
[Рамка на страница 11]
ДАНИЕЛОВИТЕ ПРОРОЧКИ ВРЕМЕНСКИ ПЕРИОДИ
1.260 дена:
декември 1914 до јуни 1918
1.290 дена:
јануари 1919 до септември 1922
1.335 дена:
септември 1922 до мај 1926
[Слика на страница 8]
Од 1919 наваму било јасно дека „верниот и разумен роб“ е помазаниот остаток
[Слика на страница 10]
Седиштето на Лигата на народите во Женева (Швајцарија)
[Извор на слика]
Фотографија на ООН