Јехова — Бог кој открива тајни
„На небесата има Бог, Кој открива тајни“ (ДАНИИЛ 2:28).
1, 2. а) На кој начин Јехова се разликува од својот голем Непријател? б) Како луѓето ја одразуваат оваа разлика?
ЈЕХОВА, врховниот Бог на универзумот и кој е полн со љубов, едниот и единствен Творец, е Бог на мудрост и на правда. Тој нема потреба да го крие својот идентитет, своите дела или своите намери. Во свое време и по своја волја, тој се открива себеси. На овој начин, тој се разликува од својот Непријател, Сатана Ѓаволот, кој се обидува да го сокрие својот вистински идентитет и намери.
2 Исто како што Јехова и Сатана се спротивности, така се и нивните обожаватели. Оние кои го следат водството на Сатана се карактеризираат со дволичност и измама. Се обидуваат да се прикажат себеси во добра светлина, додека прават дела што ѝ припаѓаат на темнината. На коринтските христијани им било речено да не бидат изненадени од овој факт. „Таквите се лажни апостоли, лукави работници, кои се преобразуваат во Христови апостоли. И не е за чудење; бидејќи самиот сатана се преобразува во ангел на светлината“ (2. Коринтјаните 11:13, 14). Од друга страна, христијаните гледаат на Христос како на свој Водач. Додека бил на Земјата, тој совршено ја одразувал личноста на својот Татко, Јехова Бог (Евреите 1:1—3). Така, следејќи го Христа, христијаните го имитираат Јехова, Богот на вистината, на отвореноста и на светлината. И тие немаат потреба да го кријат својот идентитет, своите дела или, пак, своите намери (Ефесјаните 4:17—19; 5:1, 2).
3. Како можеме да го побиеме обвинението дека луѓето кои стануваат Јеховини сведоци се принудени да ѝ се придружат на некаква „тајна секта“?
3 Во времиња за кои тој знае дека се најдобри, Јехова открива детали во врска со своите намери и со иднината која претходно им била непозната на луѓето. Во оваа смисла, тој е Бог кој открива тајни. На тој начин, луѓето кои сакаат да му служат, се поканети — да, поттикнати — да ги дознаат таквите откриени информации. Во 1994 година, една анкета спроведена во една европска земја меѓу над 145.000 Сведоци, откри дека во просек секој од нив по три години лично ги истражувал учењата на Јеховините сведоци пред да избере да стане Сведок. Тие го направиле изборот според својата слободна волја, без принуда. А тие и понатаму имаат слобода на волјата и на постапувањето. На пример, поради тоа што еден мал број почнале да не се согласуваат со високите мерила на моралност за христијаните, истите подоцна одлучиле дека повеќе не сакаат да бидат Сведоци. Сепак, интересно е тоа што во текот на изминатите пет години, еден голем дел од овие поранешни Сведоци презеле чекори повторно да почнат со своето дружење и активност како Сведоци.
4. Што не треба да ги вознемирува верните христијани, и зошто не?
4 Се разбира, не сите поранешни Сведоци се враќаат, и меѓу нив има и некои кои еднаш заземале одговорни положаи во христијанското собрание. Ова не треба да биде изненадувачко, бидејќи дури и еден од Исусовите најблиски следбеници, апостолот Јуда, се отклонил (Матеј 26:14—16, 20—25). Но, дали ова е причина да се биде вознемирен во врска со самото христијанство? Дали ова го негира успехот со кој Јеховините сведоци ја вршат својата образовна активност. Воопшто не, како што ни предавничката постапка на Јуда Искариотски не ги довела Божјите намери до застој.
Семоќен, а сепак полн со љубов
5. Од каде знаеме дека Јехова и Исус Христос ги љубат луѓето, и како ја покажале оваа љубов?
5 Јехова е Бог на љубов. Тој се грижи за луѓето (1. Јованово 4:7—11). И покрај својот возвишен положај, тој се радува да се спријателува со луѓето. Во врска со еден од неговите древни слуги, читаме: „ ,Му поверува Авраам на Бога, и тоа му се прими како оправдание‘, и тој се нарече — пријател Божји“ (Јаков 2:23; 2. Летописи 20:7; Исаија 41:8). Како што човечките пријатели споделуваат доверливи работи или тајни, така прави и Јехова со своите пријатели. Во овој поглед, Исус го имитирал својот Татко, бидејќи се спријателил со своите ученици и споделувал тајни со нив. „Не ве наречувам веќе слуги“ — им рекол тој — „зашто слугата не знае што работи господарот; туку ве нареков пријатели, оти ви кажав сѐ што сум чул од Мојот Отец“ (Јован 15:15). Приватните информации или „тајни“, што ги споделуваат Јехова, неговиот Син и нивните пријатели, ги обединуваат во една нераскинлива врска на љубов и оддаденост (Колосјаните 3:14).
