Дали го имитираш нашиот непристрасен Бог?
НЕПРИСТРАСНОСТ — каде може да се најде? Постои Некој кој е потполно непристрасен, слободен од предрасуда, од фаворитизам и дискриминација. Тоа е Јехова Бог, Творецот на човештвото. Меѓутоа, во врска со луѓето, англискиот писател од XIX век, Чарлс Ламб, отворено напишал: „Едноставно речено, јас сум полн со предрасуди — составен од склоности и несклоности“.
Кога се работи за непристрасноста, човечките односи имаат многу место за подобрување. Пред многу векови, мудриот цар Соломон од Израел забележал дека „човекот господари над човек на своја штета“ (Проповедник 8:9). Расната омраза, националните конфликти и семејните кавги и понатаму се множат. Затоа, дали е реално да се верува дека луѓето, сами по себе, можат да развијат едно непристрасно општество?
Потребен е свесен напор за да ги контролираме своите ставови и да се ослободиме од какви и да било длабоко вкоренети предрасуди (Ефесјаните 4:22—24). И без да бидеме свесни за тоа, може да сме склони да носиме ставови што биле формирани од нашата општествена и образовна средина и кои биле вкоренети во нашето семејно, расно и национално потекло. Овие навидум благи склоности честопати се длабоко вкоренети и унапредуваат ставови што водат до тоа да бидеме пристрасни. Шкотскиот правник и уредник, лорд Френсис Џефри, дури признал: „Не постои ништо за кое еден човек може толку долго да биде несвесен, како што е обемот и јачината на неговите предрасуди“.
Ленаa е едно лице кое признава дека е потребен свесен напор за да се бориме против склоноста да бидеме пристрасни. За да се задушат чувствата на предрасуда во себе, вели таа, „потребно е многу труд, затоа што воспитувањето е едно многу силно влијание“. Лена исто така признава дека се потребни постојани потсетници.
Јеховината непристрасност во минатото
Јехова е совршен пример за непристрасност. Уште од уводните страници на Библијата читаме како тој ја покажувал својата непристрасност во своите постапки со луѓето. Можеме многу да научиме од овие извонредни примери и потсетници.
Јехова покажувал непристрасност во управувањето на работите, на тој начин што еврејскиот апостол Петар им ја објавил добрата вест на Корнилиј и на други пагани во 36 година н. е. Во тоа време, Петар рекол: „Бог не гледа на лице [не е пристрасен, НС]; туку, кај секој народ оној, кој се бои од Него, и постапува правично, мил Му е“ (Дела 10:34, 35).
Во сите свои постапки со човечкото семејство, Јехова доследно ја покажувал својата непристрасност. За својот Татко, Христос Исус рекол: „Он го остава Своето сонце да грее над лошите и над добрите, и праќа дожд на праведните и на грешните“ (Матеј 5:45). Понатаму, величајќи го Јехова како непристрасен Бог, Петар посведочил: „[Тој] долго време трпи, бидејќи не сака да изгинат некои, туку сите да се обрнат кон покајание“ (2. Петрово 3:9).
Во времето на Ное, кога ‚лошотиите меѓу луѓето на земјата биле големи, и сите мисли и помисли во срцата нивни биле зли во секое време‘, Јехова одредил уништување на тој свет на човештвото (1. Мојсеева 6:5—7, 11, 12). Меѓутоа, на Божја заповед и пред очите на своите современици, Ное изградил една арка. Додека тој и неговите синови ја граделе арката, Ное бил и ‚проповедник на правдата‘ (2. Петрово 2:5). И покрај тоа што ги знаел злите склоности во срцата на таа генерација, Јехова непристрасно им испратил јасна порака. Тој апелирал на нивните умови и срца со тоа што му наредил на Ное да гради и да проповеда. Тие ја имале секоја прилика да се оѕвијат, но наместо тоа, ‚не узнале, додека не дошол потопот и истребил сѐ‘ (Матеј 24:39).
Колку извонреден пример за Јеховината непристрасност! Во овие критични последни денови, таа ги мотивира Божјите слуги да ја објавуваат добрата вест за Царството со истата непристрасност. Освен тоа, тие не се воздржуваат од објавување на денот на Јеховината одмазда. Пред очите на јавноста, тие без пристрасност ја изнесуваат Јеховината порака за секој да ја чуе (Исаија 61:1, 2).
Јеховините ветувања до патријарсите Авраам, Исак и Јаков јасно покажале дека тој е непристрасен Бог. Преку нивната специфична семејна лоза требало да дојде Наименуваниот, преку кого ‚ќе се благословат сите народи земни‘ (1. Мојсеева 22:18; 26:4; 28:14). Христос Исус докажал дека тој е тој Наименуван. Преку Исусовата смрт и воскресение, Јехова го обезбедил патот за спасение за сето послушно човештво. Да, користите од Христовата откупна жртва се достапни без пристрасност.
