Променливото лице на „христијанството“ — прифатливо за Бог?
ПРЕТПОСТАВИ дека си овластил некој уметник да направи твој портрет. Кога го завршил, ти си возбуден; совршено личи на тебе. Си замислуваш како твоите деца, внуци, и нивните внуци го гледаат портретот со голема гордост.
Меѓутоа, после неколку генерации, еден од твоите потомци смета дека предниот ќелав дел од главата не изгледа баш убаво, па му додава коса. На друг не му се допаѓа обликот на носот, па и него го менува. Со наредните генерации следат и други „подобрувања“, така што на крај портретот малку личи на тебе. Да си знаел дека ќе се случи тоа, како би се чувствувал? Несомнено — би бил огорчен.
За жал, приказната за овој портрет во суштина е приказната на номиналната христијанска црква. Историјата покажува дека набрзо по смртта на Христовите апостоли, службеното лице на „христијанството“ почнало да се менува, токму како што претскажала Библијата (Матеј 13:24—30, 37—43; Дела 20:30).a
Секако, сосема е во ред да ги примениме библиските начела на различни култури и векови. Но, нешто сосема друго е да се менуваат библиските учења за да одговараат на популарното размислување. Сепак, токму тоа се случило. Размисли, на пример, за промените кои биле направени на неколку важни подрачја.
Црквата ја пригрнува државата
Исус поучувал дека неговото владетелство, или Царство, е небесно и дека, во одредено време, ќе ги уништи сите човечки владетелства и ќе владее над целата Земја (Даниил 2:44; Матеј 6:9, 10). Тоа нема да владее преку човечките политички системи. „Моето царство не е [дел, NW] од овој свет“, рекол Исус (Јован 17:16; 18:36). На тој начин, Исусовите ученици, иако биле послушни на законот, се држеле настрана од политиката.
Меѓутоа, до времето на римскиот император Константин во четвртиот век, многумина кои се исповедувале како христијани станале нестрпливи чекајќи го Христовото враќање и воспоставувањето на Божјето Царство. Постепено нивниот став кон политиката се променил. „Пред Константин“, вели книгата Europe—A History (Европа — историја), „христијаните не настојувале да ја преземат [политичката] моќ како средство за унапредување на својата кауза. После Константин, христијанството и истакнатата политика се фатиле рака под рака“. Прекроеното христијанство станало службената „универзална“ или „католичка“ религија на Римската Империја.
Енциклопедијата Great Ages of Man (Големите епохи на човекот) наведува дека поради овој брак меѓу црквата и државата „до 385 А.Д., само 80 години после последниот голем бран прогонства врз христијаните, самата црква почнала да ги погубува еретиците, а нејзиното свештенство спроведувало моќ која била речиси еднаква на моќта на императорите“. На тој начин започнала ера во која мечот го заменил убедувањето како средство за преобраќање, и свештенството кое имало титули и било алчно за моќ ги заменило понизните проповедници од првиот век (Матеј 23:9, 10; 28:19, 20). Историчарот Х. Џ. Велс пишувал за „длабоките разлики меѓу“ христијанството од четвртиот век „и учењето на Исус од Назарет“. Овие ‚длабоки разлики‘ влијаеле дури и врз основните учења за Бог и за Христос.
Прекројување на Бог
Христос и неговите ученици поучувале дека постои само „еден Бог Отец“, кој се распознава по своето лично име, Јехова, кое во раните библиски манускрипти се појавува 7.000 пати (1. Коринтјаните 8:6; Осија 12:5). Исус е создаден од Бог; тој е „првороден од секое суштество“, вели во Колосјаните 1:15 Douay — католичка верзија на Библијата. Затоа, како создадено битие, Исус отворено рекол: „Мојот Отец е поголем од Мене“ (Јован 14:28).
Но до третиот век, некои влијателни свештеници, вљубеници во тринитаријанското учење на паганскиот грчки филозоф Платон, почнале да го прекројуваат Бог за да одговара на тринитаријанската формула. Во следните векови оваа доктрина небиблиски го издигнала Исус до еднакво ниво со Јехова, а Божјиот свет дух, или активна сила, ја направила личност.