6. Зошто Јехова нема потреба да ги крие своите намери?
6 Значењето на името Јехова, „Тој предизвикува да настане“, укажува на неговата способност да стане сѐ што треба за да ја изврши својата намера. За разлика од луѓето, Јехова нема потреба да ги крие своите намери од страв дека другите би можеле да го спречат да ги изврши. Тој едноставно не може да потфрли, па затоа во својата Реч, Библијата, отворено открива многу од она што намерава да го направи. Тој ветува: „Моето слово . . . не се враќа кон Мене празно, туку го исполнува она, што Ми е угодно, и го прави она за што сум го испратил Јас“ (Исаија 55:11).
7. а) Што претскажал Јехова во Едем, и на кој начин Сатана докажал дека Бог е вистинит? б) На кој начин начелото од 2. Коринтјаните 13:8 (НС) секогаш се покажува точно?
7 Кратко после побуната во Едем, Јехова го открил накратко конечниот исход на тековниот спор помеѓу него и неговиот Непријател, Сатана. Божјето ветено Семе требало да биде болно згмечено, но не смртно, додека Сатана конечно би претрпел погубно згмечување (1. Мојсеева 3:15). Во 33 година н. е., Ѓаволот навистина го згмечил Семето, Христос Исус, со тоа што ја предизвикал неговата смрт. На овој начин, Сатана го исполнил Писмото и истовремено докажал дека Јехова е Бог на вистината, иако тоа секако не била Сатановата намера. Неговата омраза спрема вистината и праведноста, како и неговиот горд, непокајнички став, го навеле да го стори токму она што Бог прорекол дека ќе го стори. Да, за сите противници на вистината, па дури и за самиот Сатана, важи начелото: „Ние не можеме да сториме ништо против вистината, туку само за вистината“ (2. Коринтјаните 13:8, НС).
8, 9. а) Што знае Сатана, но сепак дали тоа спознание го загрозува извршувањето на Јеховините намери? б) Кое јасно предупредување го игнорираат противниците на Јехова, и зошто?
8 Поради тоа што Божјето Царство било невидливо воспоставено во 1914 година, применето е Откровение 12:12: „Затоа, веселете се, небеса, и вие, кои живеете на нив! Тешко вам, кои живеете на земјата и морето, зашто ѓаволот слегнал при вас со голем гнев, оти знае дека му останува малку време“. Сепак, дали спознанието дека неговото време е кратко, го натерало Сатана да го промени својот пат? Тоа би претставувало признание од страна на Сатана дека Јехова е Бог на вистината и дека, како Врховен Владетел, само тој е достоен за обожавање. Меѓутоа, Ѓаволот не е спремен да признае пораз, па дури и покрај спознанието за тоа.
9 Јехова отворено открива што ќе се случи кога Христос ќе дојде да изврши пресуда над Сатановиот светски систем (Матеј 24:29—31; 25:31—46). Во овој поглед, неговата Реч објавува во врска со светските владетели: „Кога ќе речат: ‚Мир и безопасност!‘, тогаш ненадејно ќе ги стигне погибел, како што ја напаѓаат родилни маки секоја непразна жена“ (1. Солунјаните 5:3). Оние кои го следат Сатановото водство, го игнорираат ова јасно предупредување. Тие се заслепени поради нивните злобни срца, и тоа ги спречува да се покајат поради својот зол пат и да ги променат своите планови и стратегија со кои се обидуваат да ги осуетат Јеховините намери.
10. а) До кој обем стихот од 1. Солунјаните 5:3 можеби се исполнил, но како треба да реагира Јеховиниот народ? б) Зошто луѓето без вера би можеле во иднина да стануваат похрабри во спротивставувањето на Јеховиниот народ?
10 Особено од 1986 година наваму, кога од страна на Обединетите нации беше прогласена Меѓународна година на мирот, во светот многу се зборуваше за мир и безбедност. Преземени се дефинитивни чекори во обидот да се обезбеди светски мир, очигледно со извесна мерка на успех. Дали ова е целото исполнување на ова пророштво или, пак, можеме да очекуваме некакво идно потресно известување? Јехова ќе ја разјасни таа работа во свое време. Во меѓувреме, да останеме духовно будни, „очекувајќи ја и цврсто задржувајќи ја на ум присутноста на Јеховиниот ден“ (2. Петрово 3:12, НС). Како што времето продолжува да одминува додека уште се зборува за мир и безбедност, некои поединци кои знаат за ова предупредување а сепак одлучуваат да го игнорираат, може да станат попркосни во претпоставката дека Јехова нема или не може да ја исполни својата реч. (Спореди Проповедник 8:11—13; 2. Петрово 3:3, 4.) Но, вистинските христијани знаат дека Јехова ќе ја изврши својата намера!
