Зошто да нѐ интересира религијата?
ВО СЕКОЈ крај на Земјата луѓето се интересираат за религијата. Од друга страна, пак, постојат многумина кои сосема отворено изјавуваат дека религијата не ги интересира. Но, дали размислувале таквите отсекогаш на овој начин?
Всушност, човекот е создаден на таков начин да не е задоволен само со материјалните работи. Луѓето имаат и духовни потреби. Секојдневната егзистенција која се сведува само на задоволување на телесните потреби и повремена рекреација не ги задоволува во потполност најдлабоките потреби на човекот. За разлика од животните, луѓето сакаат да знаат: „Која е смислата на животот?“, или: „Овој краток живот, во кој се случуваат многу убави но и многу грди работи, дали е тоа сѐ?“ Си поставил ли некогаш вакви прашања?
Сепак, многу милиони кои денес живеат пораснале во средина која не дозволувала било каков забележителен интерес за религијата. Таквото влијание можело да потекнува од нивните родители, од наставниците, соучениците, па дури и од владата.
Скалабрино, еден млад човек од Албанија, објаснил дека под комунистичката влада луѓето биле поучувани дека Бог не постои. Не само тоа туку било опасно дури и да зборуваат за религијата зашто, во спротивно, можеле да завршат в затвор. Сепак, во 1991, додека се наоѓал во Швајцарија како бегалец, добил можност да ја проучува Библијата. Тој прифатил. Зошто?
Па, во Албанија слушнал дека постои некаква книга Библија, но всушност не знаел ништо за неа. Според тоа, она што на почетокот го поттикнало можеби не била желбата да ја разбере Библијата. Иако му било речено дека ќе истражува за Божјата намера со човештвото и Земјата, тој го сметал тоа како можност подобро да го научи месниот јазик. Меѓутоа, бргу осознал дека со она што го дознал ги задоволил своите најдлабоки духовни копнежи. Почувствувал топлина во срцето кога дознал за Божјите ветувања за еден нов свет во кој ќе преовладува мир, свет во кој луѓето ќе можат вечно да живеат и да се радуваат на изобилство од сѐ што е потребно за живот. Уште повеќе се заинтересирал кога дознал дека и тој и неговото семејство можат да бидат дел од новиот свет. Не можејќи да ја задржи добрата вест само за себе, им телефонирал на своите во Албанија за да го сподели тоа со нив.
И Алексеј, кој живее во Русија, бил изненаден од влијанието што може да го има точното спознание од Библијата врз човечкиот живот. Скршен од проблеми, а неспособен да изнајде задоволувачко објаснение за целта на животот, сакал да се самоубие. Но, пред да стори такво нешто заминал во Финска кај еден свој пријател. Патем, во возот разговарал со сопатниците за своите проблеми. Една од нив била Јеховин сведок која го поттикнала да ја проучува Библијата затоа што таа дава решение за таквите проблеми. Алексеј бил скептичен. На враќање, доживеал слично искуство. Овој пат една друга жена Сведок отворено му рекла дека и таа имала слични проблеми но дека Библијата ѝ помогнала да ги надвладее. И таа го охрабрила да ја истражи Библијата. Кога си дошол дома, заѕвонил телефонот. Тоа била една друга пријателка која проучувала со Јеховините сведоци и затоа била многу среќна. Алексеј почнал да размислува дека Библијата можеби навистина може да му го даде она што му е потребно, но знаел дека не би можел да ја разбере без помош. Се согласил на редовна домашна библиска студија со Јеховините сведоци и почнал да оди на нивните состаноци. Не му требало многу време да сфати зошто оние кои своите животи ги обликуваат според она што Библијата го учи се толку среќни иако и тие се соочуваат со проблеми кои се вообичаени за човештвото.
Познавајќи ја човековата градба, Исус Христос навел: „Не само од леб ќе живее човекот“ (Матеј 4:4). Исто така рекол: „Среќни се оние кои се свесни за своите духовни потреби“ (Матеј 5:3, НС). Нивната среќа доаѓа оттаму што тие се потполно свесни за тие потреби, преземаат исправни чекори за да ги задоволат и примаат Божји благослов. Меѓутоа, нашите духовни потреби не се задоволени само со тоа што ќе се приклучиме на некоја црква или ќе присуствуваме на некаква религиозна служба. Религија која има многу ритуали може некому да му е допадлива, но дали таквата овозможува реални решенија за животните проблеми? Иако религијата застапува извесни здрави темелни правила, ако таа не успева да даде вистински одговори за стварната цел во животот, дали ќе ги задоволи твоите духовни потреби? Или, што е уште поважно, дали практикувањето на таквата религија води до добар однос со Бог? Без такво нешто нема вистинско задоволство.
Во врска со ова, многу луѓе трагаат по нешто што сѐ уште не го пронашле.
[Слика на страница 3]
Дали ќе ги задоволиш во потполност твоите духовни потреби само ако одиш во црква?
[Слика на страница 4]
Многумина откриле дека нивниот живот добил поинаква смисла кога ја разбрале Библијата