Божествена покорност во религиозно разделено семејство
„БОЛИ многу повеќе од која и да било телесна повреда . . . Се чувствувам како да имам модрини по целото тело, а сепак никој не може да ги види.“ „Понекогаш ми иде да раскрстам со животот . . . или да побегнам и никогаш да не се вратам.“ „Понекогаш е тешко да се размислува трезвено.“
Ваквите зборови, полни со емоции, откриваат чувства на очај и осаменост. Тие доаѓаат од жртвите на вербално малтретирање — обвинувања, закани, нарекување со понижувачки имиња, потполно игнорирање — па дури и физичко малтретирање од брачниот другар и од членовите на семејството. Зошто се постапува толку лошо со овие луѓе? Едноставно, поради различните религиозни верувања. Под вакви околности, животот во религиозно разделено семејство го прави обожавањето на Јехова вистински предизвик. Сепак, многумина христијани кои се малтретирани на овој начин, успешно покажуваат божествена покорност.
За среќа, вакво измачување и стрес нема во сите религиозно разделени домови. Сепак, тоа постои. Дали твојот дом одговара на овој опис? Тогаш, можеби ти паѓа тешко да задржиш респект кон својот брачен другар или кон твоите родители. Ако си сопруга во таква ситуација или дете во една таква околина, како ќе успееш во покажувањето на божествена покорност во религиозно разделен дом? Каква поддршка можат да дадат другите? И како гледа Бог на таа ситуација?
Зошто е толку тешко да се биде покорен?
Саможивоста и неблагодарноста на светот, заедно со твоите сопствени несовршени склоности, вршат влијание врз тебе, а божествената покорност ја претвораат во постојана борба. Сатана го знае ова и неговата цел е да ти го скрши духот. Тој честопати користи членови на семејството кои имаат мало или немаат никакво ценење и респект за божествените мерила. Честопати твоите возвишени духовни и морални вредности прилично се разликуваат од оние на твоето семејство кое не е во верата. Ова значи спротивни гледишта во врска со однесувањето и делувањето (1. Петрово 4:4). Поради тоа што си ја послушал заповедта: „Не учествувајте во бесплодните дела на темнината“, притисокот да скршнеш од придржувањето кон христијанските мерила може да биде мошне силен (Ефесјаните 5:11). Во нивни очи, сѐ што правиш ти повеќе не е добро. Сето тоа се должи на твојата религија. Кога на една мајка ѝ се разболеле децата, побарала помош од својот сопруг, а тој саркастично ѝ одговорил: „Ти имаш време за твојата религија; тебе не ти треба помош“. Ваквите коментари го зголемуваат предизвикот да се биде покорен.
Потоа, има моменти кога можеби не се согласуваш со работи кои директно не го повредуваат Писмото. Сепак, сфаќаш дека си дел од семејството и дека до одредена граница имаш некакви обврски. „Многу се разжалостувам кога ќе помислам на тоа како татко ми се однесува со нас бидејќи сфаќам дека се чувствува осамен“, вели Кони. „Често треба да се потсетувам на тоа да не бидам огорчена поради неговото противење. Треба да си кажам дека постои јака причина зошто тој реагира непријателски и зошто го отфрла нашиот став. Сатана е владетелот на овој систем на ствари.“ Сузан, омажена за еден неверник, доверливо изјавува: „На почетокот сакав да се разделам од мојот сопруг — но повеќе не сакам. Знам дека Сатана го користеше него за да ме испита“.
Сатановите настојувања да направи да се чувствуваш безвредно може да изгледаат скоро непопустливи. Може да поминат денови без комуникација со твојот брачен другар. Животот може да стане многу осамен. Ова ги нагризува самодовербата и самопочитувањето и ја испитува твојата божествена покорност. Децата исто така ја чувствуваат емоционалната и физичката истоштеност. Во еден случај, иако нивните родители се противеле, тројца млади слуги на Бог верно ги посетувале христијанските состаноци. Едната од нив, сега полновремен слуга, признала: „Се чувствувавме умртвени и истоштени; не можевме да спиеме; срцата ни беа скршени“.
