Планина што „се движи“
ВО ЗАПАДНИОТ дел од Ирска, извонредниот конусен облик на Кро Патрик се издигнува над околните планини. Секоја година, во последниот неделен ден од месец јули, се чини дека врвот на планината се движи кога 30.000 луѓе, и млади и стари, се искачуваат на врвот (765 метри) одејќи на годишно поклонение.
На овој ден поклониците се искачуваат и се симнуваат по една тесна, нерамна и на некои места опасна патека. Всушност, последната нагорнина (приближно 300 метри) е многу стрмна и речиси целата се состои од разнишани карпи, поради што качувањето е опасно и напорно.
Некои се искачуваат боси, а други поминуваат одредени делови дури и ползејќи на колена. Во минатото, поклонението започнувало длабоко во ноќта.
Зошто Кро Патрик претставува важно искуство за многумина?
Одамна утврдено место за поклонение
Во почетокот на петтиот век од нашата ера, Римокатоличката црква го испратила Патрик како мисионерски бискуп во Ирска. Неговата главна цел била да ги преобрати Ирците кон христијанството, а за време на годините на проповедање и работа меѓу луѓето, на Патрик му се припишува и поставувањето на темелот на тамошната Католичка црква.
Неговото дело го одвело на многу места низ земјата. Едно од тие места бил западниот дел од Ирска каде што, според некои извори, поминал 40 денови и ноќи на врвот на планината што била наречена според него — Кро Патрик (што значи „Брдото на Патрик“). Таму постел и се молел за успехот на својата мисија.
Низ годините се појавиле многу легенди во врска со неговите подвизи. Една од најпознатите е дека, додека бил на планината, Патрик ги отстранил сите змии од Ирска.
Според традицијата, се тврди дека изградил една мала црква на врвот. Иако таа градба веќе одамна не постои, првобитните темели сѐ уште постојат, а тоа место, како и планината, веќе многу години е место за поклонение.
Обележја на поклонението
За некој кој е во поодминати години или кој не е навикнат на качување по планина, самото искачување по брдото од 5 километри и безбедното симнување, претставува значаен успех.
На критичните места од патот има тимови за итни интервенции, кои се спремни да интервенираат при разни повреди.
Има три места, односно станици на патот, каде што поклониците прикажуваат различни изведби на каење. Тие се целосно објаснети на огласната табла што е поставена на почетокот на нагорнината. (Види рамка.)
Зошто се искачуваат?
Зошто толку многу луѓе го прават ова напорно поклонение? Зошто одат во такви крајности кога се искачуваат?
Некои веруваат дека ако се молат за време на поклонението, поверојатно е дека нивните молитви за лично добро ќе бидат сослушани. Други го прават тоа затоа што сакаат да добијат простување за некое злодело. За трети, пак, тоа е начин да искажат благодарност. Се разбира, многумина одат и поради друштвените аспекти на поклонението. Еден авторитет забележал дека тоа е ‚израз на духот на заедништво и на меѓусебната љубов‘. Тој рекол дека и самото искачување по Кро Патрик „е начин на кој тие ги следат стапките на Св. Патрик и на кој ја признаваат неговата заслуга за верата што ја имаат“. Тој додал дека, што е уште поважно, искачувањето е „еден вид окајување поради тоа што физичкиот напор што се вложува е вистинска изведба на покајување. Бавното искачување до врвот претставува продолжен чин на каење“.
Еден човек гордо изјавил дека се искачил 25 пати! Тој вели дека го сторил тоа „за да се окае“! Друг човек едноставно изјавил: „Без мака нема добивка!“
Иако не е неопходно, многумина се искачуваат по планината боси. Зошто го прават тоа? Како прво, тие сметаат дека тоа земјиште е „свето“ и затоа ги собуваат чевлите. Второ, тоа е во согласност со нивната цел ‚да се окаат‘. Тоа исто така објаснува зошто некои ползат на колена додека не дојдат до станиците.
