Читај ја Божјата Реч и служи му во вистина
„Упати ме, Господи, кон Твојот пат, и јас ќе одам во Твојата вистина“ (ПСАЛМ 85:11).
1. Во суштина, што рекло за вистината првото издание на ова списание?
ЈЕХОВА испраќа светлина и вистина (Псалм 42:3). Исто така, тој ни ја дава способноста да ја читаме неговата Реч, Библијата, и да ја научиме вистината. Во првото издание на ова списание од 1 јули 1879 година, пишувало: „Вистината, како некое скромно цвеќенце во пустината на животот, е опкружена и скоро задушена од бујниот раст на каколот на лагата. За да ја пронајдеш, мораш секогаш да бидеш внимателен. За да ја видиш нејзината убавина, мораш да го оставиш настрана каколот на лагата и трњето на биготизмот. За да ја поседуваш, мораш да се наведнеш за да ја земеш. Немој да се задоволуваш со едно цвеќе на вистината. Ако едно би било доволно, тогаш не би ги имало повеќе. Секогаш собирај, барај други“. Читањето и проучувањето на Божјата Реч ни овозможува да постигнеме точно спознание и да одиме во Неговата вистина (Псалм 85:11).
2. Каков бил резултатот кога Ездра и другите им го читале Законот на Евреите во древниот Ерусалим?
2 Откако во 455 година пр. н. е. биле обновени ѕидовите на Ерусалим, свештеникот Ездра и други им го прочитале Законот на Евреите. По ова следел еден радосен празник Сеници, исповедување на гревовите и склучување на „цврст завет“ (Неемија 8:1—9:38). Читаме: „Читаа разбирливо од книгите, од Законот Божји, и даваа толкување, и народот го разбираше прочитаното“ (Неемија 8:8). Некои укажуваат дека Евреите не разбирале добро хебрејски и дека се парафразирало на арамејски. Но, текстот не покажува само разјаснување на лингвистички термини. Ездра и другите го изложувале Законот за да можат луѓето да ги сфатат неговите начела и да ги применат. Христијанските публикации и состаноците исто така служат за да ‚дадат толкување‘ на Божјата Реч. Така прават и наименуваните старешини кои се ‚оспособени да поучуваат‘ (1. Тимотеј 3:1, 2; 2. Тимотеј 2:24, сите НС).
Трајни користи
3. Кои се некои од користите што се насобрани од читањето на Библијата?
3 Кога христијанските семејства заеднички ја читаат Библијата, тие веројатно ќе доживеат трајни користи. Тие се запознаваат со Божјите закони и ја учат вистината за доктрините, за пророчките работи и за други теми. Откако е прочитан еден извадок од Библијата, поглаварот на домаќинството би можел да праша: Како би можело ова да влијае врз нас? На кој начин ова е поврзано со другите библиски науки? Како можеме да ги употребиме овие точки при проповедањето на добрата вест? Семејството постигнува поголем увид кога ја чита Библијата ако прави истражување со помош на Watch Tower Publications Index (Индексот на публикации на Стражарска кула) или со други индекси. Може да биде од корист да се консултираат двата тома на Insight on the Scriptures (Увид во Писмото).
4. Како требало Исус Навин да ја примени поуката што е запишана во Исус Навин 1:8?
4 Начелата што ги извлекуваме од Светото писмо можат да нѐ водат во животот. Освен тоа, читањето и проучувањето на ‚Светите Писанија можат да нѐ направат мудри за спасение‘ (2. Тимотеј 3:15). Ако допуштиме Божјата Реч да нѐ води, ќе продолжиме да одиме во неговата вистина и ќе се исполнат нашите праведни желби (Псалм 25:3; 119:130, НС). Меѓутоа, треба да бараме разбирање, како што правел Мојсеевиот наследник Исус Навин. ‚Книгата на законот‘ не требало да се одделува од неговата уста и требало да ја чита дење и ноќе (Исус Навин 1:8). Да не дозволи ‚книгата на законот‘ да се оддели од неговата уста значело дека Исус Навин не требало да престане да им зборува на другите за просветлувачките работи што таа ги кажувала. Читањето на Законот дење и ноќе значело дека Исус Навин требало да медитира за него, да го проучува. Апостол Павле на сличен начин го поттикнал Тимотеј да ‚размислува‘ — да медитира — за своето однесување, за службата и за поучувањето. Како христијански старешина, Тимотеј требало особено да внимава неговиот живот да биде примерен и да поучува за библиската вистина (1. Тимотеј 4:15, НС).
5. Што е потребно за да ја пронајдеме Божјата вистина?
