Божествената поука триумфира
„Очите твои ќе Го гледаат твојот Учител; ако свртите надесно, ако свртите налево, ушите ваши ќе го слушаат словото, кое говори зад вас — ете го патот, врвете по него!“ (ИСАИЈА 30:20, 21).
1. Зошто може Јеховината подука со право да се нарече божествена поука?
ЈЕХОВА БОГ е Изворот на најдобрата поука што некој може да ја добие. Ако слушаме кога тој говори, особено преку неговата Света Реч, тој ќе биде наш Голем Подучувач (Исаија 30:20, НС). Хебрејскиот библиски текст го нарекува и „Божествениот“ (Псалм 50:1, НС). Затоа, Јеховината подука е божествена поука.
2. Во која смисла е точно дека само Бог е мудар?
2 Светот е горд на многуте свои образовни институции, но ниедна од нив не дава божествена поука. Зашто, сета световна мудрост којашто човештвото ја собрало низ историјата е мала во споредба со божествената подука што се темели на Јеховината бесконечна мудрост. Во Римјаните 16:27 (Стварност) стои дека само Бог е мудар, а тоа е точно во таа смисла што само Јехова поседува апсолутна мудрост.
3. Зошто е Исус Христос најголемиот учител кој некогаш одел по Земјата?
3 Божјиот Син, Исус Христос, е пример на мудрост и тој е најголемиот Учител кој некогаш одел по Земјата. Не е ни чудо! Со векови Јехова бил негов Учител на небесата. Всушност, божествената поука започнала кога Бог почнал да ја подучува својата прва творба, својот единороден Син. Затоа Исус можел да рече: „Како што Ме научи Мојот Отец, така и зборувам“ (Јован 8:28; Изреки 8:22, 30). Христовите сопствени зборови забележани во Библијата, доста го зголемуваат нашето спознание за божествената поука. Кога поучуваат за она што поучувал Исус, помазаните христијани го слушаат нивниот Голем Учител, чија волја е „многуразличната премудрост Божја“ да биде објавена преку собранието (Ефесјаните 3:10, 11; 5:1; Лука 6:40).
Потрагата по мудрост
4. Што било речено за способноста на мозокот?
4 Постигнувањето на мудроста која доаѓа преку божествената поука бара марливо да ја употребуваме нашата од Бог дадена способност за размислување. Ова е можно затоа што човечкиот мозок има огромен потенцијал. Книгата The Incredible Machine (Неверојатната машина), вели: „Дури и најсовршените компјутери кои можеме да си ги замислиме се груби во споредба со скоро бесконечната сложеност и флексибилност на човековиот мозок — особини кои се овозможени преку неговиот комплициран, калибриран систем од електрохемиски сигнали. . . . Милионите сигнали кои болскаат низ твојот мозок во секој момент пренесуваат една извонредно голема количина информации. Тие носат вести за внатрешноста на твоето тело и за надворешната околина: за грчот во прстот на ногата, за аромата на кафето или за смешниот коментар на пријателот. Додека се обработуваат други сигнали и се анализираат информации, тие создаваат одредени емоции, сеќавања, мисли или планови кои водат до некоја одлука. Скоро во ист момент, сигналите од твојот мозок им кажуваат на другите делови од твоето тело што да прават: размрдај го прстот, пиј го кафето, насмеј се или можеби возврати духовито. Во меѓувреме, твојот мозок го надгледува и твоето дишење, крвниот состав, температурата и останатите битни процеси за кои не си свесен. Тој испраќа наредби кои го одржуваат твоето тело стабилно и покрај постојаните промени во околината. Тоа исто така се подготвува за идните потреби“ (страница 326).
5. Што е мудрост во библиската смисла на зборот?
5 Иако човековиот мозок без сомнение има прекрасни способности, како можеме на најдобар начин да го употребиме разумот? Не така што ќе се задлабочиме само во ревносно студирање на некој јазик, историја, наука или компаративна религија. Нашите мисловни способности треба да ги употребуваме првенствено за да добиеме божествена поука. Само тоа доведува до стварна мудрост. Но, што е вистинска мудрост? Во библиска смисла, мудроста го става нагласокот врз здравото расудување кое се темели на точно спознание и вистинско разбирање. Мудроста ни овозможува успешно да го примениме спознанието и разбирањето за да решиме проблеми, да избегнеме или спречиме опасности, да им помогнеме на другите и да постигнеме цели. Занимливо е што Библијата ја става мудроста наспроти безумноста и лудоста — особини кои сигурно сакаме да ги избегнеме (5. Мојсеева 32:6; Изреки 11:29; Проповедник 6:8).
