Прифати ја Библијата поради она што навистина е
„Непрестајно Му благодариме на Бога, оти, откако го примивте словото Божјо од нас, го примивте не како слово човечко, туку — како што и е — слово Божјо, кое и дејствува во вас, кои што верувате (1. СОЛУНЈАНИТЕ 2:13).
1. Кој вид информации во Библијата ја прават да биде навистина истакната книга?
СВЕТОТО писмо е најпреведуваната и најшироко дистрибуираната книга на светот. Спремно се признава дека е едно од големите литературни дела. Меѓутоа, што е уште поважно, Библијата го дава водството кое им е итно потребно на луѓето од секоја раса и нација, без оглед на занимањето или положбата што ја имаат во животот (Откровение 14:6, 7). На начин кој го задоволува и умот и срцето, Библијата одговара на прашања како што се: Која е смислата на човечкиот живот? (1. Мојсеева 1:28; Откровение 4:11); Зошто не можат владите на човештвото да остварат траен мир и безбедност? (Јеремија 10:23; Откровение 13:1, 2); Зошто луѓето умираат? (1. Мојсеева 2:15-17; 3:1-6; Римјаните 5:12); Сред овој вознемирен свет, како можеме успешно да излеземе на крај со проблемите во животот? (Псалм 118:105; Изреки 3:5, 6); Што ни носи иднината? (Даниил 2:44; Откровение 21:3-5).
2. Зошто дава Библијата потполно доверливи одговори на нашите прашања?
2 Зошто може Библијата со авторитет да одговори на овие прашања? Затоа што е Реч Божја. Бог употребил луѓе за да ја напишат, но, според она што е јасно наведено во 2. Тимотеј 3:16, „целото Писмо е од Бога вдахновено“. Тоа не е производ на лична интерпретација на настаните во човештвото. „Никогаш според човечката волја не е изречено пророштво [објавување за работи што ќе настапат, божествена заповед, библиски морални мерила], туку светите Божји луѓе зборувале просветувани од Светиот Дух“ (2. Петрово 1:21).
3. а) Наведи примери кои покажуваат колку високо ја ценеле Библијата луѓе од различни земји? б) Зошто некои поединци биле спремни дури и да го ризикуваат животот за да го читаат Писмото?
3 Сфаќајќи ја вредноста на Библијата, не мал број луѓе ризикувале да бидат затворени, па дури и убиени, само за да ја имаат и да ја читаат. Тоа било случај во минатото, во католичка Шпанија, каде што свештенството се плашело дека ќе му биде поткопано влијанието доколку луѓето ја читаат Библијата на свој јазик; истото било случај и во Албанија, каде што под атеистичкиот режим биле спроведени остри мерки со цел да се спречи секое религиозно влијание. Па сепак, богобојазливите поединци зачувале примероци од Писмото, ги читале и ги давале еден на друг. За време на II светска војна, во концентрациониот логор Заксенхаузен, Библијата била претпазливо пренесувана од една ќелија до друга (иако ова било забрането), а оние кои дошле до неа памтеле делови за да им ги пренесат и на другите. Во текот на 1950-тите, во она што тогаш се викаше комунистичка Источна Германија, Јеховините сведоци, кои биле затворени поради верата, ризикувале да лежат подолго време во самица кога давале мали делови од Библијата од еден затвореник на друг за да ги читаат ноќе. Зошто го правеле тоа? Затоа што сфатиле дека Библијата е Реч Божја, и знаеле дека „човекот не живее само од леб“ туку „и од секој збор што излегува од устата Господова“ (5. Мојсеева 8:3). Овие изјави, запишани во Библијата, им овозможиле на тие Сведоци да останат духовно живи, и покрај тоа што биле изложени на таква неверојатна суровост.
4. Какво место треба да зазема Библијата во нашиот живот?
4 Библијата не е книга што треба само да се стави на полица заради повремена употреба ниту е наменета за употреба само кога соверниците се собираат заради обожавање. Треба секојдневно да се употребува за да ги расветлува ситуациите со кои се соочуваме и да ни го покажува исправниот пат по кој треба да одиме (Псалм 24:4, 5).
Наменета за читање и за разбирање
5. а) Ако е воопшто можно, што треба да поседува секој од нас? б) Во древниот Израел, како дознавале луѓето што содржи Писмото? в) Како влијае Псалм 18:7-11 врз твојот став кон читањето на Библијата?
