Дали Јехова бара премногу од нас?
‚Господ бара да работиш правично, да сакаш милосрдни дела и смирено да врвиш пред твојот Бог‘ (МИХЕЈ 6:8).
1. Која може да биде причината зошто некои не му служат на Јехова?
ЈЕХОВА бара нешто од својот народ. Но, откако ќе ги прочиташ горните зборови цитирани од пророштвото на Михеј, можеби ќе дојдеш до заклучок дека Божјите барања се разумни. Сепак, многумина не му служат на нашиот Величествен Творец, а некои кои некогаш му служеле, престанале да го прават тоа. Зошто? Бидејќи мислат дека Бог бара премногу од нив. Дали тоа е точно? Или, пак, можеби проблемот е во ставот на лицето кон она што го бара Јехова? Еден историски извештај дава увид во оваа работа.
2. Кој бил Нееман, и што побарал Јеховиниот пророк да направи тој?
2 Сирискиот воен заповедник Нееман бил погоден од лепра, но му бил даден совет дека во Израел има еден Јеховин пророк кој би можел да го излечи. Затоа, со својата придружба, Нееман отпатувал во Израел и дошол до куќата на Божјиот пророк Елисеј. Наместо да излезе од дома и да го поздрави својот истакнат посетител, Елисеј испратил еден слуга за да му каже на Нееман: „Оди, искапи се седумпати во Јордан, и телото твое ќе се обнови, и ќе бидеш чист“ (4. Царства 5:10).
3. Зошто Нееман во почетокот одбил да го стори она што го побарал Јехова?
3 Доколку Нееман се повинел на барањето кое го изнел Божјиот пророк, ќе бил излечен од една одвратна болест. Значи, дали Јехова барал премногу од него? Всушност, не. Сепак, Нееман не сакал да го стори тоа што го побарал Јехова. „Зар дамаските реки Авана и Фарфар не се подобри од сите израилски води?“ — протестирал тој. „Не можев ли да се искапам во нив и да се исчистам?“ Потоа, Нееман си отишол налутен (4. Царства 5:12).
4, 5. а) Каква била наградата за послушноста на Нееман, и како реагирал тој откако ја добил? б) Што ќе разгледаме сега?
4 Всушност, во што бил проблемот на Нееман? Не се работело за тоа дека барањето било премногу тешко за да се исполни. Слугите на Нееман тактично му рекле: „Да беше ти кажал пророкот нешто тешко, немаше ли да го направиш? А камо ли сега, кога ти рече само: искапи се, и ќе бидеш чист!“ (4. Царства 5:13). Проблемот бил во ставот на Нееман. Тој мислел дека со него не било постапено со достоинството кое го заслужувал и дека од него било побарано нешто што тој изгледа го сметал за залудно и понижувачко. Меѓутоа, Нееман реагирал на тактичниот совет на своите слуги и седумпати се подронил во реката Јордан. Замисли си ја неговата радост кога ‚телото му се обновило како телото на мало дете и се исчистил‘! Бил многу благодарен. Освен тоа, Нееман изјавил дека веќе нема да обожава никаков друг бог освен Јехова (4. Царства 5:14—17).
5 Во текот на човечката историја, Јехова барал луѓето да се повинуваат на различни одредби. Те молиме, разгледај неколку од нив. Додека го правиш тоа, прашај се како ти би реагирал доколку Јехова побарал да ги направиш тие работи. Подоцна ќе испитаме што бара Јехова од нас денес.
Што барал Јехова во минатото
6. Што било побарано од првиот човечки пар, и како би реагирал ти на таквите упатства?
6 Јехова го поучил првиот човечки пар, Адам и Ева, да подига деца, да ја покори Земјата и да го подложи животинскиот свет. Мажот и неговата сопруга биле благословени и со еден простран дом сличен на парк (1. Мојсеева 1:27, 28; 2:9—15). Но, имало и едно ограничување. Не требало да јадат од извесно дрво, едно од многуте плодоносни дрвја во градината Едем (1. Мојсеева 2:16, 17). Ова не барало премногу, зарем не? Зарем ти не би уживал во извршувањето на една таква задача, со изглед да живееш засекогаш во совршено здравје? Макар и да се јавел искушувач во градината, зарем не ќе си го отфрлел неговиот аргумент? И зарем немало да се сложиш дека Јехова имал право да постави едно едноставно ограничување? (1. Мојсеева 3:1—5).
7. а) Каква задача му била дадена на Ное, и какво противење доживеал тој? б) Како гледаш на она што го побарал Јехова од Ное?
