Дипломирање на студентите на Божјата Реч
ИМИТИРАЈЌИ ги христијаните од првиот век, Јеховините сведоци се познати ширум светот по своето проповедање од врата до врата. Ова дело беше ставено во фокусот на уводните забелешки на програмата по повод дипломирањето на 102-от клас на Библиската школа Гилеад на Watchtower.
На 1 март 1997 година, Алберт Шредер, член на Водечкото тело на Јеховините сведоци, го сврте вниманието на една неодамнешна статија во францускиот журнал Le Point. Таа ги забележа римокатоличките планови да почнат со проповедање од куќа до куќа во Италија. „За да не дојдат [ватиканските мисионери] со празни раце додека се натпреваруваат на теренот на Јеховините сведоци“ — навела статијата — „Ватикан отиде дотаму што отпечати еден милион примероци од евангелието на Свети Марко, додека нивните емисари се соочуваат со експерти [Сведоците] во ‚пласирањето‘ на добрата реч од врата до врата“.
48-те дипломци се меѓу оние кои ги имитираат Исусовите експертски методи на проповедање во ширењето на Божјата Реч. Тие дојдоа од осум земји во Образовниот центар на Watchtower кај Патерсон (Њујорк). За време на нивните пет месеци школување, тие ја проучија Библијата од корица до корица. Нивниот курс ја вклучуваше и историјата на Божјата организација, практичните аспекти на мисионерскиот живот, како и плодовите на Божјиот дух. Сево ова беше со една цел на ум — да ги подготви за странска мисионерска служба во 17 земји, во кои беа испратени. Додека дипломираа, меѓународна публика од 5.015 лица ја споделуваше радоста на приликата. Каков конечен практичен совет добија тие студенти на Гилеад?
Навремено охрабрување за новите мисионери
По уводните забелешки на претседавачот, помошникот на Одборот за персонал при Водечкото тело — Ралф Волс — го одржа првиот краток говор со практичен совет за новите мисионери. Неговата тема беше „Сеќавај се да љубиш“. Тој истакна дека Библијата во 2. Тимотеј, поглавје 3, прорекла оти на светот сѐ повеќе ќе му недостига љубов. Во склад со описот на љубовта, на новите мисионери тој им го понуди следниов навремен потсетник кој се наоѓа во 1. Коринтјаните 13:1—7: „Вие, како мисионери, би можеле да ги надминувате вашите квоти на часови. Би можеле да имате богатство од спознание стекнато од вашето обучување во Гилеад. Или, пак, би можеле ревносно да работите прекувремено на вашите задачи во подружниците. Но, сите ваши напори и жртви се еднакви на ништо ако заборавате да љубите“.
Потоа, на програмата беше Кери Барбер од Водечкото тело, кој ја разгледа темата „Јехова нѐ води кон победа“. Од нивните мали почетоци после I светска војна, Јехова Бог ги водел своите верни слуги кон победа во објавувањето на добрата вест за своето Царство, и покрај прогонство. Во 1931 година, Проучувачите на Библијата, како што беа познати тогаш, го усвоија името Јеховини сведоци, на разочарување на свештенството на христијанскиот свет. „102-от клас мисионери обучени во Гилеад сега ја имаат величествената предност да имаат голем удел во славното дело да им даваат прилика на колку што е можно поголем број лица да го запознаат тоа свето име“ — наведе брат Барбер. Тие им се придружуваат на долгата листа од 7.131 мисионер кој беше обучуван во школата Гилеад и кој помогна да се рашири проповедањето на Божјата Реч од 54 земји во 1943, на 233 земји денес.
Следниот говорник, Лојд Бери, исто така од Водечкото тело, беше дипломец на 11-от клас на Гилеад и преку 25 години служеше како мисионер во Јапонија. Тој даде охрабрување со својата тема: „Остани до овие работи“. „Голем дел од вашата радост ќе биде пронајден во истрајувањето“ — им рече тој на студентите. Какви награди доаѓаат од истрајувањето во мисионерското дело или на која и да е друга теократска задача? „Над сѐ, нашата истрајност прави Јеховиното срце да се радува . . . Може да се најде големо задоволство кога го чуваме интегритетот под испит . . . Направете ја мисионерската служба свој животен позив . . . Вашата награда ќе биде едно пријатно ‚добро сторено‘ “ (Матеј 25:21, НС; Изреки 27:11). Во заклучокот од своето излагање, брат Бери срдечно препорача новите мисионери да ‚останат до овие работи‘ со тоа што ќе бидат решени мисионерското поле да стане нивни живот (1. Тимотеј 4:16, НС).
„Што ќе видите?“ — беше прашањето што го покрена Карл Адамс, кој имаше удел во поучувањето на многу класови на Гилеад. Тој истакна дека она што новите мисионери ќе го видат на своите доделби не зависи само од нивниот физички вид туку и од очите на нивното срце (Ефесјаните 1:18). Тоа беше илустрирано со она што го виделе израелските шпиони кога ја разгледувале Ветената земја. Сите 12 шпиони ги виделе истите работи од физичка гледна точка, но само двајца ја виделе Ветената земја од Божја гледна точка. И мисионерите можат да ги видат работите на различни начини. Во некои земји каде што ќе служат може да видат сиромаштија, страдање и безнадежност. Но, не треба да реагираат негативно и да ја напуштат земјата. Брат Адамс раскажа за една мисионерка од еден неодамнешен клас, која рекла: „Овие искуства ме натераа да увидам дека морам да останам овде. На овие луѓе им е потребна надеж за иднината. Сакам да ги променам работите во нивниот живот“. Брат Адамс заклучи со охрабрувањето до новите мисионери — на земјите во кои се доделени да гледаат како на подрачја кои Јехова одлучил да ги направи дел од Неговиот глобален рај, а на тамошните луѓе да гледаат како на потенцијални членови на општеството на новиот свет.
