Можат ли соништата да ја претскажат иднината?
УШТЕ од стари времиња, човештвото имало силен интерес за соништата. Египќаните подготвувале разработени книги за толкување на соништа, а Вавилонците имале свои толкувачи на соништа. Меѓу Грците било обичај болните луѓе да спијат во светилиштата на Асклепиј за да добијат здравствени упатства во своите соништа. Во вториот век од нашата ера, Артемидор создал една книга во која дал толкувања на симболите на сонот. Многуте слични книги што биле создадени оттогаш, се темелеле на неговата книга. Сѐ до ден-денеска, се прават напори да се толкуваат соништата, но дали тие навистина даваат увид во идните настани?
За да имаат футуристичко значење, тие би морале да бидат под влијание на некоја надмоќна сила. Во Библијата наоѓаме многу примери во кои Бог ја обезбедил самата таа сила. Тој им дал пророчки соништа на своите слуги, како и на некои кои не го обожавале. Всушност, Јов 33:14—16 вели: „Бог говори . . . на сон, во ноќно видение, кога сонот ги соборува луѓето, во време, кога спијат на своето легло, тогаш Он му го отвора на човекот увото“.
Бог го сторил тоа во случајот со египетскиот фараон во деновите на Јосиф, кој живеел пред повеќе од 1.700 години пред нашата ера. Фараоновиот сон се наоѓа во 1. Мојсеева 41:1—7, а во стиховите 25 до 32, Јосиф го толкува дека претскажува седум години „многу родни по целата земја Египетска“, по кои следат седум години глад. Јосиф му објаснил на фараонот: „Бог му кажува на Фараонот што ќе прави“ (1. Мојсеева 41:28). Сонот бил пророчки за она што навистина се случило.
Еден угледен цар на Вавилонците имал слично искуство. Навуходоносор имал сон што силно го вознемирил, но не можел да го запомни. Затоа, ги свикал своите волшебници за да му го објават сонот и неговото толкување. Тоа било едно барање што им било невозможно да го исполнат (Даниил 2:1—11).
Поради тоа што Бог му го дал сонот на царот, Тој го оспособил пророкот Даниил да го открие сонот и неговото толкување. Даниил 2:19 вели: „И тогаш тајната му беше откриена на Даниила во ноќно време“. Заслугата за овој сон Даниил му ја припишал на Бог: „Тајната за која царот прашува не можат да му ја откријат на царот ни мудреците, ни маѓепсниците, ни јасновидците, ни гледачите. Но на небесата има Бог, Кој открива тајни; и Он ќе му открие на царот Навуходоносор сѐ што ќе се збидне во последните денови“ (Даниил 2:27, 28).
Понекогаш, Бог му давал упатства на својот народ преку соништа, а во други времиња давал гаранција за божествена наклоност или, пак, им помагал да разберат како Тој ги поддржува. Во случајот со Јаков, Бог го открил своето одобрување со посредство на еден сон (1. Мојсеева 48:3, 4).
Кога Јосиф, очувот на Исус, открил дека Марија била бремена, одлучил да се раздели од неа. Насоне добил упатства да не го прави тоа. Матеј 1:20 вели: „Штом помисли така, ангел Господов му се јави насон и рече: ‚Јосифе, сине Давидов, не бој се да ја примиш Марија, жената своја, зашто зачнатото во неа е од Светиот Дух‘“. Подоцна, насоне добил едно предупредување: „Ангел Господов му се јави на Јосифа в сон, велејќи: ‚Стани, земи Го Младенецот и мајка Му, па бегај во Египет‘“ (Матеј 2:13).
Соништа што не се од Бог
Фактот дека толкувањето на сонот било вообичаено меѓу оние кои не биле Божји народ, покажува дека соништата, општо земено, не може да се сметаат за доверливи откривачи на иднината. Во времето на Божјиот пророк Јеремија, лажните пророци велеле: „Ми се сони, ми се сони“ (Јеремија 23:25). Нивните намери биле да ги заведат луѓето да мислат дека Бог зборувал преку нив. Во врска со овие сонувачи, Јеремија бил инспириран да каже: „Така вели Господ Саваот, Бог Израилев: нека не ве мамат вашите пророци, кои се меѓу вас и вашите бајачи: и не верувајте им на соништата што ги сонувате [што ги сонуваат тие, НС]. Лажно ви пророкуваат во Мое име . . . вели Господ“ (Јеремија 29:8, 9).
Со оглед на тоа што овие лажни пророци биле „бајачи“, нивните соништа би можеле да бидат под влијание на зли духовни сили со цел да ги заведат луѓето. Истото е покажано во она што е наведено во Захарија 10:2: „Лажните гледачи зборуваат празни зборови, и вражачите гледаат лажливи работи и прикажуваат лажни соништа“.