7 Подоцна, Јехова побарал Ное да изгради арка како средство за сочувување во еден глобален потоп. Со оглед на огромната големина на арката, работата не била лесна и веројатно се вршела наспроти големо исмејување и непријателство. Сепак, колкава предност било за Ное тоа што можел да го спаси своето домаќинство, а да не зборуваме и за многуте животни! (1. Мојсеева 6:1—8, 14—16; Евреите 11:7; 2. Петрово 2:5). Доколку ти беше дадена една таква задача, дали ќе работеше напорно за да ја извршиш? Или, ќе заклучеше дека Јехова бара премногу од тебе?
8. Што било побарано од Авраам, и што било илустрирано како резултат на тоа што се повинил на тоа барање?
8 Бог побарал Авраам да стори нешто многу тешко, кога му рекол: „Земи го сега саканиот син твој Исака, па оди во земјата Морија, и принеси го таму како жртва сепаленица“ (1. Мојсеева 22:2). Бидејќи Јехова имал ветено дека Исак — кој во тоа време немал деца — ќе има потомство, била испитана верата на Авраам во Божјата способност да го врати Исак во живот. Кога Авраам се обидел да го жртвува Исак, Бог го сочувал младичот. Овој настан илустрирал дека Бог ќе го даде својот сопствен Син за човештвото и дека подоцна ќе го воскресне (1. Мојсеева 17:19; 22:9—18; Дела 2:23, 24, 29—32; Евреите 11:17—19).
9. Зошто не било премногу тоа што Јехова го барал од Авраам?
9 Можеби некои мислат дека Јехова Бог барал премногу од Авраам. Но, дали барал премногу? Дали всушност е нељубезно од страна на нашиот Творец, кој може да ги воскресне мртвите, да побара од нас да му бидеме послушни дури и ако тоа би имало за последица привремено да заспиеме во смрт? Исус Христос и неговите рани следбеници не мислеле така. Тие биле спремни да поднесат физичко малтретирање, па дури и смрт, само за да ја извршат Божјата волја (Јован 10:11, 17, 18; Дела 5:40—42; 21:13). Доколку околностите го бараат тоа, дали ти би бил спремен да го сториш истото? Разгледај некои работи кои ги барал Јехова од оние кои се сложиле да бидат негов народ.
Јеховиниот закон на Израел
10. Кој ветил дека ќе направи сѐ што побарал Јехова, и што им дал тој?
10 Авраамовите потомци, од неговиот син Исак и внукот Јаков, или Израел, прераснале во нацијата Израел. Јехова ги избавил Израелците од египетското ропство (1. Мојсеева 32:28; 46:1—3; 2. Царства 7:23, 24). Набрзо после тоа, тие ветиле дека ќе прават сѐ што Бог ќе побара од нив. Рекле: „Сѐ што рекол Господ ќе направиме“ (2. Мојсеева 19:8). Во склад со желбата на Израелците да бидат водени од него, Јехова ѝ дал на нацијата повеќе од 600 закони, вклучувајќи ги и Десетте заповеди. Со текот на времето, овие Божји закони, дадени преку Мојсеј, станале познати едноставно како Законот (1. Ездра 7:6; Лука 10:25—27; Јован 1:17).
11. Која била една од целите на Законот, и кои се некои одредби кои служеле за да се постигне таа?
11 Една од целите на Законот била да ги заштити Израелците со тоа што им биле дадени здрави одредби со кои требало да бидат регулирани некои работи како што се сексуалниот морал, деловните трансакции и грижата за децата (2. Мојсеева 20:14; 3. Мојсеева 18:6—18, 22—24; 19:35, 36; 5. Мојсеева 6:6—9). Биле дадени правила за тоа како да се постапува со луѓето и со животните (3. Мојсеева 19:18; 5. Мојсеева 22:4, 10). Барањата кои се однесувале на годишните празници и на заедничкото состанување за обожавање му помогнале на народот да биде духовно заштитен (3. Мојсеева 23:1—43; 5. Мојсеева 31:10—13).
12. Која била главната цел на Законот?
12 Главната цел за Законот ја забележал апостол Павле кој напишал: „Тој се додаде поради престапите, додека не дојде семето, на кое се однесува ветувањето“ (Галатјаните 3:19). Законот ги потсетувал Израелците дека се несовршени. Според тоа, логично е дека им била потребна една совршена жртва која можела целосно да ги отстрани нивните гревови (Евреите 10:1—4). Значи, намерата на Законот била да ги подготви луѓето да го прифатат Исус кој бил Месијата или Христос. Павле напишал: „Законот беше за нас воспитувач во Христа, за да се оправдаме преку верата“ (Галатјаните 3:24).
