Заштити се од напад во автомобил!
ОД ДОПИСНИКОТ НА РАЗБУДЕТЕ СЕ! ВО ЈУЖНОАФРИКАНСКАТА РЕПУБЛИКА
НАПАДИТЕ во автомобил се сѐ поголем проблем во градовите низ светот, од Карачи до Лисабон и од Најроби до Рио де Жанеиро. Според статистиките на бирото за правда на САД, во периодот меѓу 1993 и 2002 година, секоја година во Соединетите Држави биле извршени околу 38.000 вакви напади.
Јужноафриканската Република има шестпати помалобројно население од САД, но има многу повисока стапка на случаи на насилно одземени автомобили — преку 14.000 годишно. Откако ќе разгледаме неколку примери, ќе ти биде јасно зошто мнозина сметаат дека нападот во автомобил е едно од најстрашните злосторства. Следуваат неколку вистински случки на луѓе што живеат во Јоханесбург, најголемиот град во Јужноафриканската Република. Можеби нивните приказни ќе ти помогнат да научиш што да правиш ако некој те нападне додека си во автомобилот или, уште подобро, како да ги намалиш шансите да станеш жртва на таква кражба.
Вистински приказни
◼ „Јас и мојата пријателка Сузан веќе една година проповедавме заедно. Една среда, пред да одиме со автомобилот до едно лице со кое ја проучувавме Библијата, застанавме да се напиеме чај под едно дрво покрај улицата во населено место. Сузан излезе од колата за да ја земе кошницата што беше во багажникот. Кога ми го подаде филџанот, одеднаш двајца мажи се појавија како од ведро небо, а едниот ѝ стави пиштол на вратот на Сузан. Целата во шок, се обидов да излезам од колата, но другиот маж ме турна внатре. Ете што нѐ снајде, две жени насила турнати в кола со двајца мажи што нѐ возеа некаде — навистина мислев дека најверојатно ќе нѐ силуваат или ќе нѐ убијат“ (Аника, млада сопруга).
◼ „Во 7.00 часот возев накај работа. Застанав на една раскрсница на која често стојат невработени луѓе што бараат работа. Не внимавав многу што се случува наоколу додека некој не ми стави пиштол на вратот низ прозорецот што ми беше отворен и ми рече: ‚Излегувај или ќе те убијам‘. Во тој момент, над нас се појави еден хеликоптер што го контролира сообраќајот. Мислејќи дека е полициски хеликоптер, крадецот го повлече чкрапалото и избега. Ме погоди во вратот и ми го повреди ’рбетниот мозок. Сега сум парализиран од вратот надолу. Не можам да ги користам рацете и нозете, ниту ги чувствувам“ (Бери, татко на син во тинејџерски години).
◼ „Јас и жена ми Линдзи се спремавме да излеземе на ручек. Ја чекав во колата. Вратите беа заклучени, но прозорците беа малку подотворени поради жегата. Гледав пред себе и видов кога двајца мажи се појавија од ќошот, одејќи многу опуштено. Кога беа на околу осум чекори од колата, се разделија и едниот отиде од левата страна на колата, а другиот од десната. Одеднаш се најдоа покрај вратите на колата со вперени пиштоли во мене и почнаа да викаат и да ми кажуваат што да правам. Ги послушав и ја запалив колата, а тие почнаа да ми викаат да излезам и да седнам на задното седиште. Едниот возеше а другиот ми нареди да ја спуштам главата. ‚Имам ли причина да не те убијам?‘, ме праша. ‚Јас сум Јеховин сведок‘, одговорив. Тој продолжи да ми вели дека ќе ме убие, а јас цело време се молев и мислев на мојата сакана жена, прашувајќи се како реагирала кога видела дека ме нема ни мене ни колата“ (Ален, патувачки надгледник и родител).
Овие случки покажуваат колку брзо и неочекувано може да се случи една ваква кражба. Исто така, покажуваат кои ситуации обично ги искористуваат крадците. На многу места веќе не е безбедно човек да чека или да се одмора во паркиран автомобил покрај улица во населено место. Други опасни места се раскрсниците и патеката до твојата куќа.
