Божјата пророчка реч дава надеж за иднината
БЛАГОДАРЕНИЕ на Божјата реч, Светото писмо, вистинските христијани гледаат на иднината со вера, надеж и оптимизам. Сигурни во својот однос со Јехова Бог, тие со нетрпение ја очекуваат утрешнината. Како што објасни и уводниот говор на Обласните конгреси „Божјата пророчка реч“, Јеховините сведоци многу години се ревни студенти на библиските пророштва. Значи, што подготви Јехова за својот народ на овие конгреси? Со Библиите в рака, сите присутни беа желни да откријат. Темата за секој конгресен ден е изложена како засебен поднаслов.
ПРВ ДЕН: Да одиме во светлината на Божјата реч
Говорот „Божјата реч нѐ води“ објасни дека Јеховиниот народ е како човек кој тргнува на едно патување во темнината на ноќта. Додека сонцето изгрева, тој гледа сенки, но кога сонцето свети директно одозгора, гледа јасно во детали. Како што е претскажано во Изреки 4:18, Јеховиниот народ јасно го гледа својот пат под сјајната сончева светлина на вистината од Божјата пророчка реч. Тој не е оставен да се спрепне во духовната темнина.
Клучното предавање „Обрни внимание на Божјата пророчка реч“ ги потсети слушателите дека оние кои се ослонуваат на Јехова се поштедени од разочарувањето кое го доживуваат луѓето кои следат лажни месии и лажни пророци. Во остра спротивност, акредитивите на вистинскиот Месија, Исус Христос, се огромни! На пример, Исусовото чудесно преобразување било претсјај за него како востоличен Цар на Божјето царство. Од времето кога дошол во моќта на Царството во 1914, Исус е и ‚ѕвездата деница‘ спомната во 2. Петрово 1:19 (NW). „Како месијанска ѕвезда деница, тој навестува нов ден, или ера, која самнува за целото послушно човештво“, рече говорникот.
Најавувајќи ја попладневната програма, говорот „Да светиме како светилки“ го разработи стихот од Ефесјаните 5:8, каде што апостол Павле нѐ советува да ‚продолжиме да одиме како деца на светлината‘. Христијаните се светилки, не само со тоа што ја споделуваат Божјата реч со другите, туку и со тоа што ја применуваат Библијата во својот живот имитирајќи го Исус.
За да бидеш ваква светилка, „Уживај во читањето на Божјата реч“. Оваа тема беше разработена во триделен циклус. Откако го цитираше Абрахам Линколн, кој Библијата ја нарекол „најдобриот дар што Бог му го дал на човекот“, првиот говорник ги праша присутните што откриваат нивните навики за читање во врска со длабочината на нивното ценење за Јеховината реч. Слушателите беа охрабрени грижливо да ја читаат Библијата, да си одвојат време за визуелно да си ги претстават библиските извештаи и да ги поврзуваат новите точки со работите кои веќе ги имаат научено.
Следниот дел од циклусот нагласи дека ако сакаме да ја апсорбираме „тврдата храна“ потребно е проучување, не лежерно читање (Евреите 5:13, 14). Проучувањето е особено изградувачко, рече говорникот, ако претходно ‚ги подготвиме своите срца‘, како што сторил израелскиот свештеник Ездра (Езра 7:10, NW). Но, зошто проучувањето е толку важно? Бидејќи има директна врска со нашиот однос со Јехова. Затоа, проучувањето на Библијата треба да биде нешто скапоцено, восхитувачко и освежувачко, иако вклучува умствена стега и напор. Како да најдеме време за смисловно проучување? Така што ‚ќе си го откупиме поволното време‘ од помалку важните активности, рече последниот говорник во циклусот (Ефесјаните 5:16, NW). Да, клучот да најдеме време е најдобро да го искористиме времето кое го имаме.