5 Божјата вистина претставува бесценето богатство. За да се најде, потребно е копање, упорно истражување на Библијата. Само ако сме како малечки ученици на Големиот Поучувач, ќе стекнеме мудрост и ќе го разбереме стравот од Јехова, што е полн со стравопочит (Изреки 1:7; Исаија 30:20, 21). Секако, треба да ги докажеме работите на темел на Библијата (1. Петрово 2:1, 2). Евреите од Берија ‚биле поблагородни од солуњаните; тие го примиле словото со голема усрдност и секој ден го испитувале Писмото, дали е тоа [што го рекол Павле] така‘. Наместо да ги укори, тој ги пофалил беријците поради тоа (Дела 17:10, 11).
6. Зошто можел Исус да покаже дека на извесни Евреи не им користело истражувањето на Светото писмо?
6 На извесни Евреи, Исус им рекол: „Прегледајте го [Вие го истражувате, НС] Писмото, зашто вие мислите дека преку него ќе имате живот вечен; и тоа сведочи за Мене. Но не сакате да дојдете при Мене, за да имате живот“ (Јован 5:39, 40). Тие го истражувале Светото писмо со исправна цел — дека тоа би можело да ги води во живот. Навистина, Светото писмо содржи месијански пророштва кои укажуваат на Исус како на средство за живот. Но, Евреите го отфрлиле. Затоа, истражувањето на Светото писмо не им користело.
7. Што е потребно за да растеме во разбирањето на Библијата, и зошто?
7 За да растеме во нашето разбирање на Библијата, потребно ни е водството од Божјиот дух, односно делотворна сила. „Духот испитува сѐ, па дури и длабините Божји“ за да го изнесе нивното значење (1. Коринтјаните 2:10). Христијаните од Солун требало ‚сѐ да испитаат [да се уверат во сите работи, НС]‘ од сите пророштва што ги чуле (1. Солунјаните 5:19б—21). Кога Павле им пишал на солуњаните (околу 50 година н. е.), единствениот дел од Грчките списи што веќе бил напишан, било Матеевото евангелие. Затоа, солуњаните и беријците можеле да се уверат во сите работи, веројатно преку проверување на Септуагинтата, грчката верзија на Хебрејските списи. Тие требало да го читаат и да го проучуваат Светото писмо, како што треба и ние.
Животоважно за сите
8. Зошто треба наименуваните старешини да имаат извонредно библиско спознание?
8 Наименуваните старешини треба да имаат извонредно библиско спознание. Тие треба да бидат ‚оспособени да поучуваат‘ и ‚цврсто да се држат за верната реч‘. Надгледникот Тимотеј требало ‚исправно да управува со речта на вистината‘ (1. Тимотеј 3:2; Тит 1:9; 2. Тимотеј 2:15, сите НС). Мајка му Евника и баба му Лоида го имале поучено за светите списи уште од раното детство, всадувајќи му „нелицемерна вера“, иако татко му не бил верник (2. Тимотеј 1:5; 3:15). Татковците кои се верници треба да го подигаат своето потомство во „стега и Јеховино мисловно насочување“, а особено треба старешините кои се татковци да имаат „деца верници кои не се обвинети за разврат ниту за непокорност“ (Ефесјаните 6:4, НС; Тит 1:6, НС). Затоа, без оглед на нашите околности, би требало многу сериозно да ја сфатиме потребата од читање, проучување и применување на Божјата Реч.
9. Зошто треба Библијата да се проучува во заедница со сохристијаните?
9 Исто така, треба да ја проучуваме Библијата во заедница со соверниците. Павле сакал солунските христијани меѓусебно да дискутираат за неговиот совет (1. Солунјаните 4:18). За да го изостриме нашето разбирање на вистината, нема ништо подобро отколку да им се придружиме на другите оддадени ученици во испитување на Светото писмо. Точна е изреката: „Железо железо остри, и човек го изострува погледот на пријателот свој“ (Изреки 27:17). Една железна алатка може да ’рѓоса доколку не се користи и не се остри. На сличен начин, треба редовно да се состануваме и да се остриме еден со друг преку споделување на спознанието што сме го стекнале преку читање, проучување и медитирање за Божјата Реч на вистината (Евреите 10:24, 25). Освен тоа, ова е еден начин да се погрижиме да извлечеме корист од блесоците на духовната светлина (Псалм 97:11, НС; Изреки 4:18).
10. Што значи тоа да се оди во вистината?
