Гласниците на божествениот мир прогласени за среќни
„Ќе се вратат избавените од Господа, ќе дојдат на Сион со радосни извици; и вечна радост ќе биде над нивната глава“ (ИСАИЈА 35:10).
1. Што му е очајнички потребно на светот?
ДЕНЕС, како никогаш порано, на човештвото му е потребен гласник на добра вест. Постои итна потреба некој да ја каже вистината за Бог и за неговите намери, некој бестрашен сведок кој ќе ги предупреди злите за претстојното уништување и кој ќе им помогне на лицата со праведни срца да најдат божествен мир.
2, 3. Во случајот на Израел, како Јехова го исполнил своето ветување запишано во Амос 3:7?
2 Во деновите на Израел, Јехова ветил дека ќе обезбеди гласници од таков вид. На крајот од деветтиот век пр. н. е., пророкот Амос рекол: „Господ Бог не прави ништо додека не им ја открие тајната Своја на Своите слуги — пророците“ (Амос 3:7). Во текот на вековите после оваа објава, Јехова извршил бројни моќни дела. На пример, во 607 пр. н. е. тој строго го укорил својот избран народ бидејќи бил бунтовен и виновен за крв. Тој ги казнил и околните народи кои се сителе поради страдањата на Израел (Јеремија, поглавја 46—49). Потоа, во 539 пр. н. е., Јехова го предизвикал падот на моќната вавилонска светска сила и, како последица од тоа, во 537 година пр. н. е. еден остаток од Израел се вратил во својата земја за повторно да го изгради храмот (2. Летописи 36:22, 23).
3 Тоа биле настани кои ја потресле Земјата, а во склад со зборовите на Амос, Јехова однапред им ги открил на пророците кои служеле како гласници, предупредувајќи го Израел за она што требало да дојде. Во средината на осмиот век пр. н. е., тој го подигнал Исаија. Во средината на седмиот век пр. н. е., го подигнал Јеремија. Потоа, кон крајот на тој век, го подигнал и Језекиил. Овие, како и други верни пророци, дале темелно сведоштво за Јеховините намери.
Да се идентификуваат Божјите гласници денес
4. Што покажува дека на човештвото му се потребни гласници на мир?
4 Како е денес? Многу луѓе во светот имаат некакво лошо претчувство кога го посматраат влошувањето на човечкото општество. Оние кои имаат љубов кон праведноста, чувствуваат болка во срцето кога го гледаат лицемерството и изразитата злоба на христијанскиот свет. Како што прорекол Јехова преку Језекиил, тие ‚жалат и воздивнуваат поради гадотиите што се вршат во него‘ (Језекиил 9:4). Меѓутоа, мнозина не сфаќаат кои се Јеховините намери. Потребно е да им се каже.
5. Како покажал Исус дека во нашево време ќе има гласници?
5 Дали денес некој отворено зборува со бестрашниот дух на Исаија, Јеремија и Језекиил? Исус укажал на тоа дека некој ќе зборува така. Кога ги прорекувал настаните од нашево време, тој рекол: „Ќе биде проповедано ова Евангелие за царството по целиот свет, за сведоштво на сите народи; и тогаш ќе дојде крајот“ (Матеј 24:14). Кој го исполнува тоа пророштво денес, служејќи како гласник, како проповедник на добрата вест? Сличностите помеѓу нашево време и времето на древниот Израел ни помагаат да одговориме на тоа прашање.
6. а) Опиши ги доживувањата на „Израилот Божји“ за време на Првата светска војна. б) Како се исполнил Језекиил 11:17 врз древниот Израел?
6 За време на мрачните денови на I светска војна, Јеховиниот современ народ, остатокот од помазаниот ‚Израил Божји‘, отишол во ропство слично на ропството на Израел во Вавилон (Галатјаните 6:16). Тие претрпеле духовно изгнанство во Големиот Вавилон, светскиот конгломерат од лажни религии, од кои најистакната и за најголем прекор е христијанството. Меѓутоа, Јеховините зборови до Језекиил покажале дека тие не биле напуштени. Тој рекол: „Јас ќе ве соберам од кај народите и ќе ве вратам од земјите, во кои сте се растуриле; и ќе ви ја дадам земјата Израилева“ (Језекиил 11:17). За да го исполни тоа ветување за древниот Израел, Јехова го подигнал Персијанецот Кир, кој ја поразил вавилонската светска сила и му го отворил патот на еден остаток од Израел да се врати во својата земја. Но, како е денес?
