Да се идентификува исправниот вид гласник
„Јас сум . . . Оној кој прави да се обистини зборот на неговиот слуга, и Оној кој потполно го извршува советот на своите сопствени гласници“ (ИСАИЈА 44:25, 26, НС).
1. На кој начин Јехова го идентификува исправниот вид гласници, а како го разоткрива лажниот?
ЈЕХОВА БОГ е Големиот Идентификувач на своите вистински гласници. Тој ги идентификува со тоа што прави да се обистинат пораките што ги испраќа преку нив. Јехова е и Голем Разоткривач на лажните гласници. Како ги разоткрива нив? Тој ги осуетува нивните знаци и предвидувања. На овој начин, тој покажува дека тие се самонаименувани предвидувачи, чии пораки навистина потекнуваат од нивното сопствено лажно резонирање — да, нивното будалесто, телесно размислување!
2. Каков конфликт меѓу гласниците се случил во израелски времиња?
2 И Исаија и Језекиил тврделе дека се гласници на Јехова Бог. Дали биле? Да видиме. Исаија пророкувал во Ерусалим од отприлика 778 пр. н. е. до некое време после 732 година пр. н. е. Језекиил бил изгнан во Вавилон во 617 пр .н. е. Тој им пророкувал на своите еврејски браќа таму. Обајцата пророци смело објавиле дека Ерусалим ќе биде уништен. Други пророци велеле дека Бог нема да дозволи тоа да се случи. Кои се докажале дека се исправен вид гласници?
Јехова ги разоткрива лажните пророци
3, 4. а) Кои две спротивставени пораки им биле пренесени на Израелците во Вавилон, и како Јехова разоткрил еден лажен гласник? б) Што рекол Јехова дека ќе им се случи на лажните пророци?
3 Додека бил во Вавилон, на Језекиил му била дадена визија за она што се случувало во ерусалимскиот храм. На влезот од неговата источна порта имало 25 мажи. Меѓу нив имало два кнеза, Јазанија и Фалтија. Како гледал Јехова на нив? Језекиил 11:2, 3 одговара: „Сине човечки, еве ги луѓето што на ум имаат да вршат беззаконија и кои му даваат лош совет во овој град, велејќи: ‚Уште е далеку; да си градиме домови‘ “. Овие дрски гласници на мир велеле: ‚Нема никаква опасност за Ерусалим. Па, наскоро во него ќе градиме повеќе куќи!‘ Затоа Јехова му рекол на Језекиил да противпророкува на овие лажливи пророци. Во 13. стих од 11. поглавје, Језекиил ни кажува што му се случило на еден од нив: „И ете, кога пророкував, Фалтија, синот Ванеев, умре“. Ова веројатно се случило затоа што Фалтија бил најугледниот и највлијателниот кнез и најистакнат идолопоклоник. Неговата ненадејна смрт докажала дека тој бил лажен пророк!
4 Јеховиното погубување на Фалтија не ги запрело другите лажни пророци да лажат во Божје име. Овие измамници продолжиле по својот луд правец да претскажуваат работи против Божјата волја. Затоа, Јехова му рекол на Језекиил: „Тешко им на безумните пророци, што се водат од својот дух, а ништо не виделе“. Како Фалтија, нив повеќе ќе ‚ги немало‘ затоа што пркосно предвидувале за Ерусалим ‚мирни виденија, кога мир немало‘ (Језекиил 13:3, 15, 16).
5, 6. И покрај сите лажни гласници, на кој начин Исаија бил оправдан како вистински пророк?
5 Што се однесува до Исаија, сите негови божествени пораки во врска со Ерусалим се обистиниле. Летото 607 година пр. н. е., Вавилонците го уништиле градот и одвеле еден еврејски остаток назад во Вавилон како заробеници (2. Летописи 36:15—21; Језекиил 22:28; Даниил 9:2). Дали овие неволји ги запреле лажните пророци да го бомбардираат Божјиот народ со залудни дрдорења? Не, тие лажливи гласници продолжиле со тоа!
6 Како ова да не било доволно, израелските изгнаници биле изложени и на вавилонските фалбаџиски гатачи, претскажувачи и астролози. Меѓутоа, Јехова докажал дека сите овие лажни гласници се осуетени будали кај кои работите биле извртени. Со текот на времето, тој покажал дека Језекиил бил негов вистински гласник, како што бил и Исаија. Јехова ги исполнил сите зборови што ги изговорил преку нив, токму како што и ветил: „Јас ги осуетувам знаците на празните дрдорковци, и Јас сум Оној кој предизвикува самите гатачи да постапуваат безумно; Оној кој ги свртува мудреците назад, и Оној кој дури и нивното спознание го претвора во лудост; Оној кој прави да се обистини зборот на неговиот слуга, и Оној кој потполно го извршува советот на своите сопствени гласници“ (Исаија 44:25, 26, НС).