Во врска со тоа што црквата го присвоила паганскиот концепт за тројството, New Catholic Encyclopedia вели: „Формулацијата ‚еден Бог во три личности‘ не била цврсто втемелена, и сигурно не била целосно асимилирана во животот на христијанинот и неговото исповедување на верата пред крајот на 4-от век. Но, токму оваа формулација има првенствено право на називот тринитаријанска догма. Меѓу апостолските отци немало ништо што дури и оддалеку му било слично на таквото мислење или гледиште“.
Слично се изразува и The Encyclopedia Americana: „Тринитаријанизмот од четвртиот век не го одразувал точно учењето на раните христијани во врска со природата на Бог; напротив, тоа било застранување од ова учење“. The Oxford Companion to the Bible го нарекува тројството една од бројните „подоцнежни формулации на верување“. Сепак, тројството не било единствениот пагански концепт кој го усвоила црквата.
Прекројување на душата
Денес е вообичаено верувањето дека луѓето имаат бесмртна душа која ја преживува смртта на телото. Но, дали си знаел дека и ова црковно учење е нешто што било додадено подоцна? Исус ја потврдил библиската вистина дека мртвите „ништо не знаат“, дека спијат, така да се каже (Проповедник 9:5; Јован 11:11—13). Животот ќе им биде вратен преку воскресение — ‚повторно станување‘ од сонот на смртта (Јован 5:28, 29). На бесмртната душа, ако би постоела, не би ѝ требало воскресение, бидејќи бесмртноста ја исклучува смртта.
Исус дури и го демонстрирал библиското учење за воскресение на тој начин што подигнал луѓе од мртвите. Земи го за пример Лазар кој бил мртов четири дена. Кога Исус го воскреснал, Лазар излегол од гробот како жив човек кој диши. Никаква бесмртна душа не дошла притаено од небесното блаженство во телото на Лазар кога тој се разбудил од мртвите. Ако било така, тогаш Исус не му направил некоја услуга со тоа што го воскреснал! (Јован 11:39, 43, 44).
Тогаш, каде е изворот на теоријата за бесмртна душа? The Westminster Dictionary of Christian Theology вели дека концептот „повеќе се должи на грчката филозофија отколку на библиското откровение“. The Jewish Encyclopedia објаснува: „Верувањето дека душата продолжува да постои после распаѓањето на телото е предмет на филозофска или теолошка шпекулација а не на чиста вера, и затоа Светото писмо никаде отворено не поучува за него“.
Честопати една лага води во друга, а тоа е случај и со учењето за бесмртна душа. Тоа го отворило патот за паганската идеја за вечно мачење во пеколен оган.b Сепак, Библијата јасно наведува дека „платата, што ја дава гревот, е смрт“ — а не вечно мачење (Римјаните 6:23). Така, опишувајќи го воскресението, Библијата на современ македонски јазик вели: „Морето ги поврати мртвите свои, кои беа во него; смртта и пеколот ги повратија мртвите своите кои беа во нив“. Слично и преводот Даничић-Караџић вели дека ‚морето . . . и смртта и пеколот ги дале своите мртви‘. Да, едноставно кажано, оние кои се во пеколот се мртви, ‚спијат‘ како што рекол Исус (Откровение 20:13).
Дали искрено веруваш дека учењето за вечно проклетство во пеколот ги привлекува луѓето кон Бог? Тешко. Во умот на луѓето кои се праведни и полни со љубов тоа е одвратна помисла! Библијата пак, од своја страна, учи дека „Бог е љубов“ и дека суровоста, дури и кон животните, за него е нешто гадно (1. Јованово 4:8; Изреки 12:10; Јеремија 7:31; Јона 4:11).
Изобличување на „портретот“ во нашево време
Изобличувањето на Бог и на христијанството продолжува и денес. Еден професор по религија неодамна ја опишал борбата во неговата протестантска црква како борба „за авторитет над Писмото и низата основни верувања против авторитетот над туѓите и хуманистички идеологии, меѓу верноста на црквата кон господството на Христос против усогласувањето и реформулацијата на христијанството според духот на времето. Се работи за следново спорно прашање: Кој го поставува дневниот ред за црквата . . . Светото писмо или тековната доминантна идеологија?“
За жал, „тековната доминантна идеологија“ сѐ уште има тенденција да победува. Не е тајна, на пример, дека многу цркви го промениле својот став кон различни спорни прашања за да изгледаат прогресивни и без предрасуди. Особено во морален поглед, црквите станале прилично слободоумни, како што беше спомнато во уводната статија. Сепак, Библијата не остава никакво сомнение дека блудот, прељубата и хомосексуалноста се тешки гревови во очите на Бог и дека оние кои практикуваат такви гревови „нема да го наследат царството Божјо“ (1. Коринтјаните 6:9, 10; Матеј 5:27—32; Римјаните 1:26, 27).
