Радосни во еден свет без радост
„ВО НАЈЛОШ случај, ова беше век на Сатана“, започнала една уводна статија во весникот The New York Times од 26 јануари 1995 година. „Во ниеден век порано, луѓето не покажале толку голема склоност и апетит да убиваат милиони други луѓе поради расни, верски или класни причини.“
Педесетгодишнината од ослободувањето на невините жртви кои биле затворени во нацистичките логори на смртта, беше повод за уводните статии, како гореспоменатата. Меѓутоа, истиот вид дивјачки убивања сѐ уште се случуваат во делови на Африка и во Источна Европа.
Погромите, етничките чистења, племенските колења — како и да се наречени — нанесуваат голема тага. Па сепак, среде таквото сакатење се креваат силни гласови на радост. На пример, да ја погледнеме Германија од 1930-тите.
Од април 1935 година, Хитлер и неговата нацистичка партија им забраниле на Јеховините сведоци да извршуваат каква и да било државна служба. Сведоците исто така биле апсени, затворани и испраќани во концентрациони логори затоа што задржале христијанска неутралност (Јован 17:16). Кон крајот на август 1936 година имало масовни апсења на Јеховини сведоци. Илјадници од нив биле испратени во концентрациони логори, каде што повеќето останале до 1945 година, доколку преживеале. Но, како реагирале Сведоците на нечовечното постапување на кое биле изложени во логорите? Колку и да се чини изненадувачки, тие можеле да задржат радост и покрај нивната нерадосна околина.
„Карпа во калта“
Британската историчарка Кристин Кинг интервјуирала една католичка која била во логорите. „Таа употреби една фраза што никогаш не ја заборавив“, рекла д-р Кинг. „Зборуваше во многу детали за ужасот на животот, за гнасните услови во кои живеела. Исто така, рече дека ги познава Сведоците и дека тие Сведоци биле карпа во калта, како некое цврсто место во сета таа тиња. Рекла дека тие биле единствените луѓе кои не плукале кога ќе поминеле стражарите. Биле единствените луѓе кои не се соочиле со сето тоа со омраза, туку со љубов и надеж и со чувство дека сепак постои некаква смисла.“
Што им овозможило на Јеховините сведоци да бидат ‚карпи во калта‘? Непоколебливата вера во Јехова Бог и во неговиот Син, Исус Христос. Затоа, Хитлеровите напори да ја загуши нивната христијанска љубов и радост, не успеале.
Да ги слушнеме сеќавањата на двајца преживеани од логорите, после пет децении откако успешно се соочиле со овој испит на вера. Едната од нив вели: „Мојата радост се прелева затоа што знам дека ја имав единствената предност да ја докажам мојата љубов и благодарност кон Јехова под најсвирепите околности. Никој не ме присили на тоа! Напротив, оние кои се трудеа да нѐ присилат, беа нашите непријатели кои се обидуваа со закани да нѐ натераат повеќе да го слушаме Хитлер отколку Бог — но залудно! Јас сум среќна сега, но бев среќна и кога се наоѓав зад затворските ѕидови, бидејќи имав мирна совест“ (Марија Хомбах, 94 години).
Еден друг Сведок наведува: „Со благодарност и радост се присеќавам на деновите кога бев затворен. Годините што за време на Хитлер ги поминав во затвори и во концентрациони логори, беа тешки и полни со искушенија. Но, би жалел ако би ги имал пропуштено, зашто тие ме научија да имам апсолутна доверба во Јехова (Јоханес Нојбахер, 91 година).
„Апсолутна доверба во Јехова“ — во тоа се состоела тајната на радоста што ја доживеале Јеховините сведоци. Затоа, тие се радосни иако се опкружени со еден свет без радост. Нивната радост беше очигледна и во последниве месеци на Обласните конгреси „Радосни фалители“. Да ги разгледаме накратко овие радосни собири.
[Слика на страница 4]
Марија Хомбах