Јеховиниот голем учебник
6. Што мора добро да се употребува ако сакаме да покажуваме вистинска мудрост?
6 Опкружени сме со изобилство на световна мудрост (1. Коринтјаните 3:18, 19). Да, овој свет изобилува со школи и библиотеки кои содржат милиони книги! Многу од нив се учебници кои посредуваат подука за некој јазик, математика, наука и други области на спознанието. Но Величествениот Подучувач се погрижил за учебникот кој ги надминува сите други — неговата инспирирана Реч, Библијата (2. Тимотеј 3:16, 17). Таа е точна не само кога допира такви предмети како што се историја, географија и ботаника туку и кога ја претскажува иднината. Освен тоа, таа ни помага да го водиме најсреќниот и најпродуктивниот живот уште сега. Се разбира, исто како што учениците во световните школи треба да ги користат своите книги така и ние мораме добро да го запознаеме и да го користиме Божјиот величествен Учебник ако сакаме да покажуваме вистинска мудрост како оние кои се „поучени од Јехова“ (Јован 6:45, НС).
7. Зошто би рекол дека интелектуалното познавање на содржината на Библијата не е доволно?
7 Сепак, интелектуалното познавање на Библијата не е исто што и вистинската мудрост и согласноста со божествената поука. За илустрација: Во 17. век н. е., еден католик по име Корнелиј ван дер Стеен сакал да стане језуит, но го одбиле затоа што бил пренизок. Манфред Бартл (Manfred Barthel) во својата книга The Jesuits—History & Legend of the Society of Jesus (Језиутите — историја и легенда за општеството на Исус), вели: „Одборот го известил ван дер Стеен дека биле готови да се откажат од високото барање, но само под услов да научи да ја рецитира напамет целата Библија. Приказнава едвај би била вредна за помен ако ван дер Стеен не се согласил со ова навистина арогантно барање“. Колкав ли напор бил потребен да се запомни целата Библија! Но, секако, далеку поважно е да се разбере Божјата Реч отколку да се запомни.
8. Што ќе ни помогне да имаме корист од божествената поука и да покажуваме вистинска мудрост?
8 Ако сакаме да извлечеме потполна корист од божествената поука и да покажуваме вистинска мудрост, ни треба точно спознание за Светото Писмо. Исто така, мораме да бидеме водени од Јеховиниот свет дух, или активна сила. Тоа ќе ни овозможи да научиме длабоки вистини, „длабините Божји“ (1. Коринтјаните 2:10). Затоа, марливо да го проучуваме Јеховиниот величествен Учебник и да се молиме за негово водство преку светиот дух. Во склад со Изреки 2:1-6, да ѝ обрнеме внимание на мудроста, да го наклониме своето срце по разборот и да тежнееме по разбирање. Ова треба да го правиме како да сме во потрага по скриено богатство, зашто единствено тогаш ќе го ‚разбереме стравот Јеховин и ќе го најдеме вистинското спознание за Бог‘ (НС). Ако разгледаме некои од триумфите и користите од божествената поука, ќе се зголеми нашето ценење за мудроста дадена од Бог.
Напредно разбирање
9, 10. Што рекол Бог, како што е запишано во 1. Мојсеева 3:15 (НС), и кое е исправното разбирање на тие зборови?
9 Божествената поука триумфира така што на Јеховиниот народ му дава напредно разбирање за Библијата. На пример, научивме дека Сатана Ѓаволот бил тој кој зборувал преку змија во Еден и лажно обвинил дека Бог лажел кога рекол дека смртта ќе биде казна ако јадат од забранетиот плод. Меѓутоа, гледаме дека непослушноста спрема Јехова Бог донела смрт над човечкиот род (1. Мојсеева 3:1-6; Римјаните 5:12). Сепак, Бог му дал надеж на човештвото кога ѝ рекол на змијата, а всушност на Сатана: „Ќе ставам непријателство помеѓу тебе и жената и помеѓу твоето семе и нејзиното семе. Тоа ќе ти ја згмечи главата, а ти ќе му ја згмечиш петицата“ (1. Мојсеева 3:15, НС).
