Објавителите на Царството известуваат
„Противете се на Ѓаволот, и тој ќе побегне од вас!“
ВО ПРВИОТ ВЕК, група приврзаници кон ‚магиите‘, од Ефес, реагирале на христијанската порака така што јавно ги изгореле своите маѓеснички книги (Дела 19:19). Пресметаната вредност на овие книги била 50.000 сребреници. Ако библискиот извештај зборува за денарии, римски сребрени ковани монети, износот би бил најмалку 37.000 американски долари!
Денес постојат многу луѓе кои некогаш имале литература што се занимава со окултни работи, но покажале решителност слична на решителноста на древните ефесјани. Разгледај го следново искуство од Канада.
Пред околу пет години, една жена Јеховин сведок проповедала од куќа до куќа кога на една врата некоја жена, која се викала Нора, буквално ја вовлекла внатре. Низ долгите години духовно трагање, Нора собрала стотици религиозни и спиритистички книги, но сакала да знае што има да каже Библијата за надежта за мртвите. Жената Сведок ѝ го понудила трактатот Дали постои надеж за нашите мртви? Прашањето на Нора било одговорено и таа прифатила претплата на списанијата Стражарска кула и Разбудете се!
Подоцна се преселила и го изгубила контактот со Јеховините сведоци. Меѓутоа, и понатаму ги добивала списанијата по пошта на својата нова адреса. Исто така, нарачала некои од публикациите темелени на Библијата, што биле споменати во списанијата. По некое време, на нејзината врата дошла друга жена Јеховин сведок. Импресионирана од тоа што таа ѝ одговарала на прашањата директно од Библијата, Нора била љубезна спрема неа и ја поканила повторно да дојде заради натамошна дискусија.
Жената Сведок, меѓутоа, не можела повторно да стапи во контакт со Нора. Навраќала во различно време во денот и во седмицата, но без успех. Сепак, со текот на времето, нејзината истрајност се исплатила и таа пожнеала добри резултати. Започнале со библиска студија која, на инсистирање на Нора, честопати се одржувала и по три пати неделно. Работите што ги учела ја мотивирале да им зборува на пријателите и на членовите на семејството, што довело до тоа тројца од нив да побараат библиска студија со Јеховините сведоци.
Преку својата студија, Нора сфатила дека постојат многу лажни религии и лажни пророци, но само еден пат што води кон живот. Со години барала одговор на своите прашања во лажни религии, но откако дознала што вели Библијата за демоните, постапила како древните ефесјани споменати во Дела 19:19. Ја исчистила својата библиотека и, за неколку дена, уништила повеќе од илјада книги кои се занимавале со окултни и лажни религиозни науки. Меѓу уништените публикации се наоѓал и еден комплет од четири книги, што вредел повеќе од 800 долари!
Очигледно незадоволни од постапките на Нора, демоните ја напаѓале околу две седмици. Меѓутоа, овие зли духови не можеле да ја спречат да продолжи со својата библиска студија и со дружењето со Јеховината современа организација.
Ваквите искуства добро ја илустрираат вистинитоста на библиските зборови: „Покорете Му се на Бога; а противете се на ѓаволот, и тој ќе побегне од вас!“ (Јаков 4:7).