Собирот на светските религии — дали ќе успее?
СТОТИЦИ верски водачи се собрале на вториот Собир на светските религии што се одржа во Чикаго (Илиноис, САД), летото 1993. Застапени беа будизмот, христијанството, хиндуизмот, јудаизмот и исламот. Исто така беа присутни вештици и обожаватели на божици. Тие дискутираа за нивната улога во окончувањето на војните. Претседавачот на Собирот призна дека „две третини од поголемите конфликти во светот денес имаат верски призвук“.
Пред сто години
Дали бил успешен Собирот? Погледни што се случило пред сто години на првиот Собир на светските религии. И тој се одржал во Чикаго во летото 1893, а биле застапени повеќе од 40 религии. Советот за Собирот на светските религии признава дека оние кои присуствувале во 1893 „мислеле дека тоа ќе биде првиот од серија меѓународни меѓуверски собири кои ќе придонесат за разбирање, мир и напредок. Но не беше така. Верската нетолерантност и насилството биле дел од војните во изминативе 100 години, и така е и ден-денес“. Зошто овој неуспех? Затоа што целата замисла на меѓуверство не е одобрена од Бог. Библијата вели: „Не впрегнувајте се заедно со неверниците“ (2. Коринтјаните 6:14-17).
Во согласност со тоа, во септемвриското издание на Zion’s Watch Tower 1893 било нагласено, не без доза на сатира, дека Собирот на светските религии нема библиска основа: „Ископани се голем број прекрасни цилиндри од печена глина од урнатините на Вавилон и други древни градови, но има некои кои сѐ уште не се најдени. . . . Не се пронајдени такви кои кажуваат дека Мојсеј и Исус Навин свикале ‚собир на религии‘ од Моавци и Амонци и Идумејци . . . Не пронашле такви кои зборуваат за издржливиот стар Самоил како испратил порака во Гет и Акарон да дојде пратеништво од свештеници на Дагон во Силом за да одржат конференција со свештениците на Јехова . . . Не пронашле такви кои кажуваат за стариот Илија со кожен ремен како предложил ‚конгрес‘ со свештениците на Ваал и Молох за седмична дискусија за догмите на нивните вери, со изглед да се унапреди меѓусебното почитување за религијата на другиот“.
Божјето Царство — единствената надеж
Собирот на светските религии нема да успее. Весниците и делегатите во врска со Собирот ги користеа изразите „хаос“, „метеж“ и „лудница“. Според еден извештај, дури и полицијата се вмешала за да смири две вознемирувачки ситуации предизвикани од политичките поделби. Во еден документ од 1952, Собирот навел како една од неговите намери: „Да основа траен Светски собир на религии кој ќе соработува со ОБЕДИНЕТИТЕ НАЦИИ за постигнување на светски мир и разбирање помеѓу сите народи“. Спротивно на тоа, Исус рекол дека неговото Царство не е дел од овој свет. Библијата укажува на Божјето Царство како единственото решение за проблемите на човештвото (Даниил 2:44; Јован 18:36).