ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА Watchtower
ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА
Watchtower
македонски
ѐ
  • Ѐ
  • ѐ
  • Ѝ
  • ѝ
  • БИБЛИЈА
  • ПУБЛИКАЦИИ
  • СОСТАНОЦИ
  • w98 1/10 стр. 24-27
  • Најдов нешто што е подобро и од злато

За овој материјал нема видео.

Се појави проблем. Видеото не може да се отвори.

  • Најдов нешто што е подобро и од злато
  • Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 1998
  • Поднаслови
  • Сличен материјал
  • Изгубен во Америка
  • Обединет со братот и сестрата
  • Семејство и погреб
  • Ја дознавам вистината
  • Го наоѓам моето родно место
  • Ја ставам вистината на прво место
  • Си спомнував за нашиот Творец уште од младоста
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 2000
  • Најдов вистинско богатство во Австралија
    Разбудете се! 1994
  • Приближувањето до Бог ми помогна да се борам
    Разбудете се! 1993
  • Мојата долга, тешка борба во потрагата по вистинската вера
    Разбудете се! 1996
Повеќе
Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 1998
w98 1/10 стр. 24-27

Најдов нешто што е подобро и од злато

РАСКАЖАЛ ЧАРЛС МИЛТОН

Еден ден татко ми рече: „Ајде да го испратиме Чарли во Америка каде што парите растат на дрвјата. Би можел нешто да спечали и да ни испрати!“

ВСУШНОСТ, луѓето мислеа дека улиците во Америка се поплочени со злато. Во тие денови животот во источна Европа им беше крајно тежок. Моите родители имаа една мала фарма и одгледуваа неколку крави и пилиња. Немавме ни електрична ни водоводна инсталација. Ниту, пак, некој друг во близината имаше такво нешто во тоа време.

Роден сум во Хосочек, на 1 јануари 1893, пред скоро 106 години. Нашето село беше во Галиција, покраина која тогаш беше дел од Австро-унгарското Царство. Сега Хосочек се наоѓа во источна Полска, недалеку од Словачка и Украина. Таму имаше остри зими и големи снегови. Кога имав отприлика седум години, одев по скоро половина километар до потокот и со секира кршев дупка во мразот за да извадам вода. Ја носев дома, и мајка ми ја користеше за готвење и чистење. Облеката ја переше на потокот, користејќи ги големите парчиња мраз како штица за перење.

Во Хосочек немаше училишта, но јас сепак научив да зборувам полски, руски, словачки и украински. Нѐ воспитуваа како грчко-православни и јас служев како министрант. Но, уште на рана возраст ме вознемируваа свештениците кои велеа дека не треба да јадеме месо во петок, а самите јадеа.

Некои наши пријатели се вратија од работа од Соединетите Држави со пари за да ги уредат куќите и да купат опрема за фармите. Тоа го натера татко ми да зборува да ме испратат во Америка со некои соседи кои планираа пак да патуваат таму. Тоа беше во 1907 кога имав 14 години.

Изгубен во Америка

Наскоро се најдов на еден брод, и за две седмици го преминавме Атлантикот. Во тоа време ти беа потребни 20 долари, инаку ќе те вратеа во татковината. Имав една сребрена монета од 20 долари и на тој начин станав еден од милионите кои го преминаа островот Елис (Њујорк) — вратата на Америка. Се разбира, парите не растеа на дрвјата и улиците не беа поплочени со злато. Всушност, многу улици воопшто не беа поплочени!

Фативме воз за Џонстаун (Пенсилванија). Мажите кои беа со мене биле таму порано и знаеја едно ноќевалиште каде можев да отседнам. Имав намера да ја најдам мојата постара сестра која живееше во Џером (Пенсилванија). Подоцна дознав дека тоа било оддалечено само 25 километри. Но, јас велев Јаром наместо Џером, бидејќи на мојот мајчин јазик „Џ“ се изговара како „Ј“. Никој не беше чул за Јаром, па така се најдов во туѓина, едвај говорејќи некаков англиски и без многу пари.

Секое утро го поминував барајќи работа. Во канцеларијата за вработување најмуваа само по двајца или тројца од многуте кои беа наредени надвор. Па така, секој ден се враќав во ноќевалиштето за да учам англиски со помош на некои книги за самопомош. Понекогаш наоѓав разноразни работи, но месеците поминуваа, а моите пари речиси се дотрошуваа.

Обединет со братот и сестрата

Еден ден поминав покрај еден хотел — близу до железничката станица — кој имаше бар. Секако, храната добро мирисаше! За секое купено пиво во барот — една голема чаша чинеше пет центи — можеше бесплатно да се добијат сендвичи, виршли и други работи. Иако бев малолетен, шанкерот се сожали и ми продаде пиво.

Додека јадев, дојдоа некои луѓе велејќи: „Пиј побрзо! Доаѓа возот за Џером“.

„Мислите Јаром?“ — прашав.