10 Тие зборови содржеле една тајна која постепено била откривана преку божествената поука. Јехова го поучил својот народ дека главната тема на Библијата е оправдувањето на неговата сувереност преку Семето, потомок на Авраам и Давид кој го има законското право да владе со Царството (1. Мојсеева 22:15-18; 2. Царства 7:12, 13; Језекиил 21:25-27). Нашиот Величествен Подучувач нѐ поучил дека Исус Христос е примарното Семе на „жената“, Божјата универзална организација (Галатјаните 3:16). И покрај секој испит од страна на Сатана, Исус задржал беспрекорност — дури до смрт, кога на Семето му била згмечена петицата. Исто така научивме дека 144.000 придружени наследници на Царството од човештвото ќе учествуваат со Христос во згмечувањето на главата на Сатана, „древната змија“ (Откровение 14:1-4; 20:2; Римјаните 16:20; Галатјаните 3:29; Ефесјаните 3:4-6). Колку го цениме таквото спознание за Божјата Реч!
Во Божјата прекрасна светлина
11. Зошто може да се рече дека божествената поука триумфира со тоа што ги доведува луѓето во духовна светлина?
11 Божествената поука триумфира така што ги доведува луѓето во духовна светлина. Помазаните христијани го доживеале тоа во исполнение на 1. Петрово 2:9: „Вие сте род избран, царско свештенство, свет народ, луѓе придобиени [луѓе за посебна своина, НС], за да ги возвестите совршенствата на Оној, Кој ве повикал од темнина во Својата чудна светлина“. Денес, на таа од Бог дадена светлина се радува и едно „големо мноштво“ кое ќе живее засекогаш на рајска Земја (Откровение 7:9; Лука 23:43, НС). Додека Бог го поучува својот народ, се обистинува Изреки 4:18: „Патеката на праведните е како болскава светлина, која свети сѐ повеќе и повеќе дури не настане ден“. Овој постепен процес на учење го прочистува нашето разбирање на божествената поука, исто како што учениците напредуваат затоа што наставникот им пружа извонредна помош додека изучуваат граматика, историја или некој друг предмет.
12, 13. Од кои опасности во поглед на науката го заштитила божествената поука Јеховиниот народ?
12 Друг триумф на божествената поука е што оние кои понизно ја примаат ги штити од „демонски науки“ (1. Тимотеј 4:1, НС). Од друга страна, погледни го т. н. христијанство! Во 1878, римокатоличкиот прелат Џон Хенри Њумен напишал: „Бидејќи тогаш имаа доверба во моќта на христијанството да ѝ се спротивстави на заразата на злото и да ги преобрази самите инструменти и обичаи на обожавање на демони во евангелска примена, . . . црквените владетели уште од најрани времиња беа подготвени, штом ќе се појави приликата, да ги усвојат, имитираат или одобрат постоечките ритуали и обичаи на простиот народ, како и филозофијата на образованата класа“. Њумен додал дека сите такви работи, како света водичка, свештенички мантии и ликови, „биле од паганско потекло и посветени со тоа што биле усвоени во Црквата“. Божјиот народ навистина е благодарен што божествената поука ги штити од таквото отпадништво. Таа ги надвива сите облици на демонизам (Дела 19:20).
13 Божествената поука триумфира над религиозните заблуди во секој поглед. Како такви кои се поучени од Бог, на пример, ние не веруваме во тројство, туку признаваме дека Јехова е Највишиот, дека Исус е негов Син и дека светиот дух е Божја активна сила. Не се плашиме од пеколен оган, бидејќи увидуваме дека библискиот пекол претставува општ гроб на човештвото. И додека лажните религионисти велат дека човечката душа е бесмртна, ние знаеме дека мртвите воопшто не се свесни за ништо. Би можеле да наведеме долга листа на вистини до кои сме дошле преку божествената поука. Колкав благослов е да се биде слободен од духовното ропство на Големиот Вавилон, светското царство на лажната религија! (Јован 8:31, 32; Откровение 18:2, 4, 5).
14. Зошто можат Божјите слуги да продолжат да одат во духовна светлина?
14 Бидејќи божествената поука триумфира над религиозните заблуди, таа им овозможува на Божјите слуги да одат во духовна светлина. Всушност, тие зад себе слушаат реч која вели: „Ете го патот, врвете по него!“ (Исаија 30:21). Божјата поука ги штити неговите слуги и од погрешно расудување. Кога „лажни апостоли“ предизвикувале проблеми во собранието во Коринт, апостол Павле напишал: „Оружјето на нашето војување не е телесно, но со помошта Божја е силно да разрушува тврдини; со него ние уништуваме мудрувања, и секое превознесување, што се крева против познавањето на Бога, и поробуваме секој разум, за да Му биде покорен на Христа“ (2. Коринтјаните 10:4, 5; 11:13-15). Расудувањата што се спротивни на божествената поука се совладуваат со помош на подуката која се дава со благост во собранието и со проповедањето на добрата вест на оние однадвор (2. Тимотеј 2:24-26).
