Имај доверба во Јехова и во неговата Реч
„Нека се надеваат на Тебе оние кои го знаат името Твое“ (ПСАЛМ 9:10).
1. Зошто можеме во нашево модерно време сѐ уште да имаме доверба во Јехова и во неговата Реч?
ВО ОВОЈ современ свет, на многумина може да им се чини непрактичен и нереалистичен повикот да имаме доверба во Бог и во неговата Реч, Библијата. Сепак, Божјата мудрост го издржала испитот на времето. Творецот на мажот и жената е Основач на бракот и на семејството и тој ги знае нашите потреби подобро од кој и да е друг. Исто како што основните човечки потреби не се измениле, така и темелните начини за задоволување на овие потреби останале исти. Иако бил напишан пред многу векови, мудриот библиски совет сѐ уште го дава најдоброто водство за успех во животот и во решавањето на проблемите. Ако внимаваме на него, тој ќе ни донесе многу среќа — дури и во овој софистикуван, научен свет во кој живееме!
2. а) Каков добар плод донело во животот на Јеховиниот народ слушањето на Божјите заповеди? б) Што уште ветува Јехова за оние кои му се послушни нему и на неговата Реч?
2 Довербата во Јехова и применувањето на библиските начела донесуваат практични користи секој ден. Доказот за ова се животите на милиони Јеховини сведоци ширум светот кои имале уверување и храброст да го применат библискиот совет. За нив, довербата во Творецот и во неговата Реч се покажала како основана (Псалм 9:9, 10). Слушањето на Божјите заповеди ги направило подобри луѓе што се однесува до чистотата, чесноста, работливоста, почитта кон животот и имотите на другите, како и во поглед на умереноста во јадењето и пиењето. Тоа довело до исправна љубов и воспитување во рамките на семејниот круг — да бидат гостољубиви, стрпливи, милосрдни и спремни да простуваат — како и во многу други работи. Тие во голем број ситуации биле во состојба да ги избегнат лошите плодови на гневот, омразата, убиството, зависта, стравот, мрзливоста, гордоста, лажењето, клеветењето, промискуитетот и неморалот (Псалм 31:10). Но, Бог прави повеќе отколку само да вети добар исход за оние кои ги држат неговите закони. Исус рекол дека оние кои го следат христијанскиот пат, ќе добијат „сега, во ова време, стопати повеќе . . . мајка, и деца, и нивје, а во идниот век [систем на ствари, НС] — и живот вечен“ (Марко 10:29, 30).
Избегнувај да имаш доверба во световната мудрост
3. Со какви проблеми понекогаш се соочуваат христијаните додека продолжуваат да ја ставаат довербата во Јехова и во неговата Реч?
3 Еден проблем кај несовршените луѓе е тоа што се склони да го потценуваат или забораваат она што Бог го бара. Лесно почнуваат да мислат дека тие знаат сѐ или дека мудроста на интелигенцијата на овој свет е посупериорна од Божјата, дека е посовремена. Божјите слуги можат исто така да го развијат овој став, затоа што живеат среде овој свет. Затоа, кога ја упатува љубезната покана да го послушаат неговиот совет, нашиот небесен Татко вклучува и соодветни предупредувања: „Синко, не ја заборавај поуката Моја и срцето твое да ги чува заповедите Мои; зашто тие ќе ти придадат долги дни, години на живот и мир. Надевај се на [Имај доверба во, НС] Господа од сѐ срце и не се потпирај врз твојот разум. По сите свои патишта размислувај за Него, и Он ќе ти ги покаже [исправи, НС] твоите патеки. Не се сметај за мудрец; бој се од Господа и бегај од злото“ (Изреки 3:1, 2, 5-7).
4. Колку е влијателна „мудроста од овој свет“ и зошто таа е „безумство пред Бога“?
4 Мудроста на овој свет ја има во изобилство и е достапна од многу извори. Постојат многу институции за учење, а на ‚пишувањето многу книги нема крај‘ (Проповедник 12:12). Сега, т. н. информациски суперавтопат од светот на компјутерите ветува да даде неограничени податоци за скоро секоја тема. Но, сето ова знаење што стои на располагање, не го прави светот попаметен ниту, пак, со тоа ги решава своите проблеми. Наместо тоа, светската ситуација се влошува од ден на ден. Разбирливо е што Библијата ни вели дека „мудроста од овој свет е безумство пред Бога“ (1. Коринтјаните 3:19, 20).
5. Какви предупредувања дава Библијата во поглед на „мудроста од овој свет“?