Во времето на Мојсеј, Јеховината непристрасност се манифестирала на еден многу интересен начин во врска со ќерките на Салпаад. Овие пет жени се соочиле со една дилема која се однесувала на наследството на нивниот татко во Ветената земја. Тоа било така затоа што во Израел било обичај наследувањето земја да се пренесува преку синовите на еден маж. Меѓутоа, Салпаад умрел без да остави син за да добие наследство. Петте ќерки на Салпаад ја изнеле својата молба пред Мојсеј за непристрасно постапување, велејќи: „Зашто да се загуби името на таткото наш меѓу племето негово поради тоа што нема син? Дајте ни дел меѓу браќата на таткото наш!“ Јехова ги услишил нивните преколнувања и го поучил Мојсеј: „Ако некој умре, и не остави син, предавајте го наследството негово на ќерките негови“ (4. Мојсеева 27:1—11).
Колку непристрасен преседан полн со љубов! За да се осигури племенското наследство да не биде пренесено на друго племе кога ќерките ќе се омажат, од нив се барало да се мажат „само со човек во племето од татковиот род“ (4. Мојсеева 36:5—12).
Натамошен увид во Јеховината непристрасност се гледа во времето на судијата и пророкот Самуил. Јехова му наложил да помаже нов цар на племето Јуда во семејството на Јесеј Витлеемецот. Но, Јесеј имал осум синови. Кој да биде помазан за цар? Самуил бил импресиониран од физичкиот стас на Елиав. Меѓутоа, врз Јехова не влијае надворешниот изглед. Тој му рекол на Самуил: „Не гледај на лицето негово и високиот негов раст . . . Јас не гледам така, како што гледа човек, зашто човек гледа на лицето, а Господ гледа на срцето“. Бил избран Давид, најмладиот син на Јесеј (1. Царства 16:1, 6—13).
Да се учи од Јеховината непристрасност
Христијанските старешини прават добро ако го имитираат Јехова со тоа што гледаат на духовните особини на еден соверник. Лесно е да просудуваме некој поединец според нашите сопствени мерила, дозволувајќи им на нашите лични чувства да ни ја замаглат способноста за просудување. Еден старешина се изразил: „Се трудам со другите да постапувам на начин кој му се допаѓа на Јехова, а не кој се темели на моите однапред создадени идеи“. Колку само е корисно за сите Јеховини слуги да ја користат Неговата Реч како свое мерило!
Претходните библиски примери ни помагаат да се бориме против долготрајните чувства на расни или националистички предрасуди. Имитирајќи ја Јеховината непристрасност, го штитиме христијанското собрание од предрасуди, дискриминација и фаворитизам.
Апостол Петар научил дека „Бог не гледа на лице [не е пристрасен, НС]“ (Дела 10:34). Фаворитизмот е непријател на непристрасноста и го повредува начелото на љубов и единство. Исус им се обраќал на сиромашните, слабите и понизните и им го олеснувал товарот (Матеј 11:28—30). Тој истакнато бил во остар контраст со еврејските верски водачи кои господареле над луѓето, оптоварувајќи ги со тежок товар од правила (Лука 11:45, 46). Да се прави ова и да се покажува фаворитизам спрема богатите и угледните, сигурно не е во склад со Христовите учења (Јаков 2:1—4, 9).
Денес, христијанските старешини се подложуваат на Христовото поглаварство и покажуваат непристрасност спрема сите Јеховини предадени луѓе. Додека ‚го пасат стадото што го имаат [што е под нивна грижа, НС]‘, тие се воздржуваат од покажување фаворитизам поради економскиот статус, разликите во личностите или семејните врски (1. Петрово 5:2). Имитирајќи го непристрасниот Бог и внимавајќи на неговото предупредување против постапки на фаворитизам, христијанските старешини го унапредуваат духот на непристрасност во собранието.
Христијанското собрание на Јеховини сведоци претставува едно меѓународно братство. Тоа е жив доказ дека едно непристрасно општество без предрасуди може да биде реалност под водството на Исус Христос. Сведоците ‚ја облекле новата личност која е создадена според Божјата волја, во вистинска праведност и лојалност‘ (Ефесјаните 4:24, НС). Да, тие учат од совршениот пример на непристрасниот Бог, Јехова, и го имаат изгледот за вечен живот во новиот свет, слободен од секаква пристрасност (2. Петрово 3:13).
[Фуснота]
a Името е изменето.
[Слика на страница 26]
Апостол Петар научил дека Бог не е пристрасен