Бог, државата и ти
„Црквата и државата во Ирска се конфронтираат на референдумот за развод.“
ОВОЈ наслов во The New York Times илустрира како можат денес луѓето да се најдат пред избор помеѓу она што го бара државата и она што го учи нивната црква.
Статијата навела: „Сега кога останува помалку од еден месец до референдумот за тоа дали да се укине нејзината уставна забрана за развод, претежно римокатоличката Ирска е очевидец на еден редок конфликт меѓу водачите на нејзината влада и водачите на нејзината црква“. Државата предложи укинување на забраната за развод, додека Католичката црква остро се спротивставува на разводот и на повторното стапување во брак. Ирските католици мораа да бираат помеѓу црквата и државата. Како што се покажа, државата победи со минимално водство.
Што е уште подраматично, народот на Северна Ирска долги години беше соочен со еден горчлив конфликт во врска со националната сувереност. Мнозина беа убиени. Римокатолиците и протестантите имаа спротивставени гледишта околу тоа на чија држава да се потчинат: на натамошното британско владеење во Северна Ирска или на една централизирана влада за цела Ирска.
На сличен начин, во поранешна Југославија, владејачките власти бараа членовите на различни вери, вклучувајќи ги католиците и православците, да се борат во битка за територија. Која е првенствената должност на просечните граѓани? Дали да ги следат оние кои тврдат дека ја претставуваат државата или, пак, да го слушаат Бог, кој вели: „Не убиј . . . Љуби го ближниот како самиот себеси“? (Римјаните 13:9).
Можеби мислиш дека ваквата ситуација не може никогаш да делува на тебе. Но, би можела. Всушност, таа може да се однесува на тебе дури уште сега. Во својата книга The State in the New Testament (Државата во Новиот завет), теологот Оскар Кулман зборува за „одлуките за живот и смрт коишто мора или коишто би можело да се бараат од денешните христијани во очајни ситуации кога им се закануваат тоталитарни влади“. Меѓутоа, тој зборува и за „подеднакво реалната и важна одговорност на секој христијанин — исто така и на христијанинот кој живее во т. н. ‚нормални‘, ‚секојдневни‘ услови — да се соочи и да одговори на еден сериозен проблем пред кој се наоѓа само поради тоа што е христијанин“.
Тогаш, дали би требало односот помеѓу религијата и државата да ги интересира денешните христијани? Секако дека би требало. Уште од најрани времиња, христијаните се обидувале да негуваат урамнотежено гледиште за световните власти. Нивниот Водач, Исус Христос, бил суден, осуден и погубен од страна на римската држава. Неговите ученици морале да ги ускладат своите христијански обврски со своите должности спрема Римското Царство. Затоа, еден преглед на нивниот однос кон властите ќе им даде упатства на денешните христијани.
[Извор на слика на страница 3]
Том Хели/Sipa Press