5 Во наше време, Библијата може лесно да се добие во повеќето земји, а ние го поттикнуваме секој читател на Стражарска кула да си набави една. Во времето кога Библијата била пишувана, немало печатарски преси. Луѓето претежно немале лични примероци. Но Јехова се погрижил за своите слуги, овозможувајќи им да го чујат она што било напишано. Оттаму, 2. Мојсеева 24:7 известува дека, откако го запишал она што Јехова го заповедал, Мојсеј ‚ја зел книгата на заветот и му ја прочитал гласно на народот‘. Како сведоци на натприродните настани на планината Синај, тие признале дека она што Мојсеј им го прочитал е од Бог и дека треба да го знаат (2. Мојсеева 19:9, 16-19; 20:22). И ние треба да знаеме што е запишано во Божјата Реч (Псалм 18:7-11).
6. а) Пред да влезе нацијата Израел во Ветената земја, што направил Мојсеј? б) Како можеме да го имитираме Мојсеевиот пример?
6 Додека нацијата Израел се подготвувала да ја премине реката Јордан за да влезе во Ветената земја, а со тоа и да го остави зад себе номадскиот живот во пустината, прикладно било да го повтори Јеховиниот Закон и неговите постапки со неа. Наведен од Божјиот дух, Мојсеј заедно со неа го повторил Законот. Ја потсетил на поединости од Законот, нагласувајќи ги основните начела и ставови што требало да влијаат врз нејзиниот однос со Јехова (5. Мојсеева 4:9, 35; 7:7, 8; 8:10-14; 10:12, 13). Денес, кога преземаме некоја нова задача или се соочуваме со нова ситуација во животот, и ние добро ќе постапиме ако размислиме како треба советот од Писмото да влијае врз она што го правиме.
7. Кратко по преминувањето на реката Јордан, што било направено за Израелците за да им се втисне во умот и во срцето Јеховиниот Закон?
7 Кратко по преминувањето на реката Јордан, Израел повторно се собрал за да го повтори она што Јехова му го кажал преку Мојсеј. Нацијата се собрала на околу 50 километри северно од Ерусалим. Половината од племињата биле пред планината Гевал, а половината пред планината Гаризим. Таму Исус Навин „ги прочита сите зборови од законот, благословувањата и проклетствата“. Така, мажите, жените и малите деца, заедно со странските доселеници, слушале едно навремено повторување на законите кои го одредувале однесувањето што би довело до Јеховино неодобрување, како и благословите што би ги примиле ако го слушаат Јехова (Исус Навин 8:34, 35). Требало да имаат јасно на ум што е добро а што не од Јеховина гледна точка. Освен тоа, во своите срца требало да си врежат љубов кон она што е добро и омраза кон она што е зло, како што прави секој од нас денес (Псалми 96:10; 118:103, 104; Амос 5:15).
8. Која била користа од периодичното читање на Божјата Реч на извесни собири на нацијата Израел?
8 Покрај читањето на Законот во тие историски прилики, во 5. Мојсеева 31:10-12 е опишана и една подготовка за редовно читање на Божјата Реч. Секоја седма година, целата нација требало да се собере за да го слуша читањето на Божјата Реч. Така добивале духовна храна. На тој начин, ветувањата за Семето се одржувале живи во умот и во срцето, и со тоа биле насочувани верните кон Месијата. Подготовките за духовно хранење, што биле воспоставени кога Израел бил во пустината, не биле укинати кога влегле во Ветената земја (1. Коринтјаните 10:3, 4). Напротив, Божјата Реч била збогатена со натамошни откровенија од пророците.
9. а) Дали се читала Библијата само кога Израелците се собирале во поголеми групи? Објасни. б) Како биле давани поуки за Писмото во секое одделно семејство, и со која цел?
9 Повторувањето на советите од Божјата Реч не се сведувало само на времето кога народот се собирал во поголема група. За делови од Речта Божја и за начелата што тие делови ги содржеле, требало да се дискутира секој ден (5. Мојсеева 6:4-9). На повеќето места денес, возможно е младите луѓе да имаат личен примерок од Библијата, и тоа е од голема корист за нив. Но во древниот Израел, тоа не било случај. Во тоа време, кога родителите ги поучувале од Божјата Реч, морале да се потпрат на она што го запомниле и на вистините кои ги негувале во своето срце, како и на извадоците што можеби лично си ги запишале. Со често повторување, родителите настојувале да изградат во своите деца љубов кон Јехова и кон неговите патишта. Целта не им била само да им ја наполнат главата со факти туку и да му помогнат на секој член од семејството да живее на начин кој ќе одразува љубов кон Јехова и кон неговата Реч (5. Мојсеева 11:18, 19, 22, 23).
