Објавителите на Царството известуваат
„Сите Твои заповеди се вистина“
КРАТКО пред својата смрт, Мојсеј го опоменал народот на Израел да ги послуша сите Јеховини заповеди. Тој рекол: „Внесете ги во срцето сите зборови, што ви ги кажав денес, и заповедајте им на децата ваши, да ги пазат и да ги исполнуваат сите зборови од овој закон; зашто тие не се за вас празни зборови, туку ваш живот“ (5. Мојсеева 32:46, 47).
Стотици години подоцна, псалмистот ја истакнал важноста на сите Божји учења, кога рекол: „Близок си Ти, Господи, и сите твои заповеди се вистина“ (Псалм 118:151). Во првиот век, и самиот Исус се осврнал на вредноста на „секој збор што излегува од устата на Бога“ (Матеј 4:4). А под Божје водство, апостол Павле напишал дека „целото Писмо е од Бога вдахновено и полезно“ (2. Тимотеј 3:16).
Очигледно, Јехова Бог очекува од своите обожаватели сериозно да размислуваат за целата порака што ни е пренесена на страниците од неговата Реч. Во Библијата нема ниту еден единствен извадок што нема вредност. Така мислат Јеховините сведоци за Божјата Реч, како што илустрира следново искуство од Маврициус.
Г-н Д. живеел во едно оддалечено село каде што бил ноќен чувар. Веќе подолго време искрено трагал по правиот начин како да го обожава Бог. Ноќе, за време на своето стражарење, почнал да ја чита Библијата. На крајот, ја прочитал од корица до корица. Дознал дека Божјето име е Јехова — име кое многупати се појавува во неговата хинду Библија. Открил дека книгата Откровение била особено фасцинантна.
Тогаш се прашувал дали постои некоја религија која ја следи комплетната Библија. Забележал дека религиите што ги познавал, во најдобар случај, следеле само делови од Библијата. Некои религии ги прифаќале само Хебрејските списи, а ги отфрлале Христијанските грчки списи. Други религии ги игнорирале Хебрејските списи, припишувајќи им практична вредност само на Христијанските грчки списи.
Еден ден, г-н Д. видел како една брачна двојка е измокрена на дождот, па ја поканил да најде засолниште во неговиот дом. Тие биле Јеховини сведоци. Сопругата ја држела книгата Revelation—Its Grand Climax At Hand! (Откровение — Близу е неговата величествена кулминација!).a Г-н Д. веднаш им ја побарал книгата. Сведоците мислеле дека материјалот за пророштвото од Откровението е претежок за него, па место него му понудиле друга публикација. Но г-н Д. инсистирал да ја добие книгата Откровение.
Кога го добил својот примерок, брзо го прочитал. Потоа прифатил библиска студија со Јеховините сведоци. Наскоро бил импресиониран од фактот дека Сведоците високо ја ценат целата Библија. Почнал редовно да присуствува на состаноците во Салата на Царството на Јеховините сведоци, каде што внимателно се проучуваат и Хебрејските списи и Христијанските грчки списи. Сега тој е објавител на Царството и крстен член на христијанското собрание.
[Фуснота]
a Издадена од Библиското и трактатно Друштво Стражарска кула, Њујорк, инк.