10 Во нашето проучување на Светото писмо можеме прикладно да го молиме Бог како што молел псалмистот: „Испрати ја Твојата светлина и Твојата вистина да ме водат“ (Псалм 42:3). Ако посакуваме да имаме Божје одобрување, треба да одиме во неговата вистина (3. Јованово 3, 4). Тоа подразбира да се придржуваме за неговите барања и да му служиме со верност и искреност (Псалм 24:4, 5; Јован 4:23, 24). Треба да му служиме на Јехова во вистина, како што е откриена во неговата Реч и разјаснета во публикациите на ‚верниот и разумен роб‘ (Матеј 24:45—47, НС). Ова изискува точно спознание за Библијата. Тогаш, како треба да ја читаме и проучуваме Божјата Реч? Дали треба да почнеме да ја читаме од 1. Мојсеева, поглавје 1, стих 1 и сите 66 книги по ред? Да, секој христијанин кој ја има комплетната Библија на својот јазик, треба да ја прочита од 1. Мојсеева до Откровение. А наша цел при читањето на Библијата и на христијанските публикации треба да биде да го зголемиме нашето сфаќање на огромниот број библиски вистини што Бог ги ставил на располагање преку ‚верниот роб‘.
Читај ја Божјата Реч на глас
11, 12. Зошто е корисно Библијата да се чита на глас на состаноците?
11 Можеме тивко да читаме кога сме сами. Меѓутоа, во стари времиња, приватното читање се правело на глас. Затоа, додека етиопскиот евнух се возел во својата двоколка, евангелистот Филип го чул како чита на глас од пророштвото од Исаија (Дела 8:27—30). Хебрејскиот збор преведен со „чита“ првенствено значи „вика“. Затоа, оние кои во почетокот не умеат да читаат тивко и да ја сфатат смислата на прочитаното, не треба да бидат обесхрабрувани да го изговараат секој збор на глас. Главната работа е да ја научат вистината преку читање на Божјата пишана Реч.
12 Корисно е да се чита Библијата на глас на христијанските состаноци. Апостол Павле го поттикнал својот соработник Тимотеј: „Посветувај се на јавното читање, на поттикнувањето, на поучувањето“ (1. Тимотеј 4:13, НС). Павле им рекол на колосјаните: „Откако ова послание се прочита при вас, направете да се прочита и во Лаодикијската црква, а она од Лаодикија да го прочитате и вие“ (Колосјаните 4:16). А Откровение 1:3 вели: „Блажен е оној, кој чита (на глас, НС), и оние, што ги слушаат зборовите на пророштвото и пазат на напишаното во него; зашто времето е блиску“. Затоа, еден јавен говорник треба да чита текстови од Библијата за да го поддржи она што му го кажува на собранието.
Тематски метод на проучување
13. Кој е најнапредниот метод за учење на библиските вистини, и што може да ни помогне да ги пронајдеме стиховите?
13 Тематското проучување е најнапредниот метод за учење на библиските вистини. Конкорданциите кои ги наведуваат библиските зборови по азбучен ред во нивниот контекст според книгите, поглавјата и стиховите, го олеснуваат пронаоѓањето на текстовите што се поврзани со некоја одредена тема. А таквите стихови можат да се ускладат еден со друг, бидејќи Авторот на Библијата не си противречи самиот на себе. Преку светиот дух, тој инспирирал околу 40 мажи да ја напишат Библијата во период од 16 векови, а тематското проучување претставува одамна проверен начин за учење на вистината.
14. Зошто треба Хебрејските и Христијанските грчки списи да се проучуваат заедно?
14 Нашето ценење за библиската вистина би требало да нѐ мотивира да ги читаме и проучуваме Христијанските грчки списи заедно со Хебрејските списи. Тоа ќе покаже на кој начин Грчките списи се поврзани со Божјата намера и ќе фрли светлина врз пророштвата од Хебрејските списи (Римјаните 16:25—27, НС; Ефесјаните 3:4—6; Колосјаните 1:26). Многу корисен во овој поглед е New World Translation of the Holy Scriptures (Нов свет преводот на Светото писмо). Тој е подготвен од страна на предадени слуги Божји, кои го искористиле зголеменото спознание што стои на располагање во врска со оригиналниот библиски текст, како и неговата позадина и идиоматските изрази. Многу битни, исто така, се и помошните средства за проучување на Библијата што ги обезбедил Јехова преку ‚верниот и разумен роб‘.
15. Како би докажал дека е прикладно да се цитира овде-онде од Библијата?
15 Некои би можеле да речат: ‚Вашите публикации наведуваат илјадници цитати од Библијата, но зошто ги земате овде-онде?‘ Со цитирање овде-онде од 66-те книги на Библијата, публикациите користат повеќе инспирирани сведоци за да ја докажат вистинитоста на некое учење. Исус и самиот го користел овој метод на поучување. Кога ја одржал својата Проповед на гората, тој навел 21 цитат од Хебрејските списи. Тој говор содржи три цитати од 2. Мојсеева, два од 3. Мојсеева, еден од 4. Мојсеева, шест од 5. Мојсеева, еден од 4. Царства, четири од Псалмите, три од Исаија и еден од Јеремија. Дали на тој начин Исус ‚се обидувал да докаже што и да било‘? Не, бидејќи ‚Он ги поучувал како Оној, Кој има власт, а не како книжниците‘. Тоа било затоа што Исус го поткрепувал своето учење со авторитетот на Божјата пишана Реч (Матеј 7:29). Така правел и апостол Павле.