„Не, Џером“, рекоа луѓето. Тогаш дознав каде живеела сестра ми. Всушност, во барот запознав еден човек кој живееше на само три куќи од неа! Така, купив билет за воз и конечно ја пронајдов сестра ми.

Сестра ми и нејзиниот сопруг држеа едно ноќевалиште за јагленокопачи. И јас живеев со нив. Тие ми дадоа работа да надгледувам една пумпа која ја сопираше водата да не влезе во рудникот. Секогаш кога ќе престанеше да работи, јас требаше да повикам механичар. Работата се плаќаше по 15 центи дневно. Потоа, работев на железница, во цигларница, па дури и како застапник во еден завод за осигурување. Подоцна, се преселив во Питсбург каде што живееше брат ми Стив. Таму работевме во челичаните. Никогаш не спечалив доволно пари за да испратам дома.

Семејство и погреб

Еден ден, додека одев на работа, забележав една млада куќна помошничка како стои пред куќата во која работеше. Си помислив: ‚Уууу, ама е слатка‘. После три седмици, во 1917, Хелен и јас се венчавме. Во текот на следните десет години имавме шест деца, од кои едното умре уште како доенче.

Во 1918 железницата во Питсбург ме вработи како возач на трамвај. Близу до зградата каде што беше возниот парк имаше една кафеана во која можеше да се напиеш шолја кафе. Внатре двајцата Грци кои беа сопственици на локалот изгледаа како да не им е гајле дали нарачуваш нешто сѐ додека можеа да ти проповедаат од Библијата. Ќе им речев: „Сакате да ми кажете дека целиот свет не е во право, а вие двајцата сте единствените кои се во право?“

„Па, побарај во Библијата!“ — ќе ми речеа. Но, во тоа време не успеаја да ме убедат.

За жал, во 1928, мојата драга Хелен се разболе. За да добијат децата подобра грижа, ги однесов да живеат кај сестра ми и кај нејзиниот сопруг во Џером. До тоа време тие купија фарма. Често ги посетував децата и секој месец давав пари за да им ја платам храната. Исто така, им испраќав и облека. За жал, состојбата на Хелен се влоши и, на 27 август 1930, таа умре.

Се чувствував осамен и уништен. Кога отидов кај свештеникот за да направам подготовки за погребот, тој ми рече: „Ти повеќе не припаѓаш на оваа црква. Не си платил такса повеќе од една година“.

Му објаснив дека мојата сопруга долго време беше болна и дека сите додатни пари им ги давав на децата за да можат да приложат за црквата во Џером. Сепак, пред свештеникот да се сложи да го изврши погребот, морав да позајмам 50 долари за да ја платам таксата. Исто така, свештеникот бараше плус 15 долари за да одржи миса во куќата на мојата свеска каде што планираа да се соберат пријателите и семејството со цел да ѝ оддадат последна почит на Хелен. Не можев да најдам 15 долари, но свештеникот се сложи да ја одржи мисата само ако му ги дадам парите кога ќе земам плата.

Кога зедов плата, со парите морав да им купам на децата чевли и облека за на училиште. Така, после околу две седмици, свештеникот се качи во мојот трамвај. „Ти сѐ уште ми ги должиш тие 15 долари“, ми рече. Потоа, кога слезе на неговата станица, ми се закани: „Ќе одам кај твојот газда и ќе ти ги земам парите од платата“.

На крајот од работниот ден, отидов кај мојот раководител и му кажав што се случи. Иако беше католик, ми рече: „Ако тој свештеник влезе тука, јас ќе му одржам лекција!“ Тоа ме наведе да размислувам: ‚Свештениците ги сакаат само нашите пари, но никогаш не нѐ поучуваат за Библијата‘.

Ја дознавам вистината

Следниот пат кога отидов во кафеаната која ја држеа двајцата Грци, дискутиравме за моето искуство со свештеникот. Резултатот од тоа беше што почнав да проучувам со Библиските студенти, како што тогаш се нарекуваа Јеховините сведоци. Седев по цела ноќ читајќи ја Библијата и библиската литература. Дознав дека Хелен не страда во чистилиште, како што ми рече свештеникот, туку дека спие во смрт (Јов 14:13, 14; Јован 11:11—14). Навистина најдов нешто што е многу подобро и од злато — тоа е вистината!

После неколку седмици, на мојот прв состанок со Библиските студенти во театарот Гарден во Питсбург, кренав рака и реков: „Повеќе научив за Библијата вечерва отколку за сите години во црквата“. Подоцна, кога прашаа кој сака да учествува во проповедничкото дело следниот ден, мојата рака беше повторно крената.

Потоа, на 4 октомври 1931, го симболизирав моето предание на Јехова со крштавање во вода. Во меѓувреме најдов под кирија една куќа, пак ги зедов децата да живеат со мене и најмив една домаќинка да помага околу грижата за нив. И покрај моите семејни одговорности, од јануари 1932 до јуни 1933 учествував во еден облик на специјална служба наречена помошна, во која поминував по 50 до 60 часа месечно разговарајќи со другите за Библијата.

