Дали неправдата е неминовна?
„И покрај сѐ, јас сѐ уште верувам дека луѓето всушност се добри во срцето. Просто не можам да ги изградам моите надежи на темел кој се состои од забуна, беда и смрт“ (Ана Франк).
АНА ФРАНК, младо 15-годишно еврејско девојче, ги напишала овие трогателни зборови во својот дневник не долго пред својата смрт. Повеќе од две години, нејзиното семејство било засолнето, криејќи се на еден таван во Амстердам. Нејзините надежи за еден подобар свет биле срушени кога еден поткажувач им го издал на нацистите местото каде што тие престојувале. Следната година, 1945, Ана умрела од тифус во концентрациониот логор Берген-Белзен. Шест милиони други Евреи претрпеле слична судбина.
Хитлеровиот ѓаволски план да истреби еден цел народ е можеби најлошиот случај на расна неправда што ја доживеал нашиов век, но тој не е и единствениот. Во 1994, над половина милион Тутси биле масакрирани во Руанда, само затоа што припаѓале на „погрешно“ племе. А во текот на Првата светска војна, отприлика еден милион Ерменци умреле во една етничка чистка.
Суровите лица на неправдата
Геноцидот не е единственото лице на неправдата. Социјалната неправда осудува отприлика една петтина од човечкиот род на животен век во исцрпувачка сиромаштија. Што е уште полошо, групата за човекови права Anti-Slavery International пресметува дека во ропство се наоѓаат повеќе од 200.000.000 луѓе. Постои веројатност дека повеќе робови има во денешниов свет отколку во кое и да било друго време во историјата. Тие можеби нема да бидат продавани на јавните лицитации, но нивните услови за работа честопати се полоши отколку условите на повеќето робови порано.
Законската неправда лишува милиони луѓе од нивните основни права. „Практично секој ден некаде во светот се извршуваат ѕверства над човековите права“, наведува Amnesty International во својот извештај за 1996. „Најранливи се сиромашните и обесправените, особено жените, децата, постарите луѓе и бегалците.“ Извештајот забележал: „Во некои земји, структурите на националната држава речиси колабирале, не оставајќи правна власт за да ги штити слабите од силните“.
Во текот на 1996, десетици илјади луѓе од преку сто земји биле притворени и измачувани. А во неодамнешниве години, стотици илјади луѓе едноставно исчезнале, изгледа грабнати или од силите на безбедноста или од терористички групи. Се претпоставува дека многумина од нив се мртви.
Секако, неминовно е дека војните се неправедни, но тие стануваат такви во сѐ поголема мера. Современото војување го има за цел цивилното население, вклучувајќи ги жените и децата. А тоа не е само поради бомбардирањето на градовите на слепо. Жени и девојки редовно се силувани како дел од воените операции, а многу бунтовнички групи сосила ги грабнуваат децата за да ги обучуваат за убијци. Коментирајќи за таквите трендови, извештајот на Обединетите нации „Учинокот на вооружениот конфликт врз децата“, наведува: „Сѐ поголем дел од светот е вшмукан во еден опустошен морален вакуум“.
Нема сомнение дека тој морален вакуум водел до еден свет кој е заситен со неправда — било да е тоа расна, социјална, правна или воена. Се разбира, тоа не е ништо ново. Пред повеќе од две илјади и петстотини години, еден еврејски пророк тажел: „Законот ја изгуби силата, нема веќе праведен суд: нечестивиот го победува праведниот, и затоа судот се искривува“ (Авакум 1:4). Иако неправдата не можела никогаш да се скроти, 20-тиот век мора да се вброи како ера кога степенот на неправдата достигнал нови високи нивоа.
Дали е битно тоа што има неправда?
Битно е кога ти лично страдаш како резултат на неправдата. Битно е бидејќи мнозинството од човечката раса го лишува од неговото право на среќа. И битно е бидејќи неправдата честопати запалува крвави конфликти, кои од своја страна, пак, ги држат разгорени нејзините пламења.
Мирот и среќата се нераскинливо поврзани со правдата, но неправдата ја руши надежта и го задушува оптимизмот. Како што Ана Франк на трагичен начин открила, луѓето не можат да ги изградат своите надежи на темел кој се состои од забуна, беда и смрт. Како неа, сите ние копнееме по нешто подобро.
Оваа желба ги навела искрените луѓе да се обидат да му донесат извесна мера правда на човечкото општество. За таа цел, Општата декларација за човекови права, усвоена во 1948 од страна на Генералното собрание при Обединетите нации, наведува: „Сите човечки битија се раѓаат слободни и еднакви во достоинството и во правата. Надарени се со разум и совест и би требало меѓусебе да постапуваат во духот на братството“.
Ова се сигурно благородни зборови, но човештвото сѐ уште е далеку од остварувањето на таа скапоцена цел — праведно општество каде што секој ужива еднакви права и секој се однесува со својот ближен како со брат. Остварувањето на оваа цел, како што истакнува преамбулата на Декларацијата на ОН, би служело како „темел за слобода, правда и мир во светот“.
Дали неправдата е толку вградена во структурата на човечкото општество што никогаш нема да биде искоренета? Или, дали некако ќе биде положен цврст темел за слобода, правда и мир? Ако да, кој би можел да го положи и да се погрижи сите да извлечат корист?
[Извор на слика на страница 3]
UPI/Corbis-Bettmann