Дали постојат ангели меѓу нас?
Тоа се случило многу брзо. Длабоко замислена и несвесна за својата околина, Мерилин се шетала по пругата. Одеднаш слушнала силен татнеж. Кога го кренала погледот, сфатила дека стои на пругата на која се приближувал еден воз! Мерилин се скаменила, парализирана од страв. Возот бил толку близу што можела да ги види дури и сините очи и лицето на кондуктерот кој бил преплашен од ужас. Мерилин никогаш не го заборавила она што се случило потоа. „Како да ме турна некој џин одназад“, рекла таа. „Летнав од пругата и паднав долу на јагленот малку понатака.“ Без некои поголеми повреди, Мерилин станала да му се заблагодари на својот спасител — но немало никој! Кој бил нејзиниот заклучок? „Мојот ангел чувар ми го спаси животот“, вели Мерилин. „Кој друг би можел да биде?“
СКЕПТИЧНИОТ свет како наеднаш да е опседнат со ангели. Во последниве години, небесните суштества се предмет на телевизиските шоу-програми, филмови, па дури и на драмите на Бродвеј. Книги за ангелите се на прво место на листите на религиозните бестселери. Постојат ангелски клубови, семинари и билтени. Формирани се секции за помош — како што се изразува една статија — за да го ослободите „вашиот ‚внатрешен ангел‘“.
Превртливите трговци го искористуваат ова ангелско движење, пропагирајќи бескрајна река на потрошувачки производи. „Секој артикл кој има ангели на себе, е профитабилен артикл“, вели една сопственичка-партнер на една продавница во САД. Покрај цел куп книги, таа наведува и „ангелски статуи, значки, кукли, маици, постери и честитки“ — нешта кои го создаваат она што еден новинар го нарекува „небесни профити“.
Но, некои поборници на ангелите негираат дека е ова само некакво модно лудило. За да го поткрепат своето тврдење, тие изнесуваат едно сведоштво по друго — „вистински“ средби со ангелите. Некои велат дека виделе ангел во човечки облик. Други виделе светлина, слушнале глас, почувствувале некакво присуство или некаков порив, што го сметаат за ангелски. Многумина, како Мерилин, велат дека ангел им го спасил животот.
Што се случува? „Мислам дека се враќа духовноста“, вели Џоан Вестер Андерсон, која напишала две книги за „натприродни“ средби. Алма Даниел, која асистирала во пишувањето на една друга книга, оди еден чекор подалеку. Таа вели дека ангелите „сега имаат налог да се откријат за да можат да достигнат што поголем број луѓе. Причината зошто гледаме толку многу работи во врска со нив е затоа што тие го сакаат тоа. Тие и го прават тоа“.
Дали е навистина така? Или, дали стои нешто зад актуелната фасцинираност од ангелите? За да го откриеме тоа, мораме да ја испитаме Божјата Реч. Како што ќе видиме, Библијата ја содржи вистината за ангелите.
[Извор на слика на страница 2]
Страници 3 и 4: The New Testament: A Pictorial Archive from Nineteenth-Century Sources, by Don Rice/Dover Publications, Inc.