7. Кој настан во 1919 година покажал дека Исус дејствувал против Големиот Вавилон? Објасни.
7 На почетокот од овој век имаше силен доказ дека дејствува еден Поголем Кир. Кој бил тој? Никој друг, туку Исус Христос, востоличен од 1914 година во небесното Царство. Овој голем Цар покажал наклоност кон своите помазани браќа на Земјата кога, во 1919 година, помазаните христијани биле ослободени од духовното ропство и се вратиле во нивната ‚земја‘, нивниот духовен имот (Исаија 66:8; Откровение 18:4). Така, Језекиил 11:17 имал современо исполнување. Во старо време требало да падне Вавилон за да се отвори патот за Израелците да се вратат во својата земја. Во поново време, обновувањето на Божјиот Израел било доказ дека Големиот Вавилон доживеал пад од рацете на Поголемиот Кир. Овој пад бил објавен од вториот ангел од 14. поглавје од Откровение, кога извикал: „Падна Вавилон, големиот град, зашто сите народи ги напои со жестокото вино на своето блудство!“ (Откровение 14:8). Каков пресврт за Големиот Вавилон, особено за христијанскиот свет! И каков само благослов за вистинските христијани!
8. Како книгата Језекиил ја опишува среќата на Божјиот народ после неговото ослободување во 1919 година?
8 Во Језекиил 11:18—20 го читаме пророковиот опис на среќата на Божјиот народ после нивната обнова. Првото исполнување на неговите зборови значело прочистување на Израел во деновите на Ездра и Неемија. Современото исполнување значело нешто слично. Да видиме како. Јехова вели: „Ќе дојдат [во својата земја] и ќе ги исфрлат од неа сите гадотии и сите нечистотии“. Токму како што било проречено, почнувајќи од 1919 година, Јехова го прочистил својот народ и повторно го заживеал за да Му служи. Тие почнале да ги отстрануваат од својата духовна средина сите вавилонски постапки и доктрини со кои биле загадени во Неговите очи.
9. Какви значајни благослови му дал Јехова на својот народ почнувајќи од 1919 година?
9 Потоа, според стих 19, Јехова продолжува да вели: „И ќе им дадам едно срце, ќе вложам во нив нов дух, ќе го земам од телото нивно каменото срце и ќе им дадам срце од плот“. Во склад со овие зборови, во 1919 година Јехова ги обединил своите помазани слуги, така да се каже, им дал „едно срце“, со цел да му служат „рамо до рамо“ (Софонија 3:9, НС). Понатаму, на својот народ Јехова му дал свет дух за да го оживее во делото на сведочење и да ги произведе во него добрите плодови што се опишани во Галатјаните 5:22, 23. И наместо камено срце кое не реагира, Јехова му дал меко, прилагодливо, послушно срце, срце кое ќе одговори на Неговата волја.
10. Зошто Јехова го благословил својот обновен народ од 1919 година наваму?
10 Зошто го сторил тоа? Самиот Јехова објаснува. Во Језекиил 11:20 читаме: „За да одат по Моите заповеди, да ги пазат Моите наредби и да ги извршуваат; и ќе бидат Мој народ, и Јас ќе бидам пак нивни Бог“. Божјиот Израел научил да го слуша Јеховиниот закон наместо да ги следи своите идеи. Тие научиле да ја вршат Божјата волја без страв од човек. На тој начин, се издвојувале како поинакви од фалсификат христијаните на христијанскиот свет. Тие биле Јеховин народ. Како такви, Јехова бил спремен да ги употреби како свој гласник, свој „верен и разборит роб“ (Матеј 24:45—47, НС).
Среќата на Божјите гласници
11. На кој начин книгата Исаија ја опишува среќата на Јеховиниот народ?
11 Можеш ли да си ја замислиш нивната среќа кога сфатиле каква привилегирана положба уживале? Како група, тие ги одгласувале зборовите од Исаија 61:10: „Многу ќе се радувам во Господа, душата моја ќе се развесели во мојот Бог“. Врз нив се исполнило ветувањето од Исаија 35:10: „Ќе се вратат избавените од Господа, ќе дојдат на Сион со радосни извици; и вечна радост ќе биде над нивната глава; тие ќе најдат радост и веселба, а жалоста и воздишката ќе се оддалечат“. Таква била среќата на Јеховините гласници на божествен мир во 1919 година, кога тргнале да му ја проповедаат добрата вест на целото човештво. Оттогаш па сѐ до денешен ден, тие не престанале да ја извршуваат оваа задача, и нивната среќа се зголемила. Во својата Проповед на гората, Исус изјавил: „Среќни се миротворците, зашто ќе бидат наречени ‚Божји синови‘ “ (Матеј 5:9, НС, фуснота). Остатокот од помазани „Божји синови“ ја доживува вистинитоста на таа објава од 1919 година па сѐ до денес.
