Каква надеж за подолг живот?
„Човек, роден од жена, има краток живот, а сепак има свој дел од жалоста“ (Зборови на Јов запишани во Јов 14:1, The Jerusalem Bible).
КОЛКУ често краткиот век на животот е опишан со поетски фрази! Слично на Јов, еден писател од првиот век рекол: „Тој [животот] е пара, која се појавува за кратко време, па исчезнува“ (Јаков 4:14).
Дали и ти си забележал дека животот е патетично краток? Пред околу 400 години, Вилијам Шекспир напишал: „Изгасни се, изгасни се, кратка свеќо! Животот е само сенка која чекори“. Во текот на последниов век, еден индијански поглавар од Америка прашал: „Што е животот?“ Потоа самиот одговорил: „Тој е блесок на светулка во ноќта“.
Колку долг животен век можат да очекуваат луѓето? Пророкот Мојсеј ја опишал состојбата од свое време, пред околу 3.500 години: „Дните на нашиот живот се седумдесет години, а ако сме крепки и до осумдесет години; и повеќе време од нив се во труд и болести, бидејќи брзо минуваат и ние летаме со нив“ (Псалм 89:10).
Седумдесет години — тоа се само 25.567 денови, а 80 години, пак, се состојат од само 29.219 денови. Навистина многу малку! Може ли нешто да се стори за да се продолжи човечкиот живот?
Може ли медицинската наука да помогне?
Списанието Science забележало: „Очекуваниот животен век при раѓањето [во Соединетите Држави] се зголемил од 47 години во 1900 на околу 75 години во 1988 година“. Како резултат на намалувањето на смртната стапка кај бебињата преку подобра здравствена нега и исхрана, луѓето во Соединетите Држави сега можат да очекуваат дека ќе живеат онолку долго колку што навел Мојсеј. Сепак, дали се предвидува некаков забележителен пораст во поглед на тоа колку долго ќе живеат повеќето луѓе?
Значајно е она што го рекол Леонард Хејфлик, водечки авторитет од областа на стареењето, во својата книга How and Why We Age (Како и зошто старееме): „Напредокот во биомедицинското истражување, како и во примената на подобрената медицинска нега во овој век, без сомнение, имал влијание врз долговечноста на човекот, но само со тоа што допуштил повеќе луѓе да се приближат до утврдената горна граница на човечкиот животен век“. Затоа тој објаснил: „Очекуваниот животен век се зголемил, но не самиот животен век; разликата е пресудна“.
Што е „утврдената горна граница“ на човековиот животен век? Некои велат дека не е сигурно дали некој во последно време живеел повеќе од 115 години. Сепак, во списанието Science се вели: „Од 1990 година наваму, најстарата потврдена возраст што некој ја доживеал изнесува нешто повеќе од 120 години“. А во почетокот на оваа година, францускиот министер за здравје, со куп репортери и фотографи, ја посети Жан Калмен од Арл (Франција), за да го одбележи нејзиниот 120-ти роденден. И Мојсеј живеел 120 години, далеку над просекот (5. Мојсеева 34:7, НС).
Дали научниците даваат надеж дека луѓето обично би можеле да живеат толку долго или уште подолго? Не, повеќето не даваат. Еден наслов во весникот Detroit News гласел: „Истражувачите велат дека 85 години би можело да биде горната граница на просечниот животен век“. Во статијата, еден познат авторитет од областа на стареењето, С. Џеј Олшански, рекол: „Кога еднаш ќе се премине 85-тата година, луѓето умираат поради откажувањето на повеќето органи. Тие престануваат да дишат. Во основа, умираат од старост. А за тоа нема лек“. Тој додал: „Само ако човечкото стареење се преобрати на молекуларно ниво, рапидните порасти на очекуваниот животен век ќе престанат“.
Списанието Science забележало дека можеби „горната граница на долговечноста веќе е достигната и дека се неверојатни натамошни значајни опаѓања на морталитетот“. Се вели дека кога би можело да се отстранат сите причинители на смрт наведени на посмртниците, очекувањата за животниот век би се зголемиле за помалку од 20 години.
Според тоа, многу научници не гледаат на човековиот животен век како на нешто чудно ниту, пак, подложно на промена. Но, зошто е разумно да се верува дека луѓето сепак ќе живеат многу подолго?