16. Кои библиски цитати ги навел Павле во Римјаните 15:7—13?
16 Во библискиот извадок што се наоѓа во Римјаните 15:7—13, Павле цитирал од три дела од Хебрејските списи — од Законот, од Пророците и од Псалмите. Покажал дека Евреите и паганите ќе го слават Бога, а дека христијаните треба на тој начин да им изразуваат добредојде на луѓето од сите нации. Павле рекол: „Затоа примајте се еден со друг, како што и Христос ве прими за славата Божја. Но велам дека Исус Христос стана слуга на обрезанието поради Божјата вистина, за да ги потврди ветувањата, дадени на татковците, а, пак, незнабошците да Го прослават Бога за Неговата милосрдност, како што е напишано [во Псалм 17:49]: ‚Затоа Те прославувам, Господи, меѓу незнабошците и ќе Го воспеам Твоето име‘. И пак е речено [во 5. Мојсеева 32:43]: ‚Развеселете се, незнабошци, со Неговиот народ!‘ И пак [во Псалм 116:1]: ‚Фалете Го Господа, сите незнабошци, и прославете го, сите народи!‘ Исаија [11:1, 10], исто така вели: ‚Ќе постои коренот Јесеев и Издигнатиот од него ќе владее над народите; на Него ќе се надеваат народите‘. А Бог на надежта нека ве исполни со секаква радост и мир во верата, та преку силата на Светиот Дух вашата надеж да се преумножува“. Со овој тематски метод, Павле покажал како да се цитираат стиховите за да се докажат библиските вистини.
17. Во склад со кој преседан христијаните цитираат овде-онде од целата Библија?
17 Првото инспирирано писмо на апостол Петар содржи 34 цитати од десет книги од Законот, од Пророците и од Псалмите. Во своето второ писмо, Петар шестпати цитира од три книги. Матеевото евангелие има 122 цитата од 1. Мојсеева до Малахија. Во 27-те книги од Грчките списи има 320 директни цитати од 1. Мојсеева до Малахија, како и стотици други осврнувања на Хебрејските списи. Во склад со преседанот што го поставил Исус и кој бил следен од неговите апостоли, кога денешните христијани вршат тематско проучување на некоја библиска тема, тие цитираат овде-онде од целата Библија. Тоа е особено умесно во овие ‚последни денови‘ кога се исполнува поголемиот дел од Хебрејските и од Грчките списи (2. Тимотеј 3:1). ‚Верниот роб‘ на таков начин ја користи Библијата во своите публикации, но тој никогаш не додава или не одзема од Божјата Реч (Изреки 30:5, 6; Откровение 22:18, 19).
Секогаш оди во вистината
18. Зошто треба да ‚одиме во вистината‘?
18 Не смееме ништо да одземаме од Библијата, бидејќи сите христијански учења во Божјата Реч се „вистината“ или „вистината на Евангелието“. Придржувањето кон оваа вистина — ‚одењето‘ во неа — е животоважно за спасение (Галатјаните 2:5; 2. Јованово 4; 1. Тимотеј 2:3, 4). Поради тоа што христијанството е „патот на вистината“, преку помагањето на другите во унапредувањето на неговите интереси, ние стануваме „помошници на [соработници во, НС] вистината“ (2. Петрово 2:2; 3. Јованово 8).
19. Како можеме да ‚одиме во вистината‘?
19 Ако сакаме да ‚живееме [одиме во вистината, НС]‘, треба да ја читаме Библијата и да ја искористиме духовната помош што ја дава Бог преку ‚верниот роб‘ (3. Јованово 4). Да го правиме ова за наше лично добро и за да бидеме во состојба да ги поучиме другите за Јехова Бог, за Исус Христос и за божествената намера. И да бидеме благодарни што Јеховиниот дух ни помага да ја разбереме неговата Реч и да имаме успех, служејќи му во вистина.
Како гласат твоите одговори?
◻ Кои се некои трајни користи од читањето на Библијата?
◻ Зошто треба да се проучува Библијата во заедница со соверниците?
◻ Зошто е исправно да се цитира од различни места од Библијата?
◻ Што значи да се ‚оди во вистината‘, и како можеме да го правиме тоа?
[Слика на страница 17]
Родители, поучувајте ги своите деца за Светото писмо
[Слика на страница 18]
Во својата Проповед на гората, Исус цитирал од различни делови од Хебрејските списи