Кога ја читаат и каква корист имаат
Рано наутро
Еден брачен пар, од кој и двајцата работат надвор од својот дом, решиле секое утро да стануваат само по десет минути порано и времето пред да излетаат од куќата да го користат за заедничко читање на Библијата. Она што ќе го прочитаат им дава темел за здрава конверзација по излегувањето од дома.
Еден старешина од Нигерија ја користи програмата од Теократската школа за проповедање како темел за семејното читање на Библијата во своето домаќинство. Секојдневно, обично наутро, читаат по еден дел од неа, откако ќе го разгледаат дневниот стих. Децата се замолени да се менуваат во читањето на некои од зададените делови од Библијата. Потоа се поттикнати да поставуваат прашања за стиховите кои биле прочитани.
Една домаќинка од Јапонија, од 1985 наваму ја чита целата Библија по еднаш годишно. Нејзината програма е да чита по 20 до 30 минути секој ден, почнувајќи во 5.00 часот. Во врска со користа од тоа, таа вели: „Мојата вера се зајакна. Ми помага да заборавам на мојата болест и да се сконцентрирам на надежта за Рајот“.
Една сестра која била пионер 30 години, а чиј сопруг не е Сведок, секое утро станува во пет часот за да чита од Библијата. Нејзината програма на читање се состои од околу четири страници од Хебрејските списи, едно поглавје од Христијанските грчки списи и еден стих од Изреките. Уште од 1959, еднаш годишно ја прочитува целата Библија. Таа вели: „Како резултат на моето читање, се чувствувам сакана од Јехова . . . Добивам охрабрување, утеха и поправање“. Понатаму додава: „Читањето на Библијата е исто како Јехова секојдневно да ме враќа во пролетта на мојот живот“.
Исто така, една друга сестра која ја запознала вистината во земја каде што делото на Јеховините сведоци било под забрана, има сопруг кој се противел на нејзините верувања. Таа е во можност да ја чита Библијата од понеделник до петок, помеѓу 6.00 и 7.00 часот наутро. Тоа ѝ дало внатрешна јачина. Размислувајќи за тоа како читањето на Библијата влијаело врз неа, таа вели: „Се учиме да ги сакаме Јехова и Исус и да живееме среќно, дури и со проблеми и тешкотии, знаејќи дека Јеховините ветувања не промашуваат“.
Една сестра која ја посетила Школата за пионерска служба, била решена да постапува во склад со советот кој бил даден таму — читањето на Библијата да се направи секојдневна навика. Отпрвин, била во можност да го прави тоа помеѓу 5.00 и 6.00 часот. Кога промената на работното место почнало да ја спречува во тоа, терминот за читање го префрлила помеѓу 9.00 и 10.00 часот. А кога се појавиле други предизвикувачки ситуации, таа вели: „Продолжив да го прилагодувам распоредот според околностите“.
Подоцна во денот:
Две телесни сестри, членови на бразилското бетелско семејство, имаат навика заедно да ја читаат Библијата, по 20-тина минути секој ден, после ручекот. Целата Библија ја прочитале околу 25 пати; па сепак, пишуваат: „Секогаш наоѓаме нешто ново, и така читањето на Библијата никогаш не станува монотоно“.
Една немажена сестра од Јапонија, иако е одгледана како Сведок, сватила дека не го познава добро Писмото; кога станала пионер, решила редовно да ја чита Библијата. Сега, читањето за Теократската школа за проповедање го врши еден ден во неделата додека патува во болницата на терапија. Подоцна, кога ќе си дојде дома, додатно истражува. Кон крајот на неделата, ја чита понатаму Библијата, избирајќи книги според редоследот по кој биле пишувани.
Еден 13-годишник, кој веќе трипати ја прочитал целата Библија, моментално чита по едно поглавје секој ден, кога ќе си дојде дома од училиште. Ова, вели тој, му помогнало „да чувствува поголема љубов кон Јехова“.
Еден Сведок кој има многу исполнет план како вработен човек, старешина, сопруг и татко, ја слуша Библијата на аудиокасети додека патува на работа со воз. Потоа, дома лично го чита истиот материјал.
Покрај нејзиното лично читање, една пионерка од Франција ја слуша Библијата на аудиокасети кога приготвува јадење, кога вози, кога поминува низ тешки периоди или, едноставно, го прави тоа од задоволство.
Еден 21-годишен пионер од Јапонија се присетува дека неговата мајка барала од него секој ден духовно да се храни, па така тој ја читал Библијата, иако не секогаш во исто време бидејќи имал само три години. Откако ќе го прочитал делот кој си го одбрал за тој ден, повторно ги читал клучните стихови, а потоа си одвојувал по неколку минути за да си го повтори во себе она што го прочитал.
Една друга сестра, пионер, ја прочитала целата Библија околу десет пати во изминатите 12 години. Нејзиниот сопруг е неверник, па така таа го распоредува читањето за попладневните часови.
Навечер:
Еден старешина и општ пионер од Јапонија, во изминатите осум години ја чита Библијата секоја вечер пред да оди в кревет. Тој вели: „Особено ми се допаѓаат стиховите кои покажуваат како размислува Јехова, што чувствува за некои работи и како постапува во одредени ситуации. Размислувајќи за овие делови од Писмото, ми беше помогнато Јеховиниот начин на размислување да го направам свој начин на размислување и да им помагам на моите христијански браќа и сестри, како и на членовите од моето семејство“.
Еден старешина од Франција, уште од 1979 година ја чита Библијата секоја вечер по еден час. Честопати пред себе има отворено по пет или шест преводи, заради споредување. Вели дека неговото внимателно читање му помогнало да распознае „како да го примени библиското спознание во секојдневните ситуации“. Тоа исто така го оспособило да биде и поефикасен кога дава совет од Писмото.
Во изминатите 28 години, еден брат од Нигерија си создал навика да го чита навечер библискиот стих од брошурата Секојдневно разгледување на Писмото, што треба да се обработи следното утро. Воедно, го чита и целото поглавје во Библијата, од кое е земен стихот. Откако се оженил, продолжил со оваа навика, да чита и да дискутира за материјалот со својата сопруга.
Една тинејџерка чии родители не се Сведоци, си создала навика секоја вечер пред спиење да чита по пет до десет минути. Тоа се драгоцени минути за неа и таа се моли пред и после читањето. Нејзината цел е да ја запознае пораката што Јехова му ја упатил на секој библиски писател да ја запише.
Еден оженет брат, кој е во бетелска служба, вели дека во изминатите осум години ја читал Библијата по еднаш годишно. Тој чита по 20 до 30 минути пред да си легне. Дури и кога е премногу уморен, забележал дека не може да заспие ако оди в кревет без да прочита нешто од Библијата. Мора да стане и да ја задоволи таа духовна потреба.