Ѓаволот е праизмамникот кој со илјадници години ги користел верските водачи за лажно да тврдат дека Бог им зборувал преку визии и соништа, исто како што правеле лажните пророци во времето на Јеремија и Захарија. Во врска со таквите, инспирираниот библиски писател Јуда им напишал на христијаните од првиот век: „Се вовлекоа некои луѓе, чија осуда е одамна определена, безбожници, што ја обрнуваат благодатта Божја во нечистотија и се одречуваат од Единиот Господар Бог [Сопственик, НС] и Господ наш Исус Христос“. Овие луѓе, рекол тој, така да се рече, ‚се оддавале на сништа‘ (Јуда 4, 8).
Испитај ги тврдењата
Некое лице може да тврди дека Бог му зборувал насоне или дека неговите соништа за идни настани се докажале точни, но сепак тоа не е доволна причина да му се верува и слепо да се следи. Забележи ги поуките напишани до Израелците, што се наоѓаат во 5. Мојсеева 13:1—3, 5: „Ако излезе пред тебе некој пророк, или толкувач на соништа, и ти покаже знак или чудо, и ако се оствари тој знак или чудо, за кое тој ти говорел, па потоа ти рече: ‚да одиме да служиме на други богови, кои ти не ги познаваш,‘ ти не го слушај гласот на таков пророк, или на таков толкувач на соништа . . . А оној пророк, или оној толкувач на соништа да биде осуден на смрт“. Бог им дозволувал на таквите да зборуваат лажно како испит за лојалноста на својот народ.
Наместо слепо да веруваме во тврдењата на харизматичните сонувачи, мудриот правец е да ги испитаме нивните тврдења за да избегнеме да бидеме заведени од невидливиот праизмамник, кој „ја заведува целата населена Земја“ (Откровение 12:9, НС). Но, како можат тие веродостојно да бидат испитани?
Божјата напишана Реч е наш божествено даден водич до вистината. Во врска со тоа, Исус Христос рекол: „Твоето слово е вистина“ (Јован 17:17). Затоа, во 1. Јованово 4:1 сме опоменати: „Возљубени, не верувајте му на секој дух [на секоја инспирирана изјава, НС], туку испитувајте ги духовите [инспирираните изјави, НС]: дали се од Бога, бидејќи многу лажни пророци се јавија во светот“. Ако внимателно се споредат со Библијата, нивните тврдења, филозофии и постапки ќе бидат во судир со неа. Божјата Реч е авторитет во поглед на тоа што е вистина.
Дали сонувачот кој претендира на некакво посебно спознание, всушност, користи гатање или некои други спиритистички постапки? Ако да, тој е осуден од Божјата Реч. „Да не се најде пред тебе човек . . . да претскажува, да гата, или како маѓепсник, чародеец, ни гледач на утробата, ниту, пак, што гледа по знаци, ни таков што повикува мртви; зашто, секој, што го прави тоа, е гнасен пред Господа“ (5. Мојсеева 18:10—12).
Ако тој тврди дека во себе има душа која не умира, тој ѝ противречи на Божјата Реч која јасно наведува: „Која душа греши, таа ќе умре“ (Језекиил 18:4). Дали се воздига себеси и дали привлекува други лица да го следат? Матеј 23:12 предупредува: „Кој се воздига, ќе биде понизен“. И Дела 20:30 ги предупредува христијаните: „Од вас самите ќе станат луѓе, што ќе зборуваат изопачено, за да ги одвратуваат учениците заедно со себеси“.
Дали тој застапува насилнички постапки? Јаков 3:17, 18 го осудува: „Мудроста, што иде одозгора, е најнапред чиста, а потоа мирна, кротка, покорна, полна со милост и добри плодови, непристрасна и нелицемерна. Плодот, пак, на правдата во мир се сее од миротворците“. Дали бара политичка власт или влијание во светот? Божјата Реч силно го осудува велејќи: „Кој сака да му е пријател на светот, му станува непријател на Бога“. На тој начин Библијата го разобличува она што е лажно (Јаков 4:4).
Ако некое лице има сон за смртта на некој член на семејството или на некој пријател, тоа можеби е затоа што бил загрижен за ова лице. Тоа што лицето можеби умрело токму во ноќта на сонот, само по себе не докажува дека сонот бил пророчки. За секој сон од ваков вид, кој се чини дека станува реалност, постојат стотици кои не стануваат реалност.
Иако Бог во минатото користел соништа за да открие пророчки настани и за да дава упатства додека се создавала неговата пишана Реч, тој нема потреба да го прави тоа денес. Таа пишана Реч ги содржи сите упатства од Бог што му се потребни на човештвото во ова време, а нејзините пророштва се однесуваат на настани по повеќе од илјада години во иднината (2. Тимотеј 3:16, 17). Според тоа, можеме да бидеме уверени дека нашите соништа не се показатели од Бог за идни настани, туку суштинска функција на мозокот за зачувување на нашата умствена благосостојба.
[Слика на страница 7]
Како што фараоновиот сон покажал што требало да дојде така и Божјата Реч фрла светлина врз нашата иднина