Дали Јеховиниот закон бил тежок?
13. а) Како несовршените луѓе гледале на Законот, и зошто? б) Дали Законот навистина бил тежок?
13 Иако Законот бил ‚свет, справедлив и добар‘, многумина сметале дека е тежок (Римјаните 7:12). Бидејќи Законот бил совршен, Израелците не можеле да ги задоволат неговите високи мерила (Псалм 18:7). Затоа апостол Петар го нарекол „јарем, што не можеа да го поднесат ни нашите татковци, ниту ние“ (Дела 15:10). Секако, самиот Закон не бил тежок, а послушноста кон него му користела на народот.
14. Кои се некои примери кои покажуваат дека Законот им служел на Израелците за една многу корисна цел?
14 На пример, според Законот, крадецот не бил ставан в затвор туку морал да работи за да плати двојно или повеќе со цел да го подмири украденото. На тој начин, жртвата не претрпувала загуба ниту, пак, на луѓето кои марливо работеле им бил наметнуван товар да издржуваат затворски систем (2. Мојсеева 22:1, 3, 4, 7). Била забранета несигурна храна. Свинското месо, ако не е добро сварено, може да пренесе трихиноза, а зајачкото може да пренесе туларемија (3. Мојсеева 11:4—12). На сличен начин, Законот бил заштита со тоа што забранувал контакт со мрши. Доколку некое лице допрело леш, од него се барало да се измие и да ја испере облеката (3. Мојсеева 11:31—36; 4. Мојсеева 19:11—22). Изметот требало да се закопа, и со тоа луѓето биле заштитувани од ширење на микроби чие постоење научниците го откриле дури во последниве векови (5. Мојсеева 23:13).
15. Што се покажало како товар за Израелците?
15 Законот не барал премногу од луѓето. Но, истото не може да се рече и за луѓето кои си ја присвоиле улогата на толкувачи на Законот. Во врска со правилата кои тие ги наметнале, A Dictionary of the Bible (Библиски речник), издаден од Џејмс Хестингс, забележува: „Секоја библиска заповед била опкружена со една мрежа од ситни одредби . . . Со тоа бил направен обид секој случај што можел да се замисли, да се доведе во рамките на Законот, и со немилосрдна логика да се регулира целото човечко однесување преку строги практични правила . . . Гласот на совеста бил замолчуван; живата моќ на Божествената реч била неутрализирана и задушувана под едно мноштво од надворешни правила“.
16. Што рекол Исус за тешките правила и традиции на верските водачи?
16 Исус Христос ги разоткрил верските водачи, кои наметнувале мноштво правила, велејќи: „Врзуваат бремиња тешки и мачни за носење и ги клаваат врз плеќите на луѓето, а сами не сакаат ни со прст да ги помрднат“ (Матеј 23:2, 4). Тој истакнал дека нивните тешки човечки правила и традиции, кои вклучувале и детални очистувања, ја направиле „речта Божја неважечка“ (Марко 7:1—13; Матеј 23:13, 24—26). Дури и пред Исус да дојде на Земјата, израелските верски учители погрешно го претставувале она што всушност Јехова го барал.
Што всушност бара Јехова
17. Зошто Јехова не бил задоволен од сепалениците на неверните Израелци?
17 Преку пророкот Исаија, Јехова рекол: „Презаситен сум од сепаленици на овни и од маснотија на згоен добиток; крв од телиња, од јагниња и јариња не сакам“ (Исаија 1:10, 11). Зошто на Бог не му биле угодни приносите кои самиот ги барал во Законот? (3. Мојсеева 1:1—4:35). Бидејќи народот постапувал кон него без почит. Затоа биле опоменати: „Измијте се, исчистете се; иставете ги од очите Мои лошите дела свои; престанете да правите зло; научете се да правите добро, барајте правда, спасувајте угнетен, заштитувајте сирак, застапувајте се за вдовица“ (Исаија 1:16, 17). Зарем ова не ни помага да сфатиме што бара Јехова од своите слуги?
18. Што всушност Јехова барал од Израелците?