Запрепастувачки пораки во врска со Вавилон и Ерусалим
7, 8. Која инспирирана порака ја имал Исаија за Вавилон, и што значеле неговите зборови?
7 Јуда и Ерусалим требало 70 години да бидат опустошени, без човечки жители. Меѓутоа, преку Исаија и Језекиил, Јехова објавил дека градот повторно ќе биде изграден и дека земјата ќе биде населена во точното време што го прорекол тој! Тоа било едно зачудувачко претскажување. Зошто? Затоа што Вавилон имал репутација дека никогаш не ги ослободува своите затвореници (Исаија 14:4, 15—17). Тогаш, кој би можел да ги ослободи овие заробеници? Кој би можел да го порази моќниот Вавилон со неговите колосални ѕидини и со речниот одбранбен систем? Семоќниот Јехова би можел! А тој и рекол дека ќе го стори тоа: „Јас ѝ велам на бездната [то ест водната одбрана на градот]: ‚Исуши се!‘ И реките твои Јас ќе ги исушам. Кој вели за Кира: ‚Тој е Мој пастир, и тој ќе ја исполни секоја волја Моја и ќе му рече на Ерусалим: „Ти ќе бидеш одново изграден!“ и на храмот „ти ќе бидеш основан!“ ‘ “ (Исаија 44:25, 27, 28).
8 Замисли си само! Реката Еуфрат, една навистина огромна препрека за луѓето, за Јехова била како капка вода на вжештена површина. Паф — и препреката ќе испари! Вавилон ќе падне! Иако имало уште околу 150 години до раѓањето на Кир Персиски, Јехова му дал на Исаија да го прорече освојувањето на Вавилон од страна на овој цар, како и ослободувањето на еврејските заробеници со тоа што го овластил нивното враќање за повторно да го изградат Ерусалим и неговиот храм.
9. Кого Јехова го именувал како свој застапник за казнување на Вавилон?
9 Ова пророштво го наоѓаме во Исаија 45:1—3: „Вака му вели Господ на Својот помазаник Кира: ‚Те држам за десната рака, за да ти покорам народи . . . за да ти се отворат вратите, и портите да не бидат затворени. Пред тебе ќе одам, планини ќе рамнам, бакарни врати ќе разбивам и железни резиња ќе кршам; тебе ќе ти ги предадам чуваните во темно богатства и сокриените добра, за да познаеш, дека Јас сум Господ. Кој те нарекувам по име‘ “.
10. На кој начин Кир бил „помазан“, и како можел Јехова да му зборува пред повеќе од сто години од неговото раѓање?
10 Забележи дека Јехова му зборува на Кир како тој веќе да е жив. Ова е во согласност со Павловата изјава дека Бог „го вика она што не е како да е“ (Римјаните 4:17). Исто така, Бог го идентификува Кир како ‚Свој помазаник‘. Зошто го сторил тоа? Впрочем, Јеховиниот првосвештеник никогаш не истурил свето масло за помазание врз Кировата глава. Точно, но ова е едно пророчко помазание. Тоа укажува на воведување во една посебна служба. Значи, за своето наименување на Кир однапред, Бог можел да зборува како за помазание. (Спореди 3. Царства 19:15—17; 4. Царства 8:13.)
Бог ги исполнува зборовите на своите гласници
11. Зошто жителите на Вавилон се чувствувале безбедни?
11 Во времето кога Кир тргнал против Вавилон, неговите граѓани се чувствувале многу сигурни и безбедни. Нивниот град бил окружен со еден длабок и широк заштитен ендек што го формирала реката Еуфрат. Долж источниот брег од реката, таму каде што реката течела низ градот, имало непрекинат кеј. За да го одвои од градот, Навуходоносор го изградил она што го нарекол ‚огромен ѕид кој, како една планина, не може да биде поместен . . . Неговиот врв [тој] го подигнал висок колку планина‘.a Овој ѕид имал порти со огромни бакарни врати. За да влезе, човек морал да се искачи на падината на работ од реката. Не е ни чудо што затворениците на Вавилон биле очајни во поглед на тоа дека некогаш ќе бидат ослободени!