Кога апостол Павле ги напишал горенаведените зборови, грчко-римскиот свет околу него бил полн со секакви облици на злоба. Павле можел да расудува: ‚Да, точно е дека Бог ги претворил Содом и Гомора во пепел заради тешките сексуални гревови, но тоа било пред 2.000 години! Сигурно тоа не важи за овој просветлен век‘. Меѓутоа, тој не изнаоѓал некој логичен изговор; одбил да ја расипе библиската вистина (Галатјаните 5:19—23).
Гледај го оригиналниот „портрет“
Обраќајќи им се на еврејските верски водачи од свое време, Исус рекол дека нивното обожавање било ‚напразно бидејќи проповедале човечки повелби‘ (Матеј 15:9). Со Јеховиниот закон даден преку Мојсеј тие свештеници го сториле баш истото што христијанскиот свет го сторил, а и сѐ уште го прави, со Христовото учење — ја размачкале „бојата“ на традицијата врз божествената вистина. Но, Исус ги разоткрил сите лаги во корист на луѓето со искрени срца (Марко 7:7—13). Исус ја зборувал вистината сеедно дали била популарна или не. Божјата реч секогаш била авторитет за него (Јован 17:17).
Каков контраст претставува Исус за повеќето кои се исповедуваат како христијани! Навистина, Библијата предвидела: „Луѓето ќе бидат желни за последните новости и ќе собираат . . . учители според својот сопствен вкус; и потоа, наместо да ја слушаат вистината, ќе се свртат кон митови“ (2. Тимотеј 4:3, 4, The Jerusalem Bible). Овие „митови“, од кои разгледавме неколку, се духовно разорни, додека вистината од Божјата реч изградува и води до вечен живот. Ова е вистината која Јеховините сведоци те охрабруваат да ја испиташ (Јован 4:24; 8:32; 17:3).
[Фусноти]
a Како што открил Исус во параболата за житото и каколот и во својата илустрација за широкиот и тесниот пат (Матеј 7:13, 14), низ вековите вистинското христијанство требало да продолжат да го практикуваат малку луѓе. Меѓутоа, тие требало да бидат засенети од мнозинство слично на какол, кое би се унапредувало себеси и своите учења како вистинско лице на христијанството. Тоа е лицето за кое зборува нашата статија.
b „Пекол“ е превод на хебрејскиот збор шеол и на грчкиот збор хадес, кои едноставно значат „гроб“. Значи, иако преведувачите на Библијата на современ македонски јазик го превеле шеол 48 пати со „пекол“, го превеле и 8 пати со „гроб“ и 2 пати со „бездна“, што покажува дека овие термини во основа значат едно исто.
[Рамка/слика на страница 7]
Потекло на името христијанин
Најмалку уште десет години после Исусовата смрт, неговите следбеници биле познати како луѓе кои припаѓаат на „патот“ (Дела 9:2; 19:9, 23; 22:4). Зошто? Бидејќи нивниот начин на живот бил сосредоточен на верата во Исус Христос кој е „патот, вистината и животот“ (Јован 14:6). Потоа, некое време после 44 н.е. во Сириска Антиохија учениците на Исус ‚преку божествено провидение биле наречени христијани‘ (Дела 11:26, NW). Ова име брзо било прифатено, дури и меѓу државните службеници (Дела 26:28). Новото име не го изменило христијанскиот начин на живот кој и понатаму бил обликуван според Христовиот (1. Петрово 2:21).
[Слики на страница 7]
Со својата јавна служба Јеховините сведоци ги насочуваат луѓето кон Божјата реч, Библијата
[Извор на слика на страница 4]
Трета од лево: Обединетите нации/фотограф ија на Saw Lwin