Објавителите на Царството известуваат
Летонија се одѕива на добрата вест
БИБЛИЈАТА јасно покажува дека Божја волја е „сите видови луѓе да се спасат и да дојдат до точно спознание на вистината“ (1. Тимотеј 2:4). Лица кои многу години биле лишени од приликата да ја чујат добрата вест сега ја слушаат! Во Летонија, како и во други делови на светот, луѓе од сите возрасти и со различна заднина се одѕиваат на пораката, како што покажуваат следниве искуства.
• Во Резекне, град во источна Летонија, една мајка и нејзината ќерка тинејџерка запрашале една жена на улица како да стигнат до некое место. Откако им дала информации, жената, која се погодило да биде Јеховин сведок, им дала покана за состаноците на Сведоците.
Со оглед на тоа што и мајката и ќерката биле религиозни, решиле да отидат на состанокот. По патот се сложиле дека ако таму најдат нешто неисправно, веднаш ќе си заминат. Меѓутоа, состанокот им бил толку интересен што мислата да си заминат не им паднала на памет. Ја прифатиле понудата да ја проучуваат Библијата и почнале редовно да ги посетуваат состаноците. За само три месеци, изразиле желба да се придружат во делото на проповедање и со нетрпение очекуваат да се крстат.
• Во еден град во западна Летонија еден Сведок ја запознал 85-годишната Ана која покажала вистински интерес и прифатила библиска студија. Нејзината ќерка и другите членови на семејството силно ѝ се противеле. Но, Ана не дозволила ниту тоа ниту поодминатата старост и лошото здравје да ја спречат да ја продолжи библиската студија.
Еден ден Ана ѝ рекла на ќерка си дека ќе се крсти. „Ако се крстиш, ќе те испратам во старски дом“, одговорила ќерка ѝ. Меѓутоа, оваа закана не ја одвратила Ана. Поради нејзината физичка состојба, била крстена во нејзиниот дом.
Како реагирала на ова ќерка ѝ на Ана? Настапила промена во нејзиното срце, и таа подготвила специјален оброк за својата мајка по крштавањето. Потоа, ја прашала мајка си: „Сега кога си крстена, како се чувствуваш?“ Каков бил одговорот на Ана? „Како новороденче!“
• Во декември 1998, две жени Сведоци сретнале еден пензиониран воен офицер од бившиот Советски Сојуз. Со оглед на тоа што верувал во Творец, тој прифатил библиска студија, а подоцна му се придружила и сопругата. Брзо напредувале и наскоро станале некрстени објавители. До наредното лето, бившиот офицер се крстил. Големата љубов на оваа двојка кон духовните работи била охрабрување за сите во собранието. Освен тоа, тие вложиле големи напори и во работата околу преуредувањето на една локална зграда во прекрасна Сала на Царството.