5 Во текот на овој заклучен дел од последните денови може само да се очекува дека праизмамникот, Сатана Ѓаволот, ќе покрене лавина од лаги, во обидот да ја поткопа довербата во вистинитоста на Библијата. Вишите критичари напишале изобилство од шпекулативни книги кои ја оспоруваат автентичноста и доверливоста на Библијата. Павле ги предупредил своите сохристијани: „О Тимотеје, пази го она што ти е предадено, и клони се од нечисти и празни разговори и од расправии на лажната наука [лажно нареченото ‚спознание‘, НС], со која, откако некои се занимаваа, се отклонија од верата“ (1. Тимотеј 6:20, 21). Библијата понатаму предупредува: „Браќа, пазете некој да не ве заведе со философија и со празна измама според човечкото предание, според стихиите на светот, а не по Христа“ (Колосјаните 2:8).
Бори се против склоноста да се сомневаш
6. Зошто е неопходна будност за да се спречи сомневањата да пуштат корен во срцето?
6 Една друга подмолна тактика на Ѓаволот е да сее сомневања во умот. Тој е секогаш буден да види некаква слабост во верата и да ја искористи. Секој оној во кого се јавуваат сомневања, треба да запомни дека тој што стои зад таквите сомневања е оној кој на Ева ѝ рекол: „Вистина ли е дека Бог рекол да не јадете од ниедно [од секое, НС] дрво во рајот?“ Штом Искушувачот еднаш ѝ всадил сомневање во умот, следниот чекор бил да ѝ каже лага, во која таа поверувала (1. Мојсеева 3:1, 4, 5). За да избегнеме нашата вера да биде уништена со сомневања како што било случај со Ева, треба да бидеме будни. Ако во твоето срце почнале да се јавуваат некакви знаци на сомневање во Јехова, неговата Реч или неговата организација, веднаш преземи чекори да ги отстраниш пред тие да загнојат во нешто што би можело да ти ја уништи верата. (Спореди 1. Коринтјаните 10:12.)
7. Што може да се стори за да се искоренат сомневањата?
7 Што може да се стори? Повторно, одговорот е да се има доверба во Јехова и во неговата Реч. „Ако на некому од вас не му достига мудрост, нека ја моли од Бога, Кој на сите им дава изобилно и без укор — и ќе му се даде. Но да моли со вера и никако да не се сомнева; оти, оној, кој се сомнева, прилега на морски талас, кого ветрот го издига и растура“ (Јаков 1:5, 6; 2. Петрово 3:17, 18). Според тоа, прв чекор е сериозната молитва до Јехова (Псалм 61:8). Потоа, не се колебај да побараш помош од љубезните надгледници во собранието (Дела 20:28; Јаков 5:14, 15; Јуда 22, НС). Тие ќе ти помогнат да го откриеш изворот на своите сомневања, кој може да се должи на гордост или на некое неисправно размислување.
8. Како честопати започнува отпадничкото размислување, и кој е лекот?
8 Дали отровните сомневања потекнуваат од читањето или слушањето на отпаднички идеи или световна филозофија? Библијата мудро советува: „Погрижи се пред Бога да се покажеш како достоен и беспрекорно работлив, кој верно го проповеда словото на вистината. А од непристојни и празни зборови клони се, зашто тие ги водат луѓето секогаш кон безбожност. И словото нивно ќе се пренесува како жива рана [како гангрена, НС]“ (2. Тимотеј 2:15-17). Интересно е тоа што многумина кои станале жртви на отпадништвото, тргнале во погрешен правец така што најнапред се жалеле на начинот како се постапувало со нив во Јеховината организација (Јуда 16). Пронаоѓањето грешки во верувањата следувало подоцна. Исто како што еден хирург дејствува брзо за да ја отсече гангрената, така и ти дејствувај брзо за да ја искорнеш од умот секоја склоност да се жалиш и да бидеш незадоволен од начинот на кој се вршат работите во христијанското собрание (Колосјаните 3:13, 14). Отстрани сѐ што ги потхранува таквите сомневања (Марко 9:43).
9. На кој начин добрата теократска рутина ќе ни помогне да се одржиме здрави во верата?
