Исус — Владетелот „чие потекло е од рани времиња“
ВОЗБУДАТА се зголемува додека го очекуваш пристигнувањето на некој роднина кого не си го видел долго време. Конечно, го среќаваш и топло го поздравуваш. Внимателно слушаш додека тој ти кажува зошто неговиот татко го испратил да те посети. Потоа, брзо доаѓа времето за неговото враќање дома. Жалосно се збогуваш со него. Загубата што ја чувствуваш при неговото заминување се намалува кога пристигнуваат вести дека безбедно стигнал дома.
Подоцна, кога истражуваш некои стари хартии, стануваш свесен за писмата кои кратко ги спомнуваат подвизите на твојот роднина, долго пред да тргне на своето патување за да се сретне со тебе. Она што ти го кажуваат тие писма нуди интересен увид во неговата заднина и го збогатува твоето ценење како за неговата посета така и за неговата сегашна работа.
„Од рани времиња“
Меѓу старите хартии кои им биле достапни на Евреите од првиот век, биле и записите на Божјиот пророк Михеј, запишани околу седумстотини години пред тоа. Тие укажуваат на точното место на раѓање на Месијата. „И ти, Витлееме Ефратов, иако си најмал меѓу илјадниците Јудејци, од тебе ќе ни излезе Оној, Кој треба да владее во Израилот и чие потекло е од почетокот [рани времиња, NW], од вечноста“ (Михеј 5:2). Верно на овие зборови, Исус се родил во јудејското гратче Витлеем, во она што сега се нарекува година 2 пр. н. е. Но, како можело неговото потекло да биде „од рани времиња“?
Исус имал претчовечко постоење. Во своето писмо до христијаните во Колоси, апостол Павле го опишал Исус како „образ на невидливиот Бог, првороден пред секоја твар“ (Колосјаните 1:15).
Јехова, Изворот на мудроста, го создал својот прв Син како свое ‚најрано остварување‘ (NW) — да го користиме инспирираниот израз кој го запишал цар Соломон во книгата Изреки. После Исусовиот престој на Земјата и неговото враќање на небото, тој посведочил дека навистина бил „Почетокот на Божјото создание“. Како персонифицирана мудрост, претчовечкиот Исус изјавил: „Кога Он [Јехова] го приготвуваше небото, јас бев со Него“ (Изреки 8:22, 23, 27; Откровение 3:14).
Уште од почетокот, Божјиот Син добил една уникатна доделба — да биде „главен работник“ покрај својот Татко. Колкава само радост му донело тоа на Јехова! „Станав оној спрема кого тој [Јехова] имаше особена наклоност од ден на ден“, забележува Изреки 8:30 (NW), „веселејќи се пред него цело време.“
Подоцна, Јехова го поканил својот првороден Син да учествува во создавањето на човештвото. „Да создадеме човек според Нашиот образ“, изјавил тој, „и подобие како што сме Ние“ (1. Мојсеева 1:26). Како резултат на тоа, се развила друга наклоност. „Работите кон кои имав наклоност“, објаснил претчовечкиот Исус, „беа со човечките синови“ (Изреки 8:31, NW). Во почетокот на своето Евангелие, апостол Јован ја признал Исусовата претчовечка улога при создавањето: „Сѐ стана преку Него и без Него ништо не стана, што стана“ (Јован 1:3).
Јеховин говорник
Јовановите зборови свртуваат внимание кон една друга привилегија што ја уживал Божјиот Син, имено, да биде говорник. Уште од почетокот, тој служел како Реч. Така, кога Јехова зборувал со Адам, а и подоцна, кога им се обратил на Адам и Ева заедно, веројатно го сторил тоа преку Речта. А кој подобро би ги пренел Божјите упатства за доброто на човештвото од оној кој имал наклоност кон нив? (Јован 1:1, 2).
Колку само сигурно го болело Речта кога ја гледал Ева, а потоа и Адам, како не го послушале својот Творец! И колку само сигурно копнеел да ги поправи проблемите кои нивната непослушност му ги донела на нивното потомство! (1. Мојсеева 2:15—17; 3:6, 8; Римјаните 5:12). Обраќајќи му се на Сатана, кој ја охрабрил Ева да се побуни, Јехова изјавил: „И ставам непријателство меѓу тебе и жената и меѓу родот твој [семето твое, NW] и породот нејзин [семето нејзино, NW]“ (1. Мојсеева 3:15). Посведочувајќи за она што се случило во Едем, Речта сфатил дека, како примарен дел од жениното „семе“, тој ќе стане мета на злобна омраза. Знаел дека Сатана е човекоубиец (Јован 8:44).
