Осуетено е едно разбојништво во Западна Африка
Раскажала Јунес Ебух
„Вооружени разбојници планирале напад на денот кога обично во нашиот дом се одржува Собраниска студија на книга. Тогаш ги оставаме портите широко отворени за браќата, сестрите и за заинтересираните лица. Веројатно разбојниците ги знаеле нашите навики и терминот за состанок. Со сигурност знаеме дека тие украле автомобил од некое друго место и дошле да чекаат пред нашата порта на денот и во терминот за студија на книга.
Случајно, седмицата кога дошле, беше седмицата од посетата на покраинскиот надгледник. Наместо да имаме состанок кај нас дома, се состанавме во Салата на Царството. По завршувањето на состанокот, имаше и состанок на старешините. Обично децата и јас си одиме дома, но тогаш мојот сопруг, кој е старешина, нѐ замоли да го почекаме. Рече дека нема да трае долго. Затоа, останавме да чекаме.
После тоа откривме дека колата не може да запали. Покраинскиот надгледник и мојот сопруг не можеа да ја запалат. А не можеше ни механичарот кој го повикавме.
Децата мораа да тргнат накај дома пешки. За кратко време, и јас тргнав накај дома. Стигнав околу десет часот. Ниту јас ниту децата не влеговме во комплексот со згради со автомобил, за што ќе беше потребно да се отвори големата порта.
Кога влегов во спалната, чув истрел, и тоа многу гласен. Се прашував што се случува. Се обидов да телефонирам во полиција, но телефонот не работеше. Побрзав долу и ја заклучив челичната влезна врата, а потоа побрзав да ја заклучам и средната врата. Ги изгаснав светлата. Децата беа во паника, па затоа им реков да се смират. Се помоливме заедно за Јеховина заштита. Во меѓувреме, мојот сопруг сѐ уште беше во Салата на Царството мачејќи се да ја запали колата.
Погледнав низ прозорецот и видов како на улицата, од надворешната страна на портата, лежи еден човек. Се чинеше како разбојниците да беа заминати, па затоа го внесов повредениот човек во мојот автомобил и го одведов в болница. Тоа беше ризично, но морав да сторам нешто. За жал, следниот ден тој почина.
И покрај таа трагедија, работите можеа да испаднат многу полошо. Посетата на покраинскиот надгледник значеше дека немавме студија на книга кај нас дома. Тоа што не палеше колата значеше дека не се возевме до дома како семејство. Мојот сопруг, кого разбојниците сигурно ќе го фатеа, стигна дома многу доцна. Овие и други фактори беа за наша корист таа ноќ.
Јехова е наша тврдина и наше засолниште. Тоа е како што вели библискиот стих: ‚Ако Господ не го запази градот, залудо ќе бдее стражата‘ (Псалм 126:1).“