9 Држи се тесно за Јехова и за неговата организација. Лојално имитирај го Петар, кој одлучно изјавил: „Господи, при кого ќе отидеме? Ти имаш зборови за живот вечен“ (Јован 6:52, 60, 66-68). Имај добра програма на проучување на Јеховината Реч за да ја одржуваш својата вера цврста, како еден голем штит, способен ‚да ги угасне сите вжештени стрели на лукавиот‘ (Ефесјаните 6:16). Остани активен во христијанската служба, љубезно споделувајќи ја пораката на Царството со другите. Секојдневно медитирај со ценење за тоа како Јехова те благословил. Биди благодарен што имаш спознание за вистината. Ако ги вршиш сите овие работи со добра христијанска рутина, тоа ќе ти помогне да бидеш среќен, да истраеш и да останеш без сомневања (Псалм 39:4; Филипјаните 3:15, 16, НС; Евреите 6:10-12).
Следи го Јеховиното водство во бракот
10. Зошто е особено важно да бараме водство од Јехова во христијанскиот брак?
10 Кога направил подготовка мажот и жената да живеат заедно како брачна двојка, Јехова имал намера не само да ја наполни Земјата во разумна мерка туку и да ја зголеми нивната среќа. Меѓутоа, гревот и несовршеноста донеле сериозни проблеми во брачниот однос. Христијаните не се изземени од ова, бидејќи и тие се несовршени и ги доживуваат истите притисоци на современиот живот. Сепак, до онаа мерка до која имаат доверба во Јехова и во неговата Реч, христијаните можат да постигнат добар успех во бракот и во подигањето на своите деца. Во христијанскиот брак нема место за световни обичаи и однесување. Божјата Реч нѐ советува: „Бракот на сите треба да е чесен, и брачното легло — чисто; а блудниците и прељубниците ќе ги суди Бог“ (Евреите 13:4).
11. Што треба да признаат обата брачни партнера при решавањето на брачните проблеми?
11 Бракот кој се раководи од библискиот совет, има атмосфера на љубов, приврзаност и сигурност. И сопругот и сопругата го разбираат и го почитуваат начелото за поглаварство. Кога ќе се појават тешкотии, тие честопати се должат на некаква немарност во применувањето на библискиот совет. При решавањето на некој долготраен проблем, битно е обата сопружника чесно да се сосредоточат на тоа каде навистина лежи проблемот и да се справат со причините, а не со симптомите. Ако неодамнешните разговори донеле мала или никаква согласност, двојката може да побара непристрасна помош од некој љубезен надгледник.
12. а) За кои вообичаени проблеми во бракот дава совет Библијата? б) Зошто е потребно обата брачни партнера да ги вршат работите на Јеховин начин?
12 Дали во проблемот е вклучена комуникацијата, почитта кон чувствата на другиот, почитта кон поглаварството или начинот на кој се донесуваат одлуките? Дали се работи за подигањето деца или за урамнотеженоста во сексуалните потреби? Или, пак, за семејниот буџет, рекреацијата, дружењето, за тоа дали сопругата треба да се вработи или каде ќе живеете? Каков и да е проблемот, Библијата дава практичен совет, било директно преку закони или индиректно преку начела (Матеј 19:4, 5, 9а; 1. Коринтјаните 7:1-40; Ефесјаните 5:21-23, 28-33; 6:1-4; Колосјаните 3:18-21; Тит 2:4, 5; 1. Петрово 3:1-7). Кога обата брачни партнера се воздржуваат од поставување себични барања и дозволуваат љубовта да дојде до полн израз во нивниот брак, тоа ќе им донесе поголема среќа. Мора да постои неодолива желба од страна на обата сопружника да ги направат потребните промени и работите да се вршат на Јеховин начин. „Кој ја води разумно работата своја, добро ќе најде, и кој се надева на Господа, блажен е“ (Изреки 16:20).
Млади — слушајте ја Божјата Реч
13. Зошто на младите христијани не им е лесно да пораснат со цврста вера во Јехова и во неговата Реч?
13 На христијанските младинци не им е лесно да израснат цврсти во верата кога злобниот свет е насекаде околу нив. Една од причините е тоа што „целиот свет лежи во власта на злобниот“, Сатана Ѓаволот (1. Јованово 5:19, НС). Младите се мета на овој злобен непријател, кој може да направи лошото да изгледа добро. Ставовите „прво јас“, себичните амбиции, копнеењата по она што е неморално и свирепо, како и ненормалното стремење по задоволства — сето тоа се спојува во еден општ, доминантен начин на размислување, во Библијата опишан како ‚дух кој сега дејствува во синовите на неверието [непослушноста, НС]‘ (Ефесјаните 2:1-3). Сатана подмолно го унапредувал овој „дух“ во училишните учебници, во голем дел од расположливата музика, во спортот, како и во други облици на забава. Родителите треба да бидат будни за да ги намалат ваквите влијанија со тоа што ќе им помогнат на своите деца да пораснат со доверба во Јехова и во неговата Реч.