Во говорот „Бог го зајакнува уморниот“ беше потврдено дека многу луѓе во денешно време се уморни. За да имаме за христијанската служба ‚сила која е над нормалната‘, треба да се ослониме на Јехова кој „му дава сила на уморениот“ (2. Коринтјаните 4:7, NW; Исаија 40:29). Во помагалата кои нѐ зајакнуваат спаѓаат Божјата реч, молитвата, христијанското собрание, редовното учество во служба, христијанските надгледници и верниот пример на другите. Темата „Бидете учители со оглед на времето“ ја истакна потребата христијаните да бидат учители, како и проповедници и напорно да работат на тоа да развијат „уметност на поучување“ (2. Тимотеј 4:2, NW).
Во последниот говор од тој ден „Борците против Бог нема да победат“ беа спомнати неодамнешните погрешно насочени напори во некои земји да се жигосаат Јеховините сведоци како опасен култ. Но, ние не треба да се плашиме, зашто во Исаија 54:17 се вели: „Ниедно оружје, направено против тебе, нема да има успех; и секој јазик, кој би се подигнал против тебе на суд, — ти ќе го обвиниш. Тоа е наследство на слугите Господови, нивно оправдание од Мене, вели Господ“.
ВТОР ДЕН: Работи кои се објавени преку пророчките писма
После дискусијата за библискиот стих за тој ден, оние кои беа собрани уживаа во вториот циклус на конгресот, со наслов: „Да го славиме Јехова како светлоносци“. Првиот говор покажа дека целта на еден христијанин е да го слави Јехова така што ќе проповеда насекаде. Следниот дел ја спомна потребата да се насочуваат приемчивите лица кон Божјата организација. Како? На тој начин што ќе се одвојуваат по пет или десет минути после секоја домашна библиска студија за да се покаже како функционира Божјата организација. Третиот говор од овој циклус ја нагласи потребата да се слави Бог со добри дела.
Во говорот „Неизмерно сакај ги Јеховините потсетници“ беа обработени избрани стихови од Псалм 118. Нам секако ни се потребни потсетници, зашто сите сме склони да забораваме. Значи, колку само е важно да развиеме љубов кон Јеховините потсетници, исто како и псалмистот!
Потоа дојде посебната врвна точка — говорот за крштавање со наслов: „Следењето на пророчката Реч води до крштавање“. Кандидатите за крштавање беа потсетени дека тие го имитираат Христос не само со тоа што се крштаваат, туку и со тоа што тесно ги следат неговите чекори (1. Петрово 2:21, NW). Каква само предност имаат овие нови лица да учествуваат во исполнувањето на Јован 10:16, каде Исус претскажал дека ќе собере „други овци“ за да служат заедно со неговите духовно помазани ученици!
Отворајќи ја попладневната програма, говорот „Чуј што има да каже духот“ објасни дека Јеховиниот дух ни зборува преку Библијата, преку ‚верниот и разборит роб‘ и преку нашата библиски темелена совест (Матеј 24:45, NW). Според тоа, христијаните не треба да слушаат некаков дословен глас од небото за да знаат како да му угодат на Бог. Следната дискусија „Цврсти за поучувањето кое е во склад со побожната оддаденост“ ги поттикна христијаните да не гледаат на деморализирачките идеи кои ги пропагира овој свет. Всушност, неконтролираната љубопитност би можела да нѐ изложи на штетни информации кои ги подметнуваат отпадници и други застапници на Сатана. Колку само е подобро редовно да ја читаме Библијата, како и сите статии од Стражарска кула и Разбудете се!
Следниот говор со наслов „Продолжи да се држиш за образецот на здравите зборови“ нагласи колку е важно да се биде темелно запознат со библискиот „образец“ или структура на вистината (2. Тимотеј 1:13, NW). Сфаќањето на овој образец е клучот не само за да се има побожна оддаденост, туку и за да се идентификува она што не е во склад со вистината.
Замисли си Јехова да те смета за пожелен. Каква само чест! На темел на пророштвото на Агеј, говорот „,Пожелните работи‘ го исполнуваат Јеховиниот дом“ беше многу охрабрувачки бидејќи ги увери слушателите дека секој член на ‚големото мноштво‘ е навистина пожелен за Јехова (Откровение 7:9). Затоа Јехова ќе ги поштеди во своето крајно ‚потресување‘ на нациите во текот на претстојната „голема неволја“ (Агеј 2:7, 21, 22; Матеј 24:21, NW). Но, во меѓувреме, Јеховиниот народ мора да продолжи духовно да бдее, како што беше објаснето во делот „Пророчкото Писмо нѐ опоменува на бдеење“. Говорникот ги цитираше Исусовите зборови: „Затоа, бдејте зашто не знаете во кој ден доаѓа вашиот Господ“ (Матеј 24:42, NW). Како задржуваме духовна будност? На тој начин што остануваме зафатени во Јеховината служба, постојано се молиме и остануваме во исчекување на Јеховиниот голем ден.