18 Исус покажал што всушност сака Бог. Тоа го сторил кога му било поставено прашањето: „Која заповед е најголема во Законот?“ Исус одговорил: „Возљуби Го Господа, својот Бог, со сето свое срце, и со сета своја душа, и со сиот свој разум; тоа е прва и најголема заповед; а втората е слична на неа: Возљуби го својот ближен како себеси! На тие две заповеди се крепат целиот Закон и пророците“ (Матеј 22:36—40; 3. Мојсеева 19:18; 5. Мојсеева 6:4—6). Пророкот Мојсеј ја истакнал истата поента кога прашал: „Што бара од тебе Господ, твојот Бог? Само да се боиш од Господа, твојот Бог, да одиш по сите Негови патишта, да Го сакаш, и да Му служиш на Господа, твојот Бог, од сѐ срце и со сета душа; да ги пазиш заповедите на Господа, твојот Бог, и наредбите Негови“ (5. Мојсеева 10:12, 13; 15:7, 8).
19. На кој начин Израелците се обидувале да изгледаат свети, но што им рекол Јехова?
19 И покрај своите престапи, Израелците сакале да изгледаат свети. Иако Законот барал да се пости само на годишниот Ден на искупување, тие почнале да постат често (3. Мојсеева 16:30, 31). Но, Јехова ги укорил со зборовите: „Ете го постот, што го избрав: раскини ги оковите на неправдата, одврзи ги врските на јаремот, и угнетените пушти ги на слобода и скрши го секој јарем; раздели го лебот свој со гладните, и скитниците сиромаси одведи ги во домот свој; ако видиш гол — облечи го, и од еднокрвниот не се криј“ (Исаија 58:3—7).
20. Зошто Исус ги укорил верските лицемери?
20 Тие самоправедни Израелци имале проблем сличен на оној што го имале верските лицемери на кои Исус им рекол: „Давате десеток од нане, копра и кимин, а сте го оставиле најважното во законот: праведноста, милоста и верата; ова требаше да го правите, а и она да не го оставате“ (Матеј 23:23; 3. Мојсеева 27:30). Зарем Исусовите зборови не ни помагаат да сфатиме што всушност Јехова сака од нас?
21. Како пророкот Михеј го сумирал она што Јехова го бара и она што не го бара од нас?
21 За да разјасни што Јехова бара, а што не бара од нас, Божјиот пророк Михеј прашал: „,Со што да застанам пред Господа, да се поклонам пред небесниот Бог? Да застанам ли пред него со сепаленици, со едногодишни телци? Но може ли да Му се угоди на Господа со илјадници овни или неизмерни потоци елеј? Дали да Му го дадам мојот првороден син за престапите свои и плодот на утробата своја — за гревовите на душата своја?‘ О, човеку, речено ти е што е добро, и што бара од тебе Господ; да работиш правично, да сакаш милосрдни дела и смирено да врвиш пред твојот Бог“ (Михеј 6:6—8).
22. Што Јехова посебно сакал од оние кои биле под Законот?
22 Значи, што посебно барал Јехова од оние кои живееле под Законот? Секако, требало да го љубат Јехова Бог. Освен тоа, апостол Павле рекол: „Целиот Закон се извршува во еден збор, односно: сакај го ближниот како самиот себе“ (Галатјаните 5:14). На сличен начин, Павле на христијаните во Рим им рекол: „Оној, што го љуби ближниот, го исполнува Законот . . . љубовта е исполнување на Законот“ (Римјаните 13:8—10).
Не е премногу
23, 24. а) Зошто за нас никогаш не би требало да биде премногу она што Јехова го бара? б) Што ќе разгледаме после ова?
23 Зарем не сме импресионирани од тоа каков Бог е Јехова — полн со љубов, обѕирен и милостив? Неговиот единороден Син, Исус Христос, дошол на Земјата за да ја возвиши Божјата љубов — за луѓето да дознаат колку му се скапоцени на Јехова. Илустрирајќи ја Божјата љубов, во врска со помалку вредните врапчиња Исус рекол: „Ни едно од нив нема да падне на земја без волјата на Вашиот Отец“. Затоа заклучил: „Не плашете се, вие сте поскапи од многу врапчиња“ (Матеј 10:29—31). Секако, никогаш не би требало да биде премногу за нас да правиме сѐ што ќе побара еден таков Бог полн со љубов!
24 Меѓутоа, што бара Јехова од нас денес? И зошто изгледа некои мислат дека Бог бара премногу? Додека ги испитуваме овие прашања, би требало да увидиме зошто е извонредна предност да правиме сѐ што ќе побара Јехова.
Можеш ли да одговориш?
◻ Зошто можеби некои одбиваат да му служат на Јехова?
◻ Како Јеховините барања низ годините се разликувале?
◻ За кои цели служел Законот?
◻ Зошто она што го бара Јехова од нас не е премногу?
[Слика на страница 18]
Човечките правила, како што е деталното очистување, го направиле обожавањето тешко