12, 13. На кој начин Јеховините зборови преку неговиот гласник Исаија се обистиниле кога Вавилон паднал под Кир?
12 Но, не и тие еврејски заробеници кои имале вера во Јехова! Тие имале една светла надеж! Преку своите пророци, Бог имал ветено дека ќе ги ослободи. Како Бог го исполнил своето ветување? Кир им заповедал на своите војски да ја свртат реката Еуфрат на едно место повеќе километри северно од Вавилон. На тој начин, главната одбрана на градот била претворена во едно релативно суво речно корито. Во таа пресудна ноќ, лумпувачките развратници во Вавилон немарно ги оставиле отворени двокрилните врати долж крајбрежјето на Еуфрат. Јехова не ги скршил дословно бакарните врати на парчиња; ниту, пак, ги исекол железните резиња со кои биле затворани, туку неговото чудесно управување на работите за да останат отворени и незаклучени го имало истиот ефект. Ѕидовите на Вавилон биле бескорисни! Трупите на Кир не морале да се качуваат по нив за да влезат внатре. Јехова одел пред Кир, срамнувајќи ги ‚планините‘ — да, сите препреки. Било докажано дека Исаија е вистински Божји гласник.
13 Кога Кир ја имал целосната контрола над градот, сите негови богатства му паднале в раце, вклучувајќи ги и оние што биле сокриени во темни, скришни соби. Зошто Јехова Бог го сторил ова за Кир? За да знае дека Јехова, ‚Кој го нарекува по име‘, е Богот на вистинското пророштво и Суверен Господ на универзумот. Тој би знаел дека Бог му средил да дојде на власт за да го ослободи Неговиот народ, Израел.
14, 15. Од каде знаеме дека својата победа над Вавилон Кир му ја должел на Јехова?
14 Слушни ги Јеховините зборови до Кир: „Заради Јакова, Мојот слуга и Израилот, Мојот избраник, Јас го нареков по име, те почитував, иако не ме познаваше. Јас сум Господ и нема друг; нема Бог освен Мене; Јас те препашав, иако не ме познаваше, за да дознаат од изгрев сонце и од запад, дека нема друг освен Мене: Јас сум Господ, и нема друг. Јас ја создавам светлината и ја правам темнината, правам мир [то ест за својот изгнан народ] и причинувам неволји [за Вавилон]. Јас, Господ, го вршам сето тоа“ (Исаија 45:4—7).
15 Своето освојување на Вавилон, Кир му го должел на Јехова бидејќи Тој бил Оној кој го зајакнал за да го изврши она што му е угодно Нему против тој злобен град и да го ослободи Неговиот заробен народ. Правејќи го ова, Јехова ги повикал своите небеса да пуштат дожд од праведни влијанија или сили. Тој ја повикал својата Земја да се отвори и да предизвика праведни настани и спасение за неговиот изгнан народ. А неговите симболични небеса и Земја се оѕвале на оваа заповед (Исаија 45:8). Повеќе од сто години после неговата смрт, се покажало дека Исаија е Јеховин вистински гласник!
Гласниковата добра вест за Сион!
16. Каква добра вест можела да се објави во опустошениот град Ерусалим кога Вавилон претрпел пораз?
16 Но, има уште. Исаија 52:7 кажува за една добра вест за Ерусалим: „Колку се прекрасни врз горите нозете на благовесникот [на оној кој носи добра вест, НС], кој навестува мир, благовестува радост, проповеда спасение, кој му говори на Сион: ‚Твојот Бог се зацари!‘ “ Замисли си колку само било возбудливо да се види како еден гласник се приближува од планините кон Ерусалим! Тој сигурно има вест. Што е тоа? Тоа е возбудлива вест за Сион! Вест за мир, да, вест за Божјата благонаклоност. Ерусалим и неговиот храм требало повторно да се изградат! А гласникот со триумфална одушевеност објавува: „Твојот Бог се зацари!“
17, 18. На кој начин Кировиот пораз на Вавилон влијаел врз Јеховиното сопствено име?