12, 13. а) Кој му се придружил на Божјиот Израел во служењето на Бог, и со што се зафатиле тие? б) Каква голема радост доживеале Јеховините помазани слуги?
12 Како што одминувале годините, бројот на Божјиот Израел се зголемувал сѐ до 1930-тите, кога собирањето на преостанатите од помазаниците се ближело кон крај. Дали тогаш престанало зголемувањето на бројот на проповедници на добрата вест? Во никој случај. Веќе почнало да се појавува едно големо мноштво христијани со земна надеж, кои им се придружиле на своите помазани браќа во делото на проповедање. Апостол Јован го видел во визија ова големо мноштво, и забележителен е начинот на кој тој го опишува: „Затоа се пред престолот на Бога, Кому Му служат во Неговиот храм и дење и ноќе“ (Откровение 7:15). Да, големото мноштво се зафатило со служење на Бог. Како резултат на тоа, кога бројот на помазаниците почнал да се намалува, по 1935 година, овие верни придружници го продолжиле делото на сведочење со еден зголемен замав.
13 На тој начин биле исполнети стиховите од Исаија 60:3, 4: „Народите ќе дојдат кон твоето видело, царевите — кон светлината што изгрева над тебе. Крени ги очите и погледај наоколу: сите тие се собираат, идат при тебе; твоите синови ќе дојдат од далеку, и твоите ќерки на раце ќе се носат“. Среќата што овој развој на настаните му ја донел на Божјиот Израел, прекрасно е опишана во Исаија 60:5, каде што читаме: „Тогаш ќе видиш и ќе се зарадуваш, и срцето твое ќе затрепери и ќе се рашири, зашто богатството на морето ќе се сврти кон тебе, имотот на народите ќе дојде при тебе“.
Јеховината организација во движење
14. а) Каква визија за небесните работи видел Језекиил, и каква заповед добил? б) Што проникнал Јеховиниот народ во денешно време, и каква обврска чувствувал?
14 Во 613 година пр. н. е., во една визија Језекиил ја видел во движење Јеховината небесна организација слична на кочија (Језекиил 1:4—28). По тоа, Јехова му рекол: „Сине човечки, стани и појди во домот Израилев и кажи им ги Моиве зборови“ (Језекиил 3:4). Во оваа 1997 година, ние проникнуваме дека Јеховината небесна организација сѐ уште неумоливо се движи за да ги исполни Божјите намери. Затоа, ние сѐ уште се чувствуваме поттикнати да им зборуваме на другите за овие намери. Во свое време, Језекиил кажувал зборови кои биле директно инспирирани од Јехова. Денес ние кажуваме зборови од Јеховината инспирирана Реч, Библијата. А каква само порака за човештвото има таа книга! Додека многумина се загрижени за иднината, Библијата покажува дека работите се далеку полоши — а истовремено и далеку подобри — отколку што си замислуваат тие.
15. Зошто условите се полоши отколку што мнозина денес мислат?
15 Работите се полоши бидејќи, како што научивме во претходните статии, христијанскиот свет и сите други лажни религии наскоро ќе бидат уништени, и тоа исто толку потполно како што бил уништен и Ерусалим во 607 година пр. н. е. Понатаму, целиот глобален политички ентитет, кој во книгата Откровение е претставен како дива ѕверка со седум глави и десет рогови, наскоро ќе биде збришан како што биле збришани и многу пагански соседи на Ерусалим (Откровение 13:1, 2; 19:19—21). Во времето на Језекиил, Јехова живописно го опишал ужасот предизвикан од уништувањето на Ерусалим кое се приближувало. Но, неговите зборови ќе имаат далеку поголемо значење кога луѓето ќе го проникнат претстојното уништување на овој свет. Јехова му рекол на Језекиил: „А ти, сине човечки, плачи како да ти се бедрата прекршени и офкај пред очите нивни. А кога ќе те прашаат: ‚зошто офкаш‘, кажи: ‚поради гласот што доаѓа‘, — од кој ќе замре секое срце и сите раце ќе малаксаат, и секој дух ќе се нажали, и сите колена ќе затреперат како вода. Ете, тоа ќе дојде и ќе се случи, вели Господ Бог“ (Језекиил 21:6, 7; Матеј 24:30). Да, непосредно пред нас лежат настани кои влеваат страв. Нашата длабока загриженост за другите луѓе нѐ поттикнува да го разгласуваме предупредувањето, да го кажуваме „гласот“ за Јеховиниот гнев што доаѓа.
