Константин Велики — поборник на христијанството?
Римскиот император Константин спаѓа меѓу малкуте мажи чие име историјата го закитила со терминот „Велики“. Христијанскиот свет го додал изразот „свети“, „тринаесетти апостол“, „свети рамноапостол“ и ‚избран со Божје Провидение за да го изврши најголемиот пресврт во целиот свет‘. На другиот крај од спектарот, некои го опишуваат Константин како „извалкан со крв, жигосан со безброј грозотии и полн со измама . . . одбивен тиранин, виновен за ужасни злосторства“.
МНОЗИНА кои тврдат дека се христијани, биле поучувани дека Константин Велики бил еден од најистакнатите добротвори на христијанството. Му ја припишуваат заслугата дека ги избавил христијаните од бедата на римското прогонување и дека им дал религиозна слобода. Освен тоа, нашироко се смета дека бил верен следбеник на стапките на Исус Христос со силна желба да ја унапредува христијанската кауза. Источната православна црква и Коптската црква ги прогласиле Константин и неговата мајка, Елена, за „светци“. Нивниот празник се слави на 3 јуни или, според црковниот календар, на 21 мај.
Кој бил навистина Константин Велики? Каква била неговата улога во развојот на постапостолското христијанство? Многу е просветлувачки да дозволиме историјата и изучувачите да одговорат на овие прашања.
Историскиот Константин
Константин, синот на Констанциј Хлор, бил роден во Наисус во Србија околу 275 година н. е. Кога татко му станал император на римските западни провинции во 293 н. е., тој се борел на Дунав под заповедништвото на императорот Галериј. Констатин се вратил кај својот татко кој бил на умирање во Британија во 306 година н. е. Набргу по смртта на татко му, војската го подигнала Константин до статус на император.
Во тоа време, петмина други поединци тврделе дека се Августи. Периодот помеѓу 306 и 324 н. е. после кој Константин станал единствен император, бил време на непрестајна граѓанска војна. Победите во два воени похода му загарантирале на Константин место во римската историја и го направиле единствен владетел на Римското Царство.
Во 312 н. е., Константин го поразил својот противник Максенциј во битката на Милвискиот Мост надвор од Рим. Христијанските апологети тврделе дека за време на тој воен поход, под Сонцето се појавил еден пламенен крст што ги носел латинските зборови In hoc signo vinces, што значат „Во овој знак победи“. Исто така, се смета дека на Константин насоне му било речено на штитовите од своите трупи да ги наслика првите две букви од Христовото име на грчки. Меѓутоа, оваа приказна страда од многу анахронизми. Книгата A History of Christianity наведува: „Постои конфликт меѓу доказите во врска со точното време, местото и деталите на оваа визија“. Изразувајќи му добредојде на Константин во Рим, еден пагански сенат го прогласил за главен Август и Понтифекс Максимус, то ест првосвештеник на паганската религија на империјата.
Во 313 н. е., Константин склучил едно партнерство со императорот Ликиниј, владетел на источните провинции. Со помош на Миланскиот едикт, заедно им дале слобода на обожавањето и еднакви права на сите религиозни групи. Меѓутоа, многу историчари ја потценуваат значајноста на овој документ, велејќи дека тоа било само рутинско официјално писмо, а не главен империјален документ што укажува на некаква промена на политиката спрема христијанството.
Во текот на следните десет години, Константин го поразил својот последен преостанат соперник, Ликиниј, и станал неоспорен владетел на римскиот свет. Во 325 н. е., уште некрстен, тој претседавал на првиот голем екуменски концил на „христијанската“ црква, кој го осудил аријанизмот и составил една изјава на есенцијални верувања, наречени Никејско верување.
Константин смртно се разболел во 337 година н. е. Во тој последен час од својот живот, се крстил и потоа умрел. По неговата смрт, Сенатот го сместил меѓу римските богови.
Религијата во Константиновата стратегија
Во врска со општиот став спрема религијата што го имале римските императори од третиот и четвртиот век, книгата Istoria tou Ellinikou Ethnous (Историја на грчката нација) вели: „Дури и кога оние кои биле на империјалниот престол, немале такви длабоки религиозни склоности, предавајќи му се на расположението на ерата, сепак нашле за неопходно на религијата да ѝ дадат предност во рамките на своите политички сплетки за да им дадат барем некаков религиозен призвук на своите постапки“.
Се разбира, Константин бил човек на својата ера. На почетокот од својата кариера, му бил потребен некаков „божествен“ патронат, а него не можеле да го дадат римските богови што бледнееле. Империјата, вклучувајќи ја нејзината религија и другите институции, била во опаѓање, па затоа било потребно нешто ново и оживувачко за нејзино повторно консолидирање. Енциклопедијата Hidria вели: „Константин бил особено заинтересиран за христијанството, бидејќи тоа ја поддржувало не само неговата победа туку и реорганизацијата на неговата империја. Христијанските цркви што постоеле насекаде, станале негова политичка поддршка . . . Тој се опкружил себеси со големите прелати на времето . . . и барал да го чуваат недопрено нивното единство“.
