Чесност — случајно или по избор?
„ИАКО по природа не сум чесен, понекогаш случајно сум.“ Така вели никаквецот Отолик во Зимска сказна од Вилијам Шекспир. Ова илустрира една основна човечка слабост — нашата наклоност спрема неисправното постапување кое произлегува од ‚предавничко срце‘ (Јеремија 17:9, НС; Псалм 50:5; Римјаните 5:12). Но, дали ова значи дека немаме никаков избор при тоа? Дали доблесното однесување едноставно е работа на случајност? Во никој случај!
Пред да влезат израелските синови во Ветената земја, Мојсеј им зборувал додека тие биле улогорени на Моавските рамнини. Пред нив ставил два јасни избора. Тие можеле да ги послушаат Божјите заповеди и да го добијат неговиот благослов или, пак, да ги отфрлат и да ги пожнеат горките плодови на гревот (5. Мојсеева 30:15—20). Изборот бил нивни.
Како лица со слободна волја, и ние имаме избор. Никој — вклучувајќи го и Бог — не нѐ присилува да правиме добро или да правиме лошо. Меѓутоа, некои би можеле со право да прашаат: ‚Ако нашите срца се наклонети кон лошо, како можеме да го практикуваме она што е добро?‘ Па, еден забар грижливо ги прегледува забите за да открие нагризување или гниење, пред тоа да отиде предалеку. На сличен начин, треба да го испитаме своето симболично срце во потрага по слабости и морален распад. Зошто? Затоа што „од срцето излегуваат лоши помисли, убиства, прељубодејства, блудства, кражби, лажни сведоштва, хули“ — рекол Исус (Матеј 15:18—20).
За да сочува еден заб, забарот мора темелно да го отстрани секое гниење што е најдено. На сличен начин, потребна е одлучна постапка за да се прочистат ‚лошите помисли‘ и неисправните желби од срцето. Преку читањето и размислувањето за Божјата Реч, Библијата, не само што ги запознаваме патиштата на нашиот Творец туку учиме и да го правиме она што е исправно (Исаија 48:17).
Израелскиот цар Давид искористил една натамошна неопходна помош во борбата да го прави она што е исправно. Тој се молел: „Создај во мене дури и чисто срце, о Боже, и вложи во мене нов дух, непоколеблив“ (Псалм 51:10, НС). Да, преку ослонување на Јехова Бог во молитва, и ние можеме да ја совладаме нашата склоност да го правиме она што е лошо и да негуваме „нов дух“ за да правиме добро. На овој начин, нема да ја препуштиме чесноста на некаква случајност. Таа ќе биде ствар на избор.
[Слика на страница 21]
Како во Давидовиот случај, молитвата до Јехова може да ни помогне да правиме добро