Се сеќаваш ли?
Дали уживаше во читањето на последните изданија на Стражарска кула? Ако да, сигурно ќе ти биде занимливо да се потсетиш на следново:
▫ Зошто избрале израелските извидувачи да престојуваат во домот на блудницата Раав?
Израелските извидувачи живееле според Божјиот закон, и затоа не преноќевале во Раавиниот дом со неморални намери. Најверојатно оцениле дека, ако престојуваат во домот на една блудница, сигурно би предизвикале помалку сомнеж во градот. Тоа што нејзината куќа била изградена на градските ѕидини овозможувало лесен бег. Но пред сѐ, Јехова ги водел во домот на грешничката чие срце било толку длабоко трогнато од извештаите за Божјето постапување со Израелците што се покајала и го променила начинот на живот (15. 12., страница 24).
▫ Како влијае лутината на нашето здравје?
Истражувањата покажуваат дека лутината продуцира стресни хормони. Честите изливи на гнев можат да предизвикаат нерамнотежа помеѓу заштитните и штетните облици на холестерол, на тој начин изложувајќи нѐ на ризик да оболиме од некое кардиоваскуларно заболување (15. 12., страница 32).
▫ Кои предлози ќе ни помогнат да го зголемиме нашето растурање на списанијата Стражарска кула и Разбудете се!?
Биди заинтересиран за Стражарска кула и Разбудете се!; задржи ја твојата понуда едноставна; биди флексибилен така што ќе подготвиш неколку куси понуди; постави си лична цел (1. 1., страници 24, 25).
▫ Зошто е Мојсеј така одличен теократски пример кој треба да го следиме?
Мојсеј барал Јеховино водство во сите работи. Немал лични амбиции туку бил заинтересиран за Јеховината слава. Имал силна вера и никогаш не заборавил дека Јехова бил вистинскиот Владетел на Израелската нација (15. 1., страница 11).
▫ Кои се некои начини на кои божествената поука триумфира?
Божествената поука триумфира така што на Јеховиниот народ му дава напредно разбирање за вистината. Ги доведува луѓето во духовна светлина и на кротките им покажува како да го обожаваат Бог „со дух и со вистина“ (Јован 4:24). Божествената поука исто така триумфира над искушенијата и над злиот свет (1. 2., страници 10-12).
▫ Кој е клучот за успешно советување?
Клучот е исправно почитување на другото лице и неговото право со него да се однесуваат на еден достоинствен начин. Според тоа, еден христијански советодавец треба да биде љубезен и стабилен, кој го опсипува примателот со достоинство (1. 2., страници 27, 28).
▫ Како дошло до тоа Римокатоличката црква да го прифати Марииното успение како доктрина?
Во првите векови, по Исусовата смрт, идејата за Марииното успение на небото воопшто не постоела во главите на христијаните. Меѓутоа, откако науката за тројство станала официјална црковна наука, на Марија ѝ била придавана сѐ поголема важност. Теоријата за успение не била прифатена како догма сѐ до 1. ноември 1950 кога папата Пио XII објавил: „Ние го дефинираме [успението] како догма откриена од Бог“ (Munificentissimus Deus) (15. 2., страници 26-28).
▫ Што претставувале двете кошници со смокви, добрите и лошите смокви, од Јеремија 24. поглавје?
Добрите смокви ги претставуваат Евреите кои на почетокот биле заробени во Вавилон, од кои еден остаток требало да се врати во Јуда. Лошите смокви го претставувале царот Седекија и оние кои со него се побуниле против царот Навуходоносор и покрај тоа што дале заклетва во Божје име. Слично, во денешно време, остатокот од духовниот Израел е тој кој произведува добри плодови во својот живот наспроти свештенството на т. н. христијанство кое дава гнили плодови (1. 3., страници 14-16).
▫ Кои биле Квартодециманите и зошто се од интерес за денешните христијаните?
По времето на апостолите, постоеле некои кои секоја година на 14. низан ја славеле Господовата вечера, следејќи го апостолскиот образец. Станале познати како „Четиринаесетници“ или Квартодецимани. Ова е важно денес бидејќи покажува дека, дури и по смртта на апостолите, постоеле некои кои на исправен начин го прославувале споменот на Исусовата смрт еднаш годишно, на 14. низан (15. 3., страници 4, 5).
▫ Кој бил Вилијам Вистон?
Тој бил истакнат научник во Англија од 18. век, близок соработник на сер Исак Њутн. Вистон ги превел Христијанските Грчки списи, отворено се спротивставувал на науката за тројство и предавал астрономија и математика. Но, Вистон веројатно останал најзабележан по неговите преводи на делата на еврејскиот историчар Јосиф Флавиј на англиски (15. 3., страници 26-28).
▫ Како бил создаден човекот според Божјиот лик? (1. Мојсеева 1:27).
Човекот бил создаден со способност да ги одразува Божјите извонредни особини — љубов, правда, мудрост и моќ — како и останатите особини (1. 4., страница 25).