Зошто бараат прошка?
ИДЕЈАТА дека црквите треба да се покајат за своите грешки и да се реформираат, не е нова. Religioni e miti (Религии и митови), еден речник по религија, вели дека наводниот интегритет на раната црква ги фасцинирал луѓето во текот на средниот век и натерал мнозина да побараат реформа.
Во 1523, по раскинот на Мартин Лутер со Рим, папата Адријан VI се обидел да го поправи раздорот испраќајќи ја следнава порака до Диетата во Нирнберг: „Ние добро знаеме дека долги години околу Светата столица се насобираа работи што заслужуваат гнасење . . . Ќе ја употребиме сета марливост за пред сѐ да ја реформираме Римската Курија, од каде можеби потекнуваат сиве овие зла“. Меѓутоа, тоа признавање не успеа да го излечи расколот ниту, пак, да се спречи корупцијата во папската курија.
Неодамна, црквите беа критикувани поради нивниот молк во однос на холокаустот. Исто така, тие беа обвинети дека не ги одвраќале своите членови од учествување во војните. Во 1941, додека беснееше II светска војна, еден свештеник по име Примо Мацолари, прашал: „Зошто Рим не реагираше остро на сломот на католицизмот како што обичаваше да прави и како што сѐ уште има навика да прави во случајот со помалку опасни доктрини?“ Доктрини помалку опасни од што? Свештеникот зборувал за национализмот кој подбуцнувал на војна, кој во тоа време ја раскинувал цивилизацијата.
Сепак, факт е дека сѐ до неодамна, признавањето на вината од страна на религиите повеќе беше исклучок отколку правило. Во 1832, во одговор на некои кои силно ја поттикнуваа Католичката црква да ‚се регенерира‘, Григориј XVI рекол: „Очигледно е апсурдно и навредливо да се предложува некакво ‚обновување и регенерирање‘ заради безбедност и раст [на црквата], божем таа би можела да се смета за подложна на маана“. Што е со мааните кои биле премногу очевидни за да бидат негирани? Биле усвојувани разни стратегии за нивно оправдување. На пример, некои теолози сметале дека црквата е и света и грешна. За самата институција било речено дека е света — сочувана од грешка од Божја страна. Сепак, нејзините членови се грешни. Значи, кога ќе се извршат ужаси во името на црквата, самата институција не треба да се смета за одговорна, туку поединци во црквата. Дали тоа звучи логично? Не за римокатоличкиот теолог Ханс Кинг, кој напишал: „Не постои идеална Црква која лебди над човечкиот свет“. Тој објаснил: „Таква Црква која нема гревови за исповедање, не постои“.
Екуменизмот и моралниот углед
Можеби се прашуваш кои развои ги навеле црквите да бараат прошка сега. Во почетокот, протестантите и православните ја признаа одговорноста за „минатите поделби“ меѓу различни деноминации. Тоа го сторија на екуменската конференција „Вера и поредок“, одржана 1927 во Лозана (Швајцарија). Римокатоличката црква на крајот го следеше истиот пример. Особено од Ватикан IIa‚ високи прелати, вклучувајќи и папи, со сѐ поголема редовност бараа прошка за поделбите внатре во христијанството. Со која цел? Изгледа дека тие бараат поголемо единство во христијанскиот свет. Католичкиот историчар Николино Сарале навел дека „во проектот на ‚меа кулпи‘ на Јован Павле II има една стратегија, а тоа е екуменизам“.
Меѓутоа, вклучено е повеќе од екуменизам. Денес, далеку од примерна, историјата на христијанскиот свет е нашироко позната. „Католикот не може едноставно да ја отфрли како неважна сета оваа историја“ — вели теологот Ханс Урс фон Балтазар. „Самата Црква на која ѝ припаѓа тој, направила или дозволила да бидат направени работи кои денес сигурно не можеме да ги одобруваме“. Затоа, папата наименувал една комисија за да „фрли светлина врз мрачните страници на црквата, за . . . да може да се бара прошка“. Според тоа, една друга причина за спремноста на црквата да се ангажира во самокритицизам изгледа е желбата да си го поврати моралниот углед.
Коментирајќи за барањата на црквата за прошка, историчарот Алберто Мелони во сличен дух пишува: „Во реалноста, она што понекогаш се бара е помилување од обвинението за одговорност“. Да, се чини дека Католичката црква се обидува да го отфрли бремето на минатите гревови за да си ја поврати својата веродостојност во очите на јавноста. Сепак, со сета чесност, мора да се рече дека таа изгледа позагрижена да склучи мир со светот отколку со Бог.