Константин чувствувал дека „христијанската“ религија — иако дотогаш отпадничка и длабоко корумпирана — би можела делотворно да се искористи како ревитализирачка и обединувачка сила за да послужи за неговиот грандиозен план за империјална доминација. Усвојувајќи ги темелите на отпадничкото христијанство за да постигне поддршка во унапредување на своите сопствени политички цели, тој одлучил да ги обедини луѓето под една „католичка“, односно универзална религија. На паганските обичаи и прослави им биле дадени „христијански“ имиња. А на „христијанските“ свештеници им бил даден статусот, платата и влијателната сила на паганските свештеници.
Барајќи религиозна хармонија од политички причини, Константин брзо ги потиснувал сите разединувачки гласови не на темел на доктринарната вистина, туку врз основа на прифатеноста од страна на мнозинството. Длабоките догматски разлики во крајно поделената „христијанска“ црква му дале прилика да интервенира како посредник „испратен од Бога“. Преку своите постапки со донатистите во Северна Африка и со следбениците на Ариј во источниот дел од империјата, брзо открил дека наговарањето не било доволно за да се формира една цврста, обединета религија.a Токму во обидот да ја реши Аријанската контроверза, тој го свикал првиот екуменски концил во историјата на црквата. (Види ја рамката „Константин и Концилот во Никеа“.)
Во врска со Константин, историчарот Пол Џонсон наведува: „Една од неговите главни причини за толерирање на христијанството можеби била таа што нему лично и на државата тоа им ја дало приликата да ја контролираат политиката на Црквата во однос на ортодоксијата и третманот на хетеродоксијата“.
Дали некогаш станал христијанин?
Џонсон забележува: „Константин никогаш не го отфрлил обожавањето на Сонцето, туку го задржал Сонцето на своите кованици“. Catholic Encyclopedia забележува: „Константин покажувал подеднаква милост спрема обете религии. Како понтифекс максимус тој се грижел за обожавањето на безбожниците и ги штител неговите права“. „Константин никогаш не станал христијанин“ — наведува енциклопедијата Hidria, додавајќи: „Евзебиј од Цезареја, кој ја напишал неговата биографија, вели дека тој станал христијанин во последните моменти од својот живот. Ова не држи, бидејќи дента пред тоа [Константин] дал да се принесе жртва на Зевс, бидејќи ја имал и титулата Понтифекс Максимус.“
Сѐ до денот на својата смрт во 337 н. е., Констатин ја носел паганската титула Понтифекс Максимус, врховен поглавар за верски работи. Во врска со неговото крштавање, разумно е да се праша: Дали нему му претходело искрено покајание и преобраќање, како што се барало во Писмото? (Дела 2:38, 40, 41). Дали тоа било потполно потопување во вода како симбол за Константиновото предание на Јехова Бог? (Спореди Дела 8:36—39.)
„Светец“?
Encyclopædia Britannica наведува: „Константин имал право да биде наречен Велики според она што го правел, а не според она што бил. Всушност, судејќи според карактерот, тој спаѓа меѓу најниските од сите оние на кои во древни или модерни времиња се применувал епитетот [Велики]“. А книгата A History of Christianity нѐ информира: „Имало рани извештаи за неговиот насилнички табиет и неговата свирепост во лутина . . . Немал почит спрема човечкиот живот . . . Неговиот приватен живот станувал монструозен додека стареел“.
Очигледно, Константин имал сериозни проблеми со личноста. Еден историски истражувач наведува дека „неговиот темпераментен карактер честопати бил причина за вршењето злосторства“. (Види ја рамката „Династички убиства“.) Константин не бил „христијански карактер“, тврди историчарот Х. Фишер во својата History of Europe. Фактите не го карактеризираат како вистински христијанин, кој ја имал облечено „новата личност“ и во кого можело да се најдат плодовите на Божјиот свет дух — љубов, радост, мир, долготрпеливост, љубезност, доброта, вера, благост и самосовладување (Колосјаните 3:9, 10; Галатјаните 5:22, 23, NW).
Последиците од неговите напори
Како пагански Понтифекс Максимус — и со тоа верски поглавар на Римското Царство — Константин се обидувал да ги придобие бискупите на отпаднатата црква. Им нудел положаи на моќ, проминентност и богатство како службеници на римската државна религија. Catholic Encyclopedia признава: „Некои бискупи, ослепени од раскошот на дворот, отишле дури толку далеку што императорот го фалеле како Божји ангел, како свето суштество и пророкувале дека тој, како Божји Син, ќе владее на небото“.
Додека отпадничкото христијанство дошло во милоста на политичката влада, тоа станувало сѐ повеќе и повеќе дел од овој свет, од овој световен систем и се оддалечувало од учењата на Исус Христос (Јован 15:19; 17:14, 16; Откровение 17:1, 2). Како последица од тоа, имало фузирање на „христијанството“ со лажните доктрини и практики — тројството, бесмртноста на душата, пеколниот оган, чистилиштето, молитвите за мртвите, употребата на бројници, икони, ликови и слично. (Спореди 2. Коринтјаните 6:14—18.)
Црквата ја наследила од Константин и склоноста да биде авторитативна. Изучувачите Хендерсон и Бак велат: „Едноставноста на Евангелието била расипана, биле воведени помпезни ритуали и церемонии, на учителите на христијанството им биле доделувани световни почести и доходи, а царството на Христос во голема мера било претворено во царство на овој свет“.
Каде е вистинското христијанство?
Историските факти ја откриваат вистината зад „величината“ на Константин. Наместо да биде засновано од Исус Христос, Главата на вистинското христијанско собрание, христијанството делумно е последица на политичката практичност и на вештите маневри на еден пагански император. Многу соодветно, историчарот Пол Џонсон прашува: „Дали империјата му се предала на христијанството или, пак, христијанството се проституирало со империјата?“
На сите оние кои навистина сакаат да се придржуваат кон чистото христијанство, може да им се помогне да го препознаат и да се дружат со денешното вистинско христијанско собрание. Јеховините сведоци ширум светот се повеќе од желни да им помогнат на луѓето со искрено срце да го идентификуваат вистинското христијанство и да го обожаваат Бог на начин што Му е прифатлив (Јован 4:23, 24).
[Фуснота]
a Донатизмот бил „христијанска“ секта од четвртиот и петтиот век н. е. Нејзините приврзаници тврделе дека полноважноста на сакраментите зависи од моралниот карактер на министерот и дека црквата мора да ги исклучи од своето членство луѓето кои се виновни за сериозен грев. Аријанизмот бил „христијанско“ движење од четвртиот век кое ја негирало божественоста на Исус Христос. Ариј учел дека Бог не е роден и дека е без почеток. Синот, поради тоа што е роден, не може да биде Бог во иста смисла како Таткото. Синот не постоел од сета вечност, туку бил создаден и постои преку волјата на Таткото.
[Рамка на страница 28]
Константин и Концилот во Никеа
Каква улога одиграл некрстениот император на Концилот во Никеа? Encyclopædia Britannica наведува: „Самиот Константин претседавал, активно водејќи ги дискусиите . . . Од преголема стравопочит кон императорот, бискупите само со два исклучока го потпишале верувањето, од кои мнозина против своја волја“.
После два месеца фуриозна религиозна дебата, овој пагански политичар интервенирал и одлучил во полза на оние кои рекле дека Исус е Бог. Но, зошто? „Константин всушност немал никакво разбирање по прашањата што биле поставувани во грчката теологија“ — вели A Short History of Christian Doctrine. Она што го разбирал било дека религиозната поделба претставувала закана за неговата империја, а тој бил одлучен да ја консолидира својата империја.
Во врска со финалниот документ што бил донесен во Никеа под Константиново покровителство, Istoria tou Ellinikou Ethnous (Историјата на грчката нација) забележува: „Тој ја покажува [Константиновата] рамнодушност спрема доктринарните работи . . . неговото тврдоглаво инсистирање во обидот по секоја цена да го обнови единството внатре во црквата, и најпосле неговото уверување дека, како ‚бискуп на оние вон црквата‘, го има последниот збор во врска со која и да е религиозна работа“. Зарем е можно Божјиот дух да стоел зад одлуките што биле донесени на тој концил? (Спореди Дела 15:28, 29.)
[Рамка на страница 29]
Династички убиства
Под ова заглавје, делото Istoria tou Ellinikou Ethnous (Историја на грчката нација) го опишува она што тоа го нарекува „гнасни домашни злосторства што ги извршил Константин“. Набргу по основањето на неговата династија, тој заборавил како да ужива во неочекуваното достигнување и станал свесен за опасностите што го опкружувале. Поради тоа што бил сомничава личност и можеби подбуцнат од подлизурковци, првин станал сомничав спрема својот внук Лицинијан — синот на еден ко-Август кого веќе го имал погубено — како можен соперник. По неговото убиство уследило погубувањето на Константиновиот сопствен првороден син, Крисп, кое го извршила неговата маќеа Фауста, бидејќи се чинело дека тој е пречка за тоталната моќ на нејзиното сопствено потомство.
Оваа постапка на Фауста на крајот била причина за нејзината сопствена драматична смрт. Изгледа дека Августа Елена, која сѐ до крајот имала влијание врз својот син Константин, била вклучена во ова убиство. Нелогичните емоции кои честопати владееле со Константин, исто така, придонеле за бранот егзекуции на многу негови пријатели и придружници. Книгата History of the Middle Ages заклучува: „Погубувањето — да не речеме убиството — на неговиот сопствен син и неговата сопруга, покажува дека христијанството не извршило никакво духовно влијание врз него“.
[Слика на страница 30]
Оваа арка во Рим била изградена за да го прослави Константин
[Извор на слика на страница 26]
Musée du Louvre, Paris