Јеховините сведоци ширум светот — Замбија
ШИРОКИ, брановидни полиња на врвот на едно пространо плато́, високо 1.200 метри — тоа е Замбија, земја во срцето на јужна Африка. На североисток, планините Мучинга се издигаат до 2.100 метри. Силната река Замбези, која спектакуларно грми преку светски познатите Викториини водопади, го сочинува поголемиот дел од јужната граница на оваа континентална земја. Постои голема разноликост помеѓу луѓето, со преку 70 различни етнички групи. Овде се зборуваат осум главни јазици, но постојат и уште многу други.
Во 1911 година, во Замбија почнал да се формира и да се шири еден поинаков јазик. Посетителите донеле примероци на Studies in the Scriptures (Студии на Писмото) и, оттогаш наваму, Јеховините сведоци настојуваат да го шират ‚чистиот јазик‘ на библиската вистина во Замбија (Софонија 3:9, НС). Особено предизвикувачки се небиблиските верувања за состојбата на мртвите. Кога луѓето ја дознаваат вистината и кога согледуваат како суеверијата ги заробиле, ефектот е: ослободување! (Јован 8:32).
На пример, една верна сестра известува: „Кога вујко ми ненадејно умре, мајка ми, непоколеблив член на Обединетата црква на Замбија, беше збунета. По еднонеделниот погребен ритуал, се вратив во селото за да видам како се снаоѓа. Кога дојдов, во куќата затеков еден постар човек, а кога тој си замина, ја прашав баба ми кој беше тоа. Рече дека тој бил врач. Мајка ми имала намера да го изнајми за да ја одмазди смртта на нејзиниот брат, за да може неговата душа да се одмори. Таа веруваше дека моментално душата ‚само лута наоколу‘, како што објасни.
Понатаму баба ми објасни дека мојата посета претставува благослов бидејќи семејството барало пари за да му плати на врачот. Таа ме замоли да приложам, но јас тактично објаснив дека, како христијанин, не можам да имам удел во тоа. Ѝ образложив со Псалм 145:4, кој покажува дека мртвите не размислуваат — па, според тоа, не постои душа која ‚лута‘. Исто така го разгледавме стихот од Римјаните 12:19, кој укажува дека одмаздата му припаѓа на Јехова, а не нам. Потоа, ѝ зборував на мајка ми за надежта во воскресение за која зборувал Исус, како што е забележано во Јован 5:28, 29. Таа беше импресионирана од мојата цврста вера во Божјите ветувања. Наскоро почна да проучува со еден Сведок и брзо напредуваше. Ги прекина сите врски со поранешната религија и го симболизира своето предание на Бог со крштевање. Сега таа е Јеховин сведок“.
Една друга сестра известува: „Бев на погребот на вујна ми. По пристигнувањето, ги најдов вујко ми и братучетка ми како умираат од глад. Немаа јадено ништо од денот кога вујна ми умре. Кога прашав зошто, ми одговорија дека според традицијата не смеат да палат оган за готвење. Се понудив да готвам, но некои членови на семејството се плашеа дека ако го прекршам овој пагански обичај, сите би полуделе!
Објаснив дека, како Јеховин сведок, го почитувам она што го вели Библијата во 3. Мојсеева 18:30 и дека не ги следам небиблиските традиции. Тогаш им ја покажав брошурата Духовите на мртвите. Потоа напнатоста се смири, а јас почнав да готвам јадење за вујко ми и за останатите луѓе. Роднините на покојната беа трогнати од мојата храброст и се согласија да ја проучуваат Библијата. Тие се веќе некрстени објавители и целото семејство се надева наскоро да се крсти“.
Колку сме радосни кога чистиот јазик на вистината ја соборува збрката од религиозни лаги, особено оние цврсто утврдени расудувања кои ги заробуваат невините луѓе! Со Јеховин благослов, чистиот јазик се шири и во Замбија, исто како што е веќе раширен по целата Земја (2. Коринтјаните 10:4).
[Рамка на страница 9]
ИЗВЕШТАЈ ОД ЗЕМЈАТА
за 1994 службена година
НАЈВИСОК БРОЈ НА ОБЈАВИТЕЛИ: 82.926
ОДНОС: 1 Сведок на 107
ПРИСУТНИ НА СПОМЕНОТ: 363.372
ПРОСЕК НА ОБЈАВИТЕЛИ КОИ СЕ ПИОНЕРИ: 10.713
ПРОСЕК НА БИБЛИСКИ СТУДИИ: 108.948
БРОЈ НА КРСТЕНИ: 3.552
БРОЈ НА СОБРАНИЈА: 2.027
ПОДРУЖНИЦА: ЛУСАКА
[Слика на страница 9]
Објектите на подружницата на Стражарска кула во предградието на Лусака
[Слика на страница 9]
Проповедање во Шимабала, јужно од Лусака