Што очекува Бог од тебе?
Покорноста на Бог секогаш доаѓа на прво место, а релативната покорност на главата на семејството мора секогаш да биде онаква како што наложува Јехова (Дела 5:29). Тоа може да биде тешко, но сепак е можно. Продолжи да бараш помош од Бог. Тој сака да ‚го обожаваш со дух и вистина‘ и да го слушаш и да се подложуваш на неговото водство (Јован 4:24, НС). Додека спознанието од Божјата Реч го исполнува праведното срце, тоа поттикнува на спремна покорност. Иако твоите лични околности можат да се променат, ниту Јехова ниту неговата Реч се менуваат (Малахија 3:6; Јаков 1:17). Јехова му го доделил поглаварството на сопругот. Тоа останува така било тој да го прифаќа поглаварството на Христос или не (1. Коринтјаните 11:3). Иако ова може да биде нешто со кое тешко се живее ако си соочен со постојано малтретирање и понижување, ученикот Јаков вели: „А мудроста, што иде одозгора, е . . . покорна“ (Јаков 3:17). За недвосмислено да се признае и да се прифати ова поглаварство, потребно е да се има Божјиот дух, особено неговиот плод љубовта (Галатјаните 5:22, 23).
Кога сакаш некого, многу полесно е да покажеш божествена покорност кон авторитетот поставен од Бог. Ефесјаните 5:33 советува: „Секој од вас да си ја сака жената своја, како што се сака самиот себе, а жената да се бои од мажот свој“.
Размисли за Исус. Тој бил вербално и физички малтретиран, па сепак, никогаш никого не клеветел. Зачувал беспрекорна репутација (1. Петрово 2:22, 23). За да поднесе такви тешки навреди, на Исус му била потребна огромна храброст и непопустлива љубов кон неговиот Татко, Јехова. А, љубовта „сѐ претрпува“ (1. Коринтјаните 13:4-8).
Павле го потсетил својот соработник Тимотеј, а нѐ потсетува и нас денес: „Зашто Бог не ни го даде духот на стравот, туку духот на силата, љубовта и трезвеноста“ (2. Тимотеј 1:7). Длабоката љубов кон Јехова и кон Исус Христос можат да те поттикнат на божествена покорност и тогаш кога ситуацијата изгледа неиздржлива. Трезвеноста ќе ти помогне да задржиш урамнотежено гледиште и да се сосредоточиш на твојот однос со Јехова и со Исус Христос. (Спореди Филипјаните 3:8-11.)
Брачни другари кои успеваат во покажувањето на покорност
Понекогаш мора да чекаш долго време за да видиш како Јехова ќе се погрижи за твоите проблеми. Но сепак, неговата рака никогаш не е кратка. „Секогаш прави го она што Јехова ти дава право и предност да го правиш — да го обожаваш на состаноците и конгресите, да проучуваш, да одиш во служба и да се молиш“, советува една жена која е успешна во покажувањето на божествена покорност. Јехова ги благословува и твоите напори, а не само твоите постигнувања. Во 2. Коринтјаните 4:17, апостол Павле рекол дека ‚страдањата се моментални, но ни донесуваат слава која е вечна‘. Размислувај за ова. Тоа ќе биде стабилизирачки фактор за тебе. Една жена резонира: „Мојот семеен живот не се подобрува и понекогаш се прашувам дали Јехова е задоволен со мене. Но едно нешто на кое гледам како на негов благослов е фактот што јас подобро излегувам на крај со овие тешки околности отколку мојот сопруг. Кога знаеме дека нашите постапки го радуваат Јехова, тоа ја прави целата борба достојна за труд“.
