Пронајдов богатство од непроценлива вредност
РАСКАЖАЛА ФЛОРЕНС ВИДОВСОН
Додека ноќта се спушташе, одлучивме да се улогориме во близина на лагуната. Иако тоа не беше баш најидеално место да кампуваат две жени, сметавме дека ќе биде безбедно за една ноќ. Додека јас марливо го кревав шаторот, Марџори ја приготвуваше вечерата.
ШТОТУКУ завршував со приковувањето на последниот шаторски колец кога до еден црн трупец забележав некакво движење. „Виде ли дека трупецон се помести?“ — викнав по Марџори.
„Не“ — одговори таа, малку исплашено.
„Сигурно се помести“ — извикав. „Додај ми го чајникот!“
Се упатив кон лагуната земајќи го со себе чајникот и секирата на рамо. Кога застанав речиси пред трупецот, од зад него се појави некаков човек!
„Дали водата во лагунава е добра за пиење?“ — набрзина прашав.
„Не, не е“ — одговори тој грубо — „ако сакате да се напиете вода, јас ќе ви донесам.“
Итро ја одбив неговата понуда, и, на мое големо олеснување, тој одеднаш се заврти и си замина. Тресејќи се, бргу се вратив назад и ѝ реков на Марџори што се случи. Бргу го симнавме шаторот, се спакувавме и си отидовме. Подоцна дознавме дека овој човек штотуку бил пуштен од затвор.
Иако во далечната 1937 овде на златните полиња на Австралија често пати логоруваа истражувачи, ние бевме истражувачи од друг вид. Ние трагавме по луѓе кои за Бог беа драгоцени.
Семејното воспитување
Пред стотина години, татко ми беше ковач во малото село Порпунка, во државата Викторија. Таму сум родена во 1895, а пораснав во близината на реката Овенс, во подножјето на планината Бафало, заедно со моите четири браќа. Моите родители редовно одеа во Обединетата црква, а јас одев во неделното училиште каде што татко ми беше настојник.
Во 1909 година, мајка ми доби срцев удар за време на една страшна бура и издивна на рацете на татко ми. Потоа, на почетокот на 1914, еден од моите браќа си отиде од дома и ни го вратија неколку часа подоцна — мртов. Се самоубил. Нашата тага беше уште поголема поради црковното учење дека го чека пекол заради тоа, бидејќи за самоубиството се велеше дека е непростив грев.
Подоцна, во текот на истата година, изби Првата светска војна и двајца мои браќа беа на списокот за прекуокеанска служба. Страшните вести за крвопролевањата и страдањата нѐ поттикнаа нас шесте млади жени, заедно со татко ми да почнеме да ја проучуваме библиската книга Јован.
Пронаоѓање на вистинско богатство
Елен Хадсон имаше примерок од книгата The Time Is at Hand од Чарлс Тејз Расел. Одушевувањето кое го имаше за таа книга се пренесе на сите од групата. Кога забележа дека книгата е само дел од шестомната едиција книги со наслов Studies in the Scriptures, испрати писмо до Друштвото на Меѓународните истражувачи на Библијата во Мелбурн и ги побара останатите томови од едицијата. Нашата група се согласи да го користи првиот том The Divine Plan of the Ages на нашата неделна студија.
Претставете си ја татковата радост, а и мојата, кога откривме дека пеколниот оган не постои. Стравот дека брат ми е осуден на пеколен оган исчезна. Ја дознавме вистината дека мртвите не се свесни, слично на оние во длабок сон, и дека не доживуваат некаде ужасно мачење (Проповедник 9:5, 10; Јован 11:11-14). Некои од нашата група за проучување одлучија да одат кај соседите да им проповедаат за вистината која ја дознавме. До најблиските домови одевме пеш, но до поодалечните места користевме велосипед или двоколка.
Прв пат го испробав сведочењето од куќа до куќа на 11. ноември 1918, на Денот на примирјето. Јас и уште двајца од нашата студиска група патувавме 80. километри до градот Вангарата за да го разделиме трактатот Peoples Pulpit. Неколку години подоцна, додека бевме на една проповедничка задача на едно од пустинските подрачја, го доживеавме искуството кое го споменав на почетокот.
Во 1919, присуствував на конгресот на Истражувачите на Библијата во Мелбурн. Таму, на 22. април 1919, го симболизирав своето предание на Јехова со потопување под вода. Духовната гозба го продлабочи моето ценење за духовното богатство на Царството на небото и за Јеховината земска организација (Матеј 13:44).