Последниот говор за тој ден имаше наслов: „Пророчката реч во времето на крајот“. Тој ќе биде запаметен во следните години. Зошто? Бидејќи говорникот го објави излегувањето на новата книга — Обрни внимание на Даниеловото пророштво! „Оваа прекрасно илустрирана публикација од 320 страници го обработува секој дел од книгата Даниел“, рече говорникот. Каков само доказ кој ја зајакнува верата дека Јехова фрла светлина врз својата пророчка Реч!
ТРЕТ ДЕН: Божјата реч никогаш не затајува
Последниот ден од конгресот започна со циклусот „Пророчки зборови за определеното време“. Во трите дела беа разгледани трите објави на пророкот Авакум за извршувањето на Јеховините осуди. Првата била против тврдоглавата Јуда, а втората против суровиот Вавилон. Последната треба допрва да се исполни, и се применува на претстојното уништување на сите зли луѓе. Зборувајќи за Армагедон, последниот брат во циклусот повика на поголема мера побожен страв кај своите слушатели кога рече: „Навистина, ќе влева страв кога Јехова ќе ја одврзе целосната сила на својата голема моќ“.
„Да го цениме нашето духовно наследство“ беше насловот на поттикнувачката библиска драма на конгресот. Во оваа презентација која продира во длабочината на душата беа споредени ставовите на Јаков и Исав кон духовните работи. Исав го презре своето духовно наследство, па затоа тоа му беше дадено на Јаков, кој високо го ценеше. „Какво [духовно наследство] ни дал Јехова?“ — беа запрашани конгресните делегати. „Вистината од неговата Реч, Библијата; надежта за вечен живот и честа да го претставуваме како објавители на добрата вест“, одговори говорникот.
Следниот дел носеше наслов: „Што ти значи нашето скапоцено наследство?“ Ние покажуваме исправен став кон нашето духовно наследство со тоа што ја ставаме Јеховината служба и духовните предности пред личните или материјалните интереси. На овој начин својот живот го градиме околу нашиот однос со Јехова, во остра спротивност со Адам, Исав и неверните Израелци.
Во јавното предавање „Создавање сѐ ново — како што е проречено“ беа проткаени четири клучни пророштва во врска со ‚новото небо‘ и ‚новата земја‘ (Исаија 65:17—25; 66:22—24; 2. Петрово 3:13; Откровение 21:1, 3—5). Јасно, Јехова имал на ум едно поголемо исполнување на овие пророштва отколку она на неговиот вратен народ во 537 пр. н. е. Да, тој ја имал на ум владата на своето Царство (,новото небо‘) и неговите земни поданици (,новата земја‘) кои ќе го населат славниот глобален рај.
Говорот „Нашите очекувања додека нѐ води Божјата реч“ го доведе конгресот до возбудлив и мотивирачки крај. Тој ги потсети сите дека „преостанатото време“ за довршување на делото на објавување на Царството „е скратено“ (1. Коринтјаните 7:29, NW). Да, ние стоиме на самиот праг на спроведувањето на Јеховиниот декрет против Сатана и целиот негов зол систем. Нека нашите чувства бидат исти како чувствата на псалмистот кој пеел: „Душата наша се надева на [го очекува, NW] Господа: зашто Он е наш помошник и наш заштитник“ (Псалм 32:20). Каков само славен изглед стои пред оние чии очекувања се темелат на Божјата пророчка реч!
[Слика на страница 7]
Возбудливата драма го продлабочи ценењето за духовното наследство на Јеховините слуги
[Слика на страница 7]
Се крстија многумина кои ја следат Божјата пророчка реч