Мораме да сонуваме
ДАЛИ имаш соништа? Може со сигурност да се претпостави дека имаш, бидејќи сите ние сонуваме додека спиеме, иако можеби тврдиме дека не е така. Се проценува дека повеќе од 95 отсто од сите соништа не се запомнуваат. На кои се сеќаваш ти? Всушност, соништата на кои обично се сеќаваме се оние што ги имаме токму пред будење.
Истражувачите на сонот откриле дека сонот претставува прогресивен процес што е најдлабок во првите неколку часови и дека подоцна станува полесен. Сонувањето се случува особено во текот на периодите на брзо движење на очите, наречени REM спиење. Ова се менува наизменично со не-REM спиењето. Секој циклус на не-REM/REM спиење трае околу 90 минути и овие циклуси се повторуваат пет до шест пати во текот на ноќта, при што последниот се случува токму пред да се разбудиме.
Грешка е да мислиш дека за време на спиењето твојот мозок е на ниско нивно на активност. Откриено е дека мозокот е поактивен во соништата отколку во некои состојби на будност, со исклучок на извесни неурони во мозочното стебло што се поврзани со вниманието и памтењето. Се чини дека овие мируваат за време на REM спиењето. Но, општо земено, нервните клетки во мозокот имаат постојана меѓуклеточна комуникација.
Нашиот мозок претставува еден зачудувачки комплексен дел од телото, со милијарди елементи што создаваат отприлика сто до двесте или триста сигнали во секунда. Во еден човечки мозок има повеќе елементи отколку што има луѓе на Земјата. Некои истражувачи проценуваат дека тој содржи од 20 милијарди до преку 50 милијарди елементи. Неговата сложеност го потврдува она што го рекол библискиот писател Давид во врска со човечкото тело: „Те прославувам затоа што сум чудесно создаден. Прекрасни се Твоите дела“ (Псалм 138:14).
Светот на соништата
За време на часовите на будност, нашите пет сетила постојано пренесуваат информации и слики до мозокот, но за време на спиењето тоа не е случај. Мозокот создава слики во самиот себе без некакви надворешни сетилни податоци. Затоа, она што го гледаме во соништата, како и дејствијата што ги доживуваме во нив, понекогаш се како халуцинации. Тоа ни овозможува да правиме работи што претставуваат прекршување на природните закони, како што е летање како Петар Пан или паѓање од некоја карпа без повреда. Времето може да е искривено, така што минатото се чини како да е сегашност. Или, пак, ако се обидуваме да побегнеме, се чини дека немаме контрола над нашите движења — нашите нозе не сакаат да реагираат. Се разбира, силните впечатоци и доживувања што можеме да ги имаме за време на нашите часови на будност, влијаат врз нашите соништа. Мнозина кои доживеале ужасни грозоти од војна, не можат лесно да ги заборават ниту, пак, некои можат да го заборават чувството дека биле нападнати од некаков криминалец. Таквите вознемирувачки искуства додека сме будни може да се појават во нашите соништа, предизвикувајќи ноќни мори. Вообичаените работи што ги имаме на ум кога одиме на спиење, можат да излезат на површина во нашите соништа.
Понекогаш кога се обидуваме да решиме некој проблем, решението ни доаѓа за време на спиењето. Тоа може да одразува дека секое спиење не се состои од сонување. Еден дел од него е размислување.
Една книга во врска со соништата и нашиот мозок забележува: „Највообичаен облик на умствена активност при спиењето не е сонувањето, туку размислувањето. Размислувањето при спиењето не е придружено со сетилни илузии и не е необично. Тоа тежнее да биде вообичаено и честопати се однесува на настани од вистинскиот живот од вчера или од утрешнината, и обично е банално, некреативно и повторливо“.
Некои луѓе мислат дека темите на нивните соништа имаат посебни пораки за нив. За да ги протолкуваат соништата, под својот кревет чуваат нотес за да можат да ги запишат кога ќе се разбудат. Во врска со користа од книгите што се обидуваат да им дадат значење на симболите од соништата, The Dream Game (Играта на сонот) од Ен Фарадеј вели: „Соновниците во кои го барате значењето на темите и симболите на соништата, се подеднакво бескорисни, сеедно дали се традиционални или, пак, се темелат на некаква современа психолошка теорија“.
Поради тоа што се чини дека соништата главно потекнуваат од мозокот, не е разумно да се мисли дека тие имаат посебни пораки за нас. Треба да ги сметаме како нормална функција на мозокот која помага тој да се одржи во здрава состојба.
Но, што е со оние кои велат дека сонувале за смртта на некој роднина или пријател и дека утредента дознале дека лицето умрело? Зарем тоа не покажува дека соништата можат да ја претскажат иднината? Во следната статија ќе разгледаме што стои зад пророчките соништа.