После конгресот не се вратив дома туку ја прифатив поканата да ѝ се придружам на Џејн Николсон, полновремен проповедник, да сведочиме заедно еден месец. Нашата доделба беа фармите и ранчевите долж реката Кинг. Само неколку години пред тоа, овој планински предел беше амбиент за филмот Човекот од снежната река.
Во 1921, добивме помош за студирањето на Библијата, прекрасната книга The Harp of God. Кога татко ми почна да ја користи како учебник на часовите во неговото неделно училиште, многу родители приговорија и бараа да даде оставка. Тој веднаш го стори тоа. Подоцна ја добивме брошурата Hell (Пекол) со нејзините занимливи прашања на насловната страница, како што се: „Што е тоа? Кој се наоѓа таму? Можат ли да излезат оттаму?“. Татко ми беше толку одушевен од јасните библиски докази изнесени на оваа тема што веднаш почна да растура примероци од куќа до куќа. Раздели стотици примероци во нашето село како и во околните места.
Проповеднички експедиции со татко ми
На крајот, татко ми набави автомобил со цел да ги достигнеме луѓето со пораката за Царството и на останатите подрачја. Како ковач, тој повеќе беше навикнат на коњите, затоа јас станав шофер. Во почетокот ноќевавме во хотелите. Набргу тоа ни стана прескапо и почнавме да логоруваме.
Татко ми ќе го наместеше предното седиште како лежај и така јас можев да спијам во колата. За него ќе поставевме малечок шатор. После неколку седмици логорување, ќе се вратевме во Порпунка каде тате повторно ќе ја отвореше својата ковачница. Никогаш не можевме да се начудиме на тоа што секогаш имаше многу муштерии кои ги покриваа трошоците за нашето следно проповедничко патување.
Многу исправно наклонети луѓе поволно реагираа на нашите посети и на крајот прифаќаа домашни библиски студии. Денес постојат седум собранија со свои Царски сали на ова подрачје кое на почеток беше обработувано од нашата малечка група од Порпунка. Навистина, кој смее да го презре „денот на скромните почетоци“? (Захарија 4:10, Ст).
Во 1931 јас и тате возевме речиси 300 километри преку ужасни патишта за да присуствуваме на посебниот конгрес каде го прифативме нашето ново име „Јеховини сведоци“. И двајцата се радувавме на ова единствено, библиско име (Исаија 43:10-12). Тоа нѐ идентификуваше многу појасно за разлика од не толку одреденото „Меѓународни истражувачи на Библијата“ по кое дотогаш бевме познати.
Еден ден, додека сведочев во градот Бетанга, го сретнав месниот свештеник од Англиканската црква. Беше бесен и почна да оди на истите места каде што сме оставиле книги барајќи од луѓето да му ги предадат книгите. После тоа, јавно ги изгоре книгите во центарот на градот. Но ваквата негова презрива постапка набргу му се врати како бумеранг.
Откако ја информирав подружницата на Друштвото што се случи, беше отпечатено отворено писмо со кое се осудуваше постапката на свештеникот. Беа направени подготовки куп Сведоци да го разделат писмото низ целата област. Кога јас и татко ми повторно го посетивме градот, разделивме повеќе книги од претходниот пат. Граѓаните едноставно беа љубопитни да дознаат што содржи „забранетата“ литература!
Првото лице кое ја прегрна библиската вистина во севроисточна Викторија, како резултат на нашето проповедање, беше Милтон Гиб. Помеѓу нашите посети, тој темелно ги проучуваше сите публикации на Друштвото кои ќе му ги оставевме. На една од нашите повторни посети, нѐ изненади кога ни рече: „Јас сега сум ваш ученик“.
Иако бевме среќни со ваквата негова одлука, му објаснив: „Не, Милтон. Ти не можеш да бидеш мој ученик“.
„Добро де, ученик на Ратерфорд [тогашниот претседател на Друштвото Стражарска кула].“
Повторно му укажав: „Не, не можеш да бидеш ниту Ратерфордов ученик, туку, јас се надевам, ученик на Христос“.
Милтон Гиб се покажа токму како едно од многуте скапоцени богатства за кои се трошев со години посетувајќи ги. Тој и двајца негови синови се христијански старешини, а останатите членови од неговото семејство се активни во собранието.