Јехова ветува дека нема да дозволи да поминуваш низ ситуации кои се над она што можеш да го издржиш. Верувај му. Тој знае подобро од тебе и те познава подобро отколку што се познаваш ти самиот (Римјаните 8:35-39; 11:33; 1. Коринтјаните 10:13). Молитвата до Јехова помага во тешките околности. Моли неговиот дух да те води, особено кога не знаеш по кој пат да тргнеш или како да постапуваш во одредена ситуација (Изреки 3:5; 1. Петрово 3:12). Постојано моли го за стрпливост, самосовладување и понизност, за да бидеш покорен на авторитетот во твојот живот. Псалмистот рекол: „Господ е моја тврдина и прибежиште мое, мој избавител“ (Псалм 17:2). Потсетувањето на ова е зајакнувачка помош за оние во религиозно разделен дом.
Најмногу од сѐ, напрегај се со сите сили да го направиш својот брак среќен. Да, Исус предвидел дека добрата вест ќе предизвика поделби. Па сепак, моли се ниедна поделба да не се должи на твоите навики или однесување (Матеј 10:35, 36). Со оваа цел во мислите, соработката ги намалува брачните проблеми. Дури и кога само ти го покажуваш овој исправен став, можеш да сториш многу за да спречиш проблемите да дојдат до степен на преголемо несогласување и раздор. Стрпливоста и љубовта се многу битни. ‚Биди кроток‘ и ‚незлобив‘ (2. Тимотеј 2:24).
Апостол Павле ‚за сите станал сѐ‘ (1. Коринтјаните 9:22). Така и ти, иако нема да се компромитираш во извршувањето на христијанските обврски, можеби некогаш ќе биде потребно да го преправиш својот временски план за да можеш повеќе време да поминеш со својот брачен другар и со семејството. Посвети му колку што можеш повеќе време на оној со кого си одбрал да го делиш својот живот. Покажувај христијанска внимателност. Ова е еден израз на божествена покорност.
За една богобојазлива и подложна жена, која е флексибилна и сочувствителна, многу полесно е да покажува божествена покорност (Ефесјаните 5:22, 23). Милосливи зборови, ‚зачинети со сол‘, помагаат зачестеноста на потенцијалните судири да се сведе на минимум (Колосјаните 4:6; Изреки 15:1).
Божествената мудрост те советува подобро веднаш да ги израмниш несогласувањата и да го обновиш мирот со добри зборови кои изградуваат, отколку да одиш да спиеш во ‚гнев‘ (Ефесјаните 4:26, 29, 31). За ова е потребна понизност. Потполно ослони се на Јехова за сила. Една христијанка понизно признала: „Откако горливо се помолив, го осетив Јеховиниот дух како ми ја крева раката за да го прегрнам мојот сопруг“. Божјата Реч советува: „Никому не враќајте зло за зло . . . победи го злото со добро“ (Римјаните 12:17-21). Ова е мудар совет и тоа е патот на божествена покорност.
Деца кои покажуваат божествена покорност
Јеховиниот совет за вас деца во религиозно разделени семејства е: „На родителите свои бидете им послушни во сѐ, зашто тоа Му е благоугодно на Господа“ (Колосјаните 3:20). Забележи дека е земен во обѕир Господ Исус Христос. Оттука произлегува дека послушноста на родителите не е апсолутна. Советот од Дела 5:29, „повеќе треба да Му се покоруваме на Бога, отколку на луѓето“, во извесна смисла се однесува и на христијанските млади. Ќе се појават околности кога ќе треба да одлучиш што да правиш на темел на она што знаеш дека е исправно според Писмото. Тоа може да резултира со некаква казна заради одбивање да се вплеткаш во некое дело на лажното обожавање. Иако е ова нешто непријатно, можеш да најдеш утеха, па дури и радост во фактот дека страдаш затоа што го правиш она што е праведно во Божји очи (1. Петрово 2:19, 20).
