Давањето — дали се очекува?
МОЖЕБИ ти е добро познато дека давањето подароци честопати е наложено од некој обичај. Во повеќето култури постојат прилики кога се очекува да се дадат подароци. Таквите подароци можат да бидат знак на почит или израз на љубов. Многу од нив нема никогаш да бидат употребени од страна на оној кој ги добива, додека со други се задоволуваат вистински потреби и тие се многу ценети.
Во Данска, кога ќе се роди бебе, пријателите и роднините одат во посета и носат подароци за кои се надеваат дека ќе му користат на доенчето. Во други земји, пријателите можеби прават забава на која таквите подароци се даваат уште пред раѓањето.
Во многу случаи, годишните настани се прилики во кои се очекува да се дадат подароци. Иако меѓу раните христијани не се практикувале такви прослави, тие станале доста прифатливи кај повеќето т.н. христијани, како и кај нехристијаните. Во други култури, пак, обичајот да се даваат роденденски подароци можеби исчезнува како што растат децата, но кај Грците случајот е поинаков. Во Грција им се придава голема важност на родендените. Таму се даваат подароци дури и кога е нечиј „именден“. Што е тоа? Тоа е религиозен обичај кој поврзува различни „светци“ со секој ден од годината, а многу луѓе носат име според „светците“. Кога ќе дојде денот на „светецот“, оние кои го носат неговото име добиваат подароци.
Освен роденденските прослави на децата, Корејците имаат и еден национален празник познат како Ден на детето. Тоа е време кога се прават семејни излети и кога на децата им се даваат подароци, без оглед на тоа кога им е роденден. Корејците имаат и Ден на родителите — кога децата им даваат подароци на своите родители, како и Ден на наставниците — кога учениците им оддаваат почест на своите наставници и им даваат подароци. Според корејскиот обичај, кога некој ќе достигне возраст од 60 години, се приредува голема забава. Семејството и пријателите му пожелуваат долговечност и среќа на оној кој ја достигнал таа возраст од животот и нему му даваат подароци.
Венчавката е уште една прилика кога, според народниот обичај, можеби се очекуваат подароци. Во Кенија, кога се венчава некоја двојка, се очекува семејството на младоженецот да му даде подарок на семејството на невестата. Исто така, и гостите носат подароци. Ако невестата и младоженецот го следат она што го наложува обичајот, тие ќе седнат на една платформа, а гостите ќе ги ставаат пред нив своите подароци. Додека се врачува секој подарок, се објавува дека „тој и тој донел подарок за брачната двојка“. Многумина од оние кои даруваат би биле крајно огорчени доколку не би добиле такво признание.
Кај Либанците, кога некој стапува во брак, пријателите и соседите, па дури и оние луѓе кои не се познаваат толку добро со двојката, почнуваат да доаѓаат со денови порано, носејќи подароци. Уште од детството тие се поучени дека давањето подароци е исто толкава одговорност колку што е и плаќањето на некој долг. „Ако не го сториш тоа, нема да се чувствуваш добро“, рекол еден Либанец. „Тоа е традиција.“
Но, во многу земји Божиќ е најистакната прилика кога се очекува да се дадат подароци. Дали е така и таму каде што живееш ти? Уште во 1990 година беше проценето дека Американците годишно трошат повеќе од 40 милијарди американски долари за божиќни подароци. Со огромна горливост овој празник го прославуваат и будистите и шинтоистите во Јапонија, а различни облици на вакво празнување има и во Европа, Јужна Америка и во делови од Африка.
Божиќ е време кога луѓето очекуваат да бидат среќни, но сепак многумина не се. Голем број луѓе сметаат дека избезуменото купување подароци и грижата околу плаќањето на сметките ги засениле моментите на задоволство што ги доживеале.
Па сепак, Библијата вели дека има среќа во давањето. И навистина има, во зависност од тоа со каков дух се дава (Дела 20:35).