16. Зошто за кротките лица условите се подобри отколку што мнозина мислат?
16 Во исто време, за кротките лица работите се далеку подобро отколку што си замислуваат повеќето луѓе. На кој начин? Така што Исус Христос умрел за нашите гревови и сега владее како Цар на Божјето Царство (1. Тимотеј 1:15; Откровение 11:15). Навидум нерешливите проблеми на човештвото наскоро ќе бидат надминати преку тоа небесно Царство. Смртта, болеста, корупцијата, гладот и криминалот ќе станат работи на минатото, а Божјето Царство непречено ќе владее над рајската Земја (Откровение 21:3, 4). Човештвото ќе се радува на божествен мир — на мирољубив однос со Јехова Бог, а и еден со друг (Псалм 71:7).
17. Кои порасти донесуваат радост за срцата на гласниците на божествен мир?
17 Во некои делови на светот, впечатливо големи мноштва кротки лица реагираат на оваа порака на божествен мир. Да спомнеме само неколку примери: минатата година Украина извести 17-процентен пораст на објавители. Мозамбик извести 17-процентен пораст, Литванија — 29-процентен пораст. Русија имаше 31-процентен пораст, додека Албанија доживеа 52-процентен пораст на објавители. Овие порасти ги претставуваат десетиците илјади поединци со чесни срца кои сакаат да уживаат божествен мир и кои зазеле свој став за праведноста. Таквиот рапиден пораст му донесува радост на целото христијанско братство.
18. Каков ќе биде нашиот став, сеедно дали луѓето слушаат или не?
18 Дали луѓето таму каде што живееш ти реагираат толку спремно? Доколку е така, и ние се радуваме со тебе. Меѓутоа, на некои подрачја се потребни многу, многу часови напорна работа додека се најде макар едно заинтересирано лице. Дали на оние кои служат на такви подрачја им олабавуваат рацете или се обесхрабруваат? Не. Јеховините сведоци се сеќаваат на Божјите зборови до Језекиил кога Тој за првпат му дал налог на младиот пророк да им проповеда на своите еврејски сонародници: „Дали ќе те послушаат или нема да те послушаат, бидејќи тие се дом отстапнички — но нека знаат дека меѓу нив имало пророк“ (Језекиил 2:5). Како Језекиил, продолжуваме да им кажуваме на луѓето за божествениот мир, без разлика дали тие се оѕвиваат или не. Ако слушаат, ние сме воодушевени. Ако ни го свртат грбот, ако нѐ исмејуваат, па дури и нѐ прогонуваат, ние истрајуваме. Ние го сакаме Јехова, а Библијата вели: „Љубовта . . . сѐ претрпува“ (1. Коринтјаните 13:4, 7). Затоа што проповедаме со истрајност, луѓето знаат кои се Јеховините сведоци. Тие ја знаат нашата порака. Кога ќе дојде крајот, тие ќе знаат дека Јеховините сведоци се обидувале да им помогнат да уживаат божествен мир.
19. Која огромна предност ја цениме како слуги на вистинскиот Бог?
19 Постои ли некаква поголема предност отколку да му се служи на Јехова? Не! Нашата најголема среќа доаѓа од нашиот однос со Бог и од спознанието дека ја вршиме неговата волја. „Среќен е народот кој го познава радосното извикување. О Јехова, во светлината на твоето лице продолжуваат да одат“ (Псалм 89:15, НС). Секогаш да ја цениме радоста што сме Божји гласници на мир за човештвото. Марливо да ја одиграме нашата улога во ова дело сѐ додека Јехова не рече дека е извршено.
Се сеќаваш ли?
◻ Кои се Божјите гласници на мир денес?
◻ Како знаеме дека Големиот Вавилон доживеал пад во 1919 година?
◻ Која е главната грижа на ‚големото мноштво‘?
◻ Зошто иднината е поцрна отколку што мислат повеќето луѓе денес?
◻ Зошто може иднината за лицата со исправни срца да биде подобра отколку што си замислуваат тие?
[Слики на страница 21]
Кога ќе го видат влошувањето на човечкото општество, мнозина имаат лошо претчувство
[Слики на страница 23]
Гласниците на божествениот мир се најсреќните луѓе на Земјата денес