Поттикнати да го цениме Творецот
Но, што ако некој не ги дели религиозните чувства на поклониците кои се искачуваат само на некој посебен ден? При добри временски услови и со јаки чевли, на планината е можно искачување во секое време. Ние не се качуваме на денот кога се искачува една подвижна маса поклоници. За време на нашите чести паузи за одмор, можевме да размислуваме за самото искачување и за ефектот што го постигнува кај многумина. Кога помисливме на илјадниците поклоници кои напорно се искачуваат и покажуваат различни изведби на окајување, бевме поттикнати да се запрашаме: ‚Дали Бог го бара тоа? Дали ритуалот на искачување или одење околу извесни споменици додека постојано се рецитираат исти молитви, навистина доведува некого поблиску до Бог?‘ Што е со Исусовиот совет во врска со повторувањето на молитвите, даден во Матеј 6:6, 7?
Се разбира, ние не се искачувавме по планината за да доживееме некакво религиозно искуство. Па сепак, се почувствувавме поблиску до нашиот Творец затоа што можевме да го цениме неговото творештво — планините што се протегаат насекаде се дел од чудата на Земјата. Од врвот можевме да уживаме во непречениот поглед на прекрасниот предел, дури и да видиме каде се сретнуваат копното и крајбрежјето на Атлантскиот Океан. На едната страна беа малите островчиња што трепереа во заливот под нас, а на другата страна, во остра спротивност со нив, се простираше нерамниот и пуст планински предел.
Помисливме на трите станици. Во мислите ни дојдоа Исусовите зборови кога им рекол на своите вистински следбеници: „Кога се молите, не говорете многу како незнабошците, зашто тие мислат дека за своите многу зборови ќе бидат услишени“ (Матеј 6:7).
Сфативме дека планината станала дел од една традиција која обврзува илјадници луѓе на тегобен ритуал. Увидовме колку само се разликува тоа од слободата за која зборувал апостол Јован кога рекол: „Ги пазиме заповедите Негови [Божји]. А Неговите заповеди не се тешки“ (1. Јованово 5:3).
Уживавме во нашата прошетка, во која спаѓа и искачувањето по Кро Патрик. Таа нѐ поттикна да гледаме со нетрпение на времето кога целото човештво ќе биде ослободено од небиблиските традиции и ќе може да го обожава „со дух и со вистина“ љубезниот Творец на Земјата (Јован 4:24).
[Рамка на страница 27]
Главни обележја на поклонението
Секој поклоник што се качува по планината на денот Св. Патрик или, пак, во периодот од осум дена после тој ден, како и во кое било друго време од месеците јуни, јули, август и септември, и СЕ МОЛИ ВНАТРЕ ИЛИ ВО БЛИЗИНА НА КАПЕЛАТА за намерите на Папата, може да добие потполно простување, под услов да оди на Исповедање или на Света причесна на Врвот, или во кое било друго време во текот на седмицата.
ТРАДИЦИОНАЛНИ СТАНИЦИ
Има три „станици“: 1) На подножјето на конусот, или Лиахт Бенон; 2) На врвот; 3) Ролиг Муре, на извесна оддалеченост под онаа страна на планината каде што се наоѓа [градот] Ликанвеј.
I станица — ЛИАХТ БЕНОН
Поклоникот кружи седум пати околу еден насип од камења, кажувајќи 7 Оченаши, 7 Здраво Марии и едно Кредо.
II станица — ВРВОТ
а)Поклоникот клекнува и кажува 7 Оченаши, 7 Здраво Марии и едно Кредо
б)Поклоникот се моли во близина на Капелата за намерите на Папата
в)Поклоникот кружи 15 пати околу Капелата, кажувајќи 15 Оченаши, 15 Здраво Марии и едно Кредо
г)Поклоникот кружи 7 пати околу Лиаба Фориг [Креветот на Патрик], кажувајќи 7 Оченаши, 7 Здраво Марии и едно Кредо
III станица — РОЛИГ МУРЕ
Поклоникот кружи 7 пати околу секој насип од камења, а на секој насип [има три], кажува 7 Оченаши, 7 Здраво Марии и едно Кредо и на крајот, додека се моли, кружи седумпати околу целото заградено земјиште на Ролиг Муре.