Отприлика во тоа време почнав да забележувам една убава млада жена која изгледа секогаш се возеше со мојот трамвај на патот до и од работа. Си ги уловувавме погледите на ретровизорот. Така се запознав со Мери. Се додворувавме и, во август 1936, се венчавме.

До 1949, службените години поминати на работното место ми овозможија да изберам смена која ми дозволуваше да пионерам, како што се нарекува полновремената служба. Мојата најмлада ќерка Џин почна со пионерење во 1945, па пионеревме заедно. Подоцна, Џин го запозна Сем Френд кој служеше во Бетелот, светската централа на Јеховините сведоци во Бруклин (Њујорк).a Се венчаа во 1952. Јас продолжив да пионерам во Питсбург и водев многу библиски студии, а во еден период и со 14 различни семејства седмично. Во 1958 се пензионирав од мојата работа возење трамвај. После тоа, пионерењето беше лесно, бидејќи повеќе не морав да работам световна работа по осум часа дневно.

Во 1983 Мери се разболе. Се обидов да се грижам за неа како што таа толку добро се грижеше за мене речиси 50 години. На крај, на 14 септември 1986, таа почина.

Го наоѓам моето родно место

Во 1989, Џин и Сем ме зедоа со нив на конгресите во Полска. Го посетивме и крајот каде што пораснав. Кога Русите го презеле тој дел од светот, ги смениле имињата на градовите, а луѓето ги депортирале во други земји. Еден од моите браќа бил депортиран во Истанбул, а една сестра во Русија. Името на моето село не им беше познато на луѓето кои ги прашавме.

Тогаш, некои далечни планини ми се причинија некако познати. Како што се приближувавме, почнав да препознавам и други патокази — едно брдо, разгранувањето на патот, една црква, еден мост преку реката. Наеднаш, на наше изненадување, видовме знак на кој пишуваше „Хосочек“! Кратко време пред тоа, комунистите го изгубиле влијанието и биле обновени првобитните имиња на селата.

Нашата куќа веќе не постоеше, но таму беше шпоретот кој го користевме кога готвевме надвор, делумно закопан во земјата. Тогаш покажав на едно огромно дрво и реков: „Погледнете го ова дрво. Јас го засадив пред да заминам за Америка. Видете колкаво пораснало!“ После тоа, ги посетивме гробиштата, барајќи ги имињата на членовите на семејството, но не најдовме ниту едно.

Ја ставам вистината на прво место

Кога во 1993 умре сопругот на Џин, таа ме праша дали сакам да го напушти Бетелот за да се грижи за мене. Ѝ реков дека тоа би било најлошото нешто што би можела да го стори, а и сѐ уште така се чувствувам. Живеев сам сѐ додека не наполнив 102 години, но тогаш стана неопходно да се преселам во старски дом. Сѐ уште сум старешина во собранието Белеву во Питсбург, а во неделите браќата доаѓаат и ме земаат за на состанок во Салата на Царството. Иако сега мојата проповедничка активност е прилично ограничена, останувам на листата на немоќните пионери.

Низ годините ги уживав специјалните школи кои ги подготви Watch Tower Society за оспособување надгледници. Минатиот декември присуствував на некои од сесиите на Школата за служба за Царството за собраниски старешини. А минатиов 11 април, Џин ме одведе на Меморијалот на Христовата смрт, прослава која длабоко ја ценам бидејќи имам удел во неа секоја година од 1931 па наваму.

Некои од оние со кои ја проучував Библијата сега служат како старешини, други се мисионери во Јужна Америка, а некои се баби и дедовци кои му служат на Бог со своите деца. Три од моите деца — Мери Џејн, Џон и Џин — како и многу нивни деца и внуци верно му служат на Јехова Бог. Мојата молитва е еден ден и другата моја ќерка и останатите внуци и правнуци да можат да го сторат истото.

Сега на 105-годишна возраст сѐ уште го охрабрувам секого да ја проучува Библијата и да зборува со другите за она што го научил. Да, јас сум уверен дека ако останеш близок со Јехова, нема никогаш да се разочараш. Тогаш и ти ќе можеш да уживаш нешто што е подобро и од пропадливото злато — вистината која ни овозможува да имаме еден драгоцен однос со нашиот Животодавец, Јехова Бог.

[Фуснота]

a Животната приказна на Сем Френд излезе во изданието на Стражарска кула од 1 август 1986, на страници 22—26 (англ.).

[Слика на страница 25]

Кога возев трамвај

[Слика на страница 26]

Во старскиот дом каде што живеам сега

[Слика на страница 27]

Знакот на патот кој го најдовме во 1989

    Публикации на македонски јазик (1991 — 2025)
    Одјави се
    Најави се
    • македонски
    • Сподели
    • Подесување
    • Copyright © 2025 Watch Tower Bible and Tract Society of Pennsylvania
    • Услови за користење
    • Полиса за приватност
    • Поставки за приватност
    • JW.ORG
    • Најави се
    Сподели