Исправна почит кон посредништвата што ги користи Јехова
11. Што научиле Даниил и Јосиф за Јехова?
11 Кога царот Навуходоносор, владетелот на Неовавилонската Империја, имал еден вознемирувачки сон на кој не можел да се сети, тој побарал помош. Неговите свештеници, волшебници и маѓесници не можеле ниту да му кажат каков бил неговиот сон ниту, пак, да објаснат што значел. Меѓутоа, Божјиот слуга Даниил бил способен да го стори тоа, иако спремно признал дека откривањето на сонот и на неговото значење не биле резултат на неговата сопствена мудрост. Даниил рекол: „На небесата има Бог, Кој открива тајни; и Он ќе му открие на царот Навуходоносор сѐ што ќе се збидне во последните денови“ (Даниил 2:1—30). Повеќе векови пред тоа, Јосиф, еден друг Божји пророк, на сличен начин го доживеал тоа дека Јехова е Откривач на тајни (1. Мојсеева 40:8—22; Амос 3:7, 8).
12, 13. а) Кој бил Божјиот најголем пророк, и зошто одговараш така? б) Кои денес служат како „управители на светите тајни Божји“, и како би требало да гледаме на нив?
12 Најголемиот Јеховин пророк кој служел на Земјата бил Исус (Дела 3:19—24). Павле објаснил: „Бог, Кој во старо време, откако многупати и на многу начини им зборуваше на оците наши преку пророците, во последниве дни ни зборува преку Синот, Кого Го постави за наследник над сѐ, преку Кого ги создаде и вековите“ (Евреите 1:1, 2).
13 Јехова им зборувал на раните христијани преку својот Син, Исус, кој им објавил божествени тајни. Исус им рекол: „Вам ви е дадено да ги знаете тајните на царството Божјо“ (Лука 8:10). Павле подоцна зборувал за помазаните христијани како за „подредени на Христа и управители на светите тајни Божји“ (1. Коринтјаните 4:1, НС). Денес, помазаните христијани продолжуваат да служат како такви, сочинувајќи една класа на верен и разборит роб, која преку своето Водечко тело обезбедува духовна храна во право време (Матеј 24:45—47, НС). Ако високо ги почитуваме Божјите инспирирани пророци од минатите времиња, а особено Божјиот Син, зарем не треба да го почитуваме и човечкото посредништво што Јехова го користи денес во откривањето на библиските информации кои му се толку потребни на неговиот народ во овие критични времиња? (2. Тимотеј 3:1—5, 13).
Отвореност или тајност?
14. Кога христијаните извршуваат активности во тајност, и чиј пример го следат со тоа?
14 Дали Јеховината отвореност во откривањето на работите значи дека христијаните треба секогаш и под сите околности да откриваат сѐ што знаат? Па, христијаните го следат Исусовиот совет до неговите апостоли да бидат „мудри [претпазливи, НС] како змии и незлобни како гулаби“ (Матеј 10:16). Ако им се рече дека не можат да го обожаваат Бог како што тоа го бара нивната совест, христијаните продолжуваат да ‚му се покоруваат на Бога‘ бидејќи сфаќаат дека ниедно човечко посредништво нема право да го ограничува Јеховиното обожавање (Дела 5:29). Самиот Исус ја прикажал исправноста на ова. Читаме: „Потоа одеше Исус по Галилеја, зашто нејќеше да оди во Јудеја, оти Јудејците сакаа да Го убијат. Се приближуваше, пак, јудејскиот празник — Правење сеници. А на тоа Исус им одговори [на своите телесни браќа кои не верувале]: . . . ‚Вие отидете на овој празник; Јас нема да излезам на празникот, зашто времето Мое уште не се исполнило‘. Откако го рече тоа, остана во Галилеја. Но, штом отидоа браќата Негови, отиде на празникот и Он, но не јавно, туку некако тајно“ (Јован 7:1, 2, 6, 8—10).
Да се каже или да не се каже?
15. Како покажал Јосиф дека понекогаш е љубезно да се чуваат тајни?