Бидејќи твоите мисли се управувани од библиските мерила, можеби по некои прашања ќе се разидуваш во мислењата со твоите родители. Ова не ги прави нив твои непријатели. Дури и ако не се предадени слуги на Јехова, тие заслужуваат достојно почитување (Ефесјаните 6:2). Соломон рекол: „Слушај го, синко татка си свој: тој те родил; не ја занемарувај мајка си кога таа ќе остарее“ (Изреки 23:22). Обиди се да ја сфатиш болката што ја чувствуваат тие поради тоа што припаѓаш на некаква вера која ним им изгледа чудна. Разговарај со нив, а ‚твојата кротост нека им биде позната на сите‘ (Филипјаните 4:5). Споделувај ги своите чувства и грижи. Придржувај се цврсто кон божествените мерила, а сепак, ‚доколку тоа зависи од тебе, биди во мир со сите луѓе‘ (Римјаните 12:18). Фактот дека веќе сега се покоруваш на родителските правила, му покажува на Јехова дека имаш желба покорно да продолжиш како поданик на Царството.
Што можат другите да сторат
На христијаните кои живеат во религиозно разделени семејства, потребни им се поддршка и разбирање од соверниците. Ова е видливо од зборовите на една христијанка која рекла: „Се чувствувам потполно безнадежно и беспомошно, бидејќи никој не може ништо да стори, а ниту јас можам нешто да сторам за да го променам тоа. Со доверба во Јехова, ќе ја вршам неговата волја во нашето семејство, без разлика што и да се случи“.
Дружењето со духовните браќа и сестри на христијанските состаноци е една заштита. Истата личност го опишала својот живот „како два различни света — еден во кој мора да бидам и друг во кој сакам да бидам“. Љубовта од братството е она што им овозможува на овие потиштени да издржат и да служат под сите околности. Вклучи ги во твоите молитви (Ефесјаните 1:16). Редовно, во секоја прилика, зборувај им со охрабрувачки, позитивни и утешувачки зборови (1. Солунјаните 5:14). Кога е практично и соодветно, вклучи ги во твоите теократски и друштвени активности.
Благослови и добивки од божествената покорност
Секојдневно размислувај за благословите и за добивките од покажувањето на божествена покорност во религиозно разделен дом. Работи на тоа да бидеш покорен. ‚Не заморувај се‘ (Галатјаните 6:9). Издржливоста во неповолни околности и неправди, ‚поради сознанието за Бога . . . Му е угодно‘ на Бог (1. Петрово 2:19, 20). Биди покорен сѐ додека Јеховините праведни мерила и закони не се компромитирани. Ова покажува лојалност кон Јеховината подготовка. Твоето побожно однесување може да го спаси дури и животот на твојот брачен другар, децата или на родителите (1. Коринтјаните 7:16; 1. Петрово 3:1).
Додека се справуваш со барањата и очекувањата на едно религиозно разделено семејство, запомни ја важноста на тоа да ја зачуваш беспрекорноста кон Јехова Бог и кон Исус Христос. Можеби ќе се откажеш во многу конфликти, но да се откажеш од беспрекорноста е исто како да си се откажал од сѐ, вклучувајќи го и самиот живот. Апостол Павле рекол: „Бог . . . во последниве дни ни зборува преку Синот, Кого Го постави за наследник над сѐ, преку Кого ги создаде и вековите“. Прифаќањето на ова „големо спасение“ ќе те зајакне да бидеш покорен (Евреите 1:1, 2; 2:3).
Твојата бескомпромисна покорност и непоколебливост за исправниот морал и вредности е здрава заштита за тебе и за твојот брачен другар кој не е соверник. Верноста гради цврсти семејни врски. Изреки 31:11 зборува за една способна и лојална сопруга: „Срцето на мажот нејзин е убедено во неа“. Твоето понизно однесување и длабоко ценење може да му ги отвори очите на твојот сопруг кој не е во верата. Тоа може да го доведе до прифаќање на Божјата вистина.
Божествената покорност е навистина драгоцена и животоспасувачка. Моли се за неа во својот семеен живот. Тоа ќе резултира со душевен мир и ќе му донесе слава на Јехова.