Зошто толку многу корупција?
„Не примај поткуп, зашто поткупот ги заслепува и оние кои гледаат најјасно и го упропастува правото на праведникот“ (2. Мојсеева 23:8, ДХК).
ПРЕД три илјади и петстотини години, Мојсеевиот закон го осудил поткупувањето. Низ вековите оттогаш па наваму, изобилувале антикорупциски закони. Сепак, законодавството не успеало да ја заузда корупцијата. Милионски суми поткуп преминуваат од раце в раце секој ден, а милијарди луѓе страдаат од последиците.
Корупцијата станала толку распространета и софистицирана што се заканува да ја поткопа самата структура на општеството. Во некои земји речиси ништо не може да се заврши ако некој не се подмачка. Поткупот на правата личност ќе овозможи да се положи испитот, да се добие возачка дозвола, да се склучи договор или да се добие некој судски процес. „Корупцијата е како големо загадување кое натежнува врз човечкиот дух“, се жали Арнод Мотбур, адвокат од Париз.
Поткупот особено зема замав во трговскиот свет. Третина од целокупниот профит на некои компании е наменет само за исплата на корумпираните државни бирократи. Според британското списание The Economist, 10 проценти од оние 25 милијарди долари кои се трошат секоја година во меѓународната трговија со оружје служат за да се поткупат потенцијалните потрошувачи. Бидејќи размерот на ова поткупување нагло се зголемува, последиците стануваат катастрофални. Се вели дека во текот на последнава деценија „побратимскиот“ капитализам — корумпираните деловни практики кои ги повластуваат оние малку привилегирани што имаат добри врски — ги разорил економиите на цели земји.
Неминовно, оние кои најмногу страдаат од корупцијата и од економското пропаѓање што произлегува од неа се сиромашните — луѓето кои ретко се во состојба да поткупат некого. The Economist јасно го изнесува тоа: „Корупцијата е само еден облик на угнетување“. Дали може да се надмине овој вид угнетување или, пак, корупцијата е неизбежна? За да одговориме на ова прашање, мораме најпрвин да идентификуваме некои од основните причини за корупција.
Кои се причините за корупција?
Зошто луѓето избираат да бидат корумпирани наместо чесни? За некои, да бидат корумпирани можеби е најлесниот начин — или всушност единствениот — да го добијат она што го сакаат. Понекогаш, поткупот може да биде лесен начин да се избегне казната. Многумина кои забележуваат дека политичари, полицајци и судии изгледа ја игнорираат корупцијата или дури и самите ја практикуваат, едноставно го следат нивниот пример.
Како што корупцијата неконтролирано нагло расте така станува поприфатлива сѐ додека на крајот не стане начин на живот. Луѓето со жалосно ниски плати почнуваат да сфаќаат дека немаат избор. Мораат да бараат поткуп ако сакаат да спечалат пристојна заработувачка. И кога оние кои изнудуваат поткуп или го даваат за да стекнат неправедна предност поминуваат неказнети, малкумина се подготвени да го прават спротивното од она што го прават другите. „Кога нема брза пресуда за зло дело, човечкото срце е наклонето да прави зло“, забележал цар Соломон (Проповедник 8:11, ДХК).
Огнот на корупцијата го разгоруваат две моќни сили: себичноста и лакомоста. Корумпираните луѓе од себичност го игнорираат страдањето што им го нанесува нивната корупција на другите, и го оправдуваат поткупот едноставно затоа што имаат корист од него. Колку повеќе материјални користи трупаат оние кои практикуваат корупција толку полакоми стануваат. „Кој го љуби среброто нема да се насити“, забележал Соломон, „и кој го сака богатство, тој нема да има корист од тоа“ (Проповедник 5:9). Се разбира, лакомоста може да биде добра за печалење пари, но таа секогаш замижува пред корупцијата и незаконското постапување.
Друг фактор кој не треба да се превиди е улогата на невидливиот владетел на овој свет, кого Библијата го идентификува како Сатана Ѓаволот (1. Јованово 5:19, NW; Откровение 12:9). Сатана активно ја унапредува корупцијата. Најголемиот поткуп за кој е запишано е оној што му го понудил Сатана на Христос. ‚Ќе ти ги дадам сите царства на светот ако паднеш и ми се поклониш‘ (Матеј 4:8, 9).
Меѓутоа, Исус не бил корумпиран и ги поучувал своите следбеници да се однесуваат на сличен начин. Дали би можеле Христовите учења да бидат делотворна алатка во борбата против корупцијата денес? Следната статија ќе го анализира ова прашање.