Последниот говор во овој дел од програмата беше од Валас Ливеранс, кој служеше извесен број години на мисионерското поле пред да стане инструктор во Гилеад. „Постапувајте со увид во Божјите прекрасни дела“ беше неговата тема. Постапувањето со увид подразбира да се постапува со мудрост, разборитост и здрав разум. Тоа било нешто што израелскиот цар Саул пропуштил да го стори (1. Царства 13:9—13; 15:1—22).
Еден начин да постапуваме со увид е да ги прифатиме предизвиците да се прилагодиме на еден нов начин на живот, вклучувајќи и учење нов јазик и запознавање со луѓето. Искуствата што ги имаат мисионерите во соочувањето со предизвиците и совладувањето на препреките, можат да ги зајакнат духовно на начинот на кој биле зајакнати Исус Навин и Халев кога ја освојувале земјата што им ја доделил Бог.
Интервјуа
Следниот дел од програмата вклучи една серија интервјуа. Харолд Џексон го интервјуираше Јулизис Глас, регистратор и долгогодишен инструктор на школата Гилеад, кој сега има 85 години. Многу мисионери кои сѐ уште се на полето, добро се сеќаваат на неговите години верно поучување и обучување. Потоа дојде Марк Нумар, инструктор во Гилеад, кој помина години во странската служба во Африка, пред да се придружи на персоналот на школата Гилеад. Тој ги интервјуираше студентите во врска со нивната служба во текот на нивните пет месеци школување. Нивните искуства јасно покажаа дека на локалното подрачје има луѓе кои се заинтересирани за Божјата Реч.
Потоа, Роберт Сиранко и Чарлс Молохан зборуваа со искусни мажи кои присуствуваа на една друга школа во објектите, на школата за персонал на подружниците. Нивниот совет до класот што дипломираше ја вклучи потребата да се биде понизен и да се придонесе за единството во собранието. Тие им предложија на дипломците да немаат предодредени идеи во врска со тоа што ќе се случи во мисионерското дело туку, наместо тоа, едноставно да бидат спремни да прифатат сѐ што ќе им застане на патот. Применувањето на овој совет несомнено ќе им помогне на новите мисионери да ги исполнат своите задачи како учители на Божјата Реч.
На крајот, Теодор Џерес, член на Водечкото тело, ѝ се обрати на публиката со темата „Кој врз кого влијае?“ Тој објасни дека, кога ние како христијани ги покажуваме плодовите на духот, можеме да имаме добро влијание врз другите луѓе. „Мисионерите кои се испратени од Јеховината организација, создадоа едно пофално досие дека влијаеле врз луѓето на еден здрав, духовен начин“ — забележа тој. Потоа наведе некои коментари од поединци на кои им било помогнато да му служат на Бог како резултат на добрите примери што ги дале мисионерите. „Задржете ја репутацијата што ја има стекнато Јеховиниот народ и продолжете да чукате на тие врати во вашата странска доделба во потрага по заслужните . . . Исто така, преку вашето исправно, чисто однесување спротивставувајте се на духот на овој свет, и влијајте на добро, на Јеховина фалба и чест“ — заклучи тој.
Во резимето од програмата, претседавачот ги сподели поздравите од блиску и од далеку, а потоа ги врачи дипломите и ги објави мисионерските доделби. По тоа, еден од дипломците прочита една резолуција на класот, изразувајќи благодарности за добиената поука. Очигледно, програмата на дипломирањето на 102-от клас ги направи поодлучни сите присутни да продолжат со објавувањето на Божјата Реч.
[Слика на страница 31]
Дипломира 102-от клас на Библиската школа Гилеад на Watchtower
Во долнава листа, редовите се нумерирани однапред наназад, а имињата се наведени одлево надесно во секој ред.
1) Дафи К.; Алексис Д.; Харф Р.; Ли Џ.; Кори В.; Нортам Т.; Мора Н.; Џорнет Ф. 2) Јупвик Л.; Синг К.; Харт Б.; Киркоријан М.; Ли С.; Растал С.; Зулен К.; Колет К. 3) Синг Д.; Питлу Ж.; Питлу Ф.; Бокок Н.; Торма К.; Маслоу А.; Ричардсон К. 4) Харф Џ.; Џорнет К.; Барбер Е.; Лоберто Ј.; Лоберто Р.; Маслоу М.; Мора Р.; Харт М. 5) Торма С.; Растал Е.; Диаз Р.; Диаз Х.; Вајзер М.; Вајзер Џ.; Киркоријан Г.; Зулен А. 6) Алексис Р.; Барбер Д.; Јупвик Х.; Дафи К.; Колет Т.; Ричардсон М.; Бокок С.; Кори Г.