Обожавање со дух и вистина
15, 16. Што значи да се обожава Јехова со дух и вистина?
15 Додека делото на проповедање на Царството напредува, божествената поука триумфира така што на кротките им покажува како да го обожаваат Бог „со дух и вистина“. На Јакововиот бунар близу градот Сихар, Исус ѝ рекол на една Самарјанка дека тој можел да даде вода која дава вечен живот. Осврнувајќи се на Самарјаните, додал: „Вие го обожавате она што не го познавате; . . . Доаѓа часот и веќе е, кога вистинските обожаватели ќе го обожаваат Таткото со дух и вистина; зашто навистина, Таткото бара такви за свои обожаватели“ (Јован 4:7-15, 21-23, НС). Тогаш Исус се идентификувал себеси како Месија.
16 Но, како можеме да го обожаваме Бог со дух? Така што вршиме чисто обожавање со благодарни срца кои се исполнети со љубов кон Бог која се темели на точното спознание за неговата Реч. Можеме да го обожаваме со вистина така што ги отфрламе религиозните лаги и ја вршиме божествената волја, како што е откриена во Јеховиниот величествен Учебник.
Триумф над искушенијата и над светот
17. Како би можел да докажеш дека божествената поука им помогнала на Јеховините слуги да се соочат со искушенија?
17 Кога Божјиот народ се соочува со искушенија, божествената поука секогаш одново триумфира. Размисли за следново: На почетокот од II Светска војна, во септември 1939, на Јеховините слуги им бил потребен посебен увид во неговиот величествен Учебник. Од голема помош била една статија во Стражарска кула од 1. ноември 1939 (англ.), која јасно ја прикажала божествената поука по прашањето за христијанска неутралност (Јован 17:16). На сличен начин, во почетокот на 1960-тите, статиите во Стражарска кула во врска со условната подложност на државните ‚претпоставени власти‘ му помогнале на Божјиот народ да ѝ се потчинува на божествената поука кога е соочен со општествени немири (Римјаните 13:1-7; Дела 5:29).
18. Како гледале на расипаната забава оние кои се изјаснувале како христијани во вториот и третиот век н. е., и каква помош пружа божествената поука во тој поглед денес?
18 Божествената поука ни помага да ги победуваме искушенијата, како што е заводливоста на расипаната забава. Забележи што рекле оние кои се изјаснувале како христијани во вториот и третиот век од нашата ера. Тертулијан напишал: „Ние немаме ништо заедничко во говорот, гледањето или слушањето, со лудоста во циркусот, со бесрамноста на театарот и дивјаштвото во арената“. Еден друг писател од тој период прашал: „Што има да бара еден верен христијанин меѓу овие работи кога тој не треба дури ни да размислува за злото? Зошто да наоѓа задоволство во прикажувањето на сладострасност?“ Иако живееле неколку години после христијаните од првиот век, овие писатели ги осудувале расипаните забави. Денес, божествената поука ни дава мудрост да избегнуваме непристојна, неморална и насилна забава.
19. Како ни помага божествената поука да триумфираме над светот?
19 Потчинувањето на божествената поука ни овозможува да триумфираме и над самиот свет. Да, ако го применуваме учењето на нашиот Величествен Подучувач, тоа нѐ прави победници над злите влијанија на овој свет кој лежи во моќта на Сатана (2. Коринтјаните 4:4; 1. Јованово 5:19). Во Ефесјаните 2:1-3 стои дека Бог нѐ оживеал иако сме биле мртви во нашите престапи и гревови кога сме оделе во согласност со владетелот на власта над воздухот. Му благодариме на Јехова што божествената поука ни помага да ги победиме световните желби и духот кој потекнува од неговиот и наш непријател — праизмамникот, Сатана Ѓаволот!
20. Кои прашања заслужуваат натамошно разгледување?
20 Според тоа, јасно е дека божествената поука триумфира на многу начини. Поправо, се чини невозможно да ги наведеме сите нејзини триумфи. Таа влијае врз луѓето по целиот свет. Но што прави таа за тебе? Како влијае божествената поука врз твојот живот?
Што си научил?
◻ Како може да се дефинира вистинската мудрост?
◻ Што откривал Бог постепено во врска со 1. Мојсеева 3:15?
◻ Како триумфирала божествената поука во врска со духовните работи?
◻ Што значи да се обожава Бог со дух и вистина?
◻ Како им помогнала божествената поука на Јеховините слуги да триумфираат над искушенијата и светот?
[Слики на страница 10]
Исус задржал беспрекорност до смрт — кога на Семето му била згмечена петицата