Таквото однесување нѐ потсетува на Саул, првиот цар на Израел (1. Царства 15:1—12). Тој направил сериозна грешка и, кога тоа било разоткриено, првин се обидел да се оправда — да ја оправда својата грешка — пред Самуил, еден верен Божји пророк (1. Царства 15:13—21). На крајот, царот морал да му признае на Самуил: „Згрешив, бидејќи ја престапив заповедта на Господа“ (1. Царства 15:24, 25). Да, тој ја признал својата кривица. Но, неговите следни зборови до Самуил откриваат што му било прво на ум: „Згрешив; но направи ми сега чест пред старешините на мојот народ и пред Израилот“ (1. Царства 15:30). Очигледно, Саул повеќе бил загрижен за својот углед во Израел отколку да биде помирен со Бог. Овој став не довел до тоа Бог да му прости на Саул. Дали мислиш дека еден сличен став ќе доведе до тоа Бог да им прости на црквите?
Сите не се сложуваат
Сите не се сложуваат со тоа дека црквите треба јавно да бараат прошка. На пример, извесен број римокатолици се чувствуваат непријатно кога нивниот папа бара прошка за ропството или кога рехабилитира „еретици“ како Хус и Калвин. Според ватикански извори, документот испратен до кардиналите, во кој се предлагало „испитување на совеста“ низ историјата на минатиот милениум на католицизмот, бил критикуван од кардиналите кои присуствувале на еден конзисториум што бил одржан во јуни 1994. Кога папата сепак побарал суштината на тој предлог да ја вклучи во една енциклика, италијанскиот кардинал Џакомо Бифи издал една пасторска нота во која тврдел: „Црквата нема грев“. Сепак признал: „Барањето прошка за црковните грешки од минатите векови . . . би можело да послужи за да нѐ прикаже како помалку непријатни“.
„Исповедањето грев е една од најконтроверзните теми внатре во Католичката црква“ — вели ватиканскиот коментатор Луиџи Акатоли. „Ако папата ги признава грешките на мисионерите, има мисионери кои со добра вера негодуваат на тоа.“ Понатаму, еден римокатолички новинар напишал: „Ако папата навистина има таква страшна претстава за црковната историја, тешко е да се разбере како може тој сега да ја прикажува истата оваа Црква како чувар на ‚човековите права‘, како ‚мајка и учителка‘ која единствено може да го води човештвото кон еден навистина светол трет милениум“.
Библијата предупредува против некаков изглед на покајание кое не е мотивирано од ништо друго, туку од непријатноста кога некој е фатен во кривда. Тој вид покајание ретко води до некаква долготрајна промена кај оној кој се кае. (Спореди 2. Коринтјаните 7:8—11.) Покајанието кое има вредност во Божји очи, придружено е со „плодови достојни за покајание“ — то ест докази за искреноста на покајанието (Лука 3:8).
Библијата вели дека оној кој се кае и исповеда, мора да ги напушти неисправните дела, да престане да ги врши (Изреки 28:13). Дали се случило ова? Па, после сите исповедања на грешки од страна на Римокатоличката и другите цркви, што се случи во неодамнешните граѓански борби во централна Африка и во Источна Европа, во кои беа вмешани огромни популации од „христијани“? Дали црквите дејствуваа како сила за мир? Дали сите нивни водачи обединето проговорија против ужасите што ги правеа нивните членови? Не. Па, некои верски министри дури и учествуваа во колежот!
Божествен суд
Кога зборувал за повторливите меа кулпи на папата, кардинал Бифи иронично прашал: „Што се однесува до историските гревови, зарем не би било подобро сите ние да почекаме на универзалниот суд?“ Па, судот на сето човештво претстои. Јехова Бог добро ги знае сите мрачни страници од историјата на религијата. Доста бргу, тој ќе ги повика виновниците на одговорност (Откровение 18:4—8). Во меѓувреме, можно ли е да се најде некој облик на обожавање што не е извалкан со вина за крв, со убиствена нетрпеливост и со други злосторства за кои црквите на христијанскиот свет се извинуваат? Да.
Како можеме да го сториме тоа? Со применување на правилото што го навел Исус Христос: „По нивните плодови ќе ги познаете“. Историскиот запис, кој некои религии би сакале да се заборави, ни помага да ги идентификуваме не само оние кои Исус ги нарекол ‚лажни пророци‘ туку и оние кои произвеле „добри плодови“ (Матеј 7:15—20). Кои се тие? Те покануваме самиот да откриеш така што со Јеховините сведоци ќе ја испиташ Библијата. Види кој денес навистина се труди да ја следи Божјата Реч, наместо да бара да си ја сочува позицијата на влијание во светот (Дела 17:11).
[Фуснота]
a 21-виот екуменски совет што се состануваше на четири сесии во Рим од 1962—1965.
[Слика на страница 5]
Црквите се извинуваат за ваквите ужаси
[Извор на слика]
The Complete Encyclopedia of Illustration/J. G. Heck