Кога подоцна Сатана го довел во прашање Јововиот интегритет, Речта сигурно чувствувал гнев при клеветничките обвиненија упатени против неговиот Татко (Јов 1:6—10; 2:1—4). Навистина, во својата улога како архангел, Речта е познат како Михаил, чие име значи „Кој е како Бог?“ и покажува како тој го брани Јехова од сите оние кои тежнеат да го приграбат Божјиот суверенитет (Даниил 12:1; Откровение 12:7—10).
Како што се одмотувала историјата на Израел, Речта ги забележал Сатановите обиди да ги одврати луѓето од чистото обожавање. После излегувањето од Египет, Бог преку Мојсеј му рекол на Израел: „Еве, Јас го праќам пред тебе Ангелот Мој, за да те пази по патот, и да те воведе во земјата што сум ти ја приготвил. Пази се и послушај Го и не противи Му се, оти и Он нема да ви го прости гревот, бидејќи името Мое е во Него“ (2. Мојсеева 23:20, 21). Кој бил тој ангел? Веројатно, претчовечкиот Исус.
Верна подложност
Мојсеј умрел во 1473 пр. н. е. и неговото тело било погребано „во земјата Моавска близу до домот Фогаров“ (5. Мојсеева 34:5, 6). Изгледа дека Сатана сакал да го искористи лешот, можеби за да унапредува идолопоклонство. Михаил се спротивставил на тоа, но подложно се покорил на авторитетот на својот Татко, Јехова. ‚Не осмелувајќи се да изрече хулна пресуда‘, Михаил го предупредил Сатана: „Господ да ти забрани [те укори, NW]“ (Јуда 9).
Потоа, Израел го започнал своето освојување на Ветената земја Ханан. Во близина на градот Јерихон, Исус Навин добил повторно уверување дека Речта континуирано ќе ја надгледува нацијата. Таму се сретнал со еден човек кој носел еден истргнат меч. Исус Навин одел со странецот и го прашал: „Наш ли си, или си од нашите непријатели?“ Замисли си го изненадувањето на Исус Навин кога странецот му го обелоденил својот идентитет, велејќи: „Не; јас сум водачот [кнезот, NW] на војската Господова, сега дојдов овде“. Не е ни чудо што Исус Навин паднал на своето лице пред овој возвишен претставник на Јехова, несомнено претчовечкиот Исус кој подоцна би станал „Месијата Водачот“ (Исус Навин 5:13—15; Даниил 9:25, NW).
Една понатамошна конфронтација со Сатана се случила во деновите на Божјиот пророк Даниил. Во таа прилика Михаил го поддржал својот соангел кога демонскиот кнез на Персија ‚стоел спроти него‘ три седмици. Ангелот објаснил: „Тоа е Михаил, еден од првите кнезови, дојде да ми помогне и јас останав таму при персискиот цар“ (Даниил 10:13, 21).
Претчовечка и човечка слава
Во 778 пр. н. е., годината кога умрел јудејскиот цар Озија, Божјиот пророк Исаија видел една визија во која Јехова бил на својот возвишен престол. „Кого да испратам и кој ќе отиде заради нас?“ прашал Јехова. Исаија доброволно се пријавил, но Јехова го предупредил дека неговите со-Израелци нема да се одѕиваат на неговите објави. Апостол Јован ги споредил неверните Евреи од првиот век со луѓето од Исаиино време, и забележал: „Ова го рекол Исаија, кога ја беше видел славата Негова“. Чија слава? Онаа на Јехова и на претчовечкиот Исус покрај него во неговите небесни дворови (Исаија 6:1, 8—10; Јован 12:37—41).
Неколку века подоцна, дошла Исусовата најголема доделба до тоа време. Јехова ја пренел животната сила на својот љубен Син од небото во материцата на Марија. После девет месеци таа родила машко бебе, Исус (Лука 2:1—7, 21). Според зборовите на апостол Павле, „кога се исполни времето, Бог Го испрати Својот Син, Кој се роди од жена“ (Галатјаните 4:4). На сличен начин, апостол Јован признал: „Словото стана тело и се всели во нас, полно со благодат и вистина; и ние ја видовме Неговата слава, слава како на Единороден од Отецот“ (Јован 1:14).
Се појавува Месијата
Најрано до возраст од 12 години, младиот Исус сфатил дека тој мора да биде зафатен со вршење на работата на својот небесен Татко (Лука 2:48, 49). После околу 18 години, Исус дошол кај Јован Крстител на реката Јордан и бил крстен. Додека Исус се молел, се отвориле небесата и врз него слегол светиот дух. Замисли си го поројот од спомени кои му дошле на ум додека се сеќавал на неброените милениуми во кои служел покрај својот Татко како главен работник, говорник, кнез на Божјата војска и како архангел Михаил. Потоа, дошло возбудувањето да го чуе гласот на својот Татко, кој на Јован Крстител му рекол: „Овој е Мојот возљубен Син, Кој е по Мојата волја!“ (Матеј 3:16, 17; Лука 3:21, 22).