Читање на Писмото во синагогите
10, 11. Каква програма за читање на Писмото се следела во синагогите, и како гледал Исус на тие прилики?
10 По некое време откако Евреите биле протерани во Вавилон, биле основани синагогите како места за обожавање. За да се чита Божјата Реч и да се дискутира за неа во овие места за состанување, биле направени повеќе примероци од Писмото. Ова било фактор за преживувањето на приближно 6.000 древни ракописи кои содржат делови од Хебрејските списи.
11 Еден важен сегмент од службата во синагогата било читањето на Тората, еквивалент на првите пет книги од современите Библии. Дела 15:21 известува дека во првиот век од нашата ера, таквото читање се вршело секој Сабат, а Мишната покажува дека до вториот век, Тората се читала и во вториот и во петтиот ден од неделата. Извесен број поединци учествувале во читањето на доделени одломки, еден по друг. Евреите кои живееле во Вавилон имале обичај да ја прочитаат целата Тора еднаш годишно; во Палестина, пак, било обичај да се распореди читањето низ период од три години. Исто така се читале и се објаснувале делови од Пророците. Исус имал обичај да присуствува на Сабатната програма за читање на Библијата, во местото каде што живеел (Лука 4:16-21).
Личен одѕив и примена
12. а) Како извлекувал корист народот кога Мојсеј му го читал Законот? б) Како се одѕивал народот?
12 Читањето на вдахновените Писма не било предвидено како обичен формализам. Не се читало само за да се задоволи љубопитноста на луѓето. Кога Мојсеј му ја читал на Израел „книгата на заветот“ во подножјето на планината Синај, го сторил тоа за тие да се запознаат со своите одговорности пред Бог и да ги исполнат. Дали го сториле тоа? Читањето изискувало одѕив. Луѓето го сфатиле тоа и одговориле со зборовите: „Сѐ, што рекол Господ, ќе правиме и ќе бидеме послушни“ (2. Мојсеева 24:7; спореди 2. Мојсеева 19:8; 24:3).
13. Што требало да направи народот кога Исус Навин ги читал клетвите поради непослушност, и со каква цел?
13 Подоцна, кога Исус Навин ѝ ги читал на нацијата ветените благослови и клетви, односно проклетства, се барало одѕив. После секое проклетство, било дадено упатство: „И целиот народ да каже: амин!“ (5. Мојсеева 27:4-26). И така, чекор по чекор, ја изразиле својата согласност со Јеховините осуди над наведените погрешни постапки. Колку само впечатлив мора да бил настанот кога целата нација грмнала изразувајќи согласност!
14. Зошто јавното читање на Законот се покажало посебно корисно во деновите на Неемија?
14 Во деновите на Неемија, кога се собрале во Ерусалим за да го слушаат Законот, сите согледале дека не ги спроведуваат во потполност упатствата што биле запишани во него. Во таа прилика тие веднаш го примениле она што го научиле. Со какви резултати? „Радоста беше многу голема“ (Неемија 8:13-17). После една седмица секојдневно читање на Библијата во текот на празникот, тие сфатиле дека се бара многу повеќе. Во молитва ја разгледале историјата на Јеховиното постапување со својот народ, од деновите на Авраам па дотогаш. Сето ова ги мотивирало да дадат заклетва за да се повинат на барањата од Законот, да се воздржуваат од брак со странци и да ги прифатат обврските за одржување на храмот и на службите во него (Неемија, поглавја 8-10).
15. Како покажуваат упатствата од 5. Мојсеева 6:6-9 дека поучувањето за Божјата Реч во семејството не треба да биде обичен формализам?
15 Слично на тоа, поучувањето за Писмото во семејството не било замислено како обичен формализам. Како што веќе видовме во фигуративните изрази од 5. Мојсеева 6:6-9, на народот му било речено ‚да ги врзат Божјите зборови на раката своја како знак‘ — покажувајќи ја на тој начин, со пример и со постапки, својата љубов кон Јеховините патишта. Требало да ги стават Божјите зборови и како „челна лента меѓу очите“ (НС) — имајќи ги така постојано предвид начелата што се изразени во Писмото и користејќи ги како основа за своите одлуки. (Спореди го јазикот што е употребен во 2. Мојсеева 13:9, 14-16.) Требало и да ги ‚напишат на надвратникот од својата куќа и на вратите свои‘ — идентификувајќи ги на тој начин своите домови и своите заедници како места каде што Божјата реч се почитува и се применува. Со други зборови, со начинот на живот требало да дадат изобилни докази дека ги сакаат и ги применуваат Јеховините праведни прописи. Колку само корисно можело да биде тоа! Дали Божјата Реч има таков углед во секојдневниот живот на нашите семејства? За жал, Евреите го претвориле сето ова во обична формалност, носејќи кутивчиња со библиски стихови како да им се амајлии. Нивното обожавање веќе не доаѓало од срцето, па затоа Јехова ги отфрлил (Исаија 29:13, 14; Матеј 15:7-9).