Соочување со различни искушенија
Наспроти забраната која беше поставена над Јеховините сведоци во Австралија од јануари 1941, ние продолживме со проповедањето, користејќи ја само Библијата. Тогаш моето пионирење, односно, полновремената служба, беше прекината кога ме повикаа дома да се грижам за мојот сериозно болен татко. Подоцна и јас се разболев и беше неопходна тешка операција. Заздравувањето траеше доста долго, но јас ја искусив вистинитоста на Божјето ветување: „Нема да те оставам, ниту, пак, ќе те напуштам“ (Евреите 13:5). Ме охрабри една сестра во верата, со зборовите: „Запомни, Фло, ти никогаш не си сама. Ти и Јехова секогаш сочинувате мнозинство“.
Потоа, татко ми влезе во последниот стадиум од болеста кој траеше 13 недели. На 26. јули 1946, ги затвори очите за последен пат. Тој имаше исполнет живот како и небесна надеж (Филипјаните 3:14). Така, на возраст од 51 година, останав сама бидејќи со татко ми го поминав поголемиот дел од својот живот. Потоа го сретнав својот иден сопруг. Се венчавме 1947 и почнавме заедно да пионериме. Но, овој среќен период не траеше долго, бидејќи го погоди инфаркт во 1953 и поради тоа остана инвалид.
Говорот му беше сериозно оштетен и беше речиси невозможно да се разговара со него. Тоа беше најтешкиот момент додека се грижев за него. Умствените напори кои ми требаа за да го разберам кога тој се напрегаше да ми каже нешто, навистина беа големи. Иако живеевме во едно изолирано подрачје каде не постоеше собрание во близина, Јехова не нѐ напушти за време на тие искушувачки години. Секогаш држев чекор со најновите организациски информации, како и со постојано обезбедување со духовна храна со списанијата Стражарска кула и Разбудете се!. На 29. декември 1957, мојот драг сопруг почина.
Службата во Аделејд
Повторно останав сама. Што можев да направам. Ќе бидам ли повторно примена како полновремен слуга после пауза од речиси пет години? Да, бев примена и поради тоа ја продадов куќата и одново почнав со пионерското дело во Аделејд, главниот град на Јужна Австралија. Во тоа време таму беа потребни пионери и јас бев доделена во собранието Проспект.
Бидејќи се плашев да возам низ градскиот сообраќај, го продадов автомобилот и повторно почнав да возам велосипед. Се служев со него сѐ до својата 86. година, па станав позната на подрачјето како „ситната госпоѓа на синиот велосипед“. Со текот на времето, повеќе немав нерви да возам низ сообраќајот; имав впечаток дека предното тркало од велосипедот постојано се клати. Последната капка во веќе преполната чаша капна кога едно попладне се најдов во жива ограда. ‚Ова е крај‘ — си реков, и така повторно почнав да одам пеш.
Пред неколку години, додека бев на еден обласен конгрес, нозете почнаа да ми откажуваат и поради тоа имав две операции на колковите. Одлично закрепнував после операцијата додека едно огромно куче не ме кутна на земи. Поради ова беше потребен додатен третман и сега морав да одам со помагало. Мозокот ми е сѐ уште активен. Како што ми рече еден пријател: „Изгледа дека твоето остарено тело не може да држи чекор со твојот младешки ум“.
Низ годините, видов како собранија во Аделејд растат, се шират и се делат. Во 1983, кога имав 88, заминав од Аделејд за да живеам со едно семејство во Кјабрам, држава Викторија, каде минав десет среќни години. Сѐ уште правам напори да одам во служба на полето; браќата од собранието ќе ме одвезат на посети кај оние кои редовно добиваат списанија преку мене. Овие луѓе љубезно доаѓаат до автомобилот за да можам да разговарам со нив.
Ако се осврнам наназад на моите 98 години живот, со радост можам да се присетам на многу лојални и верни поединци кои заедно со мене го славеа Јехова, особено мојот прекрасен татко. Изгледа дека ги надживеав сите оние верни кои ми беа партнери во пионерската служба. Но, каква радост ме чека кога повторно ќе бидам обединета со оние кои ја споделуваат надежта за награда за живот во Божјето небесно Царство, навистина богатство од непроценлива вредност!
[Слика на страница 28]
Се крстив на 22. април 1919
[Слика на страница 31]
Среќна сум што сѐ уште можам да му служам на Јехова додека се приближувам кон својата 100-та година