Да се живее со последиците
За среќа, Сузан и Аника добро поминале. Откако крадците ги возеле некое време, двете жени почнале да им објаснуваат дека ги поучуваат луѓето за Библијата. Изгледа дека ова им ја разбудило совеста на крадците. Аника објаснува: „Ни се извинија за тоа што го сторија, но рекоа дека, поради времето во кое живееме, мораат да крадат за да преживеат. Им објаснивме зошто Бог ги допушта сиромаштијата и страдањето“. Библиската порака ги допрела овие крадци до срце и тие решиле да им ги вратат парите и рачните часовници на Сузан и на Аника, уверувајќи ги дека нема да ги повредат. „Потоа еден од нив почна да ни дава совети како да се заштитиме за другпат да не нѐ нападне некој за да ни го одземе автомобилот“, раскажува Сузан. Аника додава: „Нѐ натераа да им ветиме дека никогаш повеќе нема да застанеме покрај улицата за да се напиеме чај“. Потоа, како што и им рекле, крадците го сопреле автомобилот, излегле, со благодарност зеле библиски публикации и ги пуштиле Сузан и Аника безбедно да си заминат со колата.
На Ален, патувачкиот надгледник, кога стигнале на некое пусто место, крадците му наредиле да излезе од колата. Иако изгубил доста вредни работи, Ален бил благодарен што поминал без никакви повреди. Тој раскажува: „Мислам дека поминав лесно, затоа што соработував, не бев агресивен и не паничев. Но, факт е дека можев повеќе да внимавам. Од оваа случка научив дека, сега, кога сме толку длабоко навлезени во последните денови на овој злобен свет на Сатана, човек не смее да си дозволи да не внимава“. Следниот ден, Ален и Линдзи отишле на истото подрачје за да продолжат да проповедаат заедно со собранието во кое биле доделени да служат. Ален објаснува: „Се молевме, а цел ден очите ни шараа насекаде. Не беше лесно, но Јехова ни даде ‚сила, која ја надминува нормалната‘“ (2. Коринќаните 4:1, 7).
Бери, жртвата со најтешки последици, последниве 11 години е во инвалидска количка. За пофалба е тоа што Бери задржа позитивен став и не дозволи да стане огорчен поради овој настан. Неговата вера во ветувањето на Јехова Бог за нов, праведен свет, ни за момент не попушти (2. Петрово 3:13). Бери и понатаму редовно оди на христијанските состаноци и ја користи секоја пригода да им ја пренесува својата вера и на другите. Тој вели: „Тоа што му служам на Јехова отсекогаш ми причинувало голема радост. Иако сум во инвалидска количка и не можам да правам многу, честопати размислувам за она што Јехова го прави за мене, и тоа ми помага да истрајам. Наскоро ќе му дојде крајот на овој злобен свет, и колку само ќе биде прекрасен денот кога повторно ќе проодам!“ (Исаија 35:6; 2. Тимотеј 3:1-5).
Властите во Јужноафриканската Република презедоа мерки, што придонесе да се намали бројот на напади во автомобили. Сепак, и понатаму се случуваат вакви кражби, а во други делови од светот нивниот број се зголемува. Вистинските христијани имаат доверба дека Божјето Царство е единствената влада која ќе им стави крај на сите такви злосторства и на насилството (Псалм 37:9-11; Матеј 6:10).
[Рамка/слика на страница 14]
СОВЕТИ ЗА ДА СЕ НАМАЛИ РИЗИКОТ ОД НАПАД ВО АВТОМОБИЛ
◼ Ако возиш во област каде што се случуваат кражби на автомобили, вратите на автомобилот нека ти бидат заклучени а прозорците затворени.
◼ Кога ја намалуваш брзината за да застанеш на некоја раскрсница, внимавај на сомнителните луѓе што безделничат на улицата.
◼ Одржувај разумно растојание помеѓу твојата кола и колата што е пред тебе за да можеш полесно да управуваш и да избегаш од опасноста.
◼ Ако некоја кола те удри одзади, размисли дали е добро да излезеш за да ја провериш штетата. Можно е да се работи за наместена несреќа. Ако нешто вакво ти се случи во опасно подрачје, подобро би било да отидеш до најблиската полициска станица.
◼ Внимавај на непознати лица што се моткаат околу влезот на твојот дом. Ако забележиш нешто такво, подобро е да продолжиш да возиш и подоцна да се вратиш дома, или да отидеш до најблиската полициска станица.
◼ Ако мораш да чекаш во автомобилот, паркиран покрај патот во опасно подрачје или во подрачје каде што нема многу луѓе наоколу, внимавај што се случува пред и зад тебе. Ако ситуацијата ти изгледа сомнително, запали ја колата и вози наоколу.
[Слика на страница 14]
Бери има позитивен став, иако е во инвалидска количка