17 Кога Јехова им дозволил на Вавилонците да го соборат неговиот престол-претслика на кој седеле царевите од Давидовата лоза, можеби се чинело дека Тој повеќе не е Цар. Наместо тоа, изгледало дека цар е Мардок, главниот вавилонски бог. Меѓутоа, кога Сионовиот Бог го соборил Вавилон, тој ја покажал својата универзална сувереност — дека тој е најголемиот Цар. А за да се подвлече овој факт, Ерусалим, ‚градот на великиот Цар‘, требало повторно да биде основан, заедно со неговиот храм (Матеј 5:35). Што се однесува до гласникот кој ја донел таквата добра вест, иако неговите стапала биле правливи, извалкани и помодрени, во очите на оние кои го сакале Сион и неговиот Бог, тие изгледале, ах, толку убави!
18 Во пророчка смисла, падот на Вавилон значел дека Божјето Царство било воспоставено, а носителот на добрата вест бил објавител на тој факт. Понатаму, овој древен курир, претскажан од Исаија, предочувал гласник на една повеличествена добра вест — повеличествена поради нејзината возвишена содржина и поради нејзината тема за Царството, со прекрасни импликации за сите луѓе од вера.
19. Каква порака за израелската земја дал Јехова преку Језекиил?
19 И на Језекиил му биле дадени светли пророштва на обнова. Тој прорекол: „Така вели Господ Бог: ‚ . . . ќе ве населам во градовите и ќе бидат обновени урнатините; тогаш ќе речат: „оваа запустена земја стана како Едемската градина“ ‘ “ (Језекиил 36:33, 35).
20. Каков весел поттик Исаија пророчки му дал на Ерусалим?
20 Во вавилонското заробеништво, Божјиот народ тажел по Сион (Псалм 136:1). Сега можеле да се радуваат. Исаија поттикнал: „Веселете се, пејте заедно, урнатини ерусалимски, зашто Господ го утеши народот Свој — го откупи Ерусалим. Ја засука Господ Својата света мишка пред очите на сите народи, — и сите краишта земни ќе го видат спасението од нашиот Бог“ (Исаија 52:9, 10).
21. Како се исполниле зборовите од Исаија 52:9, 10 после поразот на Вавилон?
21 Да, Јеховиниот избран народ имал огромна причина за радост. Тие требало сега повторно да ги заземат овие некогаш опустошени места, правејќи ги да станат како градината Едем. Јехова ‚ја засукал Својата света мишка‘ за нив. Тој, така да се каже, го завратил својот ракав за да работи на тоа да ги врати во нивната сакана татковина. Ова не бил некаков незначителен, незабележлив настан во историјата. Не, сите луѓе кои живееле тогаш ја виделе Божјата ‚засукана мишка‘ како употребува моќ во човечките прилики, со цел да го донесе зачудувачкото спасение на една нација. Ним им бил даден несоборлив доказ дека Исаија и Језекиил биле Јеховините вистински гласници. Никој не можел да се сомнева дека Сионовиот Бог е единствениот жив и вистински Бог по целата Земја. Во Исаија 35:2 читаме: „Тие ќе ја видат славата на Господа, величината на нашиот Бог“. Оние кои го прифатиле овој доказ за Јеховиното Божество, се свртеле да го обожаваат Него.
22. а) За што можеме денес да бидеме благодарни? б) Зошто треба да бидеме особено благодарни што Јехова ги разоткрива лажните гласници?
22 Колку само треба да бидеме благодарни што Јехова ги идентификува своите вистински гласници! Тој навистина е „Оној кој прави да се обистини зборот на неговиот слуга, и Оној кој потполно го извршува советот на своите гласници“ (Исаија 44:26, НС). Пророштвата на обнова што тој им ги дал на Исаија и на Језекиил, ја величаат неговата огромна љубов, незаслужена љубезност и милост спрема своите слуги. Секако, Јехова ја заслужува сета наша фалба за ова! А денес можеме да бидеме особено благодарни што тој ги разоткрива лажните гласници. Тоа е затоа што сега на светската сцена има многу од нив. Нивните грандиозни пораки ги игнорираат Јеховините објавени намери. Следната статија ќе ни помогне да ги идентификуваме тие лажни гласници.
[Фуснота]
a The Monuments and the Old Testament од Ира Морис Прајс (1925).
Можеш ли да објасниш?
◻ Како ги идентификува Јехова своите вистински гласници?
◻ Кого Јехова го именувал преку Исаија за свој застапник за поразување на Вавилон?
◻ Како се исполниле Исаиините пророштва кои го опишуваат поразот на Вавилон?
◻ Каков добар резултат за Јеховиното име имал поразот на Вавилон?
[Слика на страница 9]
На нациите од времето на Језекиил, Вавилон им изгледал непобедлив