14. Како можат младите да ги ‚избегаваат желбите на младоста‘?
14 Павле му дал татковски совет на својот млад придружник Тимотеј: „Избегавај ги, исто така, и желбите на младоста, туку стреми се кон правда, вера, љубов, и мир со оние, што Го призовуваат Господа од чисто срце“ (2. Тимотеј 2:22). Иако сите ‚желби на младоста‘ сами по себе не се лоши, младите треба да ‚ги избегаваат‘ така што не треба да дозволат овие работи да им станат преокупација, оставајќи им малку или никакво време да тежнеат по побожни активности. Иако сами по себе не мора да се погрешни, бодибилдингот, спортовите, музиката, забавата, хобијата и патувањето можат да бидат замка доколку станат важни ствари во животот. Потполно избегнувај бесцелни разговори, висење наоколу, ненормален интерес за секс, бескорисно безделничење и досадување и да се поплакуваш дека твоите родители не те разбираат.
15. Какви работи можат да се случуваат во приватниот живот дома, кои можат да придонесат младите да водат дволичен живот?
15 Дури и во приватниот живот дома, младите може да ги демне опасност. Ако се гледаат неморални или насилнички ТВ емисии и видеокасети, може да се развие желба да се прават лоши работи (Јаков 1:14, 15). Библијата советува: „Вие, кои Го сакате Господа, мразете го злото“ (Псалм 96:10; 113:19). Јехова знае дали некој се обидува да води дволичен живот (Изреки 15:3). Вие млади христијани, погледнете наоколу во својата соба. Дали имате закачено ѕидни постери на неморални ѕвезди од светот на спортот или музиката или, пак, здрави работи кои се добри потсетници? (Псалм 100:3). Дали во вашиот ормар имате скромна облека или, пак, некои ваши алишта одразуваат екстремни стилови на облекување од овој свет? Ѓаволот може на препредени начини да ве фати во замка ако му попуштите на искушението да го испробате она што е лошо. Библијата мудро советува: „Бидете трезвени, бидете будни, зашто вашиот противник, ѓаволот, обиколува како лав што рика и бара некого да го проголта“ (1. Петрово 5:8).
16. Како може библискиот совет да му помогне на еден младинец со него да се гордее секој кој ги цени работите?
16 Библијата ви вели да внимавате на своето друштво (1. Коринтјаните 15:33, НС). Ваши другари треба да бидат оние кои се плашат од Јехова. Не попуштајте на притисокот од врсниците (Псалм 55:11; Изреки 29:25а). Бидете им послушни на своите богобојазливи родители (Изреки 6:20-22; Ефесјаните 6:1-3). Барајте водство и охрабрување од старешините (Исаија 32:1, 2). Држете го својот ум и очите насочени кон духовните вредности и цели. Барајте прилики духовно да напредувате и да учествувате во собраниските активности. Научете како да работите со свои раце. Израснете цврсти и здрави во верата и тогаш ќе докажете дека навистина сте некој — некој кој е достоен за живот во Јеховиниот нов свет! Нашиот небесен Татко ќе биде горд на вас, вашите земни родители ќе ви се радуваат, а вашите христијански браќа и сестри ќе бидат охрабрени од вас. Тоа е нешто што навистина се исплаќа! (Изреки 4:1, 2, 7, 8).
17. Какви користи извлекуваат оние кои имаат доверба во Јехова и во неговата Реч?
17 Псалмистот бил инспириран поетски да се изрази: „Господ не ги лишува од блага оние, што одат непорочно. Господ на силите, блажен е оној човек, кој се надева на Тебе!“ (Псалм 83:11, 12). Да, сите оние кои имаат доверба во Јехова и во неговата Реч, Библијата, ќе доживеат среќа и успех, а не разочарување и неуспех (2. Тимотеј 3:14, 16, 17).
Како би одговорил?
◻ Зошто христијаните не треба да ја положуваат својата доверба во „мудроста од овој свет“?
◻ Што треба да се стори ако некој доживува сомневања?
◻ На кој начин вршењето на работите на Јеховин начин донесува успех и среќа во бракот?
◻ Како Библијата им помага на младите да ‚ги избегаваат желбите на младоста‘?
[Слика на страница 23]
Христијаните се свртуваат кон Јехова и неговата Реч, а ја отфрлаат „мудроста од овој свет“ како глупост
[Слика на страница 25]
Семејствата кои имаат доверба во Јехова и во неговата Реч, имаат добар успех и среќа