Одговорноста на оние што се во надгледничка положба
16. Зошто било важно за Исус Навин редовното читање на Писмото?
16 Во врска со читањето на Писмото, посебно внимание им било посветено на оние кои биле надгледници на нацијата. На Исус Навин, Јехова му рекол: ‚Постапувај според сиот закон што Мојсеј, мојот слуга, ти го заповеда‘. Во врска со исполнувањето на таа одговорност, му било речено: „Мораш ден и ноќ со придушен глас да читаш од неа . . . зашто тогаш ќе го направиш својот пат успешен, и тогаш мудро ќе постапуваш“ (Исус Навин 1:7, 8). Како што е случај и со секој христијански надгледник денес, Навиновото редовно читање на Писмото ќе му помогнело да ги задржи јасно на ум конкретните заповеди што му ги дал Јехова на Својот народ. Исто така, Исус Навин требало да разбере како постапил Јехова со Своите слуги во различни околности. Додека ги читал изјавите за Божјата намера, било важно да размислува за својата одговорност во врска со таа намера.
17. а) За да можеле да извлечат корист од читањето на Писмото на начинот што го кажал Јехова, што требало да прават царевите покрај читањето? б) Зошто е многу важно редовното читање на Библијата и медитирањето за неа од страна на христијанските старешини?
17 Јехова наредил, секој кој служи како цар над Неговиот народ, на почетокот од своето царување да направи примерок од Божјиот Закон, врз основа на примерокот што го имале свештениците. Потоа требало да го „чита во сите денови на неговиот живот“. Целта не била само да се запомни неговата содржина. Напротив, целта била „да се научи да се бои од Господа, својот Бог“ и „да не се возгордее срцето негово пред неговите браќа“ (5. Мојсеева 17:18-20). Ова изискувало длабоко медитирање за она што се читало. Некои од царевите очигледно мислеле дека се премногу зафатени со административните должности за да го прават тоа, поради што целата нација страдала од таквата нивна немарност. Улогата на старешините во христијанското собрание во никој случај не е иста со улогата на царевите. Но сепак, како што било случај со царевите, битно е и старешините да ја читаат Божјата Реч и да медитираат за неа. Таквото постапување ќе им помогне да задржат исправен став кон оние што им се доверени на грижа. Тоа исто така ќе им помогне да ги исполнат своите одговорности како учители, на начин кој навистина му оддава чест на Бог и духовно ги зајакнува сохристијаните (Тит 1:9; спореди Јован 7:16-18; направи разлика со 1. Тимотеј 1:6, 7).
18. Кој пример, што го поставил апостол Павле, ќе ни помогне да го имитираме преку редовното читање и проучување на Библијата?
18 Апостол Павле, христијански надгледник од првиот век, бил човек кој добро ги познавал вдахновените Писма. Кога им сведочел на луѓето во древниот Солун, можел делотворно да расправа со нив од Писмото и да им помогне да го разберат значењето (Дела 17:1-4). Тој ги достигнал срцата на искрените слушатели. Така, многумина кои го слушале, станале верници (1. Солунјаните 2:13). Како резултат на твојата програма за читање и проучување на Библијата, дали можеш делотворно да расудуваш на темел на Писмото? Дали местото што го зазема читањето на Библијата во твојот живот, како и начинот на којшто го правиш тоа, покажува дека навистина сфаќаш што значи да ја поседуваш Божјата Реч? Во следната статија ќе разгледаме како може да одговорат позитивно на овие прашања дури и оние чиишто планови се преполни.
Како би одговорил?
◻ Зошто биле спремни луѓето да ги ризикуваат животот и слободата само за да ја читаат Библијата?
◻ Како извлекуваме корист од разгледувањето на подготовките што биле направени за древниот Израел да ја слуша Божјата Реч?
◻ Што треба да сториме со она што го читаме во Библијата?
◻ Зошто читањето на Библијата и медитирањето за неа е толку важно за христијанските старешини?
[Слика на страница 9]
Јехова му рекол на Исус Навин: ‚Читај ја дење и ноќе‘