15 Во некои случаи, да се држи некоја работа во приватност не само што е мудро туку е и полно со љубов. На пример, како реагирал Јосиф, Исусовиот потатко, кога дознал дека неговата верена невеста, Марија, била бремена? Читаме: „А Јосиф, нејзиниот маж, бидејќи праведен, не сакаше да ја посрами [да ѝ направи јавен скандал, НС] и намисли тајно да ја отпушти“ (Матеј 1:18, 19). Колку само нељубезно би било да ѝ направи јавен скандал!
16. Каква одговорност имаат старешините, како и сите други членови на собранието, во поглед на доверливите работи?
16 Доверливите работи кои би можеле да предизвикаат непријатност или болка, не треба да им се откриваат на неовластени лица. Христијанските старешини го држат ова на ум кога мораат да им понудат личен совет или утеха на сохристијаните, или можеби дури и да им дадат стега поради сериозно грешење спрема Јехова. Неопходно е со овие работи да се постапува на библиски начин. Непотребно и нељубезно е да им се откриваат доверливи детали на оние кои не се вклучени. Секако, членовите на христијанското собрание нема да се обидуваат да извлекуваат доверливи информации од старешините, туку ќе ја почитуваат одговорноста на старешините доверливите работи да ги држат тајно. Стихот од Изреки 25:9 забележува: „Суди се со противникот, но туѓи тајни не откривај“.
17. Зошто христијаните, во повеќето случаи, доверливите работи ги чуваат во тајност, но зошто не можат секогаш да прават така?
17 Ова начело важи и во семејниот круг или меѓу блиски пријатели. За да се избегнат недоразбирања и напнати односи, битно е некои работи да се држат доверливо. „Северниот ветар дожд донесува, а таен јазик [јазик што оддава тајна, НС] — незадоволни лица“ (Изреки 25:23). Секако, лојалноста спрема Јехова и спрема неговите праведни начела, како и љубовта спрема поединци кои грешат, би можела повремено да наложат да им се кажат дури и доверливи работи на родителите, на христијанските старешини или на други овластени лица.a Но, во повеќето случаи, христијаните ги држат во доверливост личните тајни на другите, чувајќи ги онака како што ги чуваат своите сопствени.
18. Кои три христијански особини можат да ни помогнат да одредиме што треба да кажеме, а што не?
18 Сѐ на сѐ, еден христијанин го имитира Јехова со тоа што извесни работи ги чува доверливи кога тоа е неопходно, откривајќи ги само кога е прикладно. При одлучувањето што треба а што не треба да каже, тој е воден од понизност, вера и љубов. Понизноста го спречува да не ја преувеличува својата сопствена важност, обидувајќи се да ги импресионира другите — било со тоа што ќе им каже сѐ што знае или, пак, со тоа што ќе ги задева другите со тајни што не може да ги каже. Верата во Јеховината Реч и во христијанското собрание го мотивира да проповеда божествено обезбедени библиски информации, додека внимателно избегнува на почетокот да кажува работи кои би можеле да ги навредат другите. Да, љубовта го мотивира отворено да кажува работи кои го слават Бог и кои луѓето треба да ги знаат за да постигнат живот. Од друга страна, тој ги чува доверливите лични работи, сфаќајќи дека во повеќето случаи, ако ги открие, тоа би било еднакво на покажување недостиг на љубов.
19. Кој правец на постапување помага да се идентификуваат вистинските христијани, и до што доведува тоа?
19 Овој урамнотежен пристап помага да се идентификуваат вистинските христијани. Тие не го кријат Божјиот идентитет зад маската на безименост или зад некаква мистериозна, необјаснива доктрина за тројство. Непознатите богови се карактеристика на лажната религија, а не на вистинската. (Види Дела 17:22, 23.) Јеховините помазани сведоци вистински ја ценат предноста што се „управители на светите тајни Божји“. Со тоа што отворено им ги откриваат овие тајни на другите, тие помагаат да се привлечат лицата со чесни срца за да го бараат Јеховиното пријателство (1. Коринтјаните 4:1, НС; 14:22—25; Захарија 8:23; Малахија 3:18).
[Фуснота]
a Види „Не учествувај во гревовите на другите“ во Стражарска кула од 1 април 1986.
Како би одговорил?
◻ Зошто Јехова нема потреба да ги крие своите намери?
◻ Кому Јехова му ги открива своите тајни?
◻ Каква одговорност имаат христијаните во поглед на доверливите работи?
◻ Кои три особини ќе им помогнат на христијаните да знаат што да кажат, а што не?
[Слики на страници 8 и 9]
Јехова открива тајни преку својата Реч