Колку долго можеш да живееш?
ПОВЕЌЕТО од нас спремно би признале дека животниот пат е исполнет со проблеми. Но и покрај тоа, среќни сме што сме живи. Не се задоволуваме само со нашето детство или со еден краток животен век; би сакале да живееме многу години. Сепак, смртта изгледа неизбежна. Дали е така?
Дали е можно смртта да се одложи? Може ли нашиот животен век да биде продолжен?
Продолжен животен век?
Во 1990, еден новински извештај ја објавил можноста да се продолжи човечкиот животен век до „седумдесет години“. Без сомнение, ова индиректно се однесувало на зборовите од библискиот псалмист Мојсеј: „Дните на нашиот живот се седумдесет години, а ако сме крепки и до осумдесет години; и повеќе време од нив се во труд и болести, бидејќи брзо минуваат и ние летаме со нив“ (Псалм 89:10). Значи, Библијата дава 70 или 80 години како просечен животен век. Но, кој е веројатниот број на години кои на еден денешен човек му стојат во изглед?
Еден извештај, објавен од страна на WHO (Светската здравствена организација) во 1992, ја поставил просечната животна граница ширум целиот свет на 65 години. Според WHO, се „очекуваше истата да расте за околу четири месеци годишно во наредните пет години, главно поради смалувањето на смртноста кај децата“. Дури и кога некое медицинско чудо би ја спречило смртта пред старост од 50 години, сепак, списанието Time вели дека, во Соединетите Држави, „порастот на просечниот животен век би бил само 3,5 години“.
Зошто животот е толку краток?
Д-р Јан Фејк, при холандскиот Институт за експериментална геронтологија, тврди дека, како што извесни болести се поврзани со маните во градбата на клетките на човечкото тело, така, се чини, процесот на стареење е под влијание на генетските фактори. Некои истражувачи веруваат дека би можеле да живееме подолго кога еден „грст доминантни гени“ би можеле да се заменат додека старееме. Други, ваквиот предлог го означуваат како „преедноставен“.
Во секој случај, научниците признаваат дека, „изгледа постои некаква вградена биолошка граница впрограмирана во клетките на човечкото тело“, известува списанието Time. Дури и оние кои тврдат дека сме „програмирани да бидеме живи“ признаваат дека „нешто не е в ред“. Навистина, со 65, 70, 80 или неколку години повеќе, нашиот живот ‚брзо минува‘ во смрт, како што вели Библијата.
Но сепак, христијанскиот апостол Павле, од првиот век н. е., уверливо прорекол: „А најпоследниот враг [непријател, Даничиќ-Караџиќ] за уништување е смртта“ (1. Коринтјаните 15:26). Како може смртта да биде уништена? Дури и ако е можно, како може да се справиме со смртта на саканите денес?