Сигурно дека Јован Крстител не се сомневал во Исусовото претчовечко постоење. Додека Исус му пристапувал, Јован изјавил: „Еве Го Јагнето Божјо, Кое ги зеде гревовите на светот врз Себе!“ И додал: „Овој е, за Кого реков: по мене иде човек, Кој пред мене беше, оти постоеше порано од мене“ (Јован 1:15, 29, 30). И апостол Јован знаел за Исусовото претпостоење. „Кој доаѓа одозгора, тој е над сите“, напишал тој, и „Кој доаѓа од небото, над сите е. И за она што виде и чу, за тоа сведочи“ (Јован 3:31, 32).
Околу 61 н. е., апостол Павле ги поттикнал еврејските христијани да ја сфатат целосната важност на Месииното доаѓање на Земјата и неговото дело како Првосвештеник. Свртувајќи внимание кон Исусовата улога како Говорник, Павле напишал: „Бог . . . во последниве дни ни зборува преку Синот . . . преку Кого ги создаде и вековите“. Без разлика на тоа дали ова укажува на Исусовата улога како „главен работник“ при создавањето или, пак, на неговата вклученост во Божјите напредни подготовки за човековото измирување, Павле тука го додава своето сведоштво за Исусовото претчовечко постоење (Евреите 1:1—6; 2:9).
Лојалност од „рани времиња“
На христијаните од Филипи во првиот век, Павле им ја упатил оваа силна опомена: „Зачувајте го во себе овој мисловен став кој беше и во Христос Исус, кој, иако постоеше во Божји облик, не размислуваше да присвои нешто сосила, имено, да биде еднаков на Бог. Не, туку се понизи самиот себе и зеде облик на роб и стана сличен на луѓето. Повеќе од тоа, кога се најде во човечки облик, се понизи себеси и стана послушен дури до смртта, да, до смрт на маченички столб“ (Филипјаните 2:5—8, NW). Јехова на начин полн со љубов одговорил на Исусовиот лојален курс со тоа што го воскреснал и потоа му изразил добредојде назад — дома на небото. Каков само извонреден пример на интегритет ни оставил Исус низ еден бескраен временски период! (1. Петрово 2:21).
Колку само сме благодарни за летимичните погледи што ги обезбедува Библијата во врска со Исусовото претчовечко постоење! Тие сигурно ја зајакнуваат нашата решеност да го имитираме неговиот пример на лојална служба, особено сега кога тој владее како Цар на Божјето месијанско Царство. Да го поздравиме ‚Кнезот на мирот‘, Христос Исус, нашиот Управител и Владетел „чие потекло е од рани времиња“! (Исаија 9:6; Михеј 5:2, NW).
[Рамка на страница 24]
Сведоштво за претчовечко постоење
Исусовите сопствени зборови, како што се забележани подолу, изобилно сведочат за неговото претчовечко постоење:
◻ „Никој не се искачи на небото, освен Синот Човечки, Кој слезе од небото“ (Јован 3:13).
◻ „Не Мојсеј ви даде леб од небото, а Мојот Отец ви даде вистински леб од небото. Зашто лебот Божји е Оној, Кој слегува од небото и Му дава живот на светот . . . слегов од небото не да ја извршувам Мојата волја, туку волјата на Отецот, Кој Ме прати“ (Јован 6:32, 33, 38).
◻ „Ова е леб што доаѓа од небото, и оној, кој јаде од него, нема да умре. Јас сум живиот леб што слезе од небото; кој јаде од овој леб, ќе живее вечно“ (Јован 6:50, 51).
◻ „Ами ако Го видите Синот Човечки да се вознесува горе, каде што бил порано?“ (Јован 6:62).
◻ „Моето сведоштво е вистинско, зашто знам од каде сум дошол и на каде одам . . . Вие сте од долните [области, NW], а Јас сум од горните [области, NW]: вие сте од овој свет, Јас, пак, не сум од овој свет“ (Јован 8:14, 23).
◻ „Ако Бог беше ваш татко, тогаш ќе Ме сакавте Мене, бидејќи Јас сум излегол и доаѓам од Бога. Оти не сум дошол Сам од Себе, а Он Ме прати“ (Јован 8:42).
◻ „Вистина, вистина ви велам; Јас постојам уште пред да се роди Авраам“ (Јован 8:58).
◻ „Прослави Ме Ти, Оче, во Тебе Самиот, со славата што ја имав во Тебе, уште светот пред да настане. Оче, сакам и оние што си Ми ги дал да бидат со Мене, каде што сум Јас, за да ја гледаат Мојата слава што си Ми ја дал, оти Ме возљуби уште пред да се создаде светот“ (Јован 17:5, 24).
[Слика на страница